Прејди на содржината

Шар Планина

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Шар планина)
Шар Планина
Шара
Поглед на северните делови на планината под снег
Највисока точка
Надм. вис.2.747 м
ИстакнатостТитов Врв
Координати42°0′0″N 20°44′0″E / 42.00000° СГШ; 20.73333° ИГД / 42.00000; 20.73333
Друго имеШара
Географија
Шар Планина на карта

Карта

Место Македонија
Матичен венецШар Планина
Поглед кон долината на Бозовска река, Горна Лешница, меѓу Среден Камен и Плат

Шар Планина или скратено Шара (албански: Bjeshkët e Sharrit латински: Mont Skardus) — еден од најголемите и највисоките планински масиви во Македонија.[1] Сместена е во северозападниот дел на земјата, на границите со Косово и Албанија. Нејзин највисок врв е Титов Врв – 2.748 м.

Голем дел од планинскиот масив во Македонија е сместен во најновиот национален парк „Шар Планина“, прогласен на 30 јуни 2021 година.[2]

Географски одлики

[уреди | уреди извор]
Глетка на Караниколичкото Езеро со Титов Врв во позадината, од врвот Караникола

Шар Планина зафаќа површина од околу 1.600 км2. Нејзината должина изнесува околу 76 км, а широчината варира од 10 до 25 км. 56,25% од самиот масив ѝ припаѓа на Македонија, 43,12% на Србија, односно Косово, а останатиот дел од 0,63% на Албанија.

Шара го зафаќа крајниот северозападен дел на Македонија. Шарпланинскиот масив се протега во правец североисток - запад - југозапад. Започнува од реката Лепенец и Качаничката Клисура на североисток, на исток границата е определена со Полошката Котлина, на југозапад Штировичката Река и изворите на Радика, на југ изворот на реката Вардар – Вруток, а на запад - надвор од територијата на Македонија, со Сириничката Жупа, реката Призренска Бистрица и нејзината долина, и жупите Гора и Ополе во Косово; додека пак, во Албанија се простира од планината Калабак до Шерупа.

Шарпланинското било е благо наведнато, заокружено, добар дел рамно, а понекаде и слегнато. Гледано од рамнината, Шар Планина има изглед на питома, лесно браносана планина, со средна висина. Меѓутоа, сепак, таа е релативно висока планина, која освен со чудесните богатства кои ги поседува, привлекува и со грамадноста на својата маса. Општиот изглед на Шара најсилно е изразен од југоисточната страна, каде што над тетовската котлина планината се издига до релативна височина од 2125 м. Врвот Љуботен зазема најистакната положба на целото шарпланинско било, а највисок е врвот Титов Врв – 2.748 м. Нејзин дел се и две големи и пространи висорамнини - Враца и Рудока.

Таа припаѓа на областа која е наречена токму по неа – Шарската област, и тоа во внатрешната зона (во која уште влегуваат планините: Бистра, Стогово, Караорман и Галичица).

Панорама на северната половина на Шар Планина. Од врв Кобилица (на лево) до врв Љуботен (на десно).

Настанок

[уреди | уреди извор]

Шар Планина настанала за време на алпиското набирање во текот на терциерот. Во геолошката градба на планината преовладуваат палеозојски шкрилци, варовници и доломити. За време на дилувиумот таа била зафатена со активна глацијација, така што во нејзиниот релјеф денес се среќаваат повеќе циркови, валови и моренски материјал.

Највисоките врвови Титов Врв, Мал Турчин, Бакардан (десно) и Трапезица (лево) во средишниот дел на Шар Планина
Поглед на Љуботен и Пирибег, првите два врвови по протегањето на главниот срт и било на Шар Планина

Најпознати врвови на Шара се: Титов Врв (2747 м), Мал Турчин (2702 м), Бакрдан (2700 м), Љуботен (2499 м), Ливадица (2491 м), Кучинагледски Врв - Пирибрег (2524 м), Езерска Чука (2591 м) Езерски Врв (2582 м), Чаушички Врв (2363 м), Бистрица (2640 м), Црн Врв (2580 м), Вртоп (2555 м), Кобилица (2526 м), Големо Шилиџе (2502 м), Караникола (2479 м), Караташ (2478 м), Скакало (2494 м), Голем Срт (2520 м), Врчик - Плоча (2467 м), Церипашина (2525 м), Карабунар (2565 м), Син Врв (2550 м), Казани (2567 м), Џинибег (2610 м), Трпезница (2590 м), Бориславец - Брустовец (2675 м), Расенгул (2383 м), Лера (2197 м) итн.

