Прејди на содржината

Мала Речица

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мала Речица

Воздушен поглед на селото

Мала Речица во рамките на Македонија
Мала Речица
Местоположба на Мала Речица во Македонија
Мала Речица на карта

Карта

Координати 41°59′33″N 20°57′28″E / 41.99250°N 20.95778°E / 41.99250; 20.95778
Регион Полошки
Општина Тетово
ОбластДолен Полог
Население2.468 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр.1201
Повик. бр.044
Шифра на КО28044
Надм. вис.490 м
Мала Речица на општинската карта

Атарот на Мала Речица во рамките на општината
Мала Речица на Ризницата

Мала Речица — село во Општина Тетово, во областа Долен Полог, во околината на градот Тетово.

Поради близината до самиот град, Мала Речица е целосно споено со градот Тетово и се смета за негова приградска населба. Во поново време е извршена промена на неговиот катастарски атар, со што голем дел од атарот на некогашното село припаднал на градот Тетово и со тоа се случила значителна промена на населението во селото.

Потекло и значење на името

[уреди | уреди извор]

За настанокот на името на Мала Речица се врзува легендата со овчарот Невен Пејо. На Шар Планина недалеку од Тетово постоело место со повеќе богати извори на минерална вода на кои често навраќал овчарот Невен Пејо со своето стадо, да пладнува под сенките на костените и да пие ладна планинска вода. Над изворите со кисела вода, овчарите подигнале колиби и бачила. Тука настанало селото Мала Речица кое до денешен ден е познато по најдобрите сточари и овчари во Полог.[2]

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Воздушен поглед на дел од селото, кое денес претставува дел од градот Тетово

Ова село се наоѓа во областа Долен Полог, непосредно до градот Тетово во југозападна насока и веќе припаѓа на рурбалната зона на централното место.[3] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 490 метри.[3] Од центарот на Тетово е оддалечено само 3 километри.

Низ селото поминува регионалниот пат 1206.

Селото се наоѓа во непосредна близина на Тетово, во подножјето на Шар Планина. Тоа е сместено на многу незгодно место поради ерозиите кои се појавуваат, а реката носи наноси на материјал, а често страдале и куќите и обработливите површини. Мала Речица постепено се ширело кон самата котлина, како и кон планинските падини Во непосредна близина на селото се наоѓа и Голема Речица, со кое како да се споени и да претставуваат една голема населба.[4]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Прекача, Правица, Ара Те Река, Ара Те Бегит (Бегова Нива), Ара Те Ѓат, Ара Теќас (Текиска Нива), Ара Те Јуда (Јудина Нива), Виеш (Лозја), Џол, Шулан, Вакуф, Ѓури Магар (Магарешки Камен), Кепи Дедес (Дедин Камен), Ливада Поштр и Верај.[4]

До 1920-тите години, селото имало збиен тип и низ сретселото поминувал потокот Мала Река. Но, потокот поради исечената шума во горниот дел на долината еднаш надошол и донел во селото голем материјал, срушил бројни куќи, џамијата и за еден ден направил поплавно подрачје. Потокот и денес повремено надоаѓа и руши куќи во стариот дел на селото. Во 1947 година биле срушени 6 куќи. Во 1940-тите, Мала Речица имала три маала, меѓу кои едно се викало Метолар (старо маало).[4]

Историја

[уреди | уреди извор]
Поглед на градот Тетово, Мала Речица и дел од Голема Речица
Воздушен поглед на селото

Како Речица селото се споменува во XI век, кога византискиот цар Роман III Аргир го подарил на Виргинскиот манастир „Св. Ѓорѓи“ кај Скопје. Ова подоцна било потврдено и од Константин Асен и кралот Милутин.[4]

Од повелбата на кралот Милутин се дознава дека една византиска царска пронија била во селото Речица. Во средниот век се споменува и црква „Св. Недела“, која се наоѓала во полошкото село Речица. Овие споменувања се однесуваат на двете села, Голема и Мала Речица, бидејќи во минатото тие биле едно село.[4]

Најпрвин, Мала Речица, како и Голема Речица, било населено со православни Македонци, што се забележува од името на селото, средновековните споменувања, етничкиот карактер на соседните села и по црквиштата. За време на турската власт, во Мала Речица започнале да се населуваат муслимански Албанци, поради што старите христијански родови се иселиле.[4]

Во 1920 година, над селото Мала Речица, на врвот на една тераса биле откопани руините на црквата „Св. Ѓорѓи“. Десет години подоцна на тие темели била подигната нова црква. Црквата по Втората светска војна била во лоша состојба. По кажувања на македонските мештани од околните села, во Мала Речица се наоѓале уште две црквишта: едната посветена на Света Богородица и другата на Свети Атанасиј.[4]

