Соколи

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Сокол)
Соколи
Период: Доцниот миоцен до денес
Кафеав сокол
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Надред: Нови птици
Семејство: Соколи
Род: Falco
Карл Лине, 1758

соколи (Falconinae) каракари (Polyborinae)

Соколи (науч. Falconidae) — семејство на грабливи птици од редот на соколовидните (Falconiformes) со околу 60 видови. Поделена е на две потсемејства: каракари (Polyborinae, вкл. каракари и шумски соколи) и соколи (Falconinae, вкл. соколи, ветрушки и соколчиња). Се разликуваат од другите соколовидни птици по тоа што пленот го убиваат со клунот наместо со канџите. За таа намена имаат забец од страната на клунот.

Опис[уреди | уреди извор]

Соколите се средно големи грабливи птици, и доста се разликуваат: од црноногото соколче со 35 гр, па сè до северниот сокол (Falco rusticolus), кој тежи 1,7 кг. Имаат искривени клунови, свиени канџи и одличен вид. Перјето обично се состои од мешавина од кафеаво, бело, костенливо, црно и сиво, со пруги или шари. Разликата во обоеноста помеѓу половите е мала, макар што некои видови се одликуваат со извесен полов диморфизам во впечатливоста на боите. Возрасните соколи имаат тенки, конусни крила, кои им овозможуваат да летаат со голема брзина и да го променат правецот брзо. Младите соколи, во првата година кога учат да летаат, имаат подолги пердуви, кои ја прават нивната конфигурација повеќе како обична птица, како Buteo platypterus. Ова го прави летањето полесно додека ги учат посебните вештини за да бидат ефективни ловци како возрасни.[1]

Распространетост и живеалиште[уреди | уреди извор]

Семејството има космополитска распространетост ширум светот, со најгустите шуми во централна Африка, некои зафрлени острови во Океанија и во подрачјата блиски до половите. Некои видови имаат мошне широка застапеност, особено сивиот сокол, кој живее од Гренланд до Фиџи, што претставува најширока застапеност од сите птици. Другите видови се поограничени во распространетоста, особено островските ендеми како маврициската ветрушка. Присутни се во сите видови на живеалишта — од тундри до дождовни шуми и пустини, со тоа што претпочитаат поотворени предели (дури и шумските видови живеат во проретчени шуми или на краевите од шумите). Извесни видови, претежно од родот вистински сколи (Falco) се наполно преселнички. Некои од нив го поминуваат летото во Евроазија, а презимуваат целосно во Африка, додека пак други се само делумни преселници. Амурскиот сокол има најдолга перселба, преминувајќи од источна Азија во јужна Африка.[2]

Во Македонија[уреди | уреди извор]

Соколите во Македонија се застапени со девет вида родот на вистински соколи (Falco), кој народно е поделен на соколи и ветрушки. Присутни се следниве видови:[3] белонокта ветрушка (Falco naumanni), ветрушка (Falco tinnunculus), модра ветрушка (Falco vespertinus), средоземен сокол (Falco eleonorae), мал сокол (Falco columbarius), сокол ластовичар (Falco subbuteo), планински сокол (Falco biarmicus), степски сокол или ловџиски сокол (Falco cherrug) и сив сокол (Falco peregrinus).

Поведение[уреди | уреди извор]

Исхрана[уреди | уреди извор]

Јужна каракара
(Caracara plancus)

Сите соколи се месојадни, и се хранат со птици, мали цицачи гуштери, инсекти и мрша. Иако во општата култура важат за брзи и жестоки грабливки, ова важи само за родот соколи и некои соколчиња, додека пак други видови се хранат на попасивен начин. Шумските соколи од неотропите општи ловци. Неколку вида, особено од вистинските соколи, оставаат залихи од храна во скришни места.[4] Ловат сами, а територијата ја бранат во двојки. Јата образуваат само при преселба. Извесни видови се поспецијализирани, како соколот присмешик кој лови само змии, а други имаат разновидна исхрана.

