Прејди на содржината

Константин Велики

Од Википедија — слободната енциклопедија
Константин I Велики
56-ти цар на Римското Царство
Глава од статуа на Константин во Капитолските музеи[1]
На престол 25 јули 306  – 29 октомври 312 [notes 1]
29 October 312 – 19 септември 324 [notes 2]
19 September 324 – 22 мај 337[notes 3]
(&1000000000000003000000030 години и &10000000000000301000000301 дена)
ПретходникКонстанциј I Хлор
НаследникКонстантин II
Констанциј II
Констанс I
ДецаКонстантина
Елена
Крисп
Константин II
Констанциј II
Констанс I
Полно име
Флавиј Валериј Аврелиј Константин
ДинастијаКонстантинова династија
ТаткоКонстанциј I Хлор[2][3]
МајкаЕлена [4][5]

Константин I Велики (латински: Constantinus I, Magnus или Flavius Valerius Constantinus), (Ниш[8], 28 февруари 274 - 337) - римски владетел од 306 до 337 година, кој заедно со Лицијан, владетел на Римското Царство. Тој претставува последниот Римски цар кој управувал со целата Империја.

Во 313 година го издава Миланскиот едикт со кој се забранува прогонството на христијаните и се прокламира верска толеранција[9]. Тој е првиот римски цар кој во христијанската црква почна да бара потпора за својата власт и за тогашниот робовладетелски поредок на империјата[10]. Во 330 година ја преместува престолнината на царството на исток во Цариград (денешен Истанбул).

Рани години

[уреди | уреди извор]

Константин е роден во Наисус (денешен Ниш[11], Србија) во римската провинција Мизија на 27 февруари 272 (274, 280 или 282 година), како син на римскиот воен водач Констанциј I Хлор и неговата прва сопруга Елена[12][13], која имала исклучително важно влијание во животот на својот син. Неговото семејство веројатно го усвоило името „Флавиј“ откако добило државјанство од еден од флависките цареви, бидејќи било вообичаено „новите Римјани“ да ги усвојуваат имињата на нивните добротвори.[14]

Во 292 година, според новиот државен систем на Тетрархијата, Констанциј Хлор бил избран за помлад совладетел на империјата со ранг Цезар, заедно со Галериј, по одлука на царевите Диоклецијан и Максимијан. Поради тоа, Констанциј [15] бил принуден да ја напушти Елена[16], мајката на Константин, за да се омажи за Флавија Максимијана Теодора[17], ќерка (или доведена ќерка) на западноримскиот август Максимијан[18]. Години подоцна, по смртта на неговиот татко, Константин I целосно ја рехабилитирал својата мајка Елена како "Августа, мајка на Цезар". Теодора родила шест деца, полубраќа и полусестри на Константин, вклучувајќи го и Јулиј Констанциј.

Младиот Константин добил воено образование, започнал да зборува грчки јазик и се интересирал по филозофија[19]. По назначувањето на неговиот татко за еден од двајцата цезари во тетрархијата во 293 година Константин служел во дворот на Диоклецијан[20] во Никомедија.

Патот кон власта

[уреди | уреди извор]

Во 305 година двајцата августи, Диоклецијан и Максимијан абдицирале од престолот и Констанциј Хлор ја прифатил од Максимијан функцијата август на западот. Иако и двајцата импператори имале свои легитимни синови Константин и Максенциј, тие биле запоставени при предавањето на власта. Наместо тоа источниот август Галериј го назначил за цезар Флавиј Валериј Север и Максимин Даја. Галериј побарал Константин да остане кај него како заложник и подмолно се обидувал да го убие. Во 306 година Константин успеал да ја напушти Никомедија и да се приклучи на својот татко во Галија. Констанциј сепак се разболел за време на експедицијата против пиктите во Каледонија и починал на 25 јули 306 година во Јорк. Таму војводата од алеманско потекло Хрок и војниците верни на Констанциј, веднаш го прогласиле Константин за август.

