Прејди на содржината

Цареви Кули

Координати: 41°25′57.0″N 22°37′48.3″E / 41.432500° СГШ; 22.630083° ИГД / 41.432500; 22.630083
Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Цареви кули)
Цареви Кули


Карта

Местоположба 41°25′57.0″N 22°37′48.3″E / 41.432500° СГШ; 22.630083° ИГД / 41.432500; 22.630083
Основни податоци
Место Струмица
Општина Струмица
Тип

 населба  тврдина

Портал „Археологија“

Цареви Кули – Струмица, се среќава и како Струмичка тврдина или Струмичка крепост — културно-историска споменичка целина во рамките на градот Струмица, општина Струмица. Под оваа тврдина, во текот на неколку милениуми, се развивал градот Струмица.

Археолошките истражувања покажуваат дека ридот бил користен во текот на долг временски период кој се протега на речиси 7 милениуми, од времето на праисторијата (халколитот односно енеолитот; бронзеното и железното време), античкиот и хеленистичкиот период, Римското Царство, доцноантичкиот период, среден век и доцен среден век. На локалитетот Цареви Кули се пронајдени траги од користење на ридот за воени цели и во текот на Првата и Втората светска војна.

Првата тврдина е подигната во текот на доцната антика, а во текот на XI век прераснува во поголема средновековна тврдина која има значајна улога во историјата на Струмица.

Местоположба

[уреди | уреди извор]

Споменичката целина Цареви Кули – Струмица се наоѓа на ритче кое на јужната страна доминира над градот Струмица, со просечна надморска височина од 450 м. Координатите на локалитетот се: северна географска ширина од 41°25'56.67"N и источна географска должина од 22°37'47.89"E. На врвот на овој рид се наоѓа плато кое има издолжена неправилна овална основа и се протега 230 м во насока исток-запад и околу 80 м во насока север-југ. Површината на платото е околу 1,20 хектари.[1]

Зимска панорама на Цареви Кули, Струмица и Струмичко (со Огражден лево и Беласица десно)

Од северозападната и југоисточната страна на ридот се спуштаат стрмни долови сѐ до подножјето на поројните рекички Коритниче и Светиилијски Порој. Во минатото платото имало правилна издолжена овална форма. Во текот на последните неколку столетија се создале две-три свлечишта на источната, северната и северозападната страна. Составен дел од споменичката целина Цареви Кули – Струмица е и локалитетот Јужен рид, кој се наоѓа на околу 150 метри јужно од Цареви Кули.[2]

Праисторија

[уреди | уреди извор]
Реконструкција на куќа од периодот на халколитот на јужната падина на Цареви Кули
Можен изглед на халколитската населба на Цареви Кули - Струмица
Археолошки истражувања на праисториски објект (ран халколит)

Халколит (енеолит)

[уреди | уреди извор]

Иницијалниот слој на континуирано населување на локалитетот Цареви Кули го претставува времето на халколитот, односно бакарното доба. Во првата половина на V милениум пр.н.е., на врвот на ридот е подигната првата населба која е специфична за раните фази на халколитот. Оваа праисториска населба е од „градинест“ тип и е расположена терасесто на југоисточната падина, на рабовите од северозападното плато и на локалитетот Јужен рид. Археолошките истражувања покажуваат дека населбата е еднослојна, со силно изразен средишен, акрополски дел и пониски тераси, радијално распоредени околу централниот простор. Објектите за живеење се поставени на рабовите околу платото и на југоисточната падина, додека во средиштето најверојатно се наоѓала стоката оградена во бачила. Во истражувачката кампања на археолозите во секторот југоисточна падина и северозападен бедем се истражени неколку објекти градени со делумно вкопување во терасата. Надземните делови на ѕидовите се чини имале лесна конструкција, изведена со колци облепени со кал. Покривот на овие објекти веројатно бил изведен од гранки, трска и слама.

