Национален парк Галичица

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Поглед на националниот парк Галичица, односно самата планина Галичица

Национален парк Галичица — национален парк во Македонија од 1958 година. Овој парк опфаќа делови од планинкиот масив Галичица, со крајбрежните простори на Охридското и Преспанското Езеро. Површината која тој ја зафаќа изнесува 22.750 км2. Планината Галичица се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија. Таа е всушност хорст кој се издига помеѓу Охридската и Преспанската Котлина. Ваквата форма на планината Галичица и нејзината положба помеѓу двете најголеми езера во земјата претставува посебна вредност. Таа е маркантна во географската средина со својата импознантна големина. Највисокиот врв Магаро се наоѓа на надморска височина од 2.254 метри.

Природните вредности на Националниот парк Галичица[уреди | уреди извор]

Карта на националниот парк Галичица

Геоморфолошки вредности[уреди | уреди извор]

Од овој планински престор се протегаат мошне убави глетки на Охридското и Преспанското Езеро. Посебно е атрактивна можноста посетителите во исто време да ги набљудуваат двете прекрасни езера. Пејсажните атрактивни, естетски и куриозитетни вредности се однесуваат и на самите планински страни, кои Галичица ги поседува.

Од високите видиковци на планината Галичица се протега и извонредна глетка, која допира до планината Јабланица и албанските планини од една страна и Пелистер од друга страна. Иако се работи за висок хорст со доминантност во овој простор и изразито стрмни страни, поврзаноста е многу добра. Преку оваа планина поминува патен правец кој ја поврзува Охридската со Преспанската Котлина.

Во геолошкиот состав на планината Галичица преовладува варовникот. Врз основа на ваквиот планински состав се темели појавата на бројни површински и подземни карстни рељефни форми. Од површинските карстни форми овде се јавуваат ували, вртачи и карстни полиња, а од подземни интересни се бројните поштери. Најголеми и најзначајни се: Црна Пештера, Мечкина Дупка, Самоска Дупка и други. Овие пештери сеуште не се туристички валоризирани.

Од позначајните вредности на националниот парк „Галичица“ треба да се истакне бреговата линија на акваориумот на Охридското и Преспанското Езеро. Западниот брег на Охридското Езеро е претежно праволиниски, со еден видлив полуостров. За разлика од него, источниот брег, чиј најголем дел му пришаѓа на овој национален парк, се карактеризира со кривина. Вкупно 63км. од брегот на Охридското Езеро отпаѓа на линијата со стрмен брег, со помали и поголеми полуострови, ‘ртови и заливи. Како посебна вредност се наметнуваат спилите кои се наоѓаат на потегот јужно од полуостровот градиште, околу село Трпејца и кај манастирот Свети Наум. Бреговата линија на Преспанското Езеро има четири поголеми и три помали полуострови и два острови.

Климатските вредности[уреди | уреди извор]

Климатските вредности во националниот парк „Галичица“ се различни. Тие се разликуваат во котлинскиот во однос на планинскиот дел. Но, во основа факторите кои ја одредуваат климата се скоро исти. Треба да се констатира дека багоста во климатска смисла е присутна и во овој простор. Така, средногодишната температура од 1.500 метри надморска височина изнесува околу 7 °C. Средногодишната температура во јули и август изнесувала околу 21 °C, а во јануари и февруари 0,8 °C. Значи дека се работи за мошне поволни температурни карактеристики, како во летниот, така и во зимскиот дел од годината. Тоа овозможува активности на прошетка и планинарски, како и скијачки активности во зимскиот дел од годината. Кои вака изнесените карактеристики се надоврзуваат и остананите климатски елементи, вакви што се височината на врнежи од 1.100 мм., изразената инсолација, која се движи над 2.000 сончеви часови во текот на годината и слично. Количеството на снежни врнежи е релативно сиромашно, што е каракеристично во месеците декември, јануари и февруари, а во ноември и март се јавува само помало количество на снег. Тоа ја скратува зимската скијачка сезона на овој простор.

