Национален парк Шар Планина
Национален парк Шар Планина | |
---|---|
МСЗП — Категорија II (национален парк) | |
Место | Полошки Регион, Македонија |
Најблизок град | Тетово |
Координати | 41°59′N 20°53′E / 41.99° СГШ; 20.88° ИГД |
Површина | 627,1 km2 (242,1 sq mi) |
Воспоставен(а) | 30 јуни 2021 |
sarmountain.org.mk | |
Национален парк Шар Планина — национален парк во северозападна Македонија. Го опфаќа поголемиот дел на масивот Шар Планина и нејзините ограноци кој се наоѓаат на македонска територија, по границата со Косово.[1]
Подрачјето е заштитено на 30 јуни 2021 г., со 66 гласа „за“ на 43-та собраниска седница таа година.[2] Тековен директор на паркот е Ибрахим Дехари.[3]
Географија
[уреди | уреди извор]Паркот се простира на површина од 62.705 ха, со што претставува втор најголем национален парк во Македонија.[2] Се наоѓа во северозападниот дел на Македонија, помеѓу областите Полог и Гора. Тој се протега во ист правец како и масивот (североисток-југ-југозапад-југ), од врвот Љуботен на север до планината Враца на југ, каде што се граничи со Националниот парк „Маврово“. На север и северозапад се граничи со истоимениот национален парк од косовска[1] страна.
Во подрачјето на паркот се наоѓаат неколку од највисоките врвови во држвата, со највисок врв Титов Врв, кој се издига на 2.748 метри надморска височина. Планината се одликува со голем број врвови кои се издигнуваат над 2.000 м, како што се Мал Турчин (2.702 м), Бакардан (2.700 м), Љуботен (2.499 м), Ливадица (2.491 м), Пирибег (2.524 м), Рудока (2.658 м), Чаушица (2.640 м), Црн Врв (2.580 м), Вртоп (2.555 м), Кобилица (2.526 м), Шилиџе (2.502 м) итн.[4]
Во границите на паркот се сместено 27 села со вкупно околу 17.000 жители, поделени во седум општини: Јегуновце, Теарце, Тетово, Боговиње, Врапчиште, Гостивар, Маврово и Ростуша.[3]
Зони на заштита
[уреди | уреди извор]За заштита на природните вредности и промоција на економскиот развој, во паркот се одредени 4 зони на заштита:
- Зона на строга заштита (26,56%) — подрачје со највисок интерес за заштита, состоено од предели со високо природно значење. Во оваа зона човековото влијание е сведено на минимум.
- Зона на активно управување (49,06%) — простор од висок интерес за заштита во која се потребни управувачки интервенции со цел реставрација и одржување, ревитализација или рехабилитација на живеалиштата, екосистемите и другите елементи од пределот.
- Зона на одржливо користење (22,02%) — опфаќа инфраструктурни објекти, објекти на културното наследство, типови на шуми под влијание на човекови активности и планинските села со нивното околно земјоделско земјиште.
