Куќа на Бојаџиеви (Охрид)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Куќа на Бојаџиеви
Поглед на куќата
Карта
Општи податоци
Статусспоменик на културата
Видкуќа
Стилстароградски
ГрадОхрид
Земја Македонија
ЗавршенаXIX век
Технички податоци
Катови3

Куќа на Бојаџиеви — стара куќа во градот Охрид прогласена за значајно културно наследство на Македонија како особен претставник на македонската староградска архитектура.[1][1]

Местоположба[уреди | уреди извор]

Куќата се наоѓа во маалото Варош, на улица „Илинденска“ бр. 39 (стара адреса: „Маршал Жуков“ бр. 31), северно од црквата „Св. Варвара“. На север е залепена за Куќата на Димзови, која исто така е споменик на културата.[1]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Градбата е слободно поставена во сопствен двор. Изградена е од богат сопственик за време на економскиот расцут на градот во XIX век. Се состои од приземје, релативно низок прв кат и претставителен втор кат. Претставува братска куќа со изразена симетрија по вертикалата. Фасадите се богато украсени со карактеристични еркерни издатоци на катовите, потпрени со косници и вути, богато профилирана стреа, хармоничен ритам на прозорците, дрвени опшиви на фасадата и околу прозорците. Попретставителна е фасадата кон улицата „Илинденска“, но и јужната насочена кон езерото исто така е убаво направена. Приземјето е од фугиран камен, а катовите се бондручни. Меѓукатната и покривната конструкција се дрвени, а покривот е од турски ќерамиди. Подовите се дрвени.[1][2]

Во внатрешноста забележителни се претставителните гостински соби — профилирани гипсени тавани украсени со аголни обраби и централни розети, богато пластично украсени чичеклаци и огништа, украсни дрвени облоги, вградени долапи со богати декоративни врати и профилирани опшиви и розети, претставителни влезни врати итн.[1]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 „Куќа на ул. Илинденска бр.39“. Управа за заштита на културното наследство. Архивирано од изворникот на 2017-11-12. Посетено на 12 ноември 2017.
  2. Петровска, Светлана, Александар Целески, Надежда Поп-Костова, Горан Патчев (2016). Студија за интегрирана заштита на Старото градско јадро (предлог план). Дел 1 (PDF). Охрид: Национална Установа –Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј –Охрид. стр. 54–55.