Фрагмент од антропоморфна фигурина
Амфоровиден сад

Материјалната култура e составена од артефакти кои имале одредена улога во секојдневните активности на праисториската популација. Предметите пронајдени за време на истражувањата сведочат за целосно афирмирана населба во чии рамки живеела заедница која добро ги познавала технолошките процеси на обработка на керамиката, каменот, а можно е дури и металот. Судејќи според наодите, луѓето во населбата, покрај градежништвото, сточарството и земјоделието, се занимавале уште и со предење, ткаење, грнчарство, изработка на алатки од камен, кремен, коска и рог.[3] Главната карактеристика на халколитската грнчарија е украсување со графитно сликање и врежани линии.

Севкупните сознанија за халколитската култура на Цареви Кули зборуваат во прилог на јасно заокружени религиски сфаќања кои имале значајна улога во животот на праисториското население. Најголемиот број култни предмети ги сочинуваат антропоморфните фигурини, а во помала мера култните масички, амулети, пршлени за вретено и одредени предмети кои немаат јасно заначење.[4] Еден од најзначајните наоди на локалитетот Цареви Кули е најстарата метална алатка-шило, пронајдена ин ситу.

Судејќи според своите севкупни материјални карактеристики, халколитската култура на Цареви Кули припаѓа на комплексот кој културно го обединува подрачјето помеѓу реките Струма и Вардар. Во Македонија овој комплекс е познат како Цареви Кули-Бурилчево-Спанчево. Во долината на реката Струма оваа култура е позната како културен комплекс Градешница-Слатино-Дикили Таш II.[5]

Бронзено време (рано и средно бронзено време)

[уреди | уреди извор]
Можна реконструкција на населбата од средното бронзено време на Цареви Кули
Кантаровидно сатче од раната бронзена епоха
Сад од средната бронзена епоха
Сад од средната бронзена епоха

Кон крајот на третиот милениум пр.н.е. носителите на ранобронзената епоха ја отпочнале втората фаза на континуирано населување на локалитетот Цареви Кули. Истражувањата на југоисточната падина на локалитетот покажале дека бронзенодопската населба изникнала веднаш над стратумите од халколитската епоха. Ваквите населби се познати како „градински“ тип односно населби позиционирани на високи и непристапни ридови кои доминираат со околината. Со истражувањата се воочени две фази на живеење во населбата од раното бронзено доба. Објектите биле поставени на тераси засечени во падината.[6]

Следната етапа во развојот на праисториската култура на Цареви Кули ѝ припаѓа на средната бронзена епоха. Непосредно над помладата станбена фаза од раното бронзено време е формирана во привиден континуитет населбата од средната бронзена епоха. Станбениот хоризонт од оваа фаза покажува разлики во организацијата на објектите кои во овој период се организирани самостојно и поставени на различни тераси. Кај повеќето објекти терасата била вештачки засекувана во карпата, а објектите биле изградени со колци. Објектите од времето на средната бронзена епоха биле надземни и, најверојатно, биле изградени со дрвена конструкција. За разлика од ранобронзените, најмалку еден од објектите поседувал аписда на источната страна.[7]

Материјалната култура, главно сочинета од вообичаена бронзенодопска грнчарија, населбата од раната бронзена епоха ја поврзува со населбите од север, а онаа од средната бронзена епоха со населбите од југ. Кај оние од средната бронзена епоха, нјавпечатливи се садовите со т.н. wish bone handles и оние богато украсени со геометриски врежувања.[8] Хронолошката, географската и културната припадност на наодите од средната бронзена епоха ја поврзуваат населбата на Цареви Кули со т.н. миниска култура.

Железно време

[уреди | уреди извор]

На локалитетот Цареви Кули се бележат спорадични наоди од раното железно време. Најголемиот дел го сочинуваат наоди на грнчарија, пред сè, паници со канелирана устинка, бокали декорирани со шрафирани висечки триаголници, подвижни печки (pyraunoi) итн. Се чини дека миграциските бранови на Егејските преселби поминале и низ овие краишта, но на локалитетот се задржале во многу краток период. Врвот на ридот во тоа време најверојатно претставувал пункт од каде миграциските бранови го продолжиле својот поход кон богатите населби на Егејот.[9]

Историја

[уреди | уреди извор]
Античка јама 5 за време на археолошките истражувања
Можна позиција на светилиштето од античкиот период

