Историја на Старата скопска чаршија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Чаршијата со Калето во позадина во 1920-тите

Историјата на Старата скопска чаршија го опфаќа периодот од постоењето на првите населби на нејзината територија, преку почетоците на нејзиното настанување, нејзиниот понатамошен развој, па сè до неодамнешните случувања.

Просторот во околината на Старата скопска чаршија и на Скопското кале бил населен уште 4.000 години п.н.е., а за тоа сведочат археолошките пронајдоци ископани на Скопското кале. Голем развој бил постигнат за време на римското владеење со ргадот Скупи, кога започнале да се градат храмови, театри и други знаменити градби.

Своите почетоци како трговски центар, чаршијата ги имала во времето на визнтиското владеење со градот во 11. век, кога управата на манастирот „Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник“ организирала годишен панаѓур. Во следниот период, просторот започнал забрзано да се развива како трговски центар, а за тоа голем придонес имале и трговците од Дубровник и Венеција.

Најголемиот подем чаршијата го достигнала во време на османлиското владеење со градот. Овој период бил исполнет и со изградбата на најголемиот број објекти коишто се наоѓаат на просторот и околу чаршијата. Сепак, периодот бил одбележан и со силниот земјотрес од 1555 година и палежот на градот во 1689 година, по кои голем број од објектите биле разрушени и потоа повторно обновени. Во текот на 19. век бил забележан и најголемиот процут на занаетчиството, при што занаетчиите биле организирани во еснафи, а чаршијата била поделена на повеќе помали занаетчиски чаршии.

Старата скопска чаршија го продолжила својот развој и во текот на 20. век. Големи оштетувања претрпела со двете светски војни и со земјотресот во 1963 година, но најголем дел од разрушените објекти потоа биле обновени и пренаменети во објекти со уметничка намена.

Ран период[уреди | уреди извор]

Најстарите археолошки пронајдоци пронајдени на Скопското кале посочуваат дека околниот простор бил населен уште 4.000 години п.н.е., додека првите историски податоци наведуваат дека први кои се населиле на просторот биле Пајонците во VI век п.н.е.[1]

Со завладејувањето на Скупи од страна на Римјаните, започнала изградбата на храмови, бањи и театри, со што градот станал значаен верски и културен центар во Римската империја, што придонело и за развој на просторот на денешната чаршија.

Во 518 година, Скупи бил разурнат од катастрофален земјотрес, па со доаѓањето на власт на Јустинијан I била изградена нова престолнина која оддалечена од просторот на разурнатиот град.[2] Сепак, за да се заштити населението кое го напуштило градот, се населило на еден рид на којшто императорот Јустинијан го изградил денешното Кале.[1]

Со создавањето на Самоиловото царство, Скопје добил стратешко, политичко, економско и културно значење, а просторот околу Скопското кале бил утврден со изградба на бедеми, со цел да се сочуваат неговите богатства. Во времето на Цар Самоил, на бедемите била изградена и голема градска порта, подоцна позната како „Порта до водната кула“, која послужила за одбрана од нападите на византискиот император Василиј II во 1001 година.[3]

Среден век[уреди | уреди извор]

Византиска власт[уреди | уреди извор]

По потпаѓањето на Самуиловото царство под визатиска власт во 1018 година, императорот Василиј II го претворил Скопје во седиште на тема и црковно седиште, на чело со епископ кој бил избиран на секои четири години. По смртта на Василиј, неговиот наследник, Роман III Аргир, презел активности за обновување на манастирот „Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник“, кој според грамота од 1300 година на српскиот крал Стефан Урош II Милутин се наоѓал на брегот на реката Серава, на ридот наречен „Виргин“, односно на местото каде денес се наоѓа Султан-муратова џамија и бил еден од најбогатите и најугледни манастири на поголем дел од Балканскиот Полуостров во тоа време.[4]

Според зачуваната Виргинска грамота од 1277 г., императорот му дал одобрение на манастирот „Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник“ да организира годишен панаѓур на празникот „Воведение на Богородица“ на 21 ноември секоја година, со право да наплаќа одредени давачки заради негово издржување, како и неделен пазар најнапред во секој петок, а подоцна и во вторник. Ваквите настани биле организирани во периодот од 1028 до 1034 година, на простоот на манастирската ливада, која се наоѓала на надворешноста на тогашното скопско подградие Доленград, крај десниот брег на реката Серава, односно на местото на кое денес се наоѓа Бит-пазар.[4]

