Кирил Лазаров

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Кирил Лазаров
noframe
Лични податоци
Име и презиме Кирил Лазаров
Роден(а) 10 мај 1980 (1980-05-10) (39 г.)
Свети Николе, Југославија
Националност Македонија Македонец
Спорт Handball pictogram.svg Ракомет
Висина 1,93 м
Тежина 98 кг
Позиција десен бек
Клупски податоци
Тековен клуб РК Нант
Број 77
Младински клубови
1991–1994
1994–1997
Македонија Овче Поле
Македонија Борец
Сениорски клубови
1997–2000
2000–2002
2002–2007
2007–2010
2010
2010–2011
2011–2013
2013–2017
2017–
Македонија Пелистер
Хрватска Загреб
Унгарија Веспрем
Хрватска Загреб
Катар Ал Сад
Шпанија Сиудад Реал
Шпанија Атлетико Мадрид
Шпанија Барселона
Франција Нант
Репрезентација
1999– Македонија Македонија 237 (1699)
Лазаров во игра

Кирил „Кире“ Лазаров (роден на 10 мај 1980 во Свети Николе) — македонски ракометар кој настапува за француската екипа РК Нант, како и за Ракометната репрезентација на Македонија[1], каде е капитен. Лазаров се наоѓа на првото место на списокот на најмногу постигнати голови во рамките на Лигата на шампиони во ракомет, со постигнати 1256 погодоци во 18 сезони, правејќи го еден од најдобрите ракометари во историјата[2][3]. Лазаров се наоѓа и на првото место во категоријата најмногу постигнати голови на едно Европско првенство, со 61 гола. Со екипата на Барселона ја има освоено Лигата на шампионите.

Лазаров е добитник на бројни награди и признанија, меѓу кои и Спортист на Македонија за 2009, 2014, 2017, 2018 година. Добитник е и на два национални медали за заслуги од претседателот на Македонија Бранко Црвенковски (2009 година) и од претседателот на Ѓорѓе Иванов (2011 година), а е прогласен и за Спортски Амбасадор на Македонија.

Клупска кариера[уреди | уреди извор]

Домашна кариера[уреди | уреди извор]

Лазаров започнал да тренира ракомет уште од најмлади години. На 13 години настапувал во младинската екипа на РК Овче Поле каде тренер му бил неговиот татко и Јанев како тренерски тандем. Неговите квалитети ги демонстрирал на позицијата десно крило, на која играл во првите години од неговата кариера. Во својот матичен клуб се задржал до 1994 година, кога поминал во редовите на РК Борец од Велес, во годината кога овој клуб станал национален првак. По три поминати сезони во младинскиот клуб на Борец, Лазаров потпишал со РК Пелистер од Битола во 1997 година, каде за прв пат дебитирал во најсилната македонска лига. Со РК Пелистер станал шампион на Македонија во сезоните 1997-1998 и 1999-2000, го освоил Купот на Македонија во сезоните 1998 и 1999. Лазаров со екипата на Пелистер дебитирал на европските натпреварувања.

Меѓународна кариера[уреди | уреди извор]

Во јуни 2000 година, Лазаров ја започнал својата меѓународна кариера во хрватски Бадел 1862 Загреб.[4]. Овде се задржал до 2002 година, и во сезоната 2000-2001 станал шампион на Хрватска и освојувач на Националниот Куп на Хрватска.

Во периодот од 2002 до 2007 година, Кире Лазаров настапувал за екипата на РК Веспрем од Унгарија. Со Веспрем станал пет пати шампион на Унгарија и пет пати освојувач на Националниот Куп на Унгарија. За прв пат во редовите на Веспрем постигнал добри резултати и на европско ниво. Така, на два пати со својот тим стигнал до полуфиналето на Лигата на шампионите во ракомет, и станал најдобар стрелец. Во 2006 година бил избран за спортист на Веспрем. Во периодот од 2007 до 2010 година, Лазаров повторно настапувал за РК Загреб, каде станал три пати шампион на Хрватска и три пати освојувач на Националниот Куп на Хрватска. Во сезоната 2007-2008 станал најдобар стрелец во Лигата на шампиони во ракомет со 96 постигнати погодоци[5], а истото признание го добил и наредната 2008-2009, кога постигнал 93 погодоци. Во сезоната 2009-2010 од Лигата на шампионите, Лазаров постигнал 83 погодоци.