Антички период на Цареви Кули

[уреди | уреди извор]

Кон крајот на V век пр.н.е. локалитетот одново е користен од населението кое во овој период ја подига првата урбана населба во подножјето на Цареви Кули, под темелите на денешниот град Струмица. Најверојатно тогашното население е составено од Пајонци, кои кон почетокот на IV век пр.н.е. потпаѓаат под доминација на античката македонска држава. Судејќи според материјалните наоди, првите завојувања на овие простори најверојатно се случуваат под Аминта III,[10] а во времето на Филип II и Александар III тие целосно се интегрирани во македонската држава.[11]

Амбалажен сад – амфора

Археолошките истражувања на врвот на ридот откриваат пет големи јами, исполнети со исклучителен материјал од раната античка епоха. Судејќи според археолошкиот материјал, првите големи јами се појавуваат кон крајот на V и почетокот на IV век пр.н.е. Во јамите е складиран материјал, безмалку до крајот на IV век пр.н.е. Јамите кои се издлабени во лискунеста и песочна карпа имаат крушколика форма, кружна основа и се со различна големина и длабочина. Најголемата од нив, именувана Јама 5 од археолозите, е широка 5,4 метри, а длабока 4 метри. За разлика од големите антички јами, археолошките истражувања на врвот на ридот не укажуваат на конкретни остатоци од каква било друга градба од истата епоха. Исклучок е правоаголен објект издлабен во спилата кој се наоѓа во непосредна близина на Јама 5 и е органски споен со неа.[12]

Јамите се исполнети со материјал од IV век пр.н.е. кој вклучува античка и сива пајонска грнчарија (амфори, киликси, скифоси, кантароси, аскоси, арибалоси, паници, чинии итн.), монети, накит, остатоци од оружје (стрелки и бадемести проектили за праќа) и друго.[13] Судејќи според временскиот контекст, содржината и местоположбата на јамите, како и нивната импозантна големина, античките јами најверојатно можат да се поврзат со практикувањето на ритуали во рамките на одредени култни активности посветени на некои антички божества.

Се чини дека платото на Цареви Кули, во периодот од V до IV век пр.н.е. служи како светилиште односно некаков вид теменос, каде населението од античкиот град под темелите на денешна Струмица практикувало религиски и култни активности.[14]

Теракотна фигурина на Кибела

Хеленистички период

[уреди | уреди извор]

На просторот на југоисточното и северозападното плато е пронајден значаен хоризонт од хеленистичкиот период. Се чини дека овој хоризонт функционирал и по римските освојувања на овие краеви. Во оваа епоха се појавуваат и првите позначајни остатоци на архитектура. Се работи за објекти ѕидани од кршен камен во техниката на сувоѕид. Движните наоди пронајдени во културните слоеви на објектите и околу нив несомнено припаѓаат на хеленистичкиот период. Во еден од објектите е пронајдена керамичка ламба со релјефна флорална претстава и покриена со црн фирнајс од III-II век пр.н.е. Во непосредна близина на овие објекти, веднаш под остатоците на средновековниот бедем, се појавиле и остатоци на питоси. На оваа позиција бил истражен и керамички материјал од хеленистичкиот период, како и монети од автономните ковања на македонските градови. Се чини дека првата фаза на објектите најверојатно потекнува од III-II век пр.н.е., а втората фаза, која небрежно и набрзина е подигната, е од периодот на римската доминација.[15] Во прилог на проучувањето на населбата во времето на хеленистичката епоха сведочи и некрополата на локалитетот Јужен рид. Нејзиното користење најверојатно започнало уште во времето на раноантичкиот период.[16]

Во репертоарот на керамопластиката од хеленистичкиот период на Цареви Кули, покрај значајното количество керамички садови, се појавиле наоди на керамички модел на олтар, теракотни фигурини на Кибела и Хермес.[17] Покрај тоа се бележат наоди на монети, накит, од кои највпечатливи се златните обетки со претстава на лавја глава, глава на Африканец и прстен со глава на жена.[18]

