Лабуништа
Лабуништа | |
Поглед на селото Лабуништа | |
Координати 41°16′6″N 20°35′45″E / 41.26833° СГШ; 20.59583° ИГД | |
Регион | Југозападен |
Општина | Струга |
Област | Дримкол |
Население | 6.739 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 6336 |
Повик. бр. | 046 |
Шифра на КО | 26025, 26525 |
Надм. вис. | 865 м |
Лабуништа на општинската карта Атарот на Лабуништа во рамките на општината | |
Лабуништа на Ризницата |
Лабуништа (или Лабуниште; дијалектно: Лабунишча) — село во областа Дримкол, во Општина Струга, на патот помеѓу градовите Струга и Дебар.
До 2004 година, селото претставувало административно седиште на поранешната истоимена општина.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во областа Дримкол, во средишниот дел на територијата на Општина Струга, на западната страна на Струшкото Поле, чиј атар се издига високо до сртот на Јабланица, каде што се допира со државната граница со Албанија.[2] Селото е рамнинско-ридско, бидејќи куќите се издигаат на надморска височина од 850 до 980 метри. Од самиот град Струга е оддалечено 17 километри.[2]
Селото се наоѓа во западните делови на Струшкото Поле, во подножјето на планината Јабланица.
Ова големо село се наоѓа во областа Струшки Дримкол. Тоа е сместено на почетокот на Дримколската Клисура, лево од патот Струга-Дебар. Селото остава впечаток повеќе на градска отколку на селска средина, поради бројните трговски и занаетчиски дуќани.[3]
Лабуништа се наоѓа на 865 метри надморска височина (мерно место кај училиштето) и припаѓа на населба од ридско-планински збиен тип. Иако селото порано било типична потпланинско село, во изминатиов период целосно се има променети и проширено најмногу во должина (северозапад-југоисток), но и во ширина. Со тоа е целосно сменет селскиот амбиент.[3]
Покарактеристичните надморски височини: 739 м.н.в. место викано Долишта; 784 м.н.в. кај Боровечки Мост на Лабунишка Река; 882 м.н.в. кај Градиште; 865 м.н.в. во центарот на населбата; 998 м.н.в. кај Стојанов Камен; 989 м.н.в. кај Џамов Рид; 1094 м.н.в. кај Горна Краста; 1.028 м.н.в. кај Зло Шума; 1.103 м.н.в. кај Џупани; 1.268 м.н.в. кај местото Челов Камен; 1.540 м.н.в. на врвот Слива; 1.570 м.н.в. на местото Гола Краста; 1.712 м.н.в. на висорамнината Леништа; 1.794 м.н.в. кај местото Ќеримов Гроб; 2.257 м.н.в. кај Црни Камен; 2.233 м.н.в. на врвот Стрижак; 2.037 м.н.в. на местото Инџол; 1.973 м.н.в. Голабов Камен; 1.733 м.н.в. кај Тафоф Извор; 1.098 м.н.в. на местото Локва; 2054 м.н.в. кај планинскиот врв Пупулјак и други.
Планината Јабланица на запад имала големо значење за развојот на селото. Месностите во атарот на селото под шума и пасишта ги носат следниве имиња: Заврток, Чељов камен, Гола краста, Лениште, Инѓол, Мала и Голема скала, Тафов извор, Сушица, Стрижак, Мислим кутел, Невестин гроб, Милев гроб, Ќеримов гроб, Мефајлов гроб, Фератов пот (пат), Белески лазој, Слива, Танев лаз, Плоча и Док. Источно од селото се наоѓа нискиот дел на атарот, кој се шири до реката Црн Дрим. Месностите во овој дел на атарот ги носат следниве имиња: Голем извор, Широка равен, Стари лозја, Каравански пот, Пешкојца, Кутел, Зејгозец, Шерифова ливада, Подгоречко, Лазишта, Богдано, Златарец, Костен, Каменица и Широка равен.[3]
Надморската височина се движи од 739 м.н.в. кај Долишта и Зејгазец до 2257 метри на Црни Камен на планината Јабланица. Релативната височина изнесува 1.518 метри. Тоа покажува дека синорот на Лабуништа содржи: планински, високопланински и алпски терен што е многу стрмен, испречен со долови и реки, но има и мал полски терен. Лабуништа е расположено на два дела, природно разделено и со текот на Лабунишка Река. Тоа дава прекрасна слика на Лабуништа. Од едната страна е завиено со питома костенова шума на планината Јабланица, а од левата страна се простира карпестиот дел што постепено се оплеменува и се озеленува со зимзелени растенија.