Што се однесува до климата, на Шар Планина постои интересно климатско обележје кое се одликува со разновидни микро и макро климатски варијации и во кое метеролошките елементи имаат свој специфичен дневен и годишен од. На Шара претежно се јавува планинската клима. Средната годишна температура е значително ниска, а дневното и годишното температурно колебање е намалено и доста ублажено. Според податоците со кои располагав, Попова Шапка има 5,3 °С средна годишна температура и таа е за 6 °С пониска отколку средната годишна температура на Тетово. Поради големата радијациона моќ на снегот, којшто долго е присутен во зимските и пролетните месеци, воздухот е изложен на интензивно ладење. Чести се и таканаречените инверзии на воздухот, односно температурата со височината не опаѓа, туку расте. За време на инверзија, просечно, температурата на Шара е за 5 °С повисока отколку Полог.

Просечната годишна количина на врнежи, мерена на подрачјето на Јелак и Шапка изнесува преку 1200 мм. Снежната покривка се јавува во просек од октомври и непрекинато трае до април, на повисоките места и до мај и јуни, а постојат и места кај кои снегот се задржува преку целата година. На Попова Шапка, просечната височина на снежната покривка во текот на скијачката сезона изнесува 100 – 150 см, а просечниот број на денови со снег на овој туристички центар, во текот на годината, е 135 дена, што е одличен услов за развој на зимскиот туризам. Снежните лавини се ретки, но не и целосно исклучени.

На Шар Планина преовладуваат ветрови главно од западен, југозападен и југоисточен правец. На терените и висорамнините кои се опколени со повисоки врвови, брзината на ветровите е значително намалена во однос на самите врвови, каде дуваат ветрови со голема брзина, особено во зимските месеци. Во поглед на развојот на зимскиот туризам, ветровите негативно влијаат бидејќи ја разнесуваат снежната покривка. Многубројните врвови кои ги затскриваат падините ја намалуваат нивната брзина, а со тоа се овозможува и подолго задржување на снегот.

Хидрологија

[уреди | уреди извор]

Шара е богата со вода, а тоа го потврдуваат 27 планински езера, 100 поголеми извори, изворишта над 25 поголеми планински реки.

Реки и извори

[уреди | уреди извор]

На Шар Планина има огромен број на извори, a најзначајни се изворите на тетовска Пена. Како најатрактивни може да се сметаат изворите на Камењанска Река кои сочинуваат систем од 8 извори; целата широчина на извориштето изнесува 28 м, кои се наоѓаат на надморска височина од 2100 м. Сепак, најпрочуен и најсилен и изворот на реката Вардар - Вруток. (700 м н.в. и 50 м ширина).

Пена е најголема шарпланинска притока на Вардар. Нејзината должина изнесува 29,7 км. Други поголеми реки на Шара се: Бистрица (Теаречка), Беловишка Река, Поројска Река, Маздрача, Лешничка, Караниколска, Бродечка, Врапчишка, Љуботенска, Боговинска, Речичка, Вратничка (Ракита), Камењанска и други.

На Шара се застапени и минералните извори, кои се најмалку искористено шарско богатство. Најголем број на извори со кисела минерална вода има над селото Голема Речица. Извори на минерална вода има и кај селата Долно Палчиште, Непроштено и Лешок. Секако, неизбежно е да не се спомене и бањата Хисар, која мештаните ја нарекуваат Бањиче. Оваа бања се наоѓа во непосредна близина на Тетово, веднаш над тетовската хидроцентрала, во клисурата на реката Пена. Во самата месност на бањата се наоѓаат 5 извори на минерална вода, а тука се наоѓа и најстудениот шарпланински извор на минерална кисела вода.