Римски период

[уреди | уреди извор]
Надгробен медалјон со натпис кој укажува на свештеник на култот на Артемида

По Третата римско-македонска војна (171-168 година пред н.е.) и поразот на македонскиот крал Персеј од страна на римскиот конзул Л. Емилиј Паул во битката кај Пидна (168 г. пр.н.е.), Македонија е трајно завладеана од Римјаните.[19]

Во времето на републиканскиот и раноцарскиот период, на Цареви Кули се бележи редуцирање на градежните активности. На платото биле истражени само неколку објекти, како и остатоци на ѕидови кои недвосмислено се поврзувааат со римскиот период.

Истражувањата на платото изнеле на виделина неколку правоаголни објекти работени од камен и кал. Градбите се зачувани во прилично руинирна состојба, што е последица на оштетувањата предизвикани од деструктивните процеси на подоцнежните градежни активности. Во објектите се бележи значајно количество движен материјал кој потекнува од првите два века. За жал, функцијата на објектите не е позната. Врз основа на откриениот движен материјал постои можност дека се работи за станбени објекти или, пак, објекти со економска намена во кои се одлагале прехранбени намирници.

Објектите биле срушени кон крајот на III век, најверојатно, како последица на готско-херулските пустошења во 268/269 година, кога страдале повеќето градови во овој дел на Балканот.[20]

Во римските слоеви на Цареви Кули се пронајдени разновидни занаетчиско-уметнички производи составени од бронзена статуетка со стилизирана претстава на Меркур, накит, уталитерни предмети итн. Од грнчарските производи впечатлива е печатената керамика, а исто така, бил пронајден и надгробен споменик – медалјон со натпис кој укажува на свештеник на култот на Артемида.[21]

Можен изглед на доцноантичката фортификација

Доцноантички период

[уреди | уреди извор]

Ахеолошките истражувања покажале дека првата солидно градена фортификација на Цареви Кули изникнала во текот на доцната антика. Се работи за моќен кастрон кој, покрај стражарската служба, служел и како рефугиум за месното население, односно како место каде жителите од античкиот град на местото на денешна Струмица, можеле брзо и сигурно да се засолнат во времето на големите опасности. Оваа фортификација била изградена кон крајот на III или почетокот на IV век. Тогаш, најверојатно биле подигнати првите цврсти и солидно градени бедеми, откриени на повеќе позиции околу платото. Со оглед на силната бедемска фортификација и богатите резерви на вода и храна, кои биле складирани во рамките на тврдината, граѓаните од античкиот град во подножјето на Цареви Кули, овде можеле да останат со месеци.[22]

Ламба со претстава на Ахил и Пентесилеја

Најголема потврда за засилената активност во доцноантичката тврдина на Цареви Кули, е постоењето на голема доцноантичка некропола во секторот Јужен рид. Во неа биле погребувани стражарите, заедно со членовите на нивните семејства. Истражувањата покажале дека ридот почнал да се користи за погребувања кон крајот на III и почетокот на IV век, веројатно по подигањето на доцноантичката крепост на Цареви Кули. Погребувањата се вршени се до првата половина на V век. Судејќи според материјалните остатоци, во прв ред, монетите ковани во времето на Маврикиј (582-602), оваа крепост над градот ќе функционира сè до осумдесеттите години на VI век, кога најверојатно ќе биде напуштена.[23]

Слоевите од доцната антика, односно рановизантискиот хоризонт, го претставуваат еден од најбогатите и најразноврсни периоди во материјалната култура на локалитетот Цареви Кули. Како и кај сите останати културни слоеви, грнчаријата е најбројниот фонд на наоди. Следат нумизматичките наоди, накитот, предметите изработени од стакло, ламбите, предметите употребувани во секојдневието, предметите изработени од коска и рог, а во помала мера, и оружјето.

