Кум (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Оваа статија се однесува на филмот Кум, за други значења погледнете Кум (појаснување).

„Кум
(The Godfather)“
Godfather vhs.jpg
Режисер Фрaнсис Форд Копола
Продуцент Алберт С. Руди
Сценарист Марио Пузо (роман и сценарио)
Фрaнсис Форд Копола
Настапуваат Марлон Брандо
Ал Пачино
Џејмс Кан
Роберт Дувал
Дијана Китон
Музика Нино Рота
Кармајн Копола
Кинематографија Гордон Вилис
Дистрибутер Paramount Pictures
Премиера 15 март, 1972
Времетраење 175 мин.
Држава Flag of the United States.svg САД
Јазик англиски
сицилијански
Латински
Буџет $6,000,000
Следен Кум II, Кум III

Кум (англиски: The Godfather) е американски филм од 1972 година, снимен според истоимената книга на Марио Пузо. Филмот е во режија на Фрaнсис Форд Копола, кој исто така е автор на сценариото, заедно со Марио Пузо. Главните улоги ги толкуваат: Марлон Брандо, Ал Пачино, Дајан Китон, Џејмс Кан, Роберт Дувал, Ричард Кастелано, Џон Казале итн. Филмот имал голем успех кај филмската критика и вообичаено котира виоко на многу списоци со најдобрите филмови на сите времиња: трето место според Американскиот Филмски Институт, второ место (со оцена 9.1 од 10) на списокот на „најдобри 250 филмови“ според ИМДБ итн. Во 1973 година, филмот имал 11 номинации, а освоил три награди „Оскар“, во категориите: најдобра фотографија, најдобар актер (Марлон Брандо) и најдобро адаптирано сценарио. Истата година, филмот освоил пет награди „Златен глобус“, една награда на БАФТА и една награда „Греми“ (Нино Рота, за најдобра музика). Вкупно, филмот освоил 26 награди.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Шефот на едно мафијашко семејство од Њујорк, Вито Корлеоне (го игра Брандо), прави свадба за својата ќерка. По тој повод, кај него доаѓаат разни луѓе, кои му бараат одредени услуги. По некое време, откако одбива да влезе во зделка со дрога, другите семејства убиваат неколку негови соработници, а се обидуваат да го убијат и него. Сепак, дон Корлеоне останува жив, а неговиот најмлад син Мајкл (го игра Пачино), кој е единствениот од семејството којшто нема никаква врска со криминалот, ги убива мафијашот што го нарачал убиството и еден корумпиран полициски капетан. Веднаш потоа, поради безбедносни причини, Мајкл заминува во Сицилија, каде се оженува со убавата девојка Аполонија. Меѓутоа, неговите непријатели се обидуваат да го убијат при што погинува Аполонија.
Во меѓувреме, во Њујорк владее крвава војна меѓу мафијашките семејства. По враќањето на дон Корлеоне дома, додека тој се опоравува, него го заменува синот Сони (го игра Кан), но набргу и тој е убиен во заседа. Поради тоа, дон Корлеоне закажува состанок на водачите на петте њујоршки семејства, на кој тие се договараат да запре војната. Набргу, дон Корлеоне умира, а на неговото место доаѓа синот Мајкл, кој се оженува со својата поранешна девојка Кеј (ја игра Китон). По погребот на својот татко, Мајкл организира свирепи убиства на водачите на петте семејства, а го убива и својот зет за сестра, Карло за кого дознава дека го наместил убиството на Сони.[2]

За филмот[уреди | уреди извор]

„Кум“ се смета за модерен еп, брилијантна метафора за американското општество. Самиот Копола во една прилика изјавил дека секогаш сакал да ја употреби мафијата како метафора за САД, зошто двете имаат корени во Европа. Според неговите зборови, „и двете се целосно капиталистички ориентирани и основната грижа им е профитот. И мафијата во Америка се чувствува како добротворна организација, а нејзините раце се извалкани со крвта од она што мора да го прават за да ги заштитат својата моќ и интересите“.
Ова остварување го краси извонредна фотографија, која и одлично ја прикажува приказната за семејството Корлеоне. Во филмот има многу антологиски сцени како, на пример, легендарната сцена на будењето на непослушниот холивудски моќник покрај отсечената глава на неговиот омилен коњ итн. Исто така, филмот го краси и музиката на Нина Рота, а најпозната е „Љубовна тема“. Најпосле, филмот обилува со многу луцидни реченици. Така, една од најефективните реченици во филмот ја изговара дон Вито Корлеоне (го глуми Марлон Брандо) кој, објаснувајќи ги своите планови да го натера Џек Волц да му ја даде главната улога од својот нов филм на кумчето Џони Фонтејн, вели: „Ќе му дадам понуда која не може да ја одбие.“
Интересно е да се забележи дека лесно можело да се случи филмот да остане без Марлон Брандо и Ал Пачино, зашто никој освен режисерот не сакал тие да бидат ангажирани во филмот. Имено, продуцентите планирале улогата на Мајкл Корлеоне да му ја понудат на некое познато име, како Роберт Редфорд или Рајан О'Нил, но Копола инсистирал улогата да ја добие во тоа време младиот и непознат Пачино. Истовремено, продуцентите не го сакале Брандо поради неговата репутација на кавгаџија и незгоден соработник, но повторно, Копола сметал дека токму Брандо е најпогодниот избор за дон Вито Корлеоне. Дури откако Копола направил пробно снимање со Брандо, продуцентите попуштиле и прифатиле тој да ја игра улогата на главата на мафијашкото семејство.[3]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. IMDb, The Godfather (1972), Awards (пристапено на 31.3.2017)
  2. IMDb, The Godfather (1972) (пристапено на 31.3.2017)
  3. Наташа Спирова-Серафимова, „Хари Потер заработи седум милијарди долари, а Господарот на прстените 17 оскари“, Антена, број 900, 25.9.2015, стр. 10-11.