Седеф

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Слој седеф во внатрешноста на раковината на наутилус.

Седеф (турски: ṣadaf) – внатрешен слој на раковината на некои мекотели: школки, полжави и некои главоноти (Nautilus и Spirula). Заради седефот најбарани се школките од родовите Meleagrina, Pinna, Malleus, Margaritana.[1][2]

Создавање и градба на седефот[уреди | уреди извор]

Слика на пресек на површина на седеф, снимена со електронски микроскоп.
Шематски приказ на структурата на седеф.

Кај мекотелите раковината ја лачи плаштот, односно кожниот набор кој ја обвива утробната кеса и ја затвора плаштната дупка. Раковината потполно или делумно го препокрива телото.[3] Слоевите раковина се лачат во различни делови на плаштот, а постепениот раст се одвива само на граничниот дел на раковината.[2] На пресекот на раковината се воочуваат три слоја: надворешен, тенок слој (periostracum), изграден од органска материја конхиолин; под него е подебел, призматичен слој, изграден претежно од калциум карбонат; третиот, внатрешниот слој е седефест слој или седеф. Седефот е граден од повеќе паралелно сложени, благо брановите ливчиња, составени од наизменични слоеви органски и неоргански материи.[1]

Кога во внатрешноста на раковината дојде надворешно тело кое го повредува мекото тело на мекотелот (зрно песок, паразит и сл.) околу него, заради заштита, се создава слој од седеф. Со повеќегодишно излачување на седеф на местото на повреда се создава патолошка зрнеста творба, кај бисерните школки позната како бисер. Бисерите претежно се составени о тенки, концентрични слоеви седеф.[1] Затоа седефот се нарекува и „мајка на бисерот“ (mother-of-pearl).[2]

Одлики на седефот[уреди | уреди извор]

Седефот е композитен материјал направен од неоргански слоеви калциум карбонат, раздвоени со органски полимери како што е хитинот. Оваа структура го прави отпорен на оштетувања. Исто така прави површината на седефот да е брановита, што доведува до прекршување на светлината на нејзините нерамнини во преливи на виножитните бои, давајќи ѝ препознатлив и единствен седефест сјај.[1][4]

Употреба[уреди | уреди извор]

Кутија украсена со интарзии од седеф

Седефот се користи за изработка на накит, како и за интарзии. Во минатото, особено во XVIII век, од него се изработувале украси на мебел, кутии и други предмети.[1]

Седефот е скап материјал, па имало многу обиди за производство на вештачки седеф кој би ги имал особините на природниот, но сите обиди биле помалку или повеќе неуспешни. Дури неодамна британски научници успеале да создадат седеф базиран на калциум карбонат, во процес на создавање наизменични неоргански и органски слоеви сличен на оној кој се одвива во природата. На тој начин е отворен пат за создавање цврсти материјали за премачкување направени од евтини материјали.[4] Се верува дека материјалите базирани на природен седеф во иднина ќе бидат од голема корист во производството на поотпорно стакло, керамика и слични крти материјали.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

mother-of-pearl statenisland.pastperfect-online.com]