Според правилата на тетрархијата, вклучувањето на Константин во власта претставувало политички чин со несигурен легитимитет. Додека Констанциј Хлор како август можел да создаде нов цезар, Константиновите (или поточно оние на војниците му) претензии кон титулата август го игнорирале системот на наследување утврден во 305 година. Константин побарал од Галериј да биде прогласен за наследник на татковиот престол, но Галериј му ја дал само титулата Цезар додека оваа титула му ја дал на Флавиј Север. Ова било доволно за да воспостави власт на Константин над териториите контролирани од неговиот татко.

Цар на Западот

[уреди | уреди извор]
Статуа на Константин во Јорк, местото каде бил прогласен за цар

Константиновиот дел од империјата во тоа време ги опфаќала Британија и Галија, германските погранични провинции, Рејнски лимес. Тој застанал на чело на една од најголемите римски војски, сместена по должината на важната рејнска граница. Галија претставувала една од релативно богатите региони на империјата, која пострадила во голема мера во времето на кризата од 3 век. Многу области биле напуштени а градовите биле уништени и срушени. За време на престојот во Галија, од 306 до 316 година, Константин ги продолжил напорите на својот татко за обезбедување на рејнската граница и обновување на галските провинции. Неговата главна резиденција во тоа време бил градот Трир.

Веднаш по неговото унапредување во цар, Константин ја завршил британската кампања на Констанциј I Хлор и се вратил во Галија, за да го задуши бунтот на Франките. Друга експедиција против франкски племиња следувала во 308 година. По победата над Франките тој започнал со изградба на мост над Рајна кај Келн, за да воспостави постојано утврдување на десниот брег на реката. Новиот поход во 310 година морал да биде напуштен поради бунтот на Максимијан, опишан подолу. Последната војна на Константин на рејнската граница била во 313 година, по неговото враќање од Италија, во која тој повторно излегол како победник. На крајот на краиштата бил склучен мир со Франките и тие станале римски федерати.

Константин успеал да постигне стабилност преку непосредни, често брутални експедиции против бунтовничките племиња. Поголемиот дел од заробените варвари биле убивани на арената во игри за забава на народот. Стратегијата се покажала успешна и рејнската граница останала релативно мирна во управувањето на Константин.

Крај на Тетрархијата

[уреди | уреди извор]

При избувнувањето на внатрешните конфликти во тетрархијата, Константин претпочитал да остане неутрален во однос на другите земји. Во 307 година август Максимијан (неодамна се вратил на политичката сцена по абдикацијата во 305 година) го посетил Константин, за да добие поддршка во војната која ја водел тој и неговиот син Максенциј против Флавиј Север и Галериј. Константин се оженил за ќерката на Максимијан - Фауста, за да ја зацврсти унијата и бил унапреден од Максимијан во август. Сепак Константин не се мешал активно во војната на страната на Максимијан во Италија.

Во 307 година Флавиј Север бил поразен и отстранет, а Италија, Шпанија и Северна Африка паднале под управата на Максенциј, кој сепак немал желба да ја подели власта со неговиот татко Максимијан. Максимијан се вратил кај Константин во Галија во 308 година, откако не успеал да тргне од престолот својот син. Подоцна истата година, на соборот во Карнунт помеѓу Диоклецијан, августот Галериј и Максимијан, последниот бил принуден да абдицира повторно, а Константин повторно му била намалена титулата во цезар како син на август, заедно со Максимин Даја.

Во 309 година Максимијан се обидел да дојде на власт по третпат и започнал војна со својот зет, додека Константин водел поход против Франките по рејнската граница. Бунтот бргу бил задушен и Максимијан бил убиен или принуден да се самоубие во Марсеј. Константин и Максимијан Даја биле разочарани од одземањето на титулите и назначувањето на Лициниј за август и потоа јавно се изјасниле против оваа одлука, прогласувајќи се за августи, што во крајна линија било потврдено од Галериј во 310 година, по што империјата официјално имала четири августи. Во 311 година Галериј, последниот владетел со доволно авторитет, починал и системот на тетрархијата започнал да се распаѓа. Во последователната борба за власт Константин стапил во сојуз со Лициниј, додека Максимијан Даја се свртил кон Максенциј кој сѐ уште официјално се сметал за узурпатор.

