Светиклиментово училиште

Од Википедија — слободната енциклопедија
Светиклиментово училиште
Изглед на фасадата на западната страна
Карта
Општи податоци
Стилнеокласицизам
ГрадОхрид
ЗемјаМакедонија Македонија
Завршена1897

Светиклиментово училиште – бивша училишна зграда во Охрид. Зградата била прогласена за споменик на културата[1].

Местоположба[уреди | уреди извор]

Музејската зграда зазема експонирана позиција во старото јадро на градот, во црковниот комплекс „Св. Богородица Перивлепта”, на доминантно плато на охридскиот рид Дебој. Во непосредна близина е на бројни, значајни културно-историски споменици, црквата „Св. Богородица Перивлепта“, „Св. Димитриј“, „Св. Константин и Елена“, „Св. Врачи“, „Св. Богородица Челница“, во духовен простор со древна градителска традиција.[1].

Архитектура[уреди | уреди извор]

Објектот, „Музеј Словенска писменост” е изведен во неокласичен стил, со барокни елементи во ренесансен манир. Истиот е со катност од приземје и еден кат и делумно сутерен. Објектот е изграден во масивна конструкција со ѕидови во сутерен изведени од делкан камен со изразени фуги, приземје и кат во полна тула и дрвена меѓукатна конструкција. Покривната конструкција е дрвена, кровот четириводен, покриен со стара ќерамида над хидроизолација и оплата од даски. Изворните скали се заменети со кружни дабови, поставени на челични носачи. Фасадата е обликувана во строги симетрични форми со богата декоративна архитектонска пластика, во неокласичен стил со академски спроведени правила - модуларна ритмика на ѕидните маси, нагласени пиластри кои завршуваат со капители, со штуко - декоративни елементи, профилирани венци на прозорските отвори со триаголни тимпанони, нагласен завршеток со фриз и плитка профилација во малтер. На западната страна е изведен плиток балкон со ограда и вути од ковано железо.

Историја[уреди | уреди извор]

На истиот простор во првата половина од XVIII век (1730 - 1735 г.) на иницијатива на архиепископот Јоасаф (1719 – 1746 г.), во изворите Москополец, била изградена архиепископска палата, која на 19 јули 1862 година, изгорела во пожар. Не постојат документи од кои може да се види нејзиниот опис, но со голема веројатност може да се претпостави дека ја отсликувала москополската профана архитектура, а во изворите се велича нејзината убавина како „великолепна зграда”. Ова укажува на градбената традиција на овој духовен простор. Во XIX век со стопанскиот просперитет, особено со процутот на кожуварскиот занает и развојот на трговските врски со средоземните и средноевропските центри, се појавила потреба од формирање на училиштен центар и истиот бил изграден во дворот на црквата „Св. Богородица Перивлепта”.

Првото училиште било изградено во 1840 година, а потоа, во 1845-50 година се подига друго школо, „прогимназија”, за во 1897 година доминантно, во еден хомоген архитектонски простор и со сосема различна архитектура, да биде изградено училиштето кое постои и денес. Зградата која денес ја именуваме како „Музеј Словенска писменост”, изградена во 1897 година како училишна зграда - „Св. Климент”, се подигнала на иницијатива и по инструкции на митрополитот Григориј и со доброволни финансиски прилози, донации на сите охриѓани. Во 1936/1937 година во ова училиште била организирана интензивна политичка активност на македонските комунисти под раководство на Покраинскиот комитет на КПЈ. Во просториите на училиштето била оформена т.н. „студентска колонија” за летен одмор на студентите, низ која продефилирале многу познати имиња, кои подоцна, во време на НОВ, биле активни учесници во борбата за ослободување на Македонија. По 1945 година зградата повторно ја добила функцијата – основно училиште „Св. Климент Охридски” - Охрид.