Од десната страна на центарот се наоѓа седиштето на општина Лабуништа, основана на 17 ноември 1996 година, која била укината во 2004 година. На овој дел се наоѓа верскиот објект Мехмедалиевата џамија подигната во 1794 година, а обновена во 1990 година, која е подигната со ферман од султанот.
Лабуништа има многу збиен тип и е поделено на следниве краеви: Горен, Среден и Долен крај. Овие краеви се поделени по маала, кои носат имиња на родови.[3]
Климатски услови
[уреди | уреди извор]Врз климатските услови на ова подрачје, кое припаѓа на Струшко-Охридската Котлина, големо влијание има водната маса на Охридското Езеро (чија надморска височина се движи од 695 до 760 м.н.в), планинските масиви на планините: Јабланица, Караорман и Стогово. Од Јадранското Море е оддалечено околу 110 километри и преку преслапот од запад постојат услови за продирање на воздушни маси (од југозападниот дел од Ќафасан и Свети Наум, преку Мокра, по течението на реката Шкумба). Но, во Охридско-струшката Котлина, во поголема мера, изразено е влијанието на езерото што се гледа во повисоките температури на воздухот во зимските месеци и нешто смалените температури во летните месеци. Планината Јабланица го задржува директното влијание на јадранската клима. Поради отвореноста на Струшко-охридската Котлина преку долината на Црн Дрим, од север во зимските месеци продираат студени воздушни маси што ја снижуваат температурата на воздухот, особено во Струшкото Поле. Тоа се одразува како на екстремните така и на просечните температурни вредности.
Релјефни и орографски одлики
[уреди | уреди извор]Лабуништа има неправилно триаглеста форма. Се протега од Кутел на север и северозапад кон југ и југоисток.
Релјефот на теренот е комбиниран. Од областа Кутел, мал рамничарски дел, постепено преминува во ридски терен, од двете страни на Лабунишка Река, преминува во планински дел обраснат со шумска вегетација и со големи нагиби. Во западниот и во северозападниот дел се наоѓа планинскиот дел со шума и пасишта. Полскиот терен опфаќа 1100 хектари површина. Ридскиот терен започнува веднаш над полската обработлива површина и излегува во планинскиот предел. Тој е со каменеста подлога и грмушеста вегетација, со надморска височина од околу 800 до 1.096 метри. Планинскиот терен е обраснат со шуми и пасишта и зафаќа околу 50% од вкупната површина на надморската височина од 1.096 до 1.642 метри. Високопланинскиот терен е на надморска височина од 1.642 до 1.699 метри.
Сообраќај
[уреди | уреди извор]Лабуништа има поволни сообраќајни врски и тоа во следните насоки: низ населбата поминува главната улица. Таа од центарот надолу се спушта југоисточно, со асфалтирана подлога, во должина од 4 км сè до место викано „Суво Поле“ („Кореја“). Со овој локален пат се поврзува со регионалниот пат Струга–Дебар. Лабуништа има уредена, асфалтирана и поплочена сообраќајна мрежа во вкупна должина од 7 километри низ целата населба.
Селото се наоѓа во близина и на меѓународниот аеродром Охрид.
Со соседното село Подгорци сообраќајната поврзаност е со асфалтен пат што води од центарот на Лабуништа, од административната зграда на општина Лабуништа, па низ прекрасниот предел на костеновата шума, низ трапот Златарец и пристигнува до влезот на Подгорци во должина од 2,5 километри. За Подгорци води уште еден шумски пат, „Горни Пат“. Тој почнува од м.в. Ориште (Лабуништа), оди по „Водач“, поминува над споменикот каде што е убиен поп Стојан Крстиќ (1889) и стигнува во горниот дел на селото Подгорци. Трет правец тргнува откај Агушов Мост, (Асанов Мост), над маалото Пилчаровци и кај влезот на првите куќи до гробиштата на Подгорци се поврзува со асфалтниот пат Лабуништа–Подгорци.
Со соседното село Боровец сообраќајната поврзаност е следна. Кај мостот за Боровец, пред влезот за Лабуништа, се извлекува посебен крак за Боровец, асфалтиран во должина околу 4 километри, а оттаму продолжува за селото Јабланица. За Боровец водат уште два патни правци, и тоа: еден над маалото Мустовци и еден над пограничната караула на АРМ. Двата патни правци се спојуваат на место викано Горна Краста и продолжуваат едниот низ местото Другвец (чешма со бистра планинска вода за пиење), а вториот се дели од Горна Краста, над Краста, поминува стрмно низ Боровечки Осој и се спушта над куќите во маалото Мачовци, во Боровец.