Во 2010 година, Лазаров потпишал за екипата на РК Атлетико Мадрид од Шпанија за сума од 125.000 евра.[6]Со овој тим станал освојувач на ИХФ Супер глоб, три пати освојувач на Националниот Куп на Шпанија, еден пат освојувач на АСОБАЛ Купот. Во сезоната 2011-2012 станал втор најдобар стрелец во Лигата на шампиони во ракомет со 97 постигнати погодоци.

Во 2013 година, Лазаров преминал во „Барселона“, а во јануари 2015 година, медиумите во Хрватска објавиле дека годишната плата на Лазаров во „Барселона“ изнесува 450.000 евра, со што тој станал третиот најплатен ракометар во светот, по Домагој Дувњак и Никола Карабатиќ.[7] Во февруари 2015 година, пред да му истече тековниот договор, Лазаров потпишал нов двегодишен договор со „Барселона“, со трајност до крајот на сезоната 2016/2017.[8] Во првите две сезони поминати во „Барселона“, Лазаров бил најдобар стрелец на клубот во шпанската лига и во Лигата на шампионите. Со овој тим станал два пати освојувач на ИХФ Супер глоб, четири пати национален првак на Шпанија, четири пати освојувач на АСОБАЛ Купот и АСОБАЛ Суперкупот, два пати освојувач на Каталонскиот Суперкуп, како и освојувач на Лигата на шампионите. На крајот од сезоната 2014-2015, целиот тим на „Барселона“ добил место во идеалниот тим на шпанската лига „АСОБАЛ“, а Лазаров бил прогласен за најдобар десен бек во лигата.[9] Регионалниот ракометен портал „Балкан хендбол“ го прогласил Кире Лазаров за најдобар ракометар од овие простори во сезоната 2014-2015. Притоа, Лазаров освоил 29 гласа, со што за еден глас го победил Момир Илиќ, кој бил прогласен за најдобар во 2014 година.[10]

Во 2017 година Лазаров потпишал двегодишен договор со РК Нант, а по една помината сезона, договорот го продолжил до 2021 година[11].со екипата на Нант станал својувач на „Трофејот на шампионите".

Лазаров во дресот на Барселона

Статистика[уреди | уреди извор]

  • Податоците се однесуваат само на постигнатите голови во рамките на европските турнири, како: ЕХФ Куп, Куп на победниците на куповите, Лига на шампиони
Клуб Сезона Лига Натпревари Голови
РК Пелистер
 Македонија
1997-1998 ЕХФ Куп / /
1998-1999 ЕХФ Куп 1 4
1999-2000 Куп на победниците на куповите / /
РК Бадел 1862 - Загреб
 Хрватска
2000-2001 Лига на шампиони / /
РК Фотекс Веспрем
 Унгарија
2002-2003 Лига на шампиони / /
2003-2004 Лига на шампиони 6 39
2004-2005 Лига на шампиони 10 76
2005-2006 Лига на шампиони 12 85
2006-2007 Лига на шампиони 10 82
РК Кроација Осигурање - Загреб
 Хрватска
2007-2008 Лига на шампиони 12 96
2008-2009 Лига на шампиони 12 93
2009-2010 Лига на шампиони 12 83
РК Ал Сад
 Катар
2010 / / /
РК Реновалија Сиудад Реал
 Шпанија
2010-2011 Лига на шампиони 13 74
БМ Атлетико Мадрид
 Шпанија
2011-2012 Лига на шампиони 15 97
2012-2013 Лига на шампиони 12 69
РК Барселона
 Шпанија
2013-2014 Лига на шампиони 16 80
2014-2015 Лига на шампиони 16 106
2015-2016 Лига на шампиони 16 109
2016-2017 Лига на шампиони 18 85
РК Нант
 Франција
2017-2018 Лига на шампиони 15 53
2018-2019 Лига на шампиони 11 75
2019-2020 Лига на шампиони / 10
  • Податоците се однесуваат на локалните првенства
Сезона Клуб Лига Натпревари Голови 7-метри Голови
2011-12 Атлетико Мадрид LIGA ASOBAL 30 156 34 122
2012-13 Атлетико Мадрид LIGA ASOBAL 29 156 42 114
2013-14 Барселона LIGA ASOBAL 30 131 32 99
2014/15 Барселона LIGA ASOBAL 27 120 25 95
2015/16 Барселона LIGA ASOBAL 25 147 70 77
2017/18 ГК Нант LNH division 1 20 87 33 54
2018/19 ГК Нант LNH division 1 10 39 3 36
2011-по н.в. Вкупно LIGA ASOBAL 141 710 203 507

Репрезентативна кариера[уреди | уреди извор]

Лазаров на натпревар против Германија (2018)

Лазаров е капитен на Ракометната репрезентација на Македонија и игра на позицијата десен бек. Тој е најдобар стрелец во историјата на светските првенства во ракомет.

