Грамушта

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Грамушта
Γράμμος
Grammospeak.jpg
Јужната страна на Грамушта
Највисока точка
Надм. вис. 2520 м [1]
Географија
Место југоисточна Албанија, западна Егејска Македонија (денес во Грција)

Грамушта или Грамошта[2] (на костурски дијалект: Грамушча; грчки: Γράμμος, Грамос; порано: Γράμμοστα, Грамоста; албански: Gramoz, влашки: Gramosta, Грамоста) — погранична планина меѓу Егејска Македонија (денес во Грција) и Албанија, често позната под грцизираниот назив „Грамос“.

Орографија[уреди | уреди извор]

Граушта го сочинува најсеверниот дел од планинскиот венец на Пинд на грчка територија. Највисок врв е Чука Пецик (Τσούκα Πέτσικ), со 2.520 м. Се состои од две планински била, кои се собираат под прав агол. Првото ја означува границата со Албанија, со врвовите Црн Камен (Μαύρη Πέτρα, Маври Петра, 2.461 м), Голио Врв (Γκόλιο, 1.934 м) и Каменик (Κάμενικ, 2.043 м). Другото било ги дели окрузите Јанина и Костур и има источна насоченост. Него го бележат врвовите Перифано (Περήφανο, 2.442 м), Гесо (Γκέσο, 2.166 м) — Голем Човек (Επάνω Αρρένα, Епано Арена, 2.192 м) и Мал Човек (Κάτω Αρρένα, Като Арена, 2.075 м). На врвот Гесо е поставен споменик во чест на загинатите владини војници во Битката на Грамушта (1949). На југ реката Сарандапоро (Σαραντάπορο) ја дели Грамушта од планината Смолика (2.637 м) — втора по височина во Егејска Македонија и цела Грција. На исток притоките на Бистрица ја делат Грамушта од планината од Корбец. Меѓу планинските била се образуваат три забележителни долини со помали населени места. Тоа се долините на с. Грамушта во Костурско и тие на с. Денско и с. Пеликат во Јанинско. Водите од првата долина се слеваат во Бистрица, како нејзини изворници, а водите од другите долини се слеваат во Сарандапор.[3]

Близу до границата со Албанија е сместено највисокото и најголемото планинско езеро во Егејска Македонија и Грција, наречено Гиздово (Γκιστόβα) на 2.350 м. Други убави езера се среќаваат во подрачјето на Голем Човек. Сместени се меѓу букови шуми, на височина од околу 1.700 м до нив може да се дојде со автомобил.

Планинските ливади се користат за напасување на големи стада овци. Во околината има високи борови и елови дрвја, со разлистени букови шуми во летниот период и црвеникава боја на лисјата наесен. Планината е богат со животински и растителен свет,, вклучувајќи 486 вида растенија околу 20 вида цицачи, меѓу кои кафеавата мечка, дивата коза, лисицата, волкот, дивата свиња, срната и др. Од птиците се среќаваат златниот орел, соколот, еребицата и др. Шумите се состојат претежно од бука, црн бор, ела и даб.

Општи особености[уреди | уреди извор]

Поглед на Грамушта од с. Пеликат

Грамушта е четвртата по височина планина во Егејска Македонија и цела Грција, по Олимп, Смолика и Ниџе. Претставува најсеверен огранок на планинскиот масив Пинд и по него минува границата меѓу областите Македонија на исток и Епир на запад и југ. На исток, во долината на реката Бистрица е сместена општината Нестрам од областа Западна Македонија. На јужното подножје на планината, во долината на Сарандопор се наоѓа општината Коница во Епир. На запад и север се окрузите Колоња и Девол во Албанија.

Воена историја[уреди | уреди извор]

До 1912 г., Грамушта ја образувала југозападната граница на етничка Македонија - селата во планината се влашки, а на североисточното подножје — македонски. На 24-29 август 1949 г. на планината се случила решителната Битка на Грамушта, каде со помош од американски и британски сили и напалм-бомби е поразена Демократската армија на Грција (ДАГ) со огромен број Македонци и со тоа е ставен крај на Граѓанска војна на штета на македонското насление.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]