Соколовидни

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Соколовидни птици
Кафеав сокол
Falco berigora
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Соколовидни
Sharpe, 1874
Фамилии

Accipitridae
Pandionidae
Falconidae
Sagittariidae

Соколовидни (грчки: Falconiformes) — ред од околу од околу 290 видови на диурнални грабливи птици. Систематиката на соколовидните е отежната.

Потешкотии во систематиката[уреди | уреди извор]

Традиционално сите соколовидни птици се групирани во четири фамилии во овој единствен ред. Меѓутоа, во Европа стана вообичаено соколовидните птици да се разделуваат на два реда: соколите и каракарите остануваат во редот Falconiformes (со околу 60 видови во 4 групи), додека останатите 220 видови (вклучувајќи ги и оние од фамилијата Accipitridaeорли, јастреби и многу други) се сместуваат во посебен ред - Accipitriformes. Праисториска фамилија позната само од фосилни остатоци е Horusornithidae.

Тезата за поделба на соколовидните на повеќе редови доаѓа од тоа што редот би можел да не споделува единствена еволутивна линија која е ексклузивна за другите птици. Најконтроверзната, но истовремено и најдобро поткрепена со докази, теорија е онаа што вели дека Cathartidae не се соколовидни птици, туку се поврзани со штрковите, во посебниот ред Ciconiiformes. Меѓутоа, морфолошките докази го поткрепуваат заедничкото потекло на соколовидните птици, како и тоа дека бувови (утковидни) би можеле да се исто така многу блиски со Falconiformes.

Анализите на кариотипот укажуваат на тоа дека јастребите од Новиот свет (фамилија Cathartidae) се навистина одделни, како и тоа дека Accipitridae стои настрана од сите други соколовидни птици, бидејќи нивните микрохромозоми покажуваат висок степен на спојување со средно-големите хромозоми, што е единствена појава кај птиците (de Boer 1975, Amaral & Jorge 2003, Federico et al. 2005). Дали ова има вредност за поддршка на предложениот ред Accipitriformes е сè уште предмет на расправа, но барем потврдува дека аципитридите се монофилетска група.

Постои една скорешна теорија [1] основана на генетски истражувања која вели дека соколите се поблиски со папагалите и врапчевидните птици отколку со другите (вклучувајќи ја и фам. Accipitridae), како и тоа дека според претходно кажаното, соколовидните не образуваат монофилетска група дури и ако се исклучат претставниците од фам. Cathartidae.

Особини[уреди | уреди извор]

Соколовидните се познати од средниот еоцен (а можен базален род е Masillaraptor од Мезел Пит). Тие обично имаат остар кукест клун со восковица (мека маса) на проксимодорзалната површина, во која се сместени ноздрите. Нивните крила се долги и доста широки, погодни за брз лет, при што надворешните 4-6 примарни пердуви се емаргинирани.

Соколовидните имаат силни нозе и стапала со соколски канџи и спротивна задна канџа. Речиси сите соколовидни се месојадни, ловејќи со помош на остриот вид во текот на денот или на зајдисонце. Тие живеат мошне долго и повеќето имаат низок степен на размножување.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Hackett, Shannon J.; Kimball, Rebecca T.; Reddy, Sushma; Bowie, Rauri C. K.; Braun, Edward L.; Braun, Michael J.; Chojnowski, Jena L.; Cox, W. Andrew; Han, Kin-Lan; Harshman, John; Huddleston, Christopher J.; Marks, Ben D.; Miglia, Kathleen J.; Moore, William S.; Sheldon, Frederick H.; Steadman, David W.; Witt, Christopher C.; Yuri, Tamaki: A phylogenomic study of birds reveals their evolutionary history.Science, p1763, 27 Jun 2008