Средновековен период на Цареви Кули

[уреди | уреди извор]
Можен изглед на средновековната тврдина Цареви Кули

Судбината на доцноантичката крепост во периодот на раното средновековие, од почетокот на VII век па сè до крајот на X век, не е позната. Најмладиот средновековен хоризонт на Цареви Кули се образувал кон крајот на X и почетокот на XI век. Судејќи според наодите и архитектонските остатоци, доцноантичката крепост најверојатно била повторно запоседната во периодот на Самуиловите војни. За нејзината сочуваност, во мугрите на Самуиловата држава, не се знае речиси ништо, но може да се претпостави дека, кон крајот на X и почетокот на XI век, таа сè уште била во солидна состојба.

Точното време на градењето на средновековната крепост Цареви Кули не е познато. Тој податок никаде не е забележен ниту, пак, тврдината под тоа име се споменува во некои историски извори. Меѓутоа, многу податоци одат во прилог на мислењето дека тврдината е подигната во времето на Комниновската реставрација и тоа, некаде кон крајот на XI или почетокот на XII век. Имајќи ја предвид опасноста од Крстоносците, Узите, Печенезите и Куманите, царевите од ромејската лоза на Комнините ја насочиле својата енергија кон организација на одбранбената моќ во овој дел на Ромејското Царство. Дека крепоста почнала да се гради набргу после Првата крстоносна војна зборува и фактот на големата концентрација на ромејска војска во овие краишта кон крајот на XI век. Овој податок е верно запишан во манастирските списи на манастирот Св.Богородица Милостива во Велјуса.[24]

Судејќи според истражувањата, активностите во тврдината бележат најголем подем во периодот на владеењето на самостојните господари Добромир Хрс и Стрез, односно кон крајот на XII и почетокот на XIII век. По овој период, овие краишта ќе се најдат во центарот на воените збиднувања, кога честопати ќе се наоѓаат под разни владетели. Оваа ситуација така ќе остане се до 1261 година кога, по реставрацијата на Ромејското Царство, приликите конечно ќе се стабилизираат. Кон крајот од триесетите години на XIV век оваа област накратко ќе биде запоседната од страна на самостојниот господар Хреља, за да веќе од 1332 година потпадне под српска власт. Српските владетели ќе владеат со оваа област безмалку до крајот на XIV век.

Опис на средновековната тврдина

[уреди | уреди извор]
Можен изглед на средновековната тврдина Цареви Кули - Струмица

Средновековната тврдина Цареви Кули е комплексна фортификација која, покрај воената посада, имала и цивилни лица кои вршеле одредени работи поврзани со секојдневните активности. Припаѓала на низа важни утврдени места во средновековието на Македонија, меѓу кои се истакнувала со големината, специфичната положба и извонредното стратешко значење. Нејзината големина била условена со природните можности на теренот, на којшто градителите морале да се прилагодат. Изградена на издолжениот седлест врв на едно од крајните источни ограноци на ридовите од планината Еленица, средновековната крепост има издолжена овална форма.

Основната концепција на средновековната тврдината ја чини бедемското обѕидие, зајакнато со најмалку пет, а најмногу седум кули (бројот на кулите не може да се определи поради свлечиштата кои однеле голем дел од фортификационата архитектура). Подолгите страни на крепоста се поставени на оската североисток-југозапад. Должината на крепоста е 230 м, додека најголемата широчина изнесува 80 м. Вкупниот периметар на средновековното обѕидие, заедно со одбранбените кули, изнесува околу 550 м. Во времето кога била активна, нејзината површина изнесувала околу 1,15 хектари.[25]

Тврдината била најдобро бранета на западниот влез каде е зајакната со три кули оддалечени една од друга во должина на копјомет. На оваа позиција одбраната е дополнително зајакнета и со прекопување на вештачки длабок ров-fossa.

Можен изглед на централната одбранбена кула Пирг

На централниот дел се наоѓа најголемиот објект - централна одбранбена кула-Пирг. Оваа кула функционирала како раководен центар на одбраната, а во исто време била и командно место на старешината на тврдината. Во нејзината внатрешност се наоѓале одаите на старешината и магацините во кои биле складирани намирници и оружјето, а во подрумските простории имало цистерна за вода.