Северната порта на влезот во чаршијата, од која се излегувало на патот кон Цариград

Со доаѓањето на власт на династијата на Комнените на почетокот на 12. век, градот бил избавен од постојаните воени закани и во овој релативно мирен период бил забележан значителен развој. Развојот бил проследен со изградба на бедеми и одбранбени кули околу Доленград, а биле градени и манастири и цркви. Со изградбата на бедемите, просторот на кој се одржувал панаѓурот се нашол веднаш под нив, покрај северната порта, од која се излегувало на патот кон Цариград. Силниот развој на трговијата придонел за градот да се расчуе како значаен трговски центар, па раширувањето на трговските односи е одбележано и со присуството на панаѓурот и неделниот пазар дури и од страна на дубровничките и венецијанските трговци. Во своето дело „Стара скопска чаршија“, Коста Балабанов наведува дека се појавила неможност трговците да ги продадат донесените производи во еден ден, со што се појавила потребата да преноќат и тие започнале тоа да го прават на манастирската ливада. Меѓутоа, управата на манастирот, која ги наплаќала давачките и управувала со просторот, не дозволвуала тој да се користи за подигнување на трајни градби. Поради тоа, некои трговци започнале да се засолнуваат во внатрешната страна од бедемите на Доленград, чии порти навечер се затворале. Со тек на време, започнало постепеното засолнување во внатрешноста од градот, понувајќи од северната, па сè до јужната порта. Кон крајот на 12. век, веќе биле подигнати трајни простории за складирање на стоката, биле воведени давачки за користење на градското земјиште и започнало продавањето на стока од овие простори, не само за време на пазарните денови, туку и надвор од нив, со што практично бил создаден трговски простор кој се развил во денешната чаршија.[4]

Во текот на 13. век, трговскиот протстор продолжил да се развива, иако градот повторно бил подложен на воени судири, освојувања и грабежи. Бројот на дуќани започнал да се зголемува, а просторот бил проширен и околу северната порта, внатрешноста на Доленград и околу црквата „Рождество на Пресвета Богородица“.[5]

И покрај постојаните воени судири, Скопје во тој период го добил својот прв трговски центар, трговско-занаетчиска градба, која во тоа време била една од најголемите и најскапите на Балканот. Оваа градба се наоѓала во јужниот дел од Доленград, крај бедемот покрај кој минувале заштитниот канал со вода и коритата на реките Вардар и Лепенец. Имала 15 издолжени сводови, под кои се наоѓал простор кој зафаќал површина од 1.200 m2. Последните нејзини остатоци биле разрушени во првата половина од 20. век, а таа целосно е видлива на гравура од холандскиот графичар Јакобус Хаверин, изработена во 1594 година и објавена во Нирнберг.[5]

Српска власт[уреди | уреди извор]

Во 1282 година, српскиот крал Стефан Урош II Милутин го освоил Скопје, со што градот влегол во составот на Рашка, а подоцна и во рамките на средновековната српска држава. Овој период се одликува со изградбата на многубројни црквии, манастири и дворци во и околу градот. За време на својот престој во Скопје, во 1299 и 1300 г., византискиот пратеник Теодор Метохит забележал дека освен Горенград, постои и Доленград, кој бил заштитен со ѕидини.[6]

Како најсветол период од српското владеење се смета времето на царот Стефан Душан, кој во 1345 година го прогласил Скопје за престолнина на својата држава, а веќе следната година бил во него и крунисан за цар. Во негово време, чаршијата не се споменувала како посебен трговски центар, туку градот, општо, се наведува како главно трговско место со развиено занаетчиство, каде што посебна улога имале дубровничките и венецијанските трговци. Според Стојан Новаковиќ и Гедеон Јуришиќ, за време на владеењето на царот Душан дури бил изграден и Куршумли-ан, кој служел како воена касарна. Освен тоа, некои автори сметаат дека на местото на денешната Султан-муратова џамија се наоѓал и Душановиот царски дворец.[6]

По смртта на Стефан Душан, градот бил под српска власт сè до 1392 година, кога Вук Бранковиќ им го предал на Отоманците, со што влегол во рамките на Отоманската Империја.[7][8]