Патниот меѓумесен сообраќај со туристичките места Струга и Охрид се одвива со секојдневна автобуска линија од 5:30 часот наутро до 19:30 навечер, на секој половина час на релација Лабуништа-Струга и обратно. Сообраќајот го извршува сообраќајното претпријатие АТП „Палм-Турист“ од Лабуништа, сопственост на Асим Кормакоски.
Историја
[уреди | уреди извор]Ретко која населба во околината го зачувало постоењето од средниот век до денес, како што е случајот со Лабуништа. Зачуваноста на населението се огледува и во топонимите. Само во еден дел низ времето биле доселувани жители, главно од Дебар и Голо Брдо.[3]
По народно предание, Лабуништа некогаш било словенско-христијанско село, сместено во денешниот Горен крај, поблизу до планината. Подоцна, тоа село станало мешано христијанско-муслиманско село. Муслиманите главно живеат во средниот и долниот дел на селото. Преданието кажува дека муслиманите потекнуваат од старите Словени кои го примиле исламот, но и од доселените од Дебар и Голо Брдо. Меѓу доселените имало Торбеши и Албанци, но бидејќи Торбешите биле побројни преовладал нивниот јазик.[3]
Во XIX век, Лабуништа било село во рамките на Струшката нахија во Охридската каза на Отоманското Царство.
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот зафаќа простор од 25,1 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 2.245 хектари, на шумите отпаѓаат 564 хектари, а на обработливото земјиште 557 хектари.[2]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[2]
Селото има услови за полјоделство и сточарство. На Јабланица имало интензивен сточарски живот, па така во 1977 година имало 4 бачила, во секое по околу 500 овци. Во ниските делови на селото се обработуваат нивите, постојат лозја, а ливадите служат за напасување на стоката. Освен со земјоделството, жителите се занимаваат и со градежништво. Воедно, селото претставува трговско-занаетчиски центар и во селото работат околу 50 дуќани, а во петок е пазарен ден. Во последно време, голем дел од машкото население е на печалба.[3]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Лабуништа имало 1.460 жители, сите Македонци, од кои 800 муслимани и 660 христијани.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Лабуништа имало 640 жители.[5]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Лабунишча е претставено како македонско-албанско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 222 куќи.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.700 Македонци и 50 Власи.[7]
Лабуништа е мошне големо село, со значителен пораст на населението. Така, тоа во 1961 година броело 2.729 жители, од кои 1.687 биле Македонци, 596 Турци, 372 Албанци и 67 жители муслимани и останати, а во 1994 година бројот се зголемил дури на 5.901 жител, од кои 1.816 биле Турци, 1.799 Албанци, 1.228 Македонци и 1.056 останати.[2]
Според последниот попис од 2002 година, во селото Лабуништа живееле 5.936 жители, од кои 371 Македонец, 4.288 Албанци, 879 Турци, 3 Роми, 1 Влав, 1 Србин, 31 Бошњак и 362 останати.[8]
Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 5.936 жители и претставува најголемото село во областа Дримкол и воопшто во Струшко.[8]
Поради социолошки, економски и политички влијанија, муслиманското население во селото се декларира со различни националности, како Турци, Албанци и слично, наместо Македонци. Во етнички поглед муслиманите кои говорат мајчин македонски јазик во Лабуништа немаат развиена свест за припадност кон македонскиот народ.[3] Според вероисповед 95% од населението на Лабуништа се муслимани.
Во поглед на мајчинот јазик, населението се изјаснило како:[8]
Јазик | Говорници | Удел |
македонски | 4.872 | 82,0% |
албански | 925 | 15,5% |
турски | 78 | 1,3% |
друг | 61 | 0,8% |
Во Лабуништа се забележливи и се слушат извесни разлики во говорот на жителите: христијаните и едно муслиманско маало имаат говор како и околните струшки села, додека другите побројни муслимани имаат изразит мијачки говор како во Голо Брдо, од каде што се и доселени.[3]
Од религиски аспект, во пописот од 2002 година, се регистрирани:[8]
Вера | Жители | Удел |
ислам | 5.709 | 96,1% |
православие | 198 | 3,3% |
друга | 29 | 0,4% |
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 6.739 жители, од кои 108 Македонци, 4.751 Албанец, 836 Турци, 5 Роми, 1 Србин, 42 Бошњаци, 468 останати и 528 лица без податоци.[9]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Лабуништа:
Година | Македонци | Албанци1 | Турци1 | Роми | Власи | Срби | Бошњаци | Ост. | Лица без под. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | — | 2.272 |
1953 | 1.322 | 733 | 407 | 0 | 8 | 4 | — | 12 | — | 2.486 |
1961 | 1.687 | 372 | 596 | — | — | 4 | — | 70 | — | 2.729 |
1971 | 2.397 | 865 | 297 | 0 | — | 1 | — | 51 | — | 3.611 |
1981 | 4.199 | 220 | 82 | 0 | 0 | 0 | — | 143 | — | 4.644 |
1991 | 791 | 961 | 569 | 0 | 0 | 1 | — | 3.339 | — | 5.661 |
1994 | 1.228 | 1.799 | 1.816 | 0 | 0 | 2 | — | 1.056 | — | 5.901 |
2002 | 371 | 4.288 | 879 | 3 | 1 | 1 | 31 | 362 | — | 5.936 |
2021 | 108 | 4.751 | 836 | 5 | 0 | 1 | 42 | 468 | 528 | 6.739 |
- 1 Во огромна мера се работи за Македонци-муслимани, а не вистински Албанци или Турци.
