Девојка од милион долари
„Девојка од милион долари (Million Dollar Baby)“ | |
---|---|
Режисер | Клинт Иствуд |
Сценарист | Пол Хегис |
Главни улоги | Клинт Иствуд Хилари Свенк Морган Фриман Џеј Баручел |
Жанр | Драма |
Музика | Клинт Иствуд |
Кинематографија | Том Стерн |
Дистрибутер | Ворнер брос |
Премиера | 15 декември 2004 |
Времетраење | 132 мин. |
Земја | САД |
Јазик | англиски |
Буџет | $30,000,000 [1][2] |
Бруто заработка | $216,763,646 |
Девојка од милион долари (англиски: Million Dollar Baby) е американски филм од 2004 година, во режија на Клинт Иствуд (Clint Eastwood), кој е и еден од продуцентите на филмот. Сценариото го напишал Пол Хагис(Paul Haggis) според книгата „Јажето гори (Rope burns)“ на Ф.Х. Тул (F.X. Toole). Главните улоги во филмот ги толкуваат: Хилари Свонк (Hilary Swank), Клинт Иствуд и Морган Фримен (Morgan Freeman). Директор на фотографијата е Том Стерн (Tom Stern), а монтажата ја направил Џоел Кокс (Joel Cox). Филмот добил четири награди „Оскар“, и тоа во категориите: „најдобар филм на годината“, „најдобра главна женска улога (Свонк)“, „најдобра машка споредна улога (Фримен)“ и „најдобра режија (Иствуд)“. Покрај тоа, филмот имал уште три номинации за наградата „Оскар“. Исто така, филмот добил две награди „Златен глобус“, и тоа за најдобра глумица и за најдобра реѓија. Вкупно, филмот бил добитник на 75 награди и имал 41 номинација на бројни филмски фестивали.[3]
Содржина
[уреди | уреди извор]Френки Дан (го игра Иствуд) е боксерски тренер и сопственик на сала за вежбање во која тренираат млади боксери. Нему му помага поранешниот боксер Еди Скреп (го глуми Фримен), единствениот пријател на Френки, кој е затворен во себе и страда поради оддалеченоста со ќерка му. Еден ден, во салата доаѓа девојката Меги Фицџералд (ја игра Свонк), која бара од Френки да ја научи да боксува. На почетокот, Френки одбива, но подоцна се нафаќа да ѝ биде тренер и менаџер на Меги, која многу брзо напредува во боксерската вештина. Кариерата на Меги се развива брзо и таа лесно ги победува противничките. Притоа, Френки секогаш ѝ го повтороува основното правило во боксот: Заштити се себеси!
Подготвувајќи се за борба против британската шампионка, Френки ѝ купува на Меги боксерски мантил на којшто на галски јазик е напишано „Моја мила, моја крв“, но одбива да ѝ го каже значењето на натписот. Како што напредува кариерата на Меги, таа собира доволно пари за да купи куќа за своите најблиски (мајката и сестрата), но тие се однесуваат многу лошо кон неа, сакајќи да ѝ ги земат парите. Во една борба за награден фонд од еден милион долари, противничката на Меги се служи со нечесни средства и за време на паузата меѓу рундите ја удира по тилот, по што Меги паѓа и со главата удира во дрвениот стол. Потоа, таа завршува во болница, а Френки ѝ обезбедува првокласна нега. Во болницата доаѓа мајка ѝ на Меги, која сака да ја наговори да ѝ го препише богатството. Бидејќи Меги е парализирана, постепено ѝ атрофираат мускулите и поради тоа ѝ ги ампутираат нозете. И покрај поддршката од Френк, Меги ја губи волјата за живот и го моли да ѝ го прекрати мачниот живот. Френк не може да го прифати тоа, но гледајќи ја како се мачи, една ноќ, тој ја посетува Меги и ѝ го шепнува значењето на натписот на галски јазик, по што ѝ го исклучува апаратот за вештачко дишење и ја убива со помош на инјекција со големо количество адреналин. Потоа, Френки исчезнува, а салата му ја остава на Еди.[4] [5]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Eliot (2009), p. 309
- ↑ Hughes, p. 156
- ↑ IMDb Million Dollar Baby (2004), Awards (пристапено на 3.12.2013)
- ↑ Hughes, p. 157
- ↑ IMDb, Million Dollar Baby (2004) (пристапено на 3.12.2014)
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Девојка од милион долари на Семрежната филмската база на податоци
- Девојка од милион долари на Box Office Mojo
- Девојка од милион долари на Rotten Tomatoes.
- Девојка од милион долари на Metacritic
|group11 = 2020-ти |list11 = Земја на номадите (2020) • CODA (2021) • Сè насекаде одеднаш (2022) }} </noinclude>