Сад изработен во зграфито-техника XII-XIII век

Во нејзина непосредна близина кон запад се наоѓаат остатоци од помал објект премачкан со хидростатен малтер. Овој објект, најверојатно претставува мала цистерна која била во функција на централната кула. На југоисточното плато се распространети објектите за домување на посадата на тврдината, а се мисли дека овде, потпрен врз југоисточниот бедем се наоѓал и утврдениот двор за заповедникот на тврдината. Централно на платото се наоѓаат уште неколку објекти кои служеле за домување. Овде се наоѓа и големата цистерна, односно гранариум. На северната страна се наоѓа средновековната црква, а западно од неа неколку објекти за домување, складирање на прехранбени артикли, како и цистерна со бунар. Од друга страна, можно е на северозападното плато да се наоѓале занаетчиските работилници, како и некои други помали придружни објекти поврзани со нив. Поради потребата за дополнителни количества на вода, овде била направена уште една цистерна за собирање на атмосферска вода.[26]

Културните слоеви од средновековниот период на Цареви Кули ги одликува мноштво археолошки наоди кои претставуваат материјална потврда за интензивниот живот во рамките на тврдината и околу неа. Сложената стратиграфска ситуација ја одредуваат два значајна хоризонта кои се однесуваат на Самуиловите војни (од крајот на X и почетокот на XI век) и периодот на егзистирањето на средновековната тврдина (од крајот на XI век до крајот на XIV век).

Во текот на средновековието, просторот на средновековната тврдина е претворен во воен амбиент чиј карактер, покрај архитектонскиот склоп на материјалните остатоци, го одредуваат и разновидни предмети на материјалната култура. Овој материјал, во најголема мера, е составен од керамички предмети, во прв ред, садова и трпезна керамика, потоа остатоци од предмети употребувани за украсување, предмети поврзани со личната побожност, оружје и опрема, орудија и алатки, монети, како и предмети употребувани во секојдневните активности.[27]

Доцносредновековен период

[уреди | уреди извор]
Доцносредновековен објект на југоисточното плато

Со преземањето на овие краеви од страна на Османлиите, во пролетта 1395 година, е отворено ново поглавје во историјата на Цареви Кули- Струмица.

Тврдината Цареви Кули во тоа време доживеала неколку промени. По освојувањето на Струмица од страна на Османлиите, положбата на тврдината значајно се изменила затоа што останала длабоко во територијата на Царството и постепено го изгубила своето воено-стратешко значење. Сепак, во XV век, таа сè уште го имала својот одбранбен карактер, за што сведочат некои објекти и наодите од археолошките истражувања. За оваа фаза сведочи и малиот објект познат како црквичка сместен на западниот длабок дол, педесетина метри под тврдината.[28]

Од тогашните документи се дознава дека во почетокот на XV век Османлиите поправиле голем број тврдини и во нив сместиле гарнизони и огромен воено-административен апарат. Во наредните години Османлиите имале свои посади во скопската, кичевската и прилепската, како и во струмичката тврдина.[29] Се чини дека во периодот на XV век, крепоста над Струмица била дополнително зајакнета, а на одредени позиции се подигнати нови објекти за посадата на тврдината.

Доцносредновековен сад

Еден од најголемите турски патеписци, Евлија Челеби, ја посетил Струмица во 1670 година. Тој во своите записи ја споменува и тврдината над градот. За неа напишал дека е напуштена, поради тоа што Струмица се наоѓала во средиштето на Османлиската Империја, дека тврдината започнала да се руши од поодамна и дека во неа тогаш престојувале само неколкумина војници – мартолози. Од записите на Евлија Челеби се дознава дека во тврдината немало ниту постојана војска, ниту куќи.[30]

Археолошките истражувања на крепоста Цареви Кули покажале дека со доаѓањето на Османлиите се случуваат одредени промени и на самата тврдина. Се претпоставува дека еден дел од средновековните објекти бил срушен, дел од нив преадаптиран, а подигнати се и сосема нови. На југоисточното плато се појавуваат два објекта кои имаат правоаголна основа. Овие објекти претставуваат куќи на посадата на тврдината или имале верски и административен карактер. Со оглед на релативно малиот број на објекти, се смета дека во овој период во тврдината била сконцентрирана малобројна посада. Ова го потврдуваат и историските извори во кои е наведено дека во XVI век во неа престојувала посада од десетина членови.[31]