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Население низ историјата
[уреди | уреди извор]Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 1.460 | 640 | 2.272 | 2.486 | 2.729 | 3.611 | 4.644 | 5.661 | 5.901 | 5.936 | 6.739 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]
Родови
[уреди | уреди извор]Лабуништа е во целост населено со етничко македонско население кое се дели на муслиманско и христијанско.[3]
- Македонски христијански родови во Лабуништа се: Ѓорговци се староседелци; Ширдиновци и Илковци-Петревци во Лабуништа пред околу 300 години од околината на Скадар се доселил нивниот предок Никола кој бил широк човек, имал прекар Ширко според кој го добиле родовското презиме. Од овој род потекнува книжевникот Ангелко Крстиќ; Милошевци; Шутевци; К(о)вачевци; Пајковци се доселиле околу 1800 година од селото Клење во Голо Брдо од каде побегнале поради „крв“; Павловци; Цветковци; Марковци.[14]
- Македонски муслимански родови во Лабуништа се: Мустовци во кои спаѓаат родовските гранки Мустафовци, Лимановци, Исмајловци од ова семејство потекнува Нола Исмајлоска-Старова - пратеничка во Собранието во периодот 2016-2020, Исовци, Османовци, Сејдиновци, Дановци, Муслиовци, Салиевци и Сефидановци - нивниот предок Мустафа дошол во втората половина на XVIII век околу 1770-1790; Кормаковци дошле од селото Стеблево во Голо Брдо; Караалиовци за кои постои легенда дека родот настанал од турски војник по име Алија кој останал во Лабуништа, а бидејќи бил со црномуреста боја на кожата го завикале Кара-Алија (црни Алија); Оџовци се по потекло од Стеблево во Голо Брдо; Салковци и Алковци потекнуваат од браќата Салија и Алија кои долше од селото Себишта (а некаде се сретнува и Клење) во Голо Брдо, а понатаму се делат на Селмановци, Демишовци и Суловци; Шерифовци; Пилчаровци; Тафиловци; Салковци; Љаповци; Максутовци; Ќазимовци; Јусковци потекнуват од предокот Јусуф кој се доселил од селото Бројкојр покрај реката Ерзени на просторот помеѓу Тирана и Каваја во Албанија; Крацовци; Саитовци; Мемишовци; Бајрамовци; Зенделовци; Демиралиовци дошле од Стеблево во Голо Брдо.[14]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Основно училиште „Мурат Лабуништи“ до IX одделение — централно училиште
- Амбуланта
- Пошта (6336) — до крајот на 2001 година работеше како: пошта, телефонски и телеграфски сообраќај, а од втората половина на 2001 година работи посебна телефонска централа со преку 1500 телефонски приклучоци. Поштенскиот сообраќај од поштата се извршува за населбите: Лабуништа, Подгорци, Боровец и Јабланица.
- Месна канцеларија
- Општинско пензионерско здружение — создадено во 1999 година
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото претставувало седиште на истоимената општина.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Селото припаѓало на некогашната општина Струга во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957 селото било седиште на тогашната општина Велешта.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Лабуништа, во која покрај селото Лабуништа, се наоѓале и селата Бороец и Подгорци. Во периодот 1950-1952 година, селото претставувало седиште на истоимената општина, во која влегувале селата Лабуништа и Подгорци.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постојат избирачките места бр. 1905, 1905/1, 1906, 1906/1, 1907, 1907/1, 1908, 1909 и 1909/1 според Државната изборна комисија, сите сместени во основното училиште.[15]
На локалните избори во 2017 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 5.945 гласачи.[16] На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 5.977 гласачи.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 6.020 гласачи.[18]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[19]
- Градиште — средновековно утврдување.
