Уругвај го освоил Светското првенство; првиот пат во 1930 година (кога бил домаќин), победувајќи ја во финалето Аргентина со 4-2. Вторпат го освоиле во 1950, кога во финалето со 2-1 го победиле Бразил. Тимот исто така освоил и две златни медали на Летните олимписки игри во 1924 и 1928, пред создавањето на Светското првенство. Уругвај освоил повеќе меѓународни титули (19) во XX век за разлика од било која друга земја во светот и сè уште го држи овој рекорд, иако сега го споделува со Аргентина.
Нивниот успех го зголемува и фактот што Уругвај има многу малку жители. Уругвај е единствената земја во светот која го освоила Светското првенство, а има помалку од 4 милиони жители. Всушност, само шест нации со население помало од тоа на Уругвај досега учествувале на Светското првенство: Северна Ирска (3 пати), Велс, Кувајт, Словенија и Тринидад и Тобаго. Исто така, Уругвај е најмалата нација која го освоила Олимпискиот медал во било кој тимски спорт.
Уругвај е и најмалиот член на КОНМЕБОЛ-от, јужноамериканската фудбалска конфедерација. Без оглед на тоа, Уругвај го освоил 14 пати Американското првенство, рекорд кој го споделува со Аргентина.
Меѓутоа, нивото на фудбалската репрезентација на Уругвај се намалило во последно време, бидејќи Уругвај се квалификувал само еднаш во последните четири Светски првенства, иако останал силен тим во Јужна Америка, завршувајќи на третото и четвртото место во последните два Американски купови.