Истражувањата на доцносредновековните слоеви на крепоста Цареви Кули, изнедрија мноштво наоди кои се поврзуваат со Османлиското средновековие. Најголемиот број од нив се поврзани со секојдневните активности на воената посада, а составени се од доцносредновековна и османска грнчарија. Мал број го чинат наодите на накит, составени исклучиво од прстени, а се бележат и неколку утилитарни предмети кои биле користени во секојдневните активности. Во рамките на истражувањата биле пронајдени и монети, составени претежно од акчиња. Специфични наоди за оваа епоха се и оловните проектили од огнени оружја, односно кубури и пушки.[32]

Цареви Кули од XIX до XXI век

[уреди | уреди извор]
Цареви Кули пред 1931 година, со сочувана југозападна кула

Дваесеттиот век на овие подрачја донел многу промени кои ќе имаат далекусежни последици во натомошниот развој на градот Струмица, а воедно и на крепоста над него. Одамна напуштена и руинирана, кон крајот на XIX и почетокот на XX век, крепоста над Струмица веќе била дел од легендите и преданијата на месното население. Остатоците од крепоста ја буделе љубопитноста кај генерациите израснати во нејзиното подножје. Во тоа време, од колено на колено, веќе се пренесувале разни приказни за нејзината силина, моќ и значење. Тогаш, најверојатно крепоста над Струмица го добила и своето народно име „Цареви Кули“ кое ќе остане сè до денес.

За нејзината мистична привлечност пишува дури и Карл Мај. Во својот роман „Во клисурите на Балканот“, од 1888 година, дел од дејството се случува и во градот Струмица. Меѓу другото, тој зборува и за тврдината над градот, која во тој период била обвиена со мистични настани.[33]

Во првите неколку децении на XX век, низ овие краеви поминал и Богдан Филов кој во своите патувања дава опис на тврдината над Струмица. Во своите белешки од 16-18 март 1913 година дава опис на централната кула. Освен оваа кула, ги споменува и двете кули на западниот влез за кои вели дека го фланкирале главниот влез. Тој таму јасно го назначил името на тврдината како Цареви Кули.[34]

Цареви Кули за време на истражувањата 2008 година

И покрај тоа што тврдината веќе оддамна била напуштена, одредени траги зборуваат дека животот во неа не замрел целосно. Во виорот на Балканските војни, Првата и Втората светска војна, врвот на ридот бил користен за воени потреби. Археолошките истражувања покажаа дека на одредени места се појавуваат наоди кои посочуваат на кратко запоседнување на тврдината, пред сè, поради нејзината стратешка позиција.

Во периодот помеѓу двете светски војни, Цареви Кули доживеале уште едно уривање кое било предизвикано од земјотресот кој ја погодил областа на Валандово, во текот на месец март 1931 година. Имено, во овој период најверојатно е урнат поголемиот дел на југозападната кула, која јасно се гледа на неколку фотографии направени помеѓу двете светски војни. Се чини дека одредени остатоци на оваа кула биле во сè уште добра кондиција сè до крајот на војната. Но, некаде при крајот на војната и овие остатоци биле урнати, така што од оваа кула денес е сочувана само основата.

Во меѓувоениот период на Цареви Кули се одржувала една манифестација која е специфична за градот Струмица. Имено, во почетокот на големите пости, во текот на првите три дена, наречени „тримери“, градското население од Струмица имало обичај да ја посетува крепоста и овде да раздава остатоци од тримерскиот ручек. Оваа традиција се одржала во Струмица и во повоениот период, сè до средината на педесеттите години, кога полека почнува да исчезнува.[35]

Интересот за крепоста над Струмица повторно ќе заживее во првите децении на XXI век, кога ќе се спроведат обемни археолошки истражувања и конзерваторски зафати со кои полека се враќа стариот сјај на средновековната тврдина.