Младинска селекција[уреди | уреди извор]

Лазаров на свои 14 години го направил своето деби за младинската репрезентација на Македонија, учествувајќи на Европското првенство во ракомет за млади во Израел во 1994 година. На Светското првенство за млади во 1997 година, кое се одржало во Турција, Македонија го освоила 12-тото место, а Лазаров бил дел од тимот. Лазаров учествувал и на Европското првенство за млади во 2000 година, кое се одржало во Грција, каде Македонија го освоила 9-тото место.

1999-2009[уреди | уреди извор]

Кирил Лазаров за прв пат бил повикан во сениорскиот тим на Македонија за Светското првенство во 1999 година кое се одржало во Египет, каде Македонија го освоила 18-тото место[12].

Светско првенство 2009[уреди | уреди извор]

На 29 јануари 2009 година, Лазаров поставил нов рекорд на Светското првенство во ракомет што се одржало во Хрватска, со постигнати 92 погодоци,[13] со што го срушил рекордот од 1995 година, поставен од Kореанецот Кјунг-Шин Јуна на Светското првенство во ракомет во Исланд, со постигнати 86 голови.[14]

Европско првенство 2012[уреди | уреди извор]

На 27 јануари 2012 година, Лазаров поставил нов рекорд како најдобар стрелец: На Европското првенство во ракомет за мажи 2012 што се одржало во Србија, тој постигнал 61 погодок, со што го срушил рекордот од 2002 година, поставен од Исланѓанецот Олафур Стефансон и Швеѓанецот Штефан Ловгрен на Европското првенство во Шведска од 57 погодоци.[15]

Европско првенство 2014[уреди | уреди извор]

На отворањето на првенството, Македонија загубила од домаќинот Данска со 21-29 при што Лазаров постигнал седум голови, а два дена подоцна, на натпреварот против Чешка, кој завршил 24-24, тој повторно бил најдобар стрелец, со постигнати 12 голови, т.е. половина од вкупниот број голови за својата репрезентација. На овој натпревар, тој бил прогласен за најдобар ракометар во редовите на македонската репрезентација. На целото Европско првенство, Лазаров постигнал вкупно 38 голови во пет одиграни натпревари (на последниот меч против Шпанија, во рамките на втората групна фаза, Лазаров не настапил).[16] [17]

Светско првенство 2015[уреди | уреди извор]

На Светското првенство, одржано во Катар, Лазаров бил најдобар стрелец за Македонија, со постигнати 45 голови.

Европско првенство 2016[уреди | уреди извор]

На Европското првенство, одржано во Полска, Лазаров бил најдобар стрелец за Македонија, со постигнати 42 голови.

Светско првенство 2017[уреди | уреди извор]

На Светското првенство, одржано во Франција, Лазаров бил најдобар стрелец, со постигнати 50 голови.[18]

Европско првенство 2018[уреди | уреди извор]

На Европското првенство, одржано во Хрватска, Лазаров се повредил на натпреварот со Шпанија.

Светско првенство 2019[уреди | уреди извор]

На Светското првенство, одржано во Данска и Германија, Лазаров бил најдобар стрелец за Македонија, со постигнати 48 голови.