Водопади

[уреди | уреди извор]

Најпознат и најголем водопад е тој на Беловишка Река кој има пад од 43 м. Втор е водопадот кај Лешница со пад од 25 м во близина на Титов Врв. Во Кривошијскиот предел се наоѓаат Кривошијскиот Водопад, како и Кривошијските Кади. Значајни за споменување се и водопадите на Камењанска Река.

Боговињско Езеро, најголемото езеро на Шар Планина
Црно Езеро, најдлабокото езеро на Шар Планина
Караниколичко Езеро, чии води од мештаните се сметаат за лековити

Во Република Македонија има 25 од вкупно 39 планински леднички езера на планината.

Најголемо е Боговињското Езеро, кое се наоѓа во близина на врвот Бориславец; се наоѓа на 1936 м н. в., има површина од 66.800 м2, ширина од 225 м, должина од 452,5 м, длабочина од 4,5 м, а при намален водостој, длабочината се намалува до 2,2 м. Се наоѓа во пределот наречен Мала Смрека. Езерото добива вода од неколку извори. Има кривулести и рамни брегови, а лежи во карпест базен. Некогаш, езерото било двојно поголемо, но неговата површина се намалила постепено со таложење на нанос.

Второ е Црното Езеро, се наоѓа на 2.122 м н.в., има обем од 825 м, зафаќа површина од 33520 м2, долго е 248, а широко 185 м. Се наоѓа во карпест базен, со ниски и проодни брегови и мирни линии, со исклучок на северниот дел. На западниот брег има изградено бачило, и поради тоа, овој брег е нечист и каллив. Ова езеро е подлабоко и од Боговинското.

Трето е Караниколичко Езеро или познато и како Голем Ѓол. Toa е едно од поизразитите езера на Шара, и се наоѓа на караниколскиот простор на н.в. од 2.180 м. Има површина од 26 240 м2, долго е 290, широко 115, а длабоко 5,5 м. Има обем од 675 м. Обликот му е елипсовиден, има два стрмни брега (источниот, кој е кривулест, и западниот, кој е праволиниски), а другите два брега му се благи.

На Косовска страна најпознати се Ливадичкото Езеро (2173 м) во близина на врвот Ливадица, Јажиначкото езеро (2180 м) во близина на врвот Езерска Чука, Големото Езеро (2400 м) во близина на врвот Бистрица и др.

Флора и фауна

[уреди | уреди извор]

Шарпланинскиот масив е окарактеризиран со богата флора и фауна. Од шумските богатства, на Шара се застапени неколку видови шуми. Регионот на листопадна вегетација се простира во пониските делови и зафаќа околу 60% од падината. Овој регион е сочинет најмногу од дабова, букова и костенова шума. Буковите шуми зафаќаат површина од околу 3000 ха. Костеновата шума ја има до 1200 м надморска висина. Дабовата шума е поретка од другите и за неа нема бројчени податоци. Земено во целина, листопадната вегетација, освен преку високи дрвја, е претставена и со грмушки и жбунови.

Над листопадниот појас е распространета релативно тесна зона на четинари. Во оваа зона најмногу се застапени високата ела и смреката. Денес, за разлика од некогаш, елата е многу потисната од смреката. Високопланинските пасишта зафаќаат површина од околу 45000 ха. Разбирливо, тие се распространети над зоната на четинари. Шар Планина е наша најбогата планина со трева, којашто расте дури и до највисоките делови на планината. Застапеноста на густата, разновидна и сочна трева е предуслов за развој на сточарството, особено на овчарството. Од цветната флора, на Шар Планина најмногу е застапен енцијанерот.