Идејата за поставување на постојаната изложба „Словенска писменост” се промовирала во 1966 година по повод 1050-годишнината од смртта на св. Климент Охридски. Во 1985 година во зградата на осумгодишното училиште „Св.Климент Охридски” се отвора постојаната изложба по повод прославувањето на 1100 годишнината од смртта на св. Методиј Солунски и се преименува во Музеј „Словенска писменост”. Во периодот од 1978 до 1984 година вршена е реставрација на објектот, при што е извршена замена на кровниот покривач, делумно заштита и замена на дрвените конструктивни елементи и меѓукатни конструкции, промена на столаријата, конзервација на фасадите, изведба на плафони, ревизија на инсталациите (електрична и водоводна). За цел ревитализацијата на објектот, извршени се помали градежни интервенции во ентериерот (рушење на ѕидови поради комуникациите во изложбениот простор, изведба на нови скали, спуштен плафон и изведба на изложбен поткровен простор). Во текот на 1987 година на подот од североисточната просторија и на некои други места се појавуваат оштетувања од влага (подигнување на паркетот поставен на старите меѓукатни конструкции), поради што објектот е затворен за посетители. Во текот на 1997 година на објектот се преземени превентивни интервенции: исчистен е шутот и изведено е тампонирање на дел од приземјето, поставен е мршав бетон, хидроизолација и завршна бетонска кошулица како подлога за паркет, но паркетот не е поставен поради појава на нови оштетувања на дел од објектот над сутеренот (оштетувања од влага).

Министерството за заштита на животната средина - Одделение за спроведување на Проектот за заштита на Охридското Езеро, побарано е реновирање и отстапување на дел од приземјето на објектот „Музеј на Словенската писменост” на користење. По одобрување на барањето од страна на Министерството за култура и Владата на РМ, НУ Завод и музеј - Охрид ги отстапи на користење двете приземни простории на источната страна на објектот. Изработен е проект за пренамена на просториите, при што е обезбеден влез со отворање на прозор - врата на североисточната просторија.

Оформен е ветробран, врска со влезниот хол кој ги поврзува трите канцеларии и обезбедува врска со тоалетот сместен во сутеренот. Просторот функционално е поделен со лесни прегради од кнауф, при што се водело сметка за почитување на ритамот на постојните прозорски отвори. Со цел ревитализација на просторот извршени се следниве градежни интервенции: промена на дотраените дрвени конструктивни елементи над сутеренот и приземјето и интерпелација на челични носачи, промена на дотраената столарија на ревитализираниот простор, преградување на просториите со кнауф елементи, изведба на спуштени тавани, оформување на влезно плато, поставување на подови од ламинат, крпење на оштетени делови од фасадата и премачкување и освежување на целата фасада со соодветен тон спрема оригиналната нијанса.

Состојба[уреди | уреди извор]

Објектот надворешно е во целост изворно сочуван, но е во лоша состојба и нарушена е неговата стабилност, поради тоа што и по извршената реставрација во периодот од 1978 до 1984 година, преземените превентивни интервенции во текот на 1997 година и ревитализацијата на неговиот источен приземен дел во 2004 година, појавата на влага и оштетувањата од истата не се во целост елиминирани, односно не е откриен изворот - причинителот. Оригиналниот надворешен изглед на објектот е во целост сочуван, при што промените во ентериерот извршени во функција на ревитализацијата на објектот не го нарушуваат фасадниот изглед. Богатата декоративна архитектонска пластика на фасадата (нагласени пиластри со капители, штуко - декоративни елементи, профилирани венци и триаголни тимпанони на прозорските отвори, нагласен завршеток со фриз и плитка профилација во малтер) се зачувани, односно реставрирани. Поголеми измени има претрпено ентериерот на објектот поради неговата нова функција, но истите не се одразиле на надворешниот изглед на објектот.

Објектот е со висок степен на загрозеност поради појава на влага. Причините за загрозеност се од појава на влага во објектот (на приземјето и на катот) од неистражени причинители (извори)[1].

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 „Музејска зграда Словенска писменост“. Архивирано од изворникот на 2017-08-30. Посетено на 2017-12-08.