Занаетчиство во Старата скопска чаршија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Интервју со филигрански мајстор во Старата скопска чаршија

Занаетчиството во Старата скопска чаршија ги опфаќа разните занаети кои биле застапени на подрачјето на чаршијата низ историјата.

Историја[уреди | уреди извор]

Поволната местоположба и можностите коишто ги нудела Старата скопска чаршија овозможиле развој на повеќе занаети. Така, во нејзини рамки биле застапени изработката на кожа, волна, восок, тутун, срма, свилен конец, везени производи од чоја и други.[1]

Процут и појава на еснафи во XIX век[уреди | уреди извор]

Занаетчиството во чаршијата било во полн процут во текот на XIX век, а кон крајот на столетието просторот на истата бил поделен врз основа на еснафската поделба меѓу занаетите.[2] Еснафот помагал во организирањето на целокупната работа на занаетчиите, па така тој ја пропишувал техниката на работа, начинот на снабдување со суровини, како и начинот на продавање. Во тој период, скопските еснафи се делеле по вероисповед на христијански и муслимански, но се јавувале и мешани еснафи. Мешаните еснафи се одликувале по тоа што имале два одделни печата, но во случај кога се јавувала потреба за заштита на производството од конкуренцијата, тие дејствувале заеднички. Односите меѓу занаетчиите пред воведувањето на правна регулатива се утврдувале врз основа на т.н. „стари обичаи“ кои биле почитувани и прифатени од страна на власта. Ваквите обичаи со текот на времето станале дел и од еснафските уредби и статути. Настанатите спорови меѓу членовите на еден еснаф биле решавани пред еснафски суд. Еснафите исто така ги обликувале општествените односи, начинот на живеење и градските обичаи, а занаетчиите заедно со трговците материјално и морално ги помагале борбите за црковно осамостојување, народна просвета и култура.[1]

Врз основа на еснафската поделба бил организиран и просторот на самата чаршија. Според тоа, еден занает или повеќе помали и сродни занаети биле застапени во една улица или еден блок, со што биле создадени повеќе помали чаршии. Така, една од поголемите чаршии била Бакалската чаршија, која била дел од Покриената чаршија и се наоѓала на улицата Белградска. Во рамките на Покриената чаршија се наоѓала и Кафтанџиската, чијшто еснаф бил најголем, а занаетот најважен во Скопје во тој период. Кафтанџиската чаршија, пак, била една од најстарите чаршии воопшто во градот. Спроти Куршумли-ан се наоѓала Железарската чаршија, а кон неа се надоврзувала Опинчарската. Казанџиската чаршија била сместена на улицата Караорман и по неа продолжувала Туфекџиската, а во рамките на овие две биле сместени ибрикџиите. На просторот на чаршијата постоеле уште Јорганџиска и Ковачка чаршија; Ќурчиска, која се наоѓала во близина на Ќурчи-ан; Чибукџиска, која била веднаш до Казанџиската и Папуџиско одларе, кое се наоѓало јужно од Капан-ан.[2]

Застој и опаѓање по крајот на XIX век[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIX век забележителен е период на застој во развојот на занаетчиството како последица на навлегувањето на европскиот капитал и појавата на евтините индустриски производи на пазарот. Многу од традиционалните занаети, како на пример кондураџискиот, абаџискиот, наланџискиот, терзискиот и срмаџискиот, започнале да изумираат во овој период, а на нивно место се развиле нови занаети, како што биле шапкарскиот, пегларскиот, кројачкиот, браварскиот и тапетарскиот занает. Во периодот по Првата светска војна, членовите на поранешните еснафи се вклопувале во новооснованите занаетчиско–трговски комори. Зголемувањето на индустриската стока на пазарот довело до осиромашување и пролетизирање на занаетчиите, а со тоа и до пропаѓање на голем број занаети.[1]

Изучување на занаети[уреди | уреди извор]

Изучувањето на занаетите во текот на XIX и првата половина на XX век било тесно поврзано со општествената положба на занаетчиите и една од функциите во еснафската организација. Општо образование занаетчиите, слично како и трговците и угостителите, стекнувале во основните училишта, додека со стручни знаења се здобивале во занаетчиските стручни училишта. Учениците на занаетчиите биле земани да ги изучуваат занаетите за период од 5 до 10 години, а понекогаш тој можел да биде и подолг, што зависело од особеностите на занаетот којшто требало да биде совладан. Кога започнувале да го изучуваат занаетот, мајсторот морал да ги снабди своите ученици со потребните алати за работа. Познато е дека секој занаетчија морал да обучи барем по еден син, што придонело кон пренесување на занаетот од колено на колено и создавање на занаетчиски семејства. На тој начин, имињата кои тие ги уживале како прекари прераснале дури и во нивни презимиња.[3][4]

Занаети[уреди | уреди извор]

Филигранско-кујунџиски занает[уреди | уреди извор]

Ковачко-коларски занает[уреди | уреди извор]

Од занаетите чија основна суровина е дрвото, застапени биле столарскиот и коларскиот занает, а исто така развиен бил и ковачкиот занает. Притоа, во чаршијата се развила богата традиција на украсување дрвени предмети со седеф и коска. Столарскиот занает бил застапен во голема мера, а како последица на изградбата на нови градби и зголемената побарувачка за современ мебел, тој брзо се ширел сè до развојот на дрвната индустрија. Коларскиот занает особено се развил во времето на изградба на колските патишта, но истиот почнал да замира со појавата на современите асфалтни патишта. Ковачкиот занает бил еден од најзастапените занаети во чаршијата, а со него претежно се занимавале Роми.[1] Освен овие, поврзани занаети кои биле застапени во чаршијата се качарскиот, наланџискиот и чибукчискиот занает кој бил изумрен уште во почетокот на XX век.[5]

