Џигалазаде Јусуф Синан-паша

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Џигалазаде
Јусуф Синан
Паша
Cicala.jpg
Графика на Џигалазаде Јусуф Синан-паша
Голем везир на Отоманската империја
На должноста
17 октомври 1596 – 5 декември 1596
Монарх Мехмед III
Претходник Дамат Ибрахим-паша
Наследник Дамат Ибрахим-паша
Лични податоци
Починал(а) 1605
Националност Отоман

Џигалазаде Јусуф Синан-паша (турски: Cağaloğlu Yusuf Sinan Paşa; ~ 1545–1605) — отомански државник со италијанско потекло кој бил Голем везир четириесет дена помеѓу 17 октомври до 5 декември 1596 година во текот на владеењето на Мехмед III. Исто така бил капудан-паша (голем адмирал на Османлиската морнарица) како и воен генерал.

Бил роден како Шипионе Чикала во Генова или Месина околу 1545 година како член на благородничко[1] џеновско семејство од Чикала. Неговиот татко Висконте, според Штефан Герлах, бил во служба на Шпанија, додека неговата мајка се верува дека била Турчинка од Кастелнуово (денешен Херцег Нови). Висконте и неговиот син, биле заробени во битката кај Џерба од османлиската морнарица во 1560 или 1561 година и најпрвин биле одведени во Триполи во Северна Африка, а потоа во Константинопол. Таткото во заедничка размена бил пуштен од заробеништво и откако живеел некое време во Бејоглу (Пера), се вратил во Месина, каде умрел во 1564 година. Неговиот син, Шипионе, не бил ослободен, туку бил примен во отоманската војска на млади момци кои биле тренирани за царска служба. Како што било барано се преобратил во ислам и бил трениран во царската палата, издигнувајќи се до ранг „силахтар“. На крајот се оженил, најпрвин со една (1573), а потоа со друга (1576) правнука на Сулејман Величествениот. Бил охрабрен од богатството, функцијата и заштита на Портата.

Станал ага на јаничарите во 1575 година и останал таму до 1578 година. Во следната фаза на неговата кариера бил вклучен во активна служба во долгата османлиско-персиска војна во периодот 1578-1590. Станал беглербег на Ван во 1583 година и обезбедил команда во истата година на големата тврдина на Ереван, притоа издигнувајќи се до ранг на везир во исто време. Одиграл важна улога, уште еднаш како беглербег на Ван, во борбата од 1585 година против Табриз. Како беглербег на Бајазит, задача што ја добил во 1586 година, се борел со успех во западна Персина во текот на последните години на војната, освојувајќи ги Нехаванд и Хамадан.

По мирот во 1590 година станал управител на Ерзурум, а во 1591 година станал капудан-паша или голем адмирал на Османлиската морнарица. Се задржал таму до 1595 година. Во текот на третото везирство (1593–1595) на Коџа Синан-паша станал четврт везир. Во тоа време, Отоманците биле во војна со Австрија од 1593 година. Јусуф, кој дотогаш станал трет везир, го придружувал султанот Мехмед III во Унгарија во 1596 година. Се обидел да ја ослободи тврдината во Хатван, која паднала во септември 1596 година. Бил присутен на успешната отоманска опсада на Егер (Eğri; септември-октомври 1596) и на битката кај Керестес во октомври 1596 година и земал учество во последниот напад кој се претворил од неизбежен пораз во познат триумф на Отоманците. Како награда за неговата служба станал Голем везир, но незадоволството од мерките кои ги користел со цел враќање на дисциплината помеѓу османлиските трупи, проблемите кои следеле по мешањето во работите на Кримските Татари и постоењето на силното влијание за враќање на Дамат Ибрахим-паша како голем везир, го тргнале од службата по само 40 дена.

Бил беглербег на Дамаск од декември 1597 до јануари 1598 година. Во мај 1599 година бил капудан-паша по втор пат. Во 1604 година ја водел командата на источниот фронт, каде започнала нова војна помеѓу Отоманците и Персијците. Неговата борба во 1605 година била неуспешна, силите кои ги предводел кон Табриз доживеале пораз. Морал да се повлече во тврдината во Ван и оттаму кон Дијарбекир. Умрел при враќањето во декември 1605 година.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Structures and assertions: ed. by Thomas A. Brady, Volume 2 By Thomas A. Brady, Heiko Augustinus Oberman, James D. Tracy, pg.604

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Политички функции
Претходник
Дамат Ибрахим-паша
Голем везир на Отоманската империја
17 октомври 1596 — 5 декември 1596
Наследник
Дамат Ибрахим-паша