Статистика[уреди | уреди извор]

  • Податоците се однесуваат само на европските и светските првенства, но не и на квалификациите за пласман
Првенство Фаза Натпревар Голови Вкупно
Светско првенство 2009
 Хрватска
Група C  Македонија -  Тунис 24:25 9 92
Група C  Македонија -  Алжир 32:29 9
Група C  Македонија -  Полска 30:29 13
Група C  Македонија -  Германија 23:33 9
Група C  Македонија -  Русија 36:30 13
Група II  Македонија -  Норвешка 27:29 9
Група II  Македонија -  Данска 24:32 8
Група II  Македонија -  Србија 28:32 7
5-12 место  Македонија -  Јужна Кореја 32:21 15
Европско првенство 2012
 Србија
Група B  Македонија -  Шведска 26:26 7 61
Група B  Македонија -  Германија 23:24 7
Група B  Македонија -  Чешка 27:21 7
I група  Македонија -  Данска 32:33 13
I група  Македонија -  Полска 27:25 9
I група  Македонија -  Србија 22:19 10
5-6 место  Македонија -  Словенија 28:27 8
Светско првенство 2013
 Шпанија
Група B  Македонија -  Чиле 30:28 8 44
Група B  Македонија -  Катар 34:30 9
Група B  Македонија -  Исланд 19:23 4
Група B  Македонија -  Русија 29:29 10
Група B  Македонија -  Данска 30:33 5
16-финале  Македонија -  Германија 23:28 8
Европско првенство 2014
 Данска
Група B  Македонија -  Данска 21:29 7 38
Група B  Македонија -  Чешка 24:24 12
Група B  Македонија -  Австрија 22:21 8
Група I  Македонија -  Унгарија 25:31 4
Група I  Македонија -  Исланд 27:29 7
Група I  Македонија -  Шпанија 22:33 0
Светско првенство 2015
 Катар
Група B  Македонија -  Тунис 33:25 7 45
Група B  Македонија -  Иран 33:31 12
Група B  Македонија -  Босна и Херцеговина 25:22 8
Група B  Македонија -  Хрватска 26:29 4
Група B  Македонија -  Австралија 36:31 7
8 место  Македонија -  Словенија 20:38 0
Европско првенство 2016
 Полска
Група А  Македонија -  Франција 23:30 9 42
Група А  Македонија -  Полска 23:24 8
Група А  Македонија -  Србија 27:27 4
Група I  Македонија -  Хрватска 24:34 0
Група I  Македонија -  Норвешка 31:31 11
Група I  Македонија -  Белорусија 29:30 10
Светско првенство 2017
 Франција
Група B  Македонија -  Тунис 34–30 12 50
Група B  Македонија -  Ангола 31:22 10
Група B  Македонија -  Словенија 22:29 9
Група B  Македонија -  Шпанија 25:29 6
Група B  Македонија -  Исланд 27:27 7
16 место  Македонија -  Норвешка 24:34 6
Европско првенство 2018
 Хрватска
Група C  Македонија -  Словенија 25:24 7 16
Група C  Македонија -  Црна Гора 29:28 4
Група C  Македонија -  Германија 25:25 5
Група II  Македонија -  Шпанија 20:31 /[19]
Група II  Македонија -  Чешка 24:25 /
Група II  Македонија -  Данска 20:31 /
Светско првенство 2019
 Данска
 Германија
Група B  Македонија -

 Јапонија 38–28

8 48
Група B  Македонија -  Бахреин 28:23 8
Група B  Македонија -  Хрватска 22:31 4
Група B  Македонија -  Шпанија 21:32 5
Група B  Македонија -  Исланд 22:24 5
13-16 место  Македонија -  Русија 28:30 ?
15 место  Македонија -  Чиле 32:30 ?

Личен живот[уреди | уреди извор]

Кога имал 17 години, Лазаров ја запознал својата идна сопруга, Љубица (тогаш, на возраст од 19 години), родена во Гостивар. По долгогодишна врска со својата сограѓанка Лубица, Лазаров стапил во брак со неа во јуни 2006 година и со неа има две деца: синот Благојче и ќерката Лана.[20] [21] Неговиот брат Филип Лазаров е, исто така, познат македонски ракометар.

Во текот на септември 2018 година, Лазаров отворил ракометна школа во Битола[22].