Отоманско време[уреди | уреди извор]

XV век[уреди | уреди извор]

Со освојвуањето на Скопје од страна на отоманските Турци, забрзано започнал да се менува етничкиот состав на населението во градот. Исто така, богатството со коешто располагале месните цркви, манастири, а и самото население преминало во рацете на Турците. Градот бил претворен во воено упориште и во негови рамки започнала изградбата на величествени објекти од сакрален карактер, кои видно ја имзениле и архитектурата на градот.[9]

На просторот на Доленград и средновековната чаршија започнала изградбата на голем број капитални и сакрални објекти, кои се јавиле како неопходни да ги задоволат потребите на нараснатото муслиманско население. Така, на темелите на тогашните црки започнала изградбата на џамии, а наскоро започнале да се градат и разни други објекти од стопански карактер. Уште во првите декади на 15. век, освојувачот на градот, Паша Јигит-бег, на местото на коешто тогаш се наоѓала црквата „Св. Врачи“ ја изградил Јигит-пашината џамија.[9]

Големи промени на архитектонскиот карактер на чаршијата настанале во времето на вториот отомански намесник на Скопје, Исхак-бег, и во времето на неговиот син, Иса-бег. На темелите на манастирот „Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник“ Исак-бег ја започнал изградбата на Султан-муратовата џамија, чијашто изградба била завршена во 1436 година. Во 1438, на просторот на манастирската ливада, тој ја започнал изградбата на Исхак-беговата (Шарена) џамија, во чиишто рамки е изградено и турбе, каде што бил погребан. По неговата смрт, започнувајќи од 1445, па сè до 1469 година, неговиот син и наследник, Иса-бег, изградил бројни објекти а просторот на чаршијата, кои биле неопходни за стопанскиот развој на градот. Така, во негово време биле изградени: Безистенот, Чифте амамот, караван-сарајот Сули ан и конакот Капан ан. По смртта на Иса-бег, по негов завет е изградена Иса-беговата џамија (1475), а подоцна и Хаџи-касамовата џамија (1489-1490) и Мустафа-пашината џамија (1492).[9]

Во периодот од 1489 до 1497 година, познатиот дарител, Даут-паша, вложил во изградбата на повеќе објекти во чаршијата, меѓу кои најпознат е Даут-пашиниот амам. Истовремено, како придружни градби на големите џамии биле изградени и имарети, т.е. јавни куји во кои се приготвувала и служела храна за бездомниците и патниците кои престојувале во градот.[9]

XVI-XVII век[уреди | уреди извор]

Во периодот на 16. и 17. век, чаршијата го достигнала својот урбан и стопански зенит, развивајќи се во една од најголемите ориентални чаршии на Балканот. Забрзаниот развој на трговијата и изградбата на нови дуќани и објекти продолжила и понатаму. Во 1504 година, во непосредна близина на чаршијата, Јахја-паша изградил џамија, која денес во негова чест е позната како Јахја-пашина џамија.[10] Забележително во тој период е што се појавиле повеќе помали чаршии, во зависност занаетите кои биле застапени на просторот. Така, на просторот на чаршијата постоеле: кожарско-ќурчиска, калајџиска, железарска, платнарска, кујунџиска и други помали чаршии. Освен тоа, во чаршијата започнала со работа и ноќна стража, која за чување на дуќаните наплаќала по 12 акчиња.[11]

Гравура на Скопје изработена од холандскиот графичар Јакобус Хаверин во 1594 година

Караван-сарајот Куршумли ан бил обновен кон средината на столетието, а во 1543 година започнала повторната изградба на црквата „Св. Спас“, којашто била прв христијански објект за кој Турците одобриле обновување. Силниот земјотрес, кој во 1555 го погодил Скопје, причинил огромни штети во чаршијата, но сепак градот набргу закрепнал и продолжил непречениот развој на трговијата. Голема улога во тоа имале многубројните трговци кои ја посетувале чаршијата и создавале свои колонии. Поголемиот дел од трговијата се одвилвал благодарение на влијателната еврејска колонија, а била создадена и колонија на дубровачките трговци.[11]

Втората половина од 16. век ја одбележала изградбата на Саат-кулата во 1572 година, која била подигната во дворот на Султан-муратова џамија и набргу станала заштитен знак на градот.[11]