- Цркви[20]
- Црква „Св. Никола“ — главна селска црква, во која се наоѓаат и селските гробишта. Потекнува од XIX век. Објекти во близина на црквата на 30 јануари 2012 година биле запалени и делумно оштетени;
- Црква „Св. Илија“ — изградена во 1977 година, а осветена е во 1979 година од страна на тогашниот Митрополит Дебарско-кичевски г. Ангелариј. Нема фрескоживопис; и
- Црква „Воведение на Пресвета Богородица“ — селска црква.[3]
- Џамии[20]
- Мехмедалиевата џамија — изградена во 1794 година, а обновена во 1990 година;
- Долна џамија — изградена во 1967 година; и
- Салахудин Ајуби џамија — џамија во маалото Краста, изградена во 2009 година.
- Реки[21]
- Лабунишка Река — притока на Црн Дрим
- Езера
- Горно Лабунишко Езеро — ледничко езеро
- Долно Лабунишко Езеро — ледничко езеро
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во Лабуништа
- Ангелко Крстиќ (1871-1952) — македонски и српски писател;
- Илија Илиќ - (1879 - 1942) - солунски добровољац;
- Ѓорѓи Цветков Дримколски — војвода;
- Никола Анѓелковиќ (1902-1944) — четнички командир;[22]
- Стојан Ѓурчинов (?-1927) — македонски духовник и револуционер;
- Мурат Лабуништа (1912-1946) — социолог-филозоф, поет, публицитет, преведувач, новинар, политичар и балист[23];
- Милисав Антонијевић (1913 - 2001) - учител и писател;
- Арбен Лабуништа — македонски политичар;
- Недим Рамизи (р. 1973) — македонски политичар, пратеник и заменик министер (2012);
- Агим Шаќири — пратеник; и
- Алија Камбероски — пратеник.
- Наум Петрески — македонски пејач. По потекло од Лабуништа.
Учесници во НОБ, и жртви на фашистичкиот терор[24]
- Никола Васил Кукунешоски — македонски партизан, загинат во НОБ.
- Радован Наум Димитриески — македонски партизан, загинат во НОБ.
- Ирфан Мурат Ќазимоски — македонски партизан, загинат во НОБ.
- Азис Рамадан Нуроски — македонски партизан, загинат во НОБ.
- Реџо Салија Тафилоски — македонски партизан, загинат во НОБ.
- Беќир Рапо Даноски — македонски партизан, загинат во НОБ.
- Самија Бајрам Амзоски — македонски партизан, загинат во НОБ.
- Јован Петре Петрески — македонски партизан, загинат во НОБ.
- Василије Никола Крстиќ — македонски партизан, загинат во НОБ.
- Милан Ристо Анѓелоски
- Наум Спасе Пајкоски
- Борис Гроздан Милошески
- Цветан Никола Василески
- Кристафил Петар Милошески
- Климо Наум Апостолоски
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Луѓе од селото постојано се иселувале, особено христијаните. Иселувањето започнало на почетокот на XIX век и тоа трае до денес. Сепак, иселувањата по Втората светска војна се зголемиле. Се иселувале од сите христијански родови, главно во градовите Охрид, Струга, Скопје и Белград. Од селото има и иселени Торбеши, како што се Лабуништани (7 к.), кои живеат во низинското село Мислешево крај Струга. Во периодот 1957-1958, 33 торбешки семејства се иселиле во Турција.[3]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 172. Посетено на 14 ноември 2018.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 Трифуноски, Јован (1992). Охридско-струшка област. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 192–196.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 254.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 164-165.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 31.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ 8,0 8,1 8,2 8,3 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 18 декември 2020.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ 14,0 14,1 Мустафоски-Мустоски, Фадил (2005). Лабуништа. Струга: Ирис. стр. 56–126.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 14 ноември 2018.
- ↑ „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-09-22. Посетено на 14 ноември 2018.
- ↑ „Референдум 2018“. Посетено на 14 ноември 2018.[мртва врска]
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ 20,0 20,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 41. ISBN 978-9989-2117-6-8.
- ↑ „Српски биографски речник, том 1, с. 19“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2011-09-16. Посетено на 2012-02-10.
- ↑ Кратка биографија на животот и делото на Мурат Лабуништи[мртва врска]
- ↑ . Каланоски, Илија (1983). Ослободителната војна и револуцијата во Струга и струшко 1941-1945. Скопје. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link)