Застапеноста на фауната е исто така голема со над 44 видови на дивеч, за што најзаслужни се природните фактори, како и слабата населеност. Од животинскиот свет, издвоени се следните видови: Рисот, кој денес е природно редок на Шара. Живее само во високите шумски делови и спаѓа во штетен дивеч, бидејќи го уништуваат корисниот дивеч, особено зајакот. Волците, на поголема висина, во лето и есен, се редовни „придружници“ на стадата овци. Во зима слегуваат во пониските делови и околу селата во потрага по храна. Мечките на Шар Планина живеат далеку од населбите во густи шуми, а повремено ги напаѓаат домашните животни. Нивни постојани живеалишта се шупливите дрвја, јамите и пештерите обраснати со трева. Дивите свињи се ретки на Шара, а исто како и волците, и тие во зима се спуштаат во пониските предели, барајќи суви лисја и желади. Срните, во лето се движат во повисоката планинска зона бидејќи се хранат со трева. Во зима бараат засолниште под разгранетите дрва и вдлабнатините под карпите. Дивокозите можат да се видат во високите и тешко достапни предели на Шара. Неретко, тие образуваат и групи од по 15-тина грла. Во зима се кријат во буковата шума, и во недостаток на трева, се хранат брстејќи од младите дрва и гранки. Вреди да се спомене и дека постои карпа во подножјето на Љуботен, која го добила името по дивите кози кои често шетаат во пределот околу карпата. Оваа карпа е наречена Козја Карпа или народски, Козја Стена.

Од поситна дивеч на Шара се среќаваат лисици, куни, верверички, зајаци, диви мачки и јазовци. Од птиците, за споменување е присуството на орлите, соколите и јастребите. Во шумите живеат и славејот, ластовицата, гавранот, свраката и др. Зборувајќи за шарпланинскита фауна, неизбежно е да не се потенцира и шарпланинецот, кој е ендемски вид и гордост на Шар Планина и Македонија. Ваквите одлики на растителниот и животинскиот свет се важен фактор за привлекување на туристи. Живописните шумски пејзажи и присуството на богатите видови дивеч го привлекуваат секој љубител на природата и спортот да ги посети шарските предели.

Бидејќи од косовска страна е прогласена за нацонален парк, во тој дел најзаштитени се:

  • Мешовитите листопадни шуми и камењари во клисурата Русеница - кој е дом на балканскиот рис (Lunx Lunx Bacanicus);
  • Попово прасе - чисти или мешани шуми на црн бор;
  • Ошљак - шуми на црн бор, жбунести заедници на бор, чисти смрекови шуми;
  • Голем бор - зачувани стари шуми.

Со 147 видови на пеперутки, Шар Планина е најбогатото подрачје на Европа, а има и преку 200 видови на птици (орел брадан, белоглав суп, сури орел, тетреб). На планинските простори опстојуваат куна златица, куна белица, видра, но и дива мачка, рис, мечка и дивокоза. Сепак најпознат е Шарпланинецот, овчарско куче кое го добило името по планината.

Рудно богатство

[уреди | уреди извор]

Општата одлика на просторот на Шар Планина во однос на рудното богатство е во тоа што на големо пространство се констатирани појави на минерални суровини, но тие не се доволно испитани, или не во таква мера за да може да се оени можноста за нивно користење. Меѓутоа, има и констатирани појави на рудни наоѓалишта.[3]

На западната страна на врвот Кобилица (планински врв), на надморска височина од 2.120 до 2.205 м, на превојот кај Царево Гумно, се наоѓа рудно наоѓалиште на манган, кое се јавува како посебно рудно тело, најчесто помеѓу филити и кварцити. Според извршените анализи на рудата, содржината на манганот е наполно утврдена. Рудни појави на манган утврдени се и кај Ново Село (15 км од Гостивар). Минералошки појави на манган постојат и кај Јелошник и Џепчиште, но тие немаат големо економско значење.[3]

Најзначајна рудна појава на железо на Шар Планина се наоѓа северозападно од селото Пожаране (гостиварско). Приодот до рудното наоѓалиште е мошне поволен. Рудната појава е претставена со десет мали изданки, констатирани на површина од 100 до 180 квадратни метри. Квалитетот на рудата е доста добар, а просекот на лежиштето изнесува 40,6 отсто. Вршени се истражувања од Железарницата во Скопје и утврдени се резерви од над 500.000 тони. По својата генеза ова лежиште одговара на седиментен тип од комплексни руди на железо во Западна Македонија. Освен овие руди констатирани се минералошки појави кај Церово, Врапчиште, Железна река и Балин Дол.[3]