Оружарски занает[уреди | уреди извор]

Оружарскиот занает бил застапен со векови. Неговата појава и развој се поврзани со обичајот дека секој возрасен Турчин требало да биде вооружен. Произведеното оружје се продавало во посебни каравани во дуќаните, а Скопје прераснал во значајно место за изработка и украсување на оружје. Некои занаетчии кои се занимавале со оружарски занаети, како на пример пушкари, ножари, сабјари и изработувачи на кании, имале дури заеднички еснаф. Падот на овие занаети настапил по Младотурската револуција од 1908 година, кога биле воведени мерки за разоружување на населението и било забрането производството на оружје.[6]

Фурнаџиско-слаткарски занает[уреди | уреди извор]

Производството на прехранбени производи биле доста застапени во чаршијата, што овозможило широка застапеност на фурнаџиско-слаткарскиот занает. Освен производството на готови производи наменети за пазарот, фурнаџиите вршеле и други услуги, како на пример печење леб или месо за домаќинствата. Производството на симит, погача и други печива и денес е во голем обем. Особено развиен бил и слаткарскиот занает со производство на различни видови на слатки, алва, боза, производи од шеќер и друго. Во склоп на чаршијата имало и посебна Шеќерџиска чаршија. Производите на овие занаетчии биле надалеку познати и барани.[7]

Терзиско-срмаџиски занает[уреди | уреди извор]

Терзиско-срмаџискиот занает бил особено развиен, што се огледа преку постоењето на посебна Терзиска чаршија, во чиј простор биле групирани терзиските дуќани. Терзиите изработувале сложени делови од облека со разновидни поквалитетни материјали. Со развојот на европската мода, во чаршијата се појавиле и френктерзиите, кои изработувале тесна облека која ја носеле чиновниците, учителите, како и некои трговци и еснафлии. Овој занает забрзано се развил во првите декади од XX век, но со појавата на индустриското производство започнал да опаѓа. Многубројни во чаршијата биле и срмаџиите, кои изработувале вез од срма и од свила на разни чоени и кадифени облеки. Срмените производи се извезувале до Босна, но денес овој занает е целосно изоставен.[8]

Кафтанџиско-абаџиски занает[уреди | уреди извор]

Кафтанџискиот занает бил еден од најзначајните и го сочинувал еден од најголемите еснафи. Неговите занаетчии биле групирани во покриената чаршија, каде работеле во околу 60 дуќани. Тие продавале различни видови на ткаенини, а изработувале и продавале и фустани минтани, елеци, антерии, шалвари и друго. Развиен и застапен бил и абаџискиот занает, чии мајстори изработувале облека од чоја. Сепак, со воведувањето на граѓанска облека, овој занает започнал да опаѓа и во периодот по Првата светска војна бил во изумирање.[9]

Ќурчиско-кожуварски занает[уреди | уреди извор]

Најраспространети занаети поврзани со сточарството биле кожарскиот, ќурчискиот и папуџискиот занает. Ќурчиско-кожуварскиот е еден од најстарите и најпознати занаети, чиј еснаф бил еден од највлијателните. Ќурчиите рачно изработувале разни згорни облеки, како ќуркови, џубиња, елечиња, селски кожуви, згорни капути и друго; додека кожуварите изработувале облека само од кожа, но не прерабоувале кожа од дивеч.[10]

Папуџиско-опинчарски занает[уреди | уреди извор]

Производството на обувки во чаршијата било застапени преку папуџиите и опинчарите. Производите изработени од страна на папуџиите биле нашироко познати и се продавале сè до Босна, а папуџискиот еснаф бил доста влијателен. Во чаршијата имало папуџиско одаларе со 14 папуџиски работилници, но денес истото не постои. Кон средината на XIX век, папуџискиот занает се поврзал со чевларскиот, кој во тоа време започнал да се развива како современ занает. Чевларите исто така имале свој еснаф, во кој членувале христијани, муслимани и Евреи.[11] Како производители на обувки застапени биле и опинчарите, кои произведувале производи за пазарите или по порачка. Тие биле организирани во чаракчиски (опинчарски) еснаф, а имале и свој печат.[1]

Други занаети[уреди | уреди извор]

Во чаршијата биле застапени и други занаети поврзани со преработката на текстил, како на пример мутавџискиот, килимарскиот, јажарскиот и јорганџискиот занает.[8] Јорганџискиот занает започнал забрзано да се развива откако во градот започнале да се употребуваат кревети за спиење. Јорганџиите биле застапени во просторот на т.н. Јорганџиска чаршија, а имале и свој еснаф со печат и целосно разработена работилница.[1]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 Занаетчиството на старите мајстори, staracarsija.mk.
  2. 2,0 2,1 Занаетчиството во Скопската чаршија, staroskopje.vestel.com.mk.
  3. М. Константинов, З. Делиниколова: „Занаетчиство и занаетчиски организации“, Етнологија на Македонија, Скопје 1996, стр. 65-81.
  4. Образование, staracarsija.mk.
  5. Столари и колари, staracarsija.mk.
  6. Оружарски занаети, staracarsija.mk.
  7. Фурнаџии и слаткари, staracarsija.mk.
  8. 8,0 8,1 Терзиско – срмаџиски занает, staracarsija.mk.
  9. Кафтанџии и абаџии, staracarsija.mk.
  10. Ќурчиско - кожуварски занает, staracarsija.mk.
  11. Папуџиство, staracarsija.mk.