Илија Филипче

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Илија Филипче
Илија Филипче.jpg
Министер за здравство
На должноста
20 декември 1994 – 29 мај 1997
Претседател Бранко Црвенковски
Претходник Јован Тофоски
Наследник Петар Илиоски
Лични податоци
Роден(а) 28 јули 1946
Охрид, Југославија Југославија
Националност Македонец
Партија СПМ
Деца Венко Филипче
Установа Медицински факултет - Скопје
Професија професор
специјалист оториноларинголог

Илија Филипче (роден на 28 јули 1946 во Охрид) — македонски лекар, научник и професор од областа на оториноларингологијата и медицинските науки. Во периодот од 20 декември 1994 до 29 мај 1997 година бил министер за здравство на Република Македонија. Илија Филипче е член на МАНУ од 2009 година[1].

Образование[уреди | уреди извор]

Основно и средно образование завршил во родниот град, а Медицински факултет во Скопје во 1971 година. На Клиниката за уво, нос и грло при Медицинскиот факултет се вработил во 1972 година. Специјализацијата од областа на оториноларингологијата ја завршил во 1977 година. Уште како специјализант бил избран за помлад асистент, а потоа и за редовен асистент. Во 1987 година ја одбранил својата докторска дисертација под наслов „Споредбени испитувања помеѓу техниките на стапедотомија и стапедектомија во хируршкото лекување на отосклерозата“ под менторство на академик Александар Андреевски. Во наредните години следувале изборите за доцент, вонреден професор и редовен професор по истиот предмет при Медицинскиот факултет во Скопје. Избран наставник е и на Високата школа за логопедија и фонијатрија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и на Високата школа за медицински сестри при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.

Стручна дејност[уреди | уреди извор]

Престојувал во повеќе познати специјализирани центри за одделни суптилни подрачја во областа на оториноларингологијата: во Клинката во Загреб кај академик Падован, а подоцна и кај академик Краина, посветувајќи се на хирургијата на параназалните синуси, фронтобазалните повреди и фонохирургијата; во Париз, во болницата Ст. Антоин кај акад. C.H. Chouard интензивно работел на проблемот на кохлеарниот имплант (вештачко уво) и хирургијата на внатрешното уво; во детската болница Necker во Париз работел на проблемот на вродените малформации на увото, детската бронхо-скопија и езофагоскопија; во Универзитетската болница E. Heriot во Лион, кај акад. Мартин ја усовршил реконструктивната микрохируршка техника на средното уво; во Безиерс, Франција, во најпризнатата специјализирана отолошка клиника работел на проблемот на хируршкото лекување на глувоста предизвикана од отосклероза; кај акад. Ј. М. Стеркерс во Париз, посебно се усовршува за хируршки пристап преку увото до понтоцеребеларниот агол во мозокот и до внатрешниот слушен канал што е многу важно за отстранувањето на тумори во таа регија; хирургијата на лицевиот нерв уште повеќе ја совладува кај акад. Fish во Цирих; во универзитетската оторинола-ринголошка клиника во Прага интензивно работи на проблемот на вештачкото уво.

Како резултат на овие активности, усвојувањето на нови хируршки техники и знаења и нивното применување акад. Филипче се изградува како исклучителен оператор кој за првпат во Република Македонија воведува нови техники кои дотогаш не се изведувале. Уште поголем придонес се и воведувањето на негови модификации при интервенциите кои даваат многу поуспешен оперативен резултат, мал број компликации и брза рехабилитација. Во својата досегашна професионална работа извршил над 8.000 операции со ниту еден смртен исход и без сериозни и трајни компликации.

Бил директор на Клиниката за оториноларингологија, како и министер за здравство на Република Македонија. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите бил избран на 27 мај 2009 година.

Научна дејност[уреди | уреди извор]

Презентирал и објавил над 100 научни и стручни трудови во домашни и меѓународни научни списанија. Учесник е на бројни светски, европски и национални конгреси, како и бил поканет предавач исклучително со свои лични трудови.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Македонска енциклопедија, МАНУ, Скопје, 2009, стр. 1553
Претходник
Јован Тофоски
Министер за здравство на Република Македонија
20 декември 199429 мај 1997
Наследник
Петар Илиоски