На 17 декември 1994 година, група интелектуалци, јавни личности и претставници на политички партии во Тетово самоницијативно донеле одлука за основање на универзитет на албански јазик, што наишло на остри спротивставувања од страна на раководните државни структури и личности во Македонија. Набргу потоа, уследиле и протести низ целата Република, како и интервенирања на полицијата и судири со меѓуетничка позадина во Мала Речица и селото Порој, во обид да се забранат и да се спречат предавањата и функционирањето на универзитетот. Наспроти сѐ, овој универзитет продолжил да дејствува и во 2004 година со одлука на тогашната Влада на Македонија, универзитет официјална станал дел од образовниот систем под името Државен универзитет во Тетово.[5][6]

Поплавите од минатото на потокот Мала Река се повторуваат постојано, па така последни големи поплави биле забележани во 2024 година.[7]

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Атарот на селото е мал и зафаќа површина од 3,5 км2. На него преовладува обработливото земјиште, па затоа селото има полјоделска функција.[3]

Во него работат продавници и бројни услужни и угостителски објекти.[3]

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948610    
1953671+10.0%
1961957+42.6%
19711.963+105.1%
19813.853+96.3%
ГодинаНас.±%
199160−98.4%
19947.005+11575.0%
20028.353+19.2%
20212.468−70.5%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Голема Речица живееле 300 жители, сите Албанци.[8]

Според Афанасиј Селишчев во 1929 година, Мала Речица — село во Долнопалчишка општина и има 60 куќи со 408 жители Албанци.[9]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 400 Албанци.[10]

Мала Речица е големо село, со значителен пораст на населението. Така, селото во 1961 година имало 957 жители, од кои 867 биле Албанци, 84 Турци и четворица Македонци, а во 1994 година бројот се зголемил дури на 7.005 жители и тоа, како со природен прираст, така и со доселувања, од кои 6.987 биле Албанци, 12 Роми и четворица Турци.[3]

Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Мала Речица, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.[заб 1]

Според пописот од 2002 година, во селото Мала Речица живееле 8.353 жители и со тоа било едно од најголемите села во Македонија, од кои 1 Македонец, 8.321 Албанец, 4 Турци, 1 Србин и 26 останати.[11]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 2.468 жители, од кои 1 Македонец, 2.337 Албанци и 130 лица без податоци.[12]

Значителната разлика на бројот на населението помеѓу пописите 2002 и 2021 се должи на намалувањето на атарот на селото Мала Речица во корист на градот Тетово, со што градското подрачје на Тетово е проширено со делови од атарот на селото и со тоа поголем дел од населението на селото на последниот попис е забележано како жители на Тетово.[13]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 300 610 671 957 1.963 3.853 60 7.005 8.353 2.468
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[14]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[15]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]

Мала Речица е населена со муслиманско население, чии родови се доселени.[4][18]

Според истражувањата од 1948 година, родови во селото се: Фазлие (14 к.), доселени се од Северна Албанија, каде припаѓале на фисот Красниќи. Од таму дошле двајца браќа: Асан и Фазлија. Првиот се населил во Голема Речица (каде го основал родот Кичик), а другиот брат во Мала Речица. Се сметаат за најстари доселеници. Во селото живеат од 1750-тите и го знаат следниов родослов: Гарип (жив, 42 години во 1948 г.)-Сабри-Незир-Сали-Незир-Бајрам-Амет-Фазли, кој се доселил; Металар (12 к.), живеат во истоименото маало. Имаат исто така потекло од Северна Албанија и тука жувеат од првата половина на XIX век. Го знаат следното родословие: Нешат (жив, 27 години во 1948 г.)-Зибер-Амит-Зибер-Мето, кој се доселил. Три нивни семејства отишле во Голема Речица; Алиној (17 к.), доселени се во исто време како Металар од Северна Албанија. Името го добиле по предокот Али; Тауше (7 к.), потекло како и претходните два рода; Зеле (3 к.), потекнуваат од предокот Зендел. Во Мала Речица живеат од првата половина на XIX век и го знаат следниот родослов: Иџит (жив, 23 години во 1948 г.)-Сулејман-Имер-Беќир-Зендел, кој се доселил од Северна Албанија; Беџетолар (8 к.), потекло како и претходните родови, а името го добиле по основачот на родот Беџет; Бељо (8 к.), не го знаат или не го кажуваат потеклото, но најверојатно од Северна Албанија. Од овој род има 7 семејства во Голема Речица; Лаше (3 к.), доселени се од Мирдита во Северна Албанија. Најпрвин дошле во Тетово, каде имаат роднини; Доксан (9 к.), не го кажуваат потеклото, веројатно доселени како и другите; Иболар (3 к.), живеат во истоименото маало, по потекло од Северна Албанија и Џоке (2 к.), доселени се од селото Лисец, каде што имаат истоимени роднини. Таму биле доселени од Ујмиште во Љума, северна Албанија. Некогаш биле католици.

По кажувања од околните села, во Мала Речица имало и муслимански словенски доселеници, но не биле многубројни. Поради тоа, брзо го примиле албанскиот јазик и тако се албанизирале. Истражувачот Јован Трифуноски не успеал да ги пронајде при неговата посета на селото во 1948 година.