Размножување[уреди | уреди извор]

Филипинско соколче
(Microhierax erythrogenys)

Птиците од семејството се парат поединечно, со исклучок на 10% од видовите, кои се колонијални (на пр. црвеноногиот сокол).[5] Сите се моногамни. Кај некои каракари, помладите птици им помагаат на родителите во грижата за новите пилиња. Соколите не градат гнезда (со исклучок на каракарите), туку користат гнезда на други птици кога тие немаат пилиња. На пример, џуџестите соколи се гнезди во гнездата на ткајачките (Ploceidae), или пак во дупки на карпи. Женката снесува 2-4 јајца и претежно самата ги квачи. Времето до испулување се разликува од вид до вид и зависи од големината: на помалите видови им треба 28, а на поголемите до 35. Пилињата почнуваат да летаат по 28–49 дена, исто така зависно од големината.

Соколите во културата[уреди | уреди извор]

Сивиот Сокол (falco peregrinus ) најбрзото суштество на планетата

Поради нивните одлики, соколите отсекогаш имале особено значење за луѓето. Во егиептската митологија се сметале за отелотворенија на Хор, бог на небото и сонцето и предок на фараоните. Каракарата е присутна во легендите на Ацтеките, и денес се национален симбол на Мексико. Денес најголемиот контакт помеѓу луѓето и соколите се случува во ловно-рекреативниот спорт соколарство.

Во македонското народно творештво соколите се сметаат за возвишени и смели, за што сведочи песната „Море сокол пие“, каде соколот е опишан како „јуначко пиле“.[6] Нивната агилност и точност во забележувањето на пленот е поим за острина и агилност на видот, поради што се вели дека некој има „око соколово“. Во минатото овие птици играле важна улога како симболи на античките кралеви, благородништвото и подоцна, на црквата.[7] Во верската традиција, заштитник на соколарите е Свети Трифун, кој честопати е прикажан со сокол на раката.

Родови[уреди | уреди извор]

Степскиот Сокол (Falco cherrug) е еден од најкористените видови на соколи во соколарството

семејство: соколи (Falconidae)

Фосилни родови[уреди | уреди извор]

Соколот како тема во уметноста и во популарната култура[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „The Evolution of Reversed Sexual Dimorphism in Hawks, Falcons and Owls: a comparative study“. Springer. Посетено на 2016-04-04.
  2. Tordoff, Andrew (2002). „Raptor migration at Hoang Lien Nature Reserve, northern Vietnam“ (pdf). Forktail. 18: 45–48.
  3. Некритички список на птиците во Македонија — Методија Велевски, Македонско еколошко друштво, 10 септември 2012
  4. Collopy, M.W. (1977). „Food Caching by Female American Kestrels in Winter“. Condor. 79 (1): 63–68. doi:10.2307/1367531. JSTOR 1367531.
  5. Ille, R.; Hoi, H.; Grinschgl, F.; Zink, F. (2002). „Paternity assurance in two species of colonially breeding falcon: the kestrel Falco tinnunculus and the red-footed falcon Falco vespertinus“. Etologica. 10: 11–15.
  6. Море сокол пие“ - Викиизвор
  7. Птиците грабливки во културното наследство на Република Македонија Архивирано на 17 август 2013 г. - „Јарак“
  8. Може да припаѓа на денешен род (Kramarz et al. 2005).
  9. Vlatko Stefanovski & Miroslav Tadic featuring Theodosii Spasov, Treta Majka. Avalon, 029, 2004.
  10. Ѓорѓи Доневски, Сокол ми лета високо. Скопје: Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“, 1978, стр. 52.
  11. Блаже Тренески, Стојна ситноода. Скопје: Студентски збор, 1981, стр. 7.
  12. Народне лирске песме. Београд: Просвета, 1963, стр. 109.
  13. Народне лирске песме. Београд: Просвета, 1963, стр. 56.
  14. Народне лирске песме. Београд: Просвета, 1963, стр. 43-44.
  15. Блаже Конески, Црн овен. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021, стр. 38.
  16. Riba, patka, vodozemac: Priče o životinjama (Priredila Ljubica Arsić). Beograd: Laguna, 2014, стр. 305-309.
  17. Voja Čolanović, „Sinkler Luis“, во: Sinkler Luis, Čovek koji je poznavao Kulidža. Beograd: Rad, 1963, стр. 137.
  18. Valerio Magreli, „Biografska beleška“, во: Pjer Paolo Pazolini, Put i nebo. Beograd: Mali vrt, 2016, стр. 91.