Победа над Максенциј

[уреди | уреди извор]
Арката на Константин во Рим

По смртта на Галериј во 311 година, римската империја била управувана од страна на Максенциј (306–312), Максимин Даја (310–313), Лициниј (308–324) и самиот Константин. Максенциј, исто како и Константин, посакувал својата власт да не се ограничува со налозите дадени од страна на останатите владетели односно од страна на Тетрахијата. Во текот на 312 година, Константин со 40.000 војници се упатил од Британија кон Италија. Од друга страна пак, Максенциј го чекал Константин со армија од околу 75.000 до 120.000 војници. Така, според легендата, пред битката против Максенциј, истата година, Константин размислувал на кој бог да му се моли. Еден ден околу пладне, на небото видел нишан - светол крст и напис: “Со овој знак ќе победиш”. Тоа го виделе и неговите војници. Потоа следната ноќ на Константин и во сонот му се јавил Спасителот со истиот знак и му рекол да направи војнички знак како тој што го видел на небото, да го носи пред војската и ќе го победи непријателот. Утрото им го раскажал сонот на своите пријатели и веднаш повикал златари за да го направат крстот онака како што тој им го опишал.

Со овој знак Константин влегол во борба против Максцениј, кој со силна војска бил утврден во близината на Рим и лесно го победил. Бегајќи со многу војници Максцениј се удавил во реката Тибар на 28 октомври 312 година. Константин влегол во Рим, радосно пречекан од населението затоа што го ослободил градот. Во 314 година Лициниј се ставил на страната на Басијан, против Константин I Велики. Во оваа граѓанска војна, Константин I го победил Линциј во Панонија на 8 октомври 314 година. Иако претрпел уште еден пораз, повторно дошло до склучување на мир, во кое Лициниј ја добил Тракија, Сирија и Египет. Подоцна, Константин I Велики започнал повторно војна со Лициниј, заробувајќи го во Византион, денешен Истанбул. По ова тој бил преместен во Солун во т.н. куќен притвор. Кога се обидел да дигне повторно револт, Константин I Велики наредил да биде убиен.

Милански едикт

[уреди | уреди извор]

По огромната победа во Рим, Константин донел закон, познат под името Милански едикт во 313 година, со кој го забранил прогонувањето на христијаните, им дозволил да градат храмови и во нив да се молат. Константин среде Рим подигнал споменик на овој знак со што означил дека тој е чувар на Римското Царство. Подоцна изградил и статуа со својот лик со крст во десната рака и со напис на латински јазик: ”Со овој спасоносен знак што е сведоштво на вистинската храброст го ослободив нашиот град од јаремот на тиранското владеење, на сенатот и на римскиот народ им ја вратив слободата и поранешниот украс и сјај”.

Константин и христијанството

[уреди | уреди извор]
„Св. апостоли Константин и Елена“, православна икона
Константин Велики, мозаик во Света Софија, Цариград, околу 1000 г.

Константин е можеби најпознат по тоа што е првиот христијански римски цар. Неговото владеење претставува пресвртна точка за христијанската црква. Константин пред Битката на Милвианскиот мост во 312 година[21] погледнал нагоре кон сонцето и видел голем светлосен крст со натпис на грчки: "ΕΝ ΤΟΥΤΩ ΝΙΚΑ" По ова, Константин наредил штитовите на секој војник да се украсат со христијански симбол (Чипо)[22] . Во битката, Константин излегол на крај како победник и завладеал со целата империја. Колку Константин го прифатил христијанството во тој период е тешко за објаснување. Највлијателните соработници на Константин сѐ уште биле со пагански обичаи. На римските монети, кои биле направени по осум години по Битката на Милвианскиот мост, сѐ уште биле насликани римските богови[23].

Христијанската свест на Константин Велики му била наложена од неговата мајка, Света Елена. Денес, постои научен спор за тоа дали Константин христијанството го примил во младоста, во текот на својот живот или непосредно пред смртта.[23].

Кога настанале потреси во црквата поради дејствувањето на Ариј, царот Константин го свикал во Никеја Првиот вселенски собор. Од него произлегла првата унифицирана и општоприфатена христијанска доктирна. Со создавањето на Никејски симбол на верата, преседан бил создаден според кој за првпат во историјата на црквата бил даден модел преку кој во иднина требало да бидат создавани догми и канонски доктрини[24][25].

