Воска амам

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Воска амам
Општи податоци
Статусмузеј
Културно наследство
Типамам
Стилосманлиска архитекрура
Адресаул.Гоце Делчев бб Охрид
ГрадОхрид
ЗемјаМакедонија
Почната17 век

Воска амам — поранешен амам кој се наоѓа во градот Охрид. Објектот е вклучен во Списокот на Културно наследство на Македонија.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Амамот се наоѓа во месноста Воска во Охрид. Денес амамот е во релативно добра состојба и видливи се сите неопходни функционални компоненти. Тој претставува значаен белег на османлиската градска култура и во минатото играл важна улога во социјалното здружување на населението.

Опис[уреди | уреди извор]

Одделни запазени градежни елементи на самиот објект упатуваат дека тој бил подигнат најверојатно во првата половина на 17 век. Архитектоснката форма на амамот денес не е сочувана во целост, но според функцијата, припаѓа на типот на единечните амами, односно капењето на мажите и жените се одвивало во различни периоди односно денови, по одреден распоред.

Во амамот се влегувало од јужната страна (денес тоа е страната каде поминува улица-стар пат кој го поврзува Охрид со Струга) низ портал кој веројатно бил профилиран со декорација вообичаена за влезовите на османлиски градби од овој тип.

Концепциски амамот ги содржи основните елементи за негово функционирање, односно се состоел од три фунционално издвоени, но меѓусебно поврзани делови. Аналогно на амамите од овој период, се претпоставува дека постоела просторија camegah. Во оваа просторија постоеле и ширвани со простории (ниши) кои служеле како гардероби и ја гарантирале приватноста на посетителите. Од оваа просторија се влегувало во ладна просторија (sogukluk) која е со димензии 3.0 х 6.5 м засведена со полуобличаст свод. Овој простор, наречен и iliklik, на одреден начин претставува еквивалент на тепидаурумот во римските бањи. Тој има хипокаустен под, но поради одвоеноста од загреаниот дел од амамот, температурата во овој простор е намалена. Ова е просторија каде посетителите се подготвувале за влез во топлите простории-просториите за капење.

Странично поставени на западната страна, со влез од иликликот, се наоѓаат две простории кои биле наменети за тоалет и просторија за депилирање. Тоа се мали простории засведени со крстест свод. Топлата просторија сиџаклик, е концепирана со три ејвана (странична просторија, трем) и три халвети распоредени странично од главниот централен дел. Во средишниот дел на топлата просторија е сместена издигната камена платформа (гобекташ), на која посетителите се одмарале, забавувале и истата служела како место за масажа. Средишниот дел од сиџакликот е засведен со купола носена на осмоаголен тамбур. Преминот кон куполата во оваа просторија е решен со помош на пандантифи. Секој од ејваните е засведен со крстаст свод.

Од просторијата сиџаклик, се влегувало во просториите за капење (халвети) кои согласно својата намена се помали. И халветите се покриени со мали куполи носени на осмоаголен тамбур, додека преминот кон куполата е решен со помош на тромпи. Во секој од ејваните и халветите има по една камена курна (лавабо) наменета за капење како и ниши каде посетителите ги оставале крпите и останатите предмети наменети за капење, а истовремено биле користени и како клупи за седење.

На источната страна од амамот се наоѓаат хазна-резервоар за вода и ќулхан-ложиште, од каде била загревана водата. Страничната поставеност на овие делови (што не претставува исклучок во концепирањето на амамите) е веројатно условена од начинот на снабдување со вода.

Затоплувањето на целиот објект било со систем на хипокауст-канали сместени под подот, односно со струење на топол воздух меѓу подовите и ѕидовите. Подот во амамот е изведен со камени плочи, а по краевите има мали одводни канали преку кои водата била одведувана до санитарната просторија. Осветлувањето на ентериерот на целиот објект е зенитно, овозможено преку мали кружни отвори поставени на сводовите, односно куполите во секоја од просториите, а се со цел за што помало губење на топлината од просториите. Од таа причина и влезните врати во топлите простории се мали по димензија. Амамот поседува извонредна декорација во штуко и камен видлива во секоја од халветите. Целокупната декорација е базирана на употреба на мукарна, какартеристичен систем на исламска декорација формиран првенствено за формирање на сводовите во нишите. Сталактитните орнаменти се присутни и денес видливи во ејваните како преоден елемент во сводовите. Декоративната орнаментика преовладува со елеганција, аналогно на амамите од тој период. Покрај архитектонското значење и декоративната обработка на сводовите, посебно обележје на амамот му дава и применетата декоративна обработка на камената пластика која е во комбинација на геометриски форми, особено видлива во обработка на курните (лавабоа). Како декоративни елементи во обработка на курните се користени розетата, Давидовата ѕвезда и песочниот часовник-карактеристичен и неизбежен детал во формирање на османлиската декоративна пластика.

Целиот амам е солидно граден од необработен камен и тула (за формирање на куполите), начин на градба карактеристичен за зрелото доба на османлиската архитектура. Конструктивниот и просторен распоред на градбата зборува за градител, кој во примерот на овој амам ја искажал својата вештина во градба на куполни објекти. Целиот амам е прекриен со турска ќерамида. Во однос на функционалната концепција недостасува влезниот дел од амамот, најчесто користен како гардероба, во кој неретко била сместена и фонтана по која овој простор бил нарекуван и Шадрван сала.

Според архитектонско-стилските особености амамот се датира во првата половина на 17 век. Концепциски и функционално, амамот припаѓа на развиениот тип амами.

Објектот денес[уреди | уреди извор]

Објектот до 2012 година бил напуштен, и служил како депонија на ѓубре за околното население. Со оглед на тоа што со текот на годините се насипувала земја околу објектот, а особено при реконструкцијата на ул.Гоце Делчев (стариот пат Охрид-Струга), амамот бил затрупан со земја во висина од 2-3 м над котата на подот во ентериерот. Околу објектот од страна на сопствениците на соседните парцели се изведени времени објекти.

Во текот на 2012 година била извршена реставрација на објектот. Со отварање на изложбата „Градска облека Ала Турка“ објектот бил пуштен во употреба[1].

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]