Султан-муратова џамија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Султан-муратова џамија
Султан-муратова џамија во Скопје.jpg
Султан-муратова џамија
Основни податоци
Место Скопје
Македонија Македонија
Координати 42°00′06.29″ СГШ 21°26′28.75″ ИГД / 
Припадност Ислам
Архитектонски опис
Архитектонски тип џамија
Завршен 1436
Особености
Минариња 1

Султан-муратовата џамија е џамија во Скопје, сместена источно од Бит-пазар, на местото на коешто порано се наоѓал манастирот „Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник“. Џамијата е изградена во 1436 година, како завештание на султанот Мурат II и претставува најстара зачувана џамија на територијата на Балканот.[1]

Имиња[уреди | уреди извор]

Џамијата своето име го добила во чест на султанот Мурат II, којшто дал наредба за нејзината изградба. Освен како „Султан-Муратова“, позната е и како „Хјунќар џамија“ (турски: hünkâr; со значење „царски, султански“), што во буквален превод би значело „Царска“ или „Султанска џамија“; а и како „Саат-џамија“, поради Саат-кулата сместена во дворот од џамијата.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Разгледница од Скопје, Султан-муратова џамија и Саат-кула, од 1939 години

Градбатра била изградена во 1436 година, како завештание на отоманскиот султан Мурат II. Низ историјата, џамијата двапати била изложена на пожари. Во 1537, изгореле нејзиниот горен дел и минарето, по што султанот Сулејман Величествениот ја обновил. Вториот пожар е последица на палежот на градот во 1689 г., при што џамијата претрпела огромни штети. Повторно е обновена во 1712 година, по наредба на султанот Ахмед III. Последните значајни преуредувања се извршени во 1912 година. Џамија претрпела големи штети со земјотресот во 1963 г., кои сепак биле набргу надоместени.[1]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Поради бројните поправки и преуредувања, не е познат првобитниот изглед на џамијата. Сепак, доколку се земат предвид другите две џамии изградени како завештание на султанот Мурат II, во Бурса и Измир, тогаш најверојатно и оваа наликувала на нив. Џамијата е изградена во брусански стил, од камен и тули, додека нејзиниот ќерамидест покрив е на четири води. На северозападната страна е подигнат трем, чијшто покрив се простира над четири столба, кои содржат украсени капители, поврзани со пет аркадни со остри лакови. Внатрешноста на џамијата со нејзиниот квадратен облик наликува на базилика со три брода и рамни големи греди. Просторот е поделен во два реда, при што во секој ред има по три столба, поврзани со полукружи лакови.[1]

Турбиња[уреди | уреди извор]

Во дворот на џамијата се наоѓаат турбињата на Бикиј Хан и на Али-паша од Дагестан и Саат-кула. Турбето на Бикиј Хан е најголемо од сочуваните објекти од овој вид во Македонија. Се наоѓа на јужната страна од џамијата. Според натписот над неговиот влез, изградено е кон средината на 16. век. Турбето ѝ припаѓа на групата на заворени турбиња и има квадратна основа, а целата градба е засводена со купола на тромпи. Неговата фасада е живописно украсена, што е застапено на аглите, под тромпите, каде што се забележуваат правоаголници поставени еден врз друг. Внатрешноста, пак, била украсена со орнаменти, кои делумно и денес се сочувани. Во турбето се наоѓаат пет гробници без натписи.[3][4] Второто турбе, она на Али-паша од Дагестан, е изградео во 1774 г. и е сместено веднаш до источната фасада на џамијата. Спаѓа во групата на отворени турбиња и има шестоаголна основа, над која има купола покриена со олово, подигната над шести цврсти столбови. Фасадата на турбето содржи релјефи на џамија со минаре, тордирано минаре и две вазни со цвеќиња. Во рамките на турбето се наоѓаат и два саркофага, во кои се наоѓаат останките на жената и ќерката на пашата.[5][4]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Султан-Муратова (Хјунќар) џамија, Проект „Стара скопска чаршија“.
  2. Султан-муратова џамија, официјално мрежно место на Град Скопје.
  3. Турбе Бикиј Хан, sataracarsija.mk.
  4. 4,0 4,1 К. Томовски: „Преглед на позначајните турбиња во Македонија“, Годишен Зборник на Технички Факултет, III-3, Скопје, 1957/58.
  5. Турбе Али паша од Дагестан, sataracarsija.mk.