Молибден има северозападно од селото Првце, на 2 км од месноста Коњак. Молибденот се јавува во вид на ситни зрнца и сидлести наталожувања во шкрилести гранити, заедно со пирит. Комуникационите врски за искористување на ова наоѓалиште се мошне поволни. Молибден има и западно од Вруток - и овде приодот е поволен, а рудната појава се наоѓа во кварцни шкрилци и кварцити. Утврдени се овие минерали: пирит, молибденит, халкопирит, пирнотин и рутил.[3]

На Шар Планина констатирани се појави на бакар од минералошко значење, но тие засега немаат економска вредност на повеќе места; но позначајни локалитети се: Вешала, Речица, Вејце и Бродец.[3]

Во околината на Лешок во палеозојските шкрилци констатирани се даги од 10 до 15 цм во должина од 7 м, обогатени со арсенопирит. Но, арсенот овде е на ограничени површини, поради што се смета дека нема економско значење.[3]

Хромната руда е од посебен интерес за Електрометалуршкиот и хемиски комбинат „Југохром“ во Јегуновце, зашто рудните резерви се исцрпени, па сега овој метал се увезува однадвор. Има индикации за постоење на оваа руда во подножјето на Шар. Поради тоа преземени се истражувачки работи, но резултатите сè уште не се познати.[3]

Во изворишниот дел на реката Ракита има мермери, а такви локалитети има и на други места во подножјето на Шар Планина и секаде приодите се добри. Овие мермери се старополеозојски, по боја бели, сино-бели и розови. Можат да се видат блокови од 2 до 5 квадратни метра. Но, не се доволно искористени, така што мермерите засега единствено се користат од месното население. Постои претпоставка за големи резерви кај селото Ново Село. Истотака и западно од Теарце, во подножјето на Шар Планина, во страпалеозојскиот филитски комплекс се јавува соединение на бело-жолтеникав мермер, често пати со боја на слонова коска, ситнозрнест, па може да биде интересен за експлоатација.[3]

Мермерен оникс има на повеќе места во подножјето или на Шар Планина, а познати се наѓоалиштата од кои некои веќе со години се експлоатираат, кај Лешок, Непроштено, Долно Палчиште, Мала Речица, Теарце и Шипковечко Поле. Некои дури се при крај на своите резерви.[3]

Најголемо наоѓалиште на талк засега е утврдено западно од селото Бозовце, на 1.160 метри надморска височина. Утврдени се две даги, чија дебелина варира од 1 до 1,5 м. Резервите изнесуваат околу 9.000 тони.[3]

На Шара се среќаваат неколку рудни богатства: минерални суровини, манган, железо, молибден, бакар, хром, мермери, талк, каолинска глина, хидротермален кварц итн. Наоѓалиште за манган има кај превојот Царево Гумно, западно од врвот Кобилица. Тука манганот се јавува како посебно рудно тело, најчесто помеѓу филити и кварцити. Рудни појави на манган има и кај Ново Село, а минералошки појави на манган има и кај Јелошник и Џепчиште. Најзначајна рудна појава на железо се наоѓа северозападно од селото Пожаране, а освен на оваа локација, железо има и кај Церово, Врапчиште, Железна Река и Балин Дол.[3]

Молибденот најмногу го северозападно од селото Првце, на околу 2 км од месноста Коњак. Бакарот е најзастапен кај Вешала, Бродец, Речица и Вејце. Хромната руда беше од посебен интересен за металуршкиот и хемискиот комбинат „Југохром“ во Јегуновце. Денес, хромната руда е речиси целосно исцрпена.[3]