Награди и одликувања[уреди | уреди извор]

  • МВП на ЕХФ Лигата на шампионите 2011/12 според „Планет Хендбол„
  • МВП на Супер Глобе - Доха 2010
  • МВП на ЕХФ Европското првенство – Србија 2012 според „Планет Хендбол„
  • Освојувач на 5 место со Македонија на Европското првенство во Србија 2012 година и најдобар стрелец на првенството со 61 гол на 7 меча
  • Освојувач на 11 место со Македонија на Светското првенство во Хрватска 2009 година и најдобар стрелец на првенството со 92 гола на 9 меча. Овој резултат е најдобро постигање на еден најдобар стрелец во историјата на Светските првенства.
  • Најдобар стрелец на Светското првенство 2017 со 50 гола
  • Првиот ракометар кој станал најдобар стрелец и на Европско и на Светско првенство
  • Најдобар стрелец во европските купови на сите времиња (над 1000 гола)
  • Член на идеалниот тим на францускиот весник „Lequipe„ за најдобрите во Европа за 2012 година
  • Најдобар стрелец на Балканско првенство во 1999 година
  • Спортист на Македонија за 2009 2014, 2017, 2018 годинаprofil33
  • Спортист на Битола за 1999 година
  • Спортист на Веспрем за 2006 година
  • Спортски Амбасадор на Македонија
  • Најдобар странец во првенството на Унгарија во 2005 и 2006 година
  • Единствен македонски ракометар шампион во четири различни земји (Македонија, Хрватска, Унгарија , Шпанија)
  • Единствен македонски ракометар освојувач на националниот Куп во четири различни земји (Македонија, Хрватска, Унгарија, Шпанија)
  • Најмлад македонски сениорски репрезентативец во историјата - 17 години
  • Најмлад македонски ракометер во Европските купови - 15 години и 4 месеци
  • Наградата „Troefeo Powerade“ поради континуитетот во дресот на Барселона.
  • Најуспешен маж во сферата на спортот за 2018 годината

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. EHF profile
  2. Idrizi, Amina. "Lazarov brothers battle at the top of Group B". EHF. 20 November 2015.
  3. "WCh France 2017, Day 2: Macedonia edge Tunisia, Slovenia crush Angola as SEHA players combine for 29". SEHA League. 12 January 2017.
  4. Лазаров и официјално член на Бадел Загреб“, dnevnik.com.mk, 3 јуни 2000 (посет. 19 септември 2016 г).
  5. „Л’Екип“: Кирил Лазаров е најдобар десен бек во Европа!; преземено од МКД портал
  6. Лазаров во Сјудад Реал - Трансферот вреден 125.000 евра; преземено од ИдиВиди
  7. „Кирил Лазаров во Барса игра за 450.000 евра од сезона“, Дневник, година XIX, број 5668, петок, 16 јануари 2015, стр. 20.
  8. „Лазаров потпиша нов двегодишен договор со Барселона“, Дневник, година XIX, број 5691, петок, 13 февруари 2015, стр. 22.
  9. „Лазаров во идеалниот тим на АСОБАЛ за минатата сезона“, Дневник, година XIX, број 5856, четврток, 3 септември 2015, стр. 22.
  10. „Кирил Лазаров најдобар на екс ју-просторите “, Дневник, година XIX, број 5800, 26 јуни 2015, стр. 24.
  11. https://sportmanija.mk/ofitsijalno-kiril-lazarov-potpisha-nov-dogovor-so-nant/
  12. „Преку Тунис се стасува на Игрите во Рио“, Дневник, година XIX, број 5668, петок, 16 јануари 2015, стр. 20-21.
  13. „И Нант во трка за Кирил Лазаров“, Дневник, година XXI, број 6289, вторник, 14 февруари 2017, стр. 21.
  14. Кире Лазаров се запиша во ракометната историја; преземено од On.net
  15. Лазаров најдобар стрелец на Европските првенства; преземено од tocka.com.mk
  16. „Лазаров го чува приматот најдобар стрелец“, Дневник, година XVIII, број 5367, петок, 17 јануари 2014, стр. 27.
  17. „Сигурдсон го симна Лазаров од тронот“, Дневник, година XVIII, број 5373, петок, 24 јануари 2014, стр. 26-27."
  18. „И Нант во трка за Кирил Лазаров“, Дневник, година XXI, број 6289, вторник, 14 февруари 2017, стр. 21.
  19. Лазаров се повредил на натпреварот со Шпанија, и не играл во следните натпревари
  20. Антена, број 836, 4.7.2014, стр. 6-7.
  21. ФОТО: Целото семејство Лазарови ги бодрат Кире и Филип; преземено од lazarovkiril7.com
  22. {https://www.babambitola.mk/rakometnata-shkola-na-kiril-lazarov-vo-bitola/ Ракометната школа на Кирил Лазаров од Септември започнува со работа во Битола]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]