Пелистер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пелистер - 2601 м
Молики во националниот парк Пелистер

Пелистер — највисокиот врв на Баба Планина, а со своите 2.601 м надморска височина, претставува трет највисок планински врв во Македонија. Често името на врвот Пелистер, се користи и како име за самата Баба Планина и синоним за градот Битола. Пелистер е воедно прогласен за национален парк во 1948 година, тој има вкупна површина од 17.150 хектари и географската положба на паркот е 40°57’ СГШ и 21°14’ ИГД[1]. Го опфаќа врвот Пелистер и се протега на падините на Баба Планина.

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Името Пелистер води потекло од антиката, односно најверојатно е дадено од древномакедонските племиња, Пелагонци и Линкестиди кои живееле непосредно под планината Баба, во овој дел од рамнината Пелагонија. Меѓу народот постои и легенда дека името Пелистер доаѓа од зборовите „пет лисје“. Кованицата бели+стени= белистени=пелистер е една од можните варијанти за потеклото на името Пелистер. Исто така, има мислење дека името „Пелистер“ е кованица од бел+истер = бел-истер = пелистер. Како аналогија се зема името на полуостровот Истра и ред други топоними, ороними и сл. од претсловенско време, од т.н. старовенетски период. Значењето на „истер“ и ден-денес во македонскиот јазик како и милениуми претходно се употребува, означувајќи нешто што е истерано, извишено, било во висина, било во море и сл. Колку за потсетување, старото име на реката Дунав е исто така Истер!

Истото име го носи и планината Пелистер (грчки: Λάκμος, Лакмос или Περιστέρι, Перистери) на пограничното подрачје меѓу Епир и Тесалија како продолжеток на венецот Пинд.

Географија[уреди | уреди извор]

Шума на планината Баба

Националниот парк „Пелистер“ се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија и зафаќа површина од 17.150 хектари. Прогласен е во 1948 година како прво заштитено природно богатство во Македонија. Повторно е прогласен и неговата територија е зголемена за околу 6.500 ха со закон во декември 2007 година. Се одликува со поголем број врвови и возвишенија повисоки од 2000 метри, кои меѓу себе се раздвоени со длабоки долини. Највисок врв е Пелистер (2601 м). Од земјишните облици на Пелистер највпечатливи се т.н. камени реки. Тоа се наклони на релјефот исполнети со блокови од стени со различен состав.

Хидрографија[уреди | уреди извор]

Од хидрографските објекти, со посебна природна привлечност се двете леднички езера, Пелистерски Очи — Големото и Малото Езеро на Пелистер, исто познати како „Горски Очи“.

Флора и Фауна[уреди | уреди извор]

Дел од флората на Пелистер.

Растителниот свет на Пелистер е мошне разнообразен, па оттаму и неговото конкретно ботаничко значење. Тука растат 88 дрвни видови, што претставува 29% од вкупната дендрофлора на Македонија. Во растителноста на НП Пелистер се среќаваат 21 растителна заедница, од кои 8 се шумски, а 13 тревни заедници. Од шумските дрвни видови најголема вредност има моликата — домороден вид на петтоигличест бор со терцијарна старост којшто расте само на неколку планини на Балканскиот Полуостров. Висинскиот распон на распространувањето на моликата на Пелистер е од 600 до над 2200 метри.

НП Пелистер претставува класично наоѓалиште за повеќе од 20 растителни видови, од коишто 2 се месни ендемити. Од ’рбетниците се среќаваат: 10 видови водоземци, 15 влекачи, 91 вид птици и 35 видови цицачи. Од рибите, значајно е да се истакне присуството на пелистерската ендемска поточна пастрмка (Salmo trutta peristericus) и пелагониската поточна пастрмка (Salmo trutta pelagonicus).

Ендемски видови[уреди | уреди извор]

Фауна:

  • Salmo trutta peristericus (поточна пастрмка)
  • Salmo trutta pelagonicus (поточна пастрмка)
  • Iliodromus peristericus (остракоди)
  • Eucypris diebeli (остракоди)
  • Niphragus pancici peristericus (амфиподното ракче)-Големо Езеро
  • Arcticocampus macedonicus (харпактикоидното ракче)
  • Brachydesmus peristerensis (пелистерската стоногалка)
  • Alpaeus macedonica (тврдокрилните инсекти)
  • Cychrus attenuatus peristericus (тврдокрилните инсекти)
  • Duvaliotes peristericus (тврдокрилните инсекти)
  • Platyduvalius macedonicus (тврдокрилните инсекти)
  • Trechus hajeki (тврдокрилните инсекти)
  • Scythris crypta (мали пеперутки)
  • Scythris similis (мали пеперутки)
  • Hadena clara macedonica (ноќната пеперутка)

Флора:

  • Alchemilla peristerica (пелистерската небесна роса)
  • Sempervivum octopodes (еден од двата ендемски видови на пази куќа)
  • Jovibarba heuffelii var (еден од двата ендемски видови на пази куќа)
  • Crocus pelistericus (пелистерската качунка)
  • Festuca pelisterica (пелистерската власеника)

Пелистер како мотив во уметноста[уреди | уреди извор]

  • „Пелистер и Молика“ — расказ за деца на македонскиот писател Киро Донев од 2013 година.[2]

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Македонија низ бројки, 2011
  2. Киро Донев, Приказни од куќичката на дрво. Скопје: Македоника литера, 2013, стр. 137-139.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]