Зимскиот центар Попова Шапка, на Шар Планина

Шар Планина има огромен потенцијал за развивање на неколку вида на туризам, како и за развивање на планинските спортови: скијањето, планинарството, алпинизмот, планинскиот велосипедизам, параглајдерството, спортскиот лов и риболов и друго. Кога ќе се спомене туризмот на Шара, на сите прво на памет ни паѓа името на туристичкиот центар Попова Шапка. Попова Шапка е сместена во самото срце на шарпланинскиот масив. Се наоѓа на просечна надморска височина од 1700 м. Оддалечена е од Тетово 18 км преку магистралниот пат. Освен преку патот, Шапка е поврзана до Тетово и преку жичарницата Тетово – Попова Шапка во должина од 8 км, која за жал веќе 10-тина години не е во функција. Просечниот број на денови под снег на Шапка изнесува 135 дена; во текот на скијачката сезона, височината на снежната покривка е околу 100 см, а понекогаш таа бројка оди и до 150 см.

Попова Шапка располага со две жичарници и со девет ски-лифтови, чија вкупна должина изнесува 10.972 м, со капацитет од 8.000 скијачи на час. На Попова Шапка се изградени неколку хотели и одморалишта, како и неколку стотини приватни викендички, а има и планинарски дом, како и 10-тина други објекти. Речиси секоја година на патеките Езерино и Орлова патека, кои се во состав на Церипашина, се одржува традиционалниот Шарпланински куп во велеслалом и слалом. На Попова Шапка има можности за изградба на патеки за спуст и трчање со скии. Попова Шапка нуди многу повеќе можности од веќе постоечките, меѓутоа поради недостаток на финансии, таа сѐ уште не е доизградена. Лешница е суштинска спротивност на Шапка, поради тоа што е потполно неизграден зимско-спортско туристички центар. Изобилува со шума, вода, трева... Една од најубавите места за посета на Шара. С#уште се чека на инвеститор, кој оваа област ќе ја изгради во нов туристички центар. Освен финансиите, проблем за Лешница е и неповолната сообраќајно – географска положба. Лешница има големи скијачки потенцијали, и одлични предуслови да прерасне во голем туристички, пред сè зимски центар. Освен Лешница, слични можности има и месноста Јелак. Љуботен има потенцијали за развој на туризмот, меѓутоа сè уште, за жал не е доволно развиен од туристички аспект. Освен изградбата на планинарскиот дом и повремените планинарски тури, за развојот на туризмот на Љуботен, не е ништо друго направено. Можности за развој на туризмот има и на некои од ледничките езера на Шара, пред с# на Боговинското езеро. Како што може да се забележи, освен Шапка, како скијачки места можат да се развиваат и други предели од овој масив, освен веќе спомнатите љуботенско – ливадичкиот и лешничко – јелачкиот предел, тука се и пределот на Пирибег, кобиличкиот, вакуфскиот и пределот на Брустовец. Исто така, овие предели можат да се користат и како центри за развој на планинарските и останатите гореспоменати спортови.

Шар Планина како тема во уметноста и во популарната култура

[уреди | уреди извор]
  • „Распукала Шар Планина“ — македонска народна песна.[4]
  • „Шар Планина“ — песна на македонскиот поет Блаже Конески.[5]
  • „Секавици над Шара“ — песна на македонскиот поет Ацо Шопов.[6]
  • „Распукала Шар Планина“ — песна од македонскиот рапер Слаткаристика

Галерија

[уреди | уреди извор]

Главниот срт и било на протегање

[уреди | уреди извор]

Разни слики

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
  1. „Шар Планина“ — Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
  2. „СОБРАНИЕТО ГО УСВОИ ЗАКОНОТ СО КОЈ ШАР ПЛАНИНА СТАНУВА НАЦИОНАЛЕН ПАРК“. Сакам Да Кажам. 2021-06-30. Посетено на 2021-06-30.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 Стефановски, Живко (1981). Шар Планина. Тетово: Центар за информирање и издавачка дејност “Полог“- Тетово.
  4. Засекогаш со нас - 22 незаборавни песни/Forever with us - 23 unforgettable songs, CD 071, Мистер компани, 2003.
  5. Блаже Конески, Црн овен. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021, стр. 33.
  6. Ацо Шопов, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 151.