Сибир
Сибир (руски: Сибирь) — огромна област во северниот дел на Азија, во состав на Русија. Тој се протега од планината Урал на запад до Тихиот Океан на исток и ги опфаќа Средносибирската Висорамнина и источносибирските планини. Во своите природни граници, Сибир зафаќа 11 милиони км2, со преку 30 милиони жители. По своите природни одлики се дели на две различни области: Западен Сибир - од Урал до реката Енисеј, кој претставува една пространа низина (Западносибирска Низина, најголема во светот) и Источен Сибир - источно од Енисеј, област со ридови, висорамнини и планиниски венци со голема височина. Сибир излегува на бреговите на Северноледениот Океан и поларните мориња: Карско, Лаптевско, Источносибирско, Чукотско, Берингово, Охотско и Јапонско Море.
Клима
[уреди | уреди извор]Физичка карта на северна Азија. |
---|
Климата во Сибир е поларно-континентална на север (на пример, градот Верхојанск на 67°33’ СГШ има средна годишна температура од -16,3°С, а средна јануарска од -50,5°С) и континентална на југ (Томск на 56°30’ СГШ има средна годишна температура од -1°С, средна јануарска од -19,6°С, средна јулска 18,7°С), додека на далечниот исток, кај приморјето на Тихиот Океан и Јапонското Море климата е нешто поблага поради влијанието на морето (Владивосток на 43°7’ СГШ има средна годишна температура од 4,3°С, средна јануарска од -15,1°С, средна јулска 20°С).
Хидрографија
[уреди | уреди извор]Најголеми реки во Сибир се Об со притоката Иртиш, Енисеј со Селенга и Ангара, Јана, Индигирка, Колима во сливот на Северноледениот Океан; Амур во сливот на Тихиот Океан. Од езерата, најпознато е Бајкалското Езеро, кое е и најдлабокото езеро во светот.
Планини
[уреди | уреди извор]Од планините, во Сибир се наоѓаат Алтај (со највисокиот врв Бјелуха, висок 4.506 м), Сајански Планини (3.492 м), Јаблановски Планини (2.800 м), Становојски Планини (2.840 м), Алдански Планини (2.700 м), Верхојански Планини (2.960 м), Черскога (3.147 м), Колимски Планини (2.222 м), Анадирски Планини (2.320 м) и вулканот Клучевскаја Сопка (4.750 м) на полуостровот Камчатка.
Биогеографија
[уреди | уреди извор]Од растителните зони, во Сибир се застапени тундрата на крајниот север, тајгата во северен и среден Сибир која зафаќа простор поголем од половина Европа и се одликува со големо богатство на топлокрвни животни, како дабари, самури, ермелини, поларни лисици итн.); потоа област на земјоделски култури во јужен Сибир, северно и јужно од транссибирската железница; степски предели на југ и југозапад.
Административна поделба
[уреди | уреди извор]Географски, во Сибир спаѓаат федералните субјекти на Сибирскиот федерален округ, некои од Уралскиот федерален округ и републиката Јакутија, која е дел од Далекуисточниот федерален округ (видете го списокот на субјекти подолу). Од историска гледна точка, сиот руски Далечен Исток се смета за сегмент на Сибир.
- Алтајски крај, админ. центар: Барнаул
- Република Алтај, гл. град: Горно Алтајск
- Република Бурјатија: гл. град: Улан Уде
- Забајкалски крај, админ. центар: Чита (до 2008 г. во укинатата Читинска област)
- Иркутска област, админ. центар: Иркутск
- Република Хакасија, гл. град: Абакан
- Ханти-мансиски автономен округ, гл. град: Ханти Мансијск, моментално дел од Уралскиот федерален округ
- Кемеровска област, админ. центар: Кемерово
- Краснојарски крај, админ. центар: Краснојарск
- Новосибирска област, админ. центар: Новосибирск
- Омска област, админ. центар: Омск
- Република Јакутија (Саха), гл. град: Јакутск, денес дел од Далекуисточниот федерален округ
- Томска област, админ. центар: Томск
- Тјумењска област, админ. центар: Тјумењ, денес дел од Уралскиот федерален округ
- Република Тува, гл. град: Кизил
- Јамало-ненецки автономен округ, админ. центар: Салехард, денес дел од Уралскиот федерален округ
Сибир како мотив во уметноста
[уреди | уреди извор]- „Писмо до Сибир“ — песна на рускиот поет Александар Пушкин.[1]
|
- ↑ A. S. Puškin, Lirika. Rad, Beograd, 1979, стр. 147.