Константин Велики има голема улога во историјата на христијанството. Тој е еден од главните финансиери на црквата, изградил многу базилики, ја ослободил црквата од многу даноци и на тој начин го помагал распространувањето на христијанството. Во периодот од 324 до 330 година ја преместил престолнината на империјата од Рим во Византион, град кој подоцна во негова чест е наречен Цариград. Градот го изградил во духот на новата религија со многу цркви и со одбранбени ѕидини. Во Новиот Рим, како што бил нарекуван, не постоеле пагански храмови. Константин бил крстен на смртното легло.

Црквата Свети Апостоли во Цариград

Константин I спроведел голем број на реформи во империјата. Како единствен владетел и цар на империјата, тој се сконцентрирал кон апсолутна власт, додека сенаторскиот сталеж опстојувал како дополнителна декорација во власта. Тој воведел ритуали во дворецот кои биле почитувани и од страна на неговите наследници, типични за источните монархии. Официјалното обраќање кон него било со титулата Доминус. Во неговиот двор биле повикани научници од целата империја. Оние кои не сакале да го прифатат христијанството биле лишени од можноста да се стекнат со власт, и покрај тоа што две третини од власта не биле христијани.

По само шест години од наредбаа за изградба на Византион, на 11 мај 330 година бил официјално основан градот под името Нов Рим. Главната прослава започнала на 2 април 330 година и траела четириесет дена. Прославата се одржила во Хиподромот и биле презентирани спортски и уметнички игри, вклучувајќи и трки со двоколки. Во текот на овие прослави во придружба на Константин Велики и христијанските свештеници и претставниците на старата паганска грчка религија. Во црквата Света Ирина се одржала свечена литургија, како катедрална црква на Византион.

Во новата престолнина биле изградени нови јавни објекти како христијански храмови, ѕидините на градот, Форумот на Константин, палатата Дафне, плоштадот Августајон (приближно пред Аја Софија), Големата палата во Цариград, бањата Зевксипиј и споменикот Милион итн. Црквата посветена на Светите Апостоли била започната во негово време заедно со црквата Света Софија која била завршена во времето на неговиот наследник Констанциј II. По смртта на Константин во Никомедија, неговото тело во златен ковчег било погребано во црквата Свети Апостоли која црква станала место каде биле погребувани и идните цареви и место каде се наоѓале моштите на апостолите Тимотеј, Лука и Андреј.

Последни години

[уреди | уреди извор]

Последните години од управувањете не се добро документирани. Во 326 година, за време на неговата посета во Рим по повод двадесетгодишнината од стапување на власт, Константин наредил и егзекутира најголемиот син Крисп, верувајќи на обвинувањата дека имал љубовна врска со Фауста, втората сопруга на Константин. Неколку месеци подоцна тој ја убил и Фауста.

Римјаните успешно војувале со западните Готи во 332 година во Мизија и со Сарматите во 334 година. Победените Готи станале римски федерати и имале задача да ја заштитаѕ дунавската граница од Вандалите. Во 336 година, во времето пред својата смрт, тој планирал голема експедиција, со која сакал да стави крај на персиските напади кон христијанска Ерменија.

Константин починал на 22 мај 337 година и бил наследен од неговите синови Константин II, Констанциј II и Констанс.

Реформи и правно наследство

[уреди | уреди извор]

Следува список на дел од реформите на Константин:

  • за првпат девојките не можат да бидат киднапирани.
  • смртна казна за секој собирач на даноци над овластената сума
  • Затвореникот повеќе да не биде држен во целосна темнина.
  • На осуден човек е дозволено да умре на арената
  • Гладијаторските игри се забрануваат во 325, иако тоа имало мал ефект.
  • Правата на господарот над слугата се ограничени, но робот сѐ уште може да биде тепан до смрт.
  • Распнувањето на крст е укинето, но е заменето со бесење.
  • Велигден може да биде славен јавно.
  • Неделата е прогласен за ден за одмор
  1. Caesar in the west; self-proclaimed Augustus from 309; recognized as such in the east in April 310.
  2. Undisputed Augustus in the west, senior Augustus in the empire.
  3. As emperor of whole empire.
  1. Jás Elsner, Imperial Rome and Christian Triumph, 64, fig.32
  2. Kazhdan 1991, стр. 524–525.
  3. Jones, Martindale & Morris, стр. 223.
  4. Phelan, Marilyn E.; Phelan, Jay M. (8 June 2021). In His Footsteps: The Early Followers of Jesus (англиски). Wipf and Stock Publishers. стр. 67. ISBN 978-1-6667-0186-9. "Constantine's mother Helena, was a Greek and a Christian".
  5. Stanton, Andrea L. (2012). Cultural Sociology of the Middle East, Asia, and Africa: An Encyclopedia (англиски). SAGE. стр. 25. ISBN 978-1-4129-8176-7. Constantine's mother, Helena, was a Greek form Asia Minor and also a devoted Christian who seemed to have influenced his choices.
  6. Barnes, New Empire, 39–42; Elliott, "Constantine's Conversion", 425–26; Elliott, "Eusebian Frauds", 163; Elliott, Christianity of Constantine, 17; Jones, 13–14; Lenski, "Reign of Constantine" (CC), 59; Odahl, 15–16; Pohlsander, Emperor Constantine, 14; Rodgers, 238–239; Wright, 495, 507.
  7. Birth dates vary but most modern historians use c. 272". Lenski, "Reign of Constantine" (CC), 59.
  8. „Constantine I | Biography, Accomplishments, Death, & Facts“. Encyclopaedia Britannica Online. 25 May 2023.
  9. I. Shahîd, Rome and the Arabs (Washington, D.C.: Dumbarton Oaks, 1984), 65–93; H. A. Pohlsander, "Philip the Arab and Christianity", Historia 29:4 (1980): 463–73.
  10. Harris, Jonathan (2017). Constantinople: Capital of Byzantium (2nd. изд.). Bloomsbury Academic. стр. 38. ISBN 9781474254670.
  11. http://www.newadvent.org/cathen/04295c.htm
  12. Vatikiotis, Michael (5 August 2021). Lives Between The Lines: A Journey in Search of the Lost Levant (англиски). Orion. стр. 138. ISBN 978-1-4746-1322-4.
  13. Gibbon, Edward. The Decline and Fall of the Roman Empire (англиски). I. стр. 407.
  14. Salway, Benet (1994). „What's in a Name? A Survey of Roman Onomastic Practice from c. 700 B.C. to A.D. 700“ (PDF). Journal of Roman Studies. 84: 124–145. doi:10.2307/300873. JSTOR 300873. S2CID 162435434. Архивирано (PDF) од изворникот 11 April 2020.
  15. fMacMullen, Constantine, 21.
  16. Drijvers, J.W. Helena Augusta: The Mother of Constantine the Great and the Legend of Her finding the True Cross (Leiden, 1991) 9, 15–17.
  17. Barnes, Constantine and Eusebius, 3; Elliott, Christianity of Constantine, 20; Lenski, "Reign of Constantine" (CC), 59–60; Odahl, 47, 299; Pohlsander, Emperor Constantine, 14.
  18. Barnes, Constantine and Eusebius, pp. 8–14; Corcoran, "Before Constantine" (CC), 41–54; Odahl, 46–50; Treadgold, 14–15.
  19. Barnes, T.D., Constantine and Eusebius Cambridge, MA and London, 1981.
  20. Barnes, Constantine and Eusebius, 3; Lenski, "Reign of Constantine" (CC), 59–60; Odahl, 56–57.
  21. [1]
  22. R. Gerberding and J. H. Moran Cruz, Medieval Worlds (New York: Houghton Mifflin Company, 2004) p. 55; cf. Eusebius, Life of Constantine
  23. 23,0 23,1 R. Gerberding and J. H. Moran Cruz, Medieval Worlds (New York: Houghton Mifflin Company, 2004) p. 55
  24. Предлошка:Ws
  25. „Council of Nicaea in the 1911 Encyclopædia Britannica“. www.1911encyclopeida.org. Посетено на March 14, 2010.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]