Со оглед на фактот што градот прераснал во значаен развиен трговски град во европскиот дел од Отоманската Империја, во текот на 17. век бил псоетен од голем број трговци и патеписци, кои во своите записи давале опис на изгледот на чаршијата и начинот на кои се водела трговијата во неа. Еден од нив е и познатиот отомански патеписец, Евлија Челебија, кој двапати го посетил градот во периодот од 1660 до 1668 година и за време на неговата прва посета (1660-1661) за чаршијата забележал:

Таа брои 2.150 дуќани. Тука има плоштади и пазари, со сводови и куполи. Од сите најубави се: чаршијата на безазите (Памучни ткаенини), чадорџиите, папуџиите, бојаџиите и ткајаџиите (капи). Тоа се големи чаршии изработени по план. Сокаците им се чисти и калдрмисани. Секој дуќан го красат зумбули, темјанушки, рози, босилек, јоргован и крин во вазни и саксии. Тие со својата миризба просто го опиваат мозокот на посетителите и трговците. Тука има образовани и многу чесни луѓе. За време на летните жеги сиот скопски пазар личи на багдадските сенки, зашто сите негови чаршии се со наткривени капаци и сводови како во Сараево и Халеп.[12][13]

Англискиот лекар и патеписец Едвард Браун, кој го посетил градот во 1669 година, бил воодушевен од безстенот во чаршијата со неговиот оловен покрив и наведва дека околу него имало улици покриени со штици и разновидни занаетчиски дуќани. Тој, исто така, споменува дека од Скопје во тој период биле извезувани најразновидни производи, како волна, восок, тутун, платно, свила, сребрени предмети и разни други украси.[14]

Сепак, развојот на чаршијата и мирот којшто владеел бил прекинат со повлекувањето на отоманската војска по неуспешната опсада на Виена во 1683 година и навлегувањето на австриските трупи предводени од генералот Пиколомини. Пиколомини го запалил Скопје, а големиот пожар од 26 и 27 ноември 1689 г. речиси целосно го уништил градот. Како псоледица на пожарот, чаршијата била речиси целосно уништена, а сè што останало се само неколку џамии и амами.[14]

XVIII-XIX век[уреди | уреди извор]

По големите штети предизвикани со пожарот во 1689 година, чаршијата била обновувана во текот на целиот 18. век. Нејзиниот нов развој бил отежнат поради економски ослабнатата Отоманска империја, но и поради големите епидемии на чума и други заразни болести.[15]

Со воведувањето на реформите од првата половина на 19. век, се создале подобри економски услови и за развој на чаршијата. Била согледана потребата од развиено занаетчиско производство, па биле воведени мерки за заштита на занаетчиите, што директно влијаело на забрзаниот развој на чаршијата. Истовремено, забележително е што во градот се доселувало македонско христијанско население од околните села.[16] Со тоа, се зголемил бројот на македонски занаетчии и трговци, кои имале главна улога и во обновувањето на црквите во и околу чаршијата, откако султанот Мехмед II им одобрил на христијанските верници да градат цркви на територијата на Империјата. Така на пример, црквата „Св. Димитрија“ била неколку пати реновирна во текот на 19. век, сè додека не го добила својот денешен изглед со последните промени во 1896 година. Еврејското население, пак, ја обновило синагогата Бет Јаков.[17]

Значајни промени во тој период настанале во целокупниот изглед на чаршијата, така што постојана била изградбата на нови дуќани и објекти. Кон средината на столетието, забрзан бил пробивот на нов, современ архитектонски стил, кој придонел чаршијата полека да започне да го губи својот ориентален облик. Голем број од градбите биле во стилот на староградската македонска архитектура, но се воочувале и елеменети од еклектицизмот и барокот. На просторот од Даут-пашиниот амам до Бит-пазар се простирале дуќани, анови и амами, а по улиците се движеле трговци од повеќе земји. Во тоа време, српскиот политичар и историчар, Стојан Новаковиќ чаршијата ја опишал како

„склоп тесни и криви улички со многу трговско-занаетчиски продавници и дуќани. Улиците биле покриени со штици, а дуќаните со ќепенци... Чаршијата е долга и има повеќе напречни улици, исто така покриени...“[17][18]

