Рами Мехмед-паша

Од Википедија — слободната енциклопедија
Рами
Мехмед
паша
Голем везир на Отоманското Царство
На должноста
25 јануари 1703 – 22 август 1703
Монарх Мустафа II
Претходник Далтабан Мустафа-паша
Наследник Каваноз Ахмед-паша
Управник на Египет
На должноста
1704–1706
Претходник Балтаџи Сулејман-паша
Наследник Делак Али-паша
Лични податоци
Роден(а) 1645
Цариград, Турција
Починал(а) 1706 (на 60–61 г.)
Родос, Грција
Националност Отомански Турчин
Вероисповед сунитски ислам

Рами Мехмед-паша (турски: Rami Mehmed Paşa, 1645 – 1706) — отомански државник и поет, кој служел како Голем везир (1703), управник на Кипар и управник на Египет (1704–06). Творел во духот на диванската книжевност (придавката Рами што значи „Послушен“, како што псевдонимски се потпишувал во неговите песни).

Младост[уреди | уреди извор]

Роден е во 1645 г. во Цариград во семејството на Теразиџи Хасан-ага. Откако го завршил образованието, стапил во државна служба. Во 1690 г. бил назначен како чиновник во министерството за надворешни работи. Во 1696 г. самиот бил назначен за министер за надворешни работи (реис ул-кутаб) и три години подоцна ја застапувал државата во мировните преговори во Карловци со кои се ставил крај на Војната на Светата лига.[1] во обид да ги ублажи отоманските загуби како губитник во војната.

Голем везир[уреди | уреди извор]

На 25 јануари 1703 г. станал голем везир — највисоката државничка функција, веднаш под султанот. Меѓутоа, набргу сфатил дека фактички владетел на царството бил верскиот поглавар (шејх ул-ислам) Фејзула, кој имал големо влијание врз султанот Мустафа II. Султанот му наредил на Рами Мехмед строго да ги следи советите на Фејзула, што било вон сите правила. Дури и во овие неповолни услови, Рами направил обид да изврши реформи во повоеното стопанство и во морнарицата, но не успеал да ги спроведе поради прекинот на службата.

Речиси неомеѓената власт на Фејзула, заедно со настојувањето на султанот да живее во Одрин место во престолнината, предизвикало силни негодувања кај војниците и граѓаните на Цариград. Летото 1703 г. кренале бунт против султанот. На крајот од овој бунт, познат како Одринско востание, на 22 август 1703 г. Рами Мехмед и самиот султан биле симнати од власт.[2]

Смрт[уреди | уреди извор]

Рами бил преназначен за управник на Кипар, а потоа на Египет, но во 1706 г. бил прогонет на грчкиот остров Родос, каде на крајот починал.[1]

Книжевна дејност[уреди | уреди извор]

Рами Мехмед бил пријател со славниот поет Јусуф Наби. Самиот пишувал доста песни, како и спомени од кариерата. Ја напишал и книгата „Карловски договор“ (Karlofça Sulhnamesi) во која го обработува мировниот договор.[1]

Оставнина[уреди | уреди извор]

Денес во негова чест е наречена населбата Рами во Истанбул, бидејќи е подигната на местото кајшто тој имал чифлик.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Политички функции
Претходник
Далтабан Мустафа-паша
Голем везир на Отоманското Царство
25 јануари 1703 – 22 август 1703
Наследник
Каваноз Ахмед-паша
Претходник
Балтаџи Сулејман-паша
Управник на Египет
1704–1706
Наследник
Делак Али-паша

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Ayhan Buz: Osmanlı sadrazamları, Neden Kitap, İstanbul, 2009 ISBN 978-975-254-278-5, pp 154-156
  2. Prof. Yaşar Yüce-Prof. Ali Sevim: Türkiye tarihi Cilt III, AKDTYKTTK Yayınları, İstanbul, 1991 p 247-250