- Заштитен појас (2,37%) — сместен околу постоечката туристичката населба Попова Шапка и потенцијалното развојно подрачје на скијачкиот центар.[3]
Геологија и геоморфологија
[уреди | уреди извор]Релјефот на Шар Планина е разновиден, главно поради нејзината геолошка разновидност. Глацијалниот и флувијалниот релјеф има создадено подрачје кое се одликува со голема густина на долини и клисури и кратки висорамнини кои се испресечени во варовнички, кварцитни и гранитоидни карпи.[3]
Во геолошката структура на Шар Планина преовладуваат палеозојски метаморфни карпи со мал степен на отпор, што влијаело и на релјефните од на оваа планина. На некои места се забележуваат метаморфити (кварцити, мермери) кои се во самиот релјеф. На други места има пробиви на поцврсти гранитоидни карпи. Карбонатните карпи се појавуваат на околу 11% од површината на планината и се засегнати од карстификација.[3]
Еден од главните морфолошки елементи на Шар Планина е развиениот флувијален релјеф. Постојат бројни долини и клисури образувани со интензивно вертикално всекување, некои со кратки кањонести сегменти всечени во цврсти карпи. Неколку долини имаат флувио-глацијален карактер, создадени во Ледената доба. Досега се откриени влезовите на 10-тина пештери и неколку пропасти, главно во карпите на горното течение на р. Пена.[3]
Клима
[уреди | уреди извор]Просечната годишна температура на воздухот на Попова Шапка (1.780 м.н.в.), сместена во средниот дел на паркот, изнесува 4,8 °C, додека просечниот максимум и минимум се 30,6 °C — -23,0 °C. Просечните количества врнежи во паркот во текот на годината се околу 700 мм, кои достигнуваат до 1.250 мм во планинските предели. Во највисокиот дел, над 2.000 м, климата е алпска и вклучува елементи од алпската флора.[3]
Хидрографија
[уреди | уреди извор]Како најголема планина во Македонија, Шара е богата со вода, а тоа го потврдуваат 27 ледниќки езера (познати како Шарски Очи), 100 поголеми извори, изворишта и околу 20 поголеми планински реки.[4] Планината се одводнува со реките: Бистрица, Беловишка Река, Поројска Река, Маздрача, Лешничка, Караниколска, Бродечка, Врапчишка, Ракита, Боговињска, Речичка, Камењанска, Пена и други. Сите реки се дел од поголемиот Вардарскиот слив. Поради големата висинска разлика помеѓу масивот до Полошката Котлина, надолжниот пад на реките е значителен, создавајќи реки кои се одликуваат со повеќе брзаци и водопади.[3]
Според досегашни испитувања се смета дека вкупната езерска вода на планината изнесува околу 250.000 м2. Од хидрографските облици, со посебна природна вредност се планинските езера. Поголеми планински езера се Боговињското, Црното и Караниколичкото. Поголемите езера на планината се постојани, но поради атмосферските влијанија и наносите водниот потенцијалм постепено се намалуваат нивниот водостој.[3]
Од 70-тите години на XX век, реките на Шар Планина се користат за производство на електрична енергија преку хидросистемот „Шарски Води“, со кој се собира водата од голем број на реки на планината и се транспортира до Мавровското Езеро и до хидроцентралите „Вруток“, „Равен“ и „Врбен“. Оваа инфраструктура обезбедува околу 12% од електричната енергија во Македонија.[3]
Растителен и животински свет
[уреди | уреди извор]Флора
[уреди | уреди извор]Подрачјето на паркот е особено богат и разновиден во својот растителен свет. На Шар Планина се познати 662 видови дијатомеи, 1.260 видови васкуларни растенија, повеќе од 260 видови мов, 500 габи и 160 лишаи. Шумскиот појас е претставен од листопадни, широколисни, иглолисни и мешани шуми. Областа на листопадна вегетација се простира во пониските делови на планината, во падините на Полошката Котлина и зафаќаат околу 60% од падината. Во овие шуми најчести видови дрвја се бука, даб, костен, планински јавор и габер. Покрај дрвјата, во листопадните шуми се застапени грмушки и жбунови.[3]
Над листопадниот појас е распространета прилично тесна зона на четинари, сочинета од ели и смреки, како и од видови со ендемично и реликтно значење (муника, молика). Високопланинските пасишта зафаќаат површина од околу 45.000 ха. Тие се распространети над четинарските шуми, на повисоките делови од паркот.[3] Пасиштата се обраснати со разновидна трева, која расте и на највисоките делови на планината. Меѓу тревките се застапени и неколку видови на билки за чај, кои поради човечки влијанија постепено стануваат помалубројни.[5]
Пределот спаѓа во копнените екорегиони на балканските мешани шуми на палеарктичкиот биом на умерените широколисни и мешани шуми.
