Галерија на икони (Охрид)
Галеријата на икони во Охрид се наоѓа во музејскиот комплекс на црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид. Збирката опфаќа повеќе икони, но околу 30-тина од нив се оценети како врвни уметнички дела, кои се создавани во еден подолг период од XI до XIX век. Охридските икони се со непроценлива вредност и поради тоа се изложувани на неколку големи светски изложби.[1][2]
Најзначајни експонати
[уреди | уреди извор]Најстари зачувани се иконите со претставите на „Свети Василиј Велики и Свети Никола“ и „Свети Четириесет маченици“. Првата икона во цел раст ги претставува двајцата архијереи. Се цени дека иконата е насликана во првата половина на XI век, додека пак втората нешто подоцна. Она што е карактеристично за двете икони е ликовното решение кое се совпаѓа со живописот од катедралната црква Света Софија.
Во XIII век се изработени доста значајни икони преку кои може поцелосно да се согледа трендот на творештвото во византиската уметност (како фрескописот, така и иконописот). Од ова време е иконата со допојасната претстава на Исус Христос, на која стои годината на сликањето 1262/63 година. На позадината на иконата е напишано името на дарителот - мошне значајниот охридски архиепископ Константин Кавасила. Иконата покажува дека неа ја работел солиден зограф кој имал можност да ги следи трендовите на сликарството од големите сликарски центри какви што биле Цариград и Солун.
Посебно внимание во охридската збирка на икони зазема литиската икона на која од едната страна е прикажана „Богородица со Христос", а на другата страна „Распетието Христово“. Авторот е непознат , но затоа пак иконата е оценета како ремек-дело настанато во XIII век. Посебно се истакнуваат мекиот и прецизен цртеж, богатиот колорит и високите технички можности што авторот ги искажал при сликањето.
Од XIV век се двојните икони „Богородица Психосострија“ (Душеспасителка) од едната и „Благовештението“ од другата страна и „Исус Христос Психосостис“ со „Распетието Христово“. Овие икони најверојатно му се подарени на охридскиот архиепископ Григориј од страна на византискиот цар Андроник II. Делата се изработени од цариградски мајстори кои биле на врвот на византиската уметност и на сликарството во средниот век. Приближно од овој период е и храмовата икона на црквата Света Богородица Перивлепта. Таа е дело на цариградски сликар кој Богородица ја насликал допојасно со малиот Христос во нејзината лева рака. Подоцна, околу 1365 година, на задната страна е насликано делото „Воведението на Богородица“, кое зборува за исти сликар кој работел на фрескописот на припратата од црквата Света Богородица Перивлепта.
Сликарите Михаил и Ефтихиј кои во 1295 година ја живописале црквата Света Богородица Перивлепта не работеле на големите престолни икони. Единствено од поголемо форматните икони на овие двајца сликари им се припишува „Евангелист Матеј“, кој е насликан во цел раст, свртен полулево, со дебела книга во рацете. На творештвото на овие сликари им се припишуваат и малоформатните икони: „Неверството Томино“, „Слегување во пеколот“, „Раѓањето Христово“, „Крштевањето Христово“ и „Воведението на Богородица“. Се смета дека овие икони ѝ припаѓаат на една серија од дванаесет празнични икони кои Махаил и Ефтихиј ги насликале во XIV век.
Под влијание на западното сликарство се создадени делата „Богородица со Христос“ и „Свети Никола", по порачка на охридскиот архиепископ Никола.
Освен во живописот во охридските цркви и во иконописот се поддржува култот на словенските просветители Светите Климент и Наум. Во црквата Света Богородица Перивлепта е пронајдена двојна литиска икона со претставите на Свети Климент на едната и Свети Наум на другата страна, во допојасни претстави. Иконата влегува во доменот на т.н. "чудотворни " бидејќи месното население верувало дека заштитникот на градот може да ги одбрани во судбоносните настани со кои се соочувал Охрид. Се претпоставува дека автор на иконата е Јован Теоријан, кој кон крајот на XIV век работел живопис и иконопис во охридските цркви.
Познато дело на Дичо Крстев - Зографот од XIX век е иконата посветана на Света Богородица со Христос, наречена Пантохора, од црквата Свети Јован Богослов-Канео, а истиот сликар долго време работел за потребите на црквите во Охридскиот крај.
Слики
[уреди | уреди извор]-
Распетие, XIII век
-
Богородица Перивлепта, XIV век
-
Свети Василие Велики и Свети Никола, XI век
-
Четириесте Севастиски Маченици, XI век
-
Слегување во Пеколот, XIV век
-
Св. Климент, XIV век
Наводи
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Галерија на икони (Охрид)“ на Ризницата ? |
- Иконите во Македонија: Најстари зачувани икони од XI и XII век Архивирано на 15 октомври 2007 г.
- Страница на Галеријата на икони во Охрид