Според записите на голем број патеписци кои ја посетиле чаршијата во втората половина на 19. век, во неа успешно работеле од 50 до 90 различни видови занаети, здружени во силни еснафски здруженија и поделени во одделни помали чаршии во рамките на единствената Скопската чаршија. Тоа придонело, Скопје, одново, да стане значаен трговски центар, не само на Балканскиот Полуостров, туку и на територијата на целата Отоманска Империја.[17] Во својот патепис од 1896 година, Виктор Рерар запишал:

Големите азиски пазари, како оние во Бурса, Алеп или Дамаск, во споредба со Скопската чаршија претставуваат само бледи и банални турски знаменистости.[19]

Чаршијата од XX век до денес[уреди | уреди извор]

Султан-муратовата џамија во 1919 година

Почетокот на 20. век се одликува со бројни немири и војни, како и големи промени во стопанскиот живот, предизвикани од раширувањето на капиталистичките општествени односи и развојот на градските населби. Во текот на Првата светска војна била причинета штета во чаршијата, па во првите години по војната е забележан нејзин развој преку обновување на старите трговски и занаетчиски објекти. Во тоа време, чаршијата територијално се проширила и преку Камениот мост, на десниот брег од реката Вардар, сè до железничката станица.[20]

Појавата на Големата криза во светот во раните 1930-тите имала голем одраз и врз трговијата во чаршијата. Дошло до раслојување и осиромашување на занаетчиството, зголемување и на невработеноста и на задолженоста. За текот на овие години во чаршијата сведочи и репортажата на Љубо Стојовиќ во весникот „Вардар“ од 1934 година, во која тој ја исакнува монотоноста и здодевноста во чаршијата и како трговците ги молат купувачите да купат. Тој, исто така, ја споменува и запуштеноста на безистенот и тоа дека е затворен како тврдина и издаван под кирија.[20]

За време на Втората светска војна, чаршијата била целосно економски умртвена и била користена за потребите на НОБ во Вардарска Македонија. Така, во неа биле подготвувани илегални акции, а служела и како засолниште за припадниците на НОБ. Во близина на Исхак-беговата (Шарена) џамија се наоѓа куќа во која од 1942 до 1944 година престојувале и се состанувале членови на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија и на Оперативниот штаб. Во непосредна близина пак на Камениот мост, на местото на денешната зграда на Комерцијалната банка, имало куќа во која била сместена првата илегална работилница за оружје, муниција и диверзантски материјал.[21]

Периодот на војната е време во кое биле причинети огромни штети и загуби во самата чаршија и во нејзината околина. Чаршијата останала без своето еврејсо население, чијашто депортација кон концентрациониот логор Треблинка започнала на 11 март 1943 година.[22] Истата 1943 година, бугарските фашистички власти ја ограбиле и опожариле црквата „Св. Богородица“, која се наоѓала во непосредна близина на чаршијата, а за време на бомбардирањата на Скопје била уништена и Јигит-пашината џамија. До темел била разурната и синагогата Бет Јаков. Од црквата „Св. Спас“, бугарските власти го разглобиле иконостасот, со намера да го префлат во трезорите на Народната банка, но по војната истиот бил вратен во црквата.[21]

По завршувањето на Втората светска војна, просторот на чаршијата, повторно, се преворил во главен трговски центар во градот. Во тој период, под раководство на Заводот за заштита на спомениците и културата, за првпат започнало систематско истражување и проучување на чаршијата како споменик од непроценлива вредност, кое имало за цел да пронајде начини за нејзина понатамошна заштита.

На 26 јули 1963 со силниот земјотрес кој го погодил Скопје, голем број на дуќани биле целосно разрушени. Од културно-историските знаменитости, речиси целосно разрушени Сули ан, Капан ан, џамиите Араста и Казанџилер, и Ѓулчилер амам. Делумно разрушени биле Чифте амамот, Куршумли ан, црквата „Св. Спас“, Безистенот, џамијата Ќосе Кади и Султан-муратовата џамија.[23]