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Од некои од родовите имало повремено иселување во Голема Речица и во Тетово.[4]

Општествени установи

[уреди | уреди извор]
Поглед на основното училиште

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Мала Речица било село во Тетовската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Тетово, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Тетово.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Тетово во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Долно Палчиште, во која покрај селото Мала Речица, се наоѓале и селата Брвеница, Голема Речица, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Долно Седларце, Јеловјане, Новаќе, Ново Село и Урвич. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Голема Речица, во која влегувале селата Голема Речица, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Мала Речица и Новаќе.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постојат избирачките места бр. 1989, 1989/1, 1990, 1990/1, 1991, 1991/1, 1992, 1992/1, 1993, 1993/1, 1994 и 1994/1 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на земјоделското училиште.[19]

На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 7.790 гласачи.[20] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 7.738 гласачи.[21]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Цркви

Во минатото, во селото постоеле црквите „Св. Богородица“ и „Св. Атанасиј“.[4]

Манастири
Џамии[23]

Личности

[уреди | уреди извор]
Родени во или по потекло од Мала Речица
  • Сервет Авзиу (р. 1946) - македонски политички деец, новинар и стопанственик;
  • Бедредин Ибраими (р. 1952) - македонски политичар, поранешен вицепремиер и министер во Владата на Македонија од 1998 година; и
  • Абдулменаф Беџети - универзитетски професор.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Поп-Јовановски Апостол Македонски народни легенди.НИО „Студентски збор“, Скопје, 1986 г. стр. 33
  3. 1 2 3 4 5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 71. Посетено на 25 октомври 2025.
  4. 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 374-376.
  5. http://star.dnevnik.com.mk/?pBroj=2313&stID=25776%5Bмртва+врска%5D
  6. „Државниот универзитет во Тетово - спојна точка за јазиците и културите – DW – 17.12.2014“. dw.com. Посетено на 2025-11-09.
  7. Тетово, Александар Самарџиев (2024-09-20). „Десетина куќи поплавени поради интензивен дожд во тетовска Мала Речица“. Mia.mk. Посетено на 2025-11-09.
  8. Кѫнчовъ, Василъ (1900). Македония. Етнография и статистика. София: Българското книжовно дружество. стр. 213. ISBN 954430424X.
  9. Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. – София, 1929, стр. 22.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 9 ноември 2025.
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. „Две македонски села коишто се оштетени од страна на градовите во однос на територија и жители“. Macedonianmaps. Посетено на 2025-11-09.
  14. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  15. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  16. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  17. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  18. Албанците во Македонија само од 1780 година, д-р Ристо Ивановски, Битола, 2014 г., 10 стр.
  19. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  20. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  21. „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 25 октомври 2025.
  22. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  23. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Забелешки
  1. Во Пописот од 1991 година, во населените места: Страчинци, Љуботен, Арачиново, Грушино, Мојанци, Орланци, Боговиње, Жеровјане, Пирок, Милетино, Радиовце, Теново, Челопек, Горно Јаболчиште, Велешта, Горно Татеши, Долно Татеши, Врапчиште, Топлица, Вруток, Долно Јеловце, Здуње, Речане, Балин Дол, Беловиште, Гостивар, Дебреше, Мало Турчане, Чајле, Баниште, Дебар, Кривци, Селокуќи, Хаме, Делогожди, Корошишта, Ливада, Мислодежда, Ново Село (Делогожди), Горна Бањица, Долна Бањица, Симница, Долна Лешница, Желино, Озормиште, Требош, Бачишта, Букојчани, Горно Строгомиште, Зајас, Колари, Лешница, Палиград, Смесница, Копанце, Шемшево, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Камењане, Кичево, Долно Свиларе, Кондово, Радуша, Рудник Радуша, Бедиње, Горно Коњаре, Д`лга, Куманово, Лопате, Романовце, Сопот, Табановце, Черкези, Белановце, Матејче, Никуштак, Опае, Ропалце, Жужње, Нистрово, Сенце, Тануше, Добри Дол, Калиште, Неготино-Полошко, Сенокос, Бериково, Гарани, Јагол, Ново Село (Осломеј), Поповјани, Премка, Србица, Стрелци, Туин, Шутово, Охрид, Ќојлија, Арнакија, Буковиќ, Грчец, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Семениште, Барово, Јаболци, Биџево, Долна Белица, Заграчани, Калишта, Радолишта, Струга, Батинци, Вртекица, Морани, Студеничани, Глоѓи, Доброште, Непроштено, Пршовце, Слатино, Теарце, Голема Речица, Лавце, Мала Речица, Сараќино, Тетово, Баланци, Форино, Чегране, Џепиште, Гајре, Лисец, Скопје дел - Гази Баба, Скопје дел Карпош, Скопје дел - Центар и Скопје дел - Чаир, дел од жителите не прифатија да замат учество (го бојкотираа) во Пописот.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]