Хидрографските вредности[уреди | уреди извор]

Хидрографските вредности на националниот парк „Галичица“ се доста нагласени, иако планината спаѓа во групата на најсушни просторни целини во Република Македонија. Оваа карактеристика на Галичица произлегува пред се од геолошкиот состав на оваа планина. Таа спаѓа во групата на најваровничките планини во Република Македонија, а тоа значи дека се работи за изразит водопропустлив терен, што условува појава на мал број истечни полноводни кодотеци. И покрај тоа, на поширокиот простор на националниот парк се јавуваат постојани извори и водотеци. Тие поседуваат значајна вредност. Од нив треба да се истакнат следниве: изворите кај манастирот Св. Наум, изворите на месноста Летница над селото Рамне, и реката Черава (изворите и се во Албанија).Од сите овие хидрограгски појави најголемо значење имаат изворите кај манастирот Свети Наум.

Биогеографските вредности[уреди | уреди извор]

Интересната хидрографска форма и бујната околна вегетација, животинскиот свет на околниот простор, како и богатиот жив свет во водата, е така хармонизиран што го прави оваа извориште да биде едно од најпривлечните места во Република Македонија. Ова се должи и на прекрасните плажи кои се наоѓаат во непосредна близина, какои и на изворедниот манастирски комплекс Свети Наум. Растителниот и животинскиот свет се значајни вредности на националниот парк „Галичица“. Иако се работи за планина со тешко пристапни падини и камењари, како и висини од над 1.500 метри, сепак одве егзистира можне интересна флора и фауна, која ги сочинува исконските вредности, што на националниот парк му дава посебна димензија. На овој простор опстојуваат претставници од најразлични флористични типови. Тие се лоцирани на стрмните и вертикалните карпи, на камењарите и сипарите, или пак на плитката или подлабоката почва. Ваквата разновидност на релјефот и педолошкиот супсрат, какои другите еколошки фактори, условиле појава на најразлични флористични форми кои се многу ретки или се својствени само за овој простор.

Растителниот свет е претставен со преку 600 флористични видови, од кои преку 170 се од дрвенеста растителност. Ваква разновидност не може да се забелже на другите планини во Република Македонија. Тое не се однесува само на Република Македонија, туку и на значително пошироко простори. Во просторот на националниот парк „Галичица“ разновидноста на растителните видови и еколошките услови создале голем број на флористички заедници. На Галичица се застапени заедници кои се карактеристични за регионите под влијание на субмедитеранската клима, односно од топлољубиви и сушнотропски заедници, како и заедници кои се студеноотпорни и кои се карактеристични за алпскиот регион. На планината Галичица се јавуваат растителни видови кои постоеле во други услови, односно егзистираат како реликтни видови, какои и видови кои имаат ендемско значење. Во туристичка смисла тие ја поседуваат преку се куриозитетната особеност, а често пати се користат и во едукативна намена.

Од растенијата кои претставуваат посебна вредност во националниот парк „Галичица“, треба да се истакнат растенијата од дрвенеста растителност и реликтните и ендемичните форми.

Од дрвенестите растенија посебно внимание заслужуваат следниве: дивата и потомата фаја, боровата молика и муника, крупноцветниот повед халожина, шишмирот, дивиот костен и други.

Од реликтните растенија треба да се истакнат: Morina percica, Stipa payeri, Phelipaea boiseieri, Ranonda nathaliae, Berberis croatica.

Во ендемичните растенија спаѓаат: дивата фоја (Juniperus exelsa), питомата фоја (Juniperus foethoisima), моликата (Pinus peuce), муниката Pinus heldreichii, омелика (Genista rediata), Lilium Heldreichii, Lilium candidum, Nepeta ernesti – mayeri.

Националниот парк „Галичица“ се карактеризира и со интересен и разновиден животиниски свет. Истражувањата на крупната фауна упатуваат на постоење на околу 170 видови животни од кои 10 видови се водоземци, 18 видови влекачи, 124 видови птици и 18 видови цицачи. Постојат и повеќе илјади други животни, кои најмногу се испитани во Охридското Езеро. Најбогат животински свет поседуваат просторите во навионалниот парк во кој е намалено присуството на човекот. Таков е на пример островот Голем Град, каде на него и во водите околу него живеат поголем број разновидни фунистички примероци. Обратна е појавата во просторите на паркот во кои човекот навлегол со населување и изградба на сообраќајниви и други објекти.