Денешен изглед на улица низ чаршијата

Обновувањето на разрушената Скопска чаршија продолжило по земјотресот, за чијашто цел до израз доаѓа примената на современ градежен материјал. Во раните 1970-тите биле обновени водоводната и канализационата мрежа, а било извршено и поплочување на улиците низ чаршијата и отстранување на турската калдрма. Во тој период, исто така, бил изграден и мост со стоковна куќа над булеверот Гоце Делчев, со чија помош биле споени отсечените делови од чаршијата. Кратко потоа, започнало и обновувањето на речиси целосно разрушените Капан ан и Сули ан, по што биле обновени и останатите културно-историски знаменитости, кои претрпеле штети со земјотресот. Освен тоа, некои градби биле посветени на културата и уметноста, а биле изградени и нови, како што се групата згради во рамките на Музејот на Македонија и Музејот на современата уметност.[24]

Во ноември 2006, во чаршијата беше поставен споменик на Скендербег.[25] Македонскиот премиер, Никола Груевски, во 2010 година изјави дека Старата скопска чаршија е вклучена во проектот „Скопје 2014“, најавувајќи започнување на проект за ревитализација и заштита на чаршијата.[26] Непосредно пред споменикот на Скендербег, над булеварот Гоце Делчев и веднаш до мостот кој ги поврзува Даут-пашиниот амам и црквата „Св. Димитрија“ со остатокот од чаршијата, на 17 јануари 2012 година беше поставен камен-телник за изградба на плоштадот „Скендербег“.[27]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Стара скопска чаршија: Историјат, sataracarsija.mk.
  2. Dragojević Josifovska, „Inscriptions de la Mésie Supérieure (IMS)“, vol. VI, Scupi et la région de Kumanovo, Beograd, 1982.
  3. Историски преглед од најстаро време до пропаста на Самоиловото царство, Проект „Стара скопска чаршија“.
  4. 4,0 4,1 4,2 Настанување на чаршијата во XI и XII век, Проект „Стара скопска чаршија“.
  5. 5,0 5,1 Старата скопска чаршија и Скопје во XIII век, Проект „Стара скопска чаршија“.
  6. 6,0 6,1 Чаршијата под власта на средовековните српски владетели 1282-1392 година, Проект „Стара скопска чаршија“.
  7. „Macedonia: The Ottoman Empire“. Енциклопедија Британика. 2010. http://www.britannica.com/EBchecked/topic/354223/Macedonia/42800/The-Ottoman-Empire?anchor=ref476755. 
  8. „Archeological exavations "Skopsko Kale"“. skopskokale.com.mk. http://www.skopskokale.com.mk/en/aboutkale.php. 
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 Старата скопска чаршија во XV век, Проект „Стара скопска чаршија“.
  10. Macedonian cities - Skopje mosques, Macedonian cultural and information centre.
  11. 11,0 11,1 11,2 Старата скопска чаршија во XVI век, Проект „Стара скопска чаршија“.
  12. Стара скопска чаршија: За чаршијата, staracarsija.mk.
  13. Изложба по повод 400-годишнината од раѓањето на Евлија Челеби, Журнал, 12 април 2011
  14. 14,0 14,1 Старата скопска чаршија во XVII век, Проект „Стара скопска чаршија“.
  15. Старата скопска чаршија во XVIII век, Проект „Стара скопска чаршија“.
  16. Јован Хађи Васиљевић: „Скопље и његова околина“, Београд 1930, стр. 84-124.
  17. 17,0 17,1 17,2 Старата скопска чаршија во XIX век, Проект „Стара скопска чаршија“.
  18. Стара скопска чаршија: Животот во старата скопска чаршија за време на 19 век, sataracarsija.mk.
  19. Macedonian trades and crafts 16th-19th century, Macedonian cultural and information centre.
  20. 20,0 20,1 Чаршијата oд почетокот на XX век до Втората светска војна, Проект „Стара скопска чаршија“.
  21. 21,0 21,1 Старата чаршија за време на Втората светска војна, Проект „Стара скопска чаршија“.
  22. Remembering the Past - Jewish culture battling for survival in Macedonia, Zhidas Daskalovski
  23. Старата чаршија од ослободувањето до катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Проект „Стара скопска чаршија“.
  24. Старата чаршија по катастрофалниот земјотрес, Проект „Стара скопска чаршија“.
  25. Скендер-бег пречекан со еуфорија во Македонија, Утрински Весник, 26 ноември 2006.
  26. Груевски: И Чаршијата е дел од „Скопје 2014“, Дневник, 18 февруари 2010.
  27. Поставен камен-темелник на плоштадот „Скендербег“, Утрински Весник, 17 јануари 2012.