Концерт на Цареви Кули, 2019 година

Во популарната култура

[уреди | уреди извор]
  • Староградска песна „Под кулите на Струмица“
  • Фестивал на староградски песни и серенади „Под кулите на Струмица“
  1. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од Римското Царство до доцен среден век, книга II, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2022, 225-226.
  2. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од праисторијата  до Римското Царство, книга I, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2020, 15-16.
  3. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од праисторијата  до Римското Царство, книга I, НУ Завод за заштита на спомениците на културат и музеј, Струмица, Струмица 2020, 50.
  4. Рујак Зоран, Цареви Кули, Скопје 2016, 6-7.
  5. Митревски Драги, МАКЕДОНИЈА милениумски културно-историски факти, Праисторија, Том 1, Скопје 2013, 144.
  6. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од праисторијата  до Римското Царство, книга I, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2020, 105-110.
  7. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од праисторијата  до Римското Царство, книга I, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2020, 115-125.
  8. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од праисторијата  до Римското Царство, книга I, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2020, 126-134.
  9. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од праисторијата  до Римското Царство, книга I, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2020, 143-153.
  10. Шукарова А, Македонија во стариот свет. Македонија, милениумски културно-историски факти, Медија принт, Македонија, Универзитет Евро-Балкан, Скопје, 2013, 492.
  11. Angelkovski Boško, Survey for the Studying of the Lead Projectiles and Findings from the Carevi-Kuli-Strumica. In Stephanos Archaeologicos In Honorem Professoris Ivani Mikulčić (Folia archaeologica Balkanica, vol. 2), 2012, Skopje, 255-261.
  12. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од праисторијата  до Римското Царство, книга I, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2020, 168.
  13. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од праисторијата  до Римското Царство, книга I, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2020, 180-213
  14. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од праисторијата  до Римското Царство, книга I, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2020, 166-168.
  15. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од праисторијата  до Римското Царство, книга I, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2020, 222-225.
  16. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од праисторијата  до Римското Царство, книга I, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2020, 226-229.
  17. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од праисторијата  до Римското Царство, книга I, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2020, 230-231.
  18. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од праисторијата  до Римското Царство, книга I, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2020, 251-253.
  19. Папазоглу Ф., Македонски градови у Римско доба, Жива Антика, Посебна издања, Књига 1, Скопје 1957, 58.
  20. Микулчиќ, И., Антички градови во Македонија, Книга 8, Македонска Академија на науките и уметностите, Скопје, 1999. 195.
  21. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, Римското Царство до доцен среден век, книга II, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2022, 32-46.
  22. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од Римското Царство до доцен среден век, книга II, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2022, 80-87.
  23. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од Римското Царство до доцен среден век, книга II, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2022, 89-97.
  24. Панов Б, 1984, Струмица и Струмичката област во средниот век (VI-XI век), Акта Велјуса, Скопје 1984, 68-69.
  25. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од Римското Царство до доцен среден век, книга II, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2022, 227-228.
  26. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од Римското Царство до доцен среден век, книга II, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2022, 233-234.
  27. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од Римското Царство до доцен среден век, книга II, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2022, 334.
  28. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од Римското Царство до доцен среден век, книга II, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2022, 443.
  29. Стојановски А. 1981, Градовите на Македонија од крајот на XIV до XVII век, Скопје 1981.
  30. Šabanović, H., 1957, Evlija Ćelebija-Putopis, Svjetlost, Zagreb 1957, 575.
  31. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од Римското Царство до доцен среден век, книга II, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2022, 446-447.
  32. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од Римското Царство до доцен среден век, книга II, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2022, 454.
  33. Цветанов, Д., 2016, Развој и континуитет на комплексното утврдување на градот Струмица од IV до XVI век, Патримониум.Мк, Година 9, број 14, Скопје 2016, 89-101.
  34. Филов, Б., 1933, Пътувания низ Тракия, Родопите и Македония 1912 – 1916. Съставител Петър Петров. Унив. изд-во „Св. Климент Охридски“, София, 1993.
  35. Рујак Зоран, Цареви Кули-Струмица, од Римското Царство до доцен среден век, книга II, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица, Струмица 2022, 466-469.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]