Фауна
[уреди | уреди извор]Шар Планина е дом на голема разновидност на безрбетници, а евидентирани се 56 видови на мекотели и скоро 300 видови лажни шкорпии, пајаци и ракови. Досега се познати вкупно 1.847 видови инсекти, од кои повеќе од 900 видови пеперутки и 160 видови тврдокрилци.[3]
Шарпланинските реки се значајни по нивниот животински свет. Во слатководните живеалишта потврдени се 5 видови риби, меѓу кои спаѓаат македонската и калифорниската пастрмка. Во овие живеалишта постојат и 11 видови водоземци и 17 видови влекачи (шумска желка, ридска желка, слепoк, планинска гуштерица, голем зелен гуштер, зелен гуштер, живороден гуштер, балканска гуштерица, ѕидна гуштерица, жолт смок, планински смок, шумски смок, белоушка, рибарка, поскок, шарка и остроглава шарка).[6] Остроглавата шарка е глобално загрозен вид кој во рамките на паркот е под строга заштита.[3]
Во подрачјето на паркот се застапени вкупно 51 вид цицачи, како што се кафеава мечка, дива мачка, видра, дива свиња, дивокоза, срна, волк, црвена лисица, јазовец и неколку видови куни.[3] Од нив, од особен интерес е балканскиот рис, кој живее во високите шумски предели, а особено во мешовитите листопадни шуми и камењари во клисурата Русевица. Сепак најпознат е Шарпланинецот, овчарско куче кое го добило името по планината.[6]
Помеѓу 'рбетниците, најбогата група претставена со најголем број видови е онаа на птиците, кои се застапени со 128 видови птици[3], но сепак овој број е релативно скромен, имајќи во предвид дека масивот располага со извесен број станишта.[6] Особено се присутни разни птици грабливки (златен орел, белоглав мршојадец, кања, сив сокол). Oтворените високопланински терени на паркот се живеалишта на повеќе алпски птици (црвеноклуна и жолтоклуна галица, карполазач, алпско попче, чучурлига, снежна ѕвингалка).[6]
-
Диви коњи (Equus ferus)
-
Кафеава мечка (Ursus arctos)
Туризам
[уреди | уреди извор]Шар Планина има одлични услови за масовен и алтернативен туризам.[3] Масовниот туризам се практикува главно во заштитниот појас. Како најразвиен сектор на масовниот туризам е скијањето, чиј потреби се задоволени со скијачкиот центар „Попова Шапка“. Тој располага со 3 жичници, неколку помали и средни ски-лифтови и ски стази со вкупна должина од 20 км. Во состав на центарот влагаат и поголем број на хотели, угостителски објекти и викендици.
Алтернативните форми на туризам, како што се планинските спортови: планинарството, алпинизмот, планинскиот велосипедизам, параглајдерството, спортскиот лов и риболов и други, имаат голем потенцијал за иден развој.[2] За да се пополнат потребите на пешачењето, во паркот се наоѓаат бројни планинарски засолништа, меѓу кои најпознати се домовите „Љуботен“ и „Смрека“. Планината е дел и од Првата - Западна македонска трансверзала, која се одржува секоја година.
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Сртот помеѓу Мал Турчин и Титов Врв (во позадина)
-
Зимски поглед кон Шилиџе
-
Горното течение на Маздрача
-
Поглед кон врвот Голема Враца со Горно Врачанското Езеро
-
Панорама на населбата Попова Шапка
-
Поглед на северниот дел на Шар Планина под снег
-
Поглед на трите Беловишки Водопади, сместени на истоимената река
-
Поглед на Љуботен
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 Косово е предмет на територијален спор помеѓу Република Србија и Република Косово. Како странски протекторат, Косово прогласило независност на 17 февруари 2008 г, но Србија и понатаму не го признава и тврди дека е нејзина суверена територија. Независноста на Косово не е целосно признаена од меѓународната заедница. Досега го признале 113 од вкупно 193 земји членки на ООН.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Таушанска, Марија (2 јули 2021). „По 27 години, Шар Планина прогласена за национален парк“. Нова Македонија. Посетено на 5 август 2024.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 3,15 3,16 „Официјална веб-страница на националниот парк“. sarmountain.org.mk. НП Шар Планина. Посетено на 5 август 2021.
- ↑ 4,0 4,1 „Шар Планина“. turnimedakinisam.mk. turnimedakinisam.mk. Посетено на 5 август 2024.
- ↑ Д., З. „Чајот на Шар Планина сѐ помалку го има – наместо да се бере, се корне од корен“. Слободен Печат. Посетено на 5 август 2024.
- ↑ 6,0 6,1 6,2 6,3 „Фауната на Шар Планина“. Истражувачко друштво на студенти биолози (ИДСБ). 26 јануари 2024. Посетено на 5 август 2024.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Национален парк Шар Планина на Ризницата ?