Антропогените вредности на Националниот парк Галичица[уреди | уреди извор]

Поглед на канцеларија на управата на Националниот парк „Галичица“, сместена во селото Стење

Културно-историски вредности[уреди | уреди извор]

Националниот парк „Галичица“, покрај природните вредности, поседува и значајни културно – историски споменици. Тоа се следните: бализика Св. Ѓоргија, црквата Св. Богородица Пештанска Захумска, пештерските цркви Св. Стефан и Св. Богородица Пештанска, манастирот Св. Наум и црквата Св. Петар на островот Голем Град во Преспанското Езеро.

Рекреативни активности[уреди | уреди извор]

Врз основа на вака нагласеното богатство, националниот парк Галичица може да се искористи за прошетки и трчање по рекреативните патеки. Лоцирањето видиковци на погодни места, какви што се гребенот Баба (1.631 метри), врвот Лако Сигној (1.953 метри), врвот Гола Бука (1.897 метри) и Еленов Врв (1.221 м.), над селото Велестово, како и на други места, треба да ги открие можностите на прекрасни гледки кои две котлини и планинските простори. Високите отсеци претставуваат извонредни терени за алпинизам. Така отсекот под врвот Магоро (2.255 м.) е висок 760 метри и е мошне поголем за алпинистичко освојување, додека отсеците под врвот Голем Врв и Туглајш, чија височина изнесува 180 метри, погодни се за алпинисти – почетници. Пештерите во овој национален парк се користат само од страна на спелеолозите, иако постојат услови за спелеолошки туристички активности. Зимско – спортските скијачки активности се одвиваат во комплексот Суво Поле, под врвот Томорос (1.675 метри), односно во комплексот Отешево, но постојат услови за вклопување и на други простори во овој вид туристичка понуда. Наведените можности за туристички активности извонредно ги надополнуваат активностите на капење и сончење, како доминантна туристичка понуда на овој простор.

Во националниот парк се одредени зони на заштита. Тоа се следните зони:

  1. Строго заштитена зона во која се опфатени предели и биотопи, мозаично распоредени во категоријата на најзначајните природни добра. Такви се крајбрежните карпи и спили, пределите на Мгаро, островот Голем Град, изворите кај Св. Наум и високопланинските локви.
  2. Туристичко – рекреативна зона има две. Тоа се пределите од Пештани до границата со Албанија на Охридското Езеро и пределите од Стење до границата со Албанија на Преспанското Езеро.
  3. Мелеоративна зона, која ги опфаќа пределите на природните вредности од втора и трета категорија, кои се наоѓаат на целиот простор на националниот парк.
  • Во строго заштитените зони можат да се вршат само надгледувања за научни цели, а по исклучок и организирани посети за воспитно – образовни и културни потреби, по претходно одобрување од управата на националниот парк.
  • Туристичко – рекреативните зони се делат на зони со регуларен режим (затворени за определен рок) и зони за слободна посета. Во зоните со регуларен режим се дозволува сано посета на пешаци по јасно обележаните патеки. Зоната за слободна посета се користи за одмор и рекреација и за изградба на инфраструктурни и супраструктурни туристички објекти.
  • Зоната за зимски спортови може да се искористи за изградба на патеки за скијање.
  • Во мелиоративната зона користењето на пасиштата, шумите и земјиштето се врши контролирано и со примена на одгледувачки и друго мерки предвидени со програмата за употребубање на шумите.

Националниот парк „Галичица“ има управа која презема мерки за организирање на техничката и чуварската служба и контрола на активностите на територијата на паркот. Меѓутоа, загрозувањето на националниот парк претставува мошне голем проблем, и покрај преземените наведени активности. Туризмот треба да биде во функција на зачувување на овие вредности, за да може да ги користи како такви. Таков е случајот со коплексот околу изворите на Црн Дрим, кои се лоцирани во зома со режим на строга заштита, а традиционално во тој дел се одвиваат туристичко – рекреативни активности. Слични проблеми постојат и во други делови на крајбрежјето, како на пример северно и јужно од Трпејца, особено околу црквата Св. Богородица Захумска.

Поглед на двете езера (Охридско и Преспанско) од Галичица

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]