Географија на Индија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Поглед на Индија од вселената

Географијата на Индија е разновидна, од снежни покривки на планините, до пустини, низини и висорамнини. Климата се менува од екваторска на крајниот јужен дел до ладна планинска клима на Хималаите. Индија го зафаќа најголемиот дел од Индискиот Потконтинент и има брег во должина над 7.000 км, од кој најголем дел лежи на Индискиот Океан. Индија на запад се граничи со Арапското Море, а на исток со Бенгалскиот Залив.

Плодната Индоганшка Низина зазема голем дел од северна, средна и источна Индија, додека висорамнината Декан зазема поголем дел од јужна Индија. На западниот дел од земјата се наоѓа пустината Тар, која е во еден дел карпеста, а во друг песочна пустина, додека источната и североисточната граница ја чинат Хималаите. Со сигурност не може да се зборува за највисоката точка на Индија поради територијалниот спор со Пакистан. Според Индија, највисоката точка (сместен во спорната територија Кашмир) е врвот К2, висок 8.611 м. Највисоката точка на неспорна индиска територија е врвот Кангченѕунга, висок 8.598 м.

Индија се граничи со Пакистан, Народна Република Кина, Бангладеш, Мјанмар, Непал, Бутан и Авганистан[1]. Шри Ланка и Малдиви се острвски држави, јужно од Индија. Земјата е поделена на 28 држави, 6 административно сојузни територии и територија на главниот град. Политичките поделби се главно поради етничките и јазичните разлики, а не географските.

Положба и големина[уреди | уреди извор]

’Ртот Коморин е најјужната копнена точка на Индија.

Индија се наоѓа северно од екваторот, меѓу 8° 4' и 37° 6' јужна географска ширина и 68° 7' и 97° 25' источна географска должина[2]. По големина, Индија е седма најголема земја во светот со вкупна површина од 3.287.263 км2[3]. Растојаниетоп од најсеверната до најјужната точка изнесува 3.214 км, а од најисточната до најзападната 2.933 км. Индија има копнена граница долга 15.200 км и крајбрежје долго 7.516,5 км[4]. Андаманските и Никобарските Острови во Бенгалскиот Залив и Лакадивите во Арапското Море, исто така се дел од Индија.

Индија излегува на Арапското Море на јуозапад и Бенгалскиот Залив на југоисток. На север, североисток и сверозапад се простираат Хималаите. Канџакумари (’Рт Коморин) го чини јужниот врв на Индискиот полуостров, кој се снижува и завршува на брегот на Индискиот Океан.

Територијалните води на Индија се простираат сѐ до 20 наутички милји, мерено од одредена почетна линија.[5]

Политичка географија[уреди | уреди извор]

Индија е поделена на 28 држави (кои понатаму се поделени на дистрикти), 6 сојузни територии и територијата Делхи. Државите имаат сопствени влади, додека со сојузните територии управуваат администратори, кои ги поставува сојузната влада.

Административна поделба на Индија, вклучувајќи 28 држави и 7 територијални унии

Држави:

  1. Андра Прадеш
  2. Аруначал Прадеш
  3. Асам
  4. Бихар
  5. Чатисгар
  6. Гоа
  7. Гуџарат
  8. Харајана
  9. Химачал Прадеш
  10. Џаму и Кашмир
  11. Џарканд
  12. Карнатака
  13. Керала
  14. Мадја Прадеш
  1. Махараштра
  2. Манипур
  3. Мегалаја
  4. Мизорам
  5. Нагаланд
  6. Ориса
  7. Пенџаб (Индија)
  8. Раџастан
  9. Сиким
  10. Тамил Наду
  11. Трипура
  12. Утар Прадеш
  13. Утаранчал
  14. Западен Бенгал

Територијални унии:

  1. Андамани и Никобари
  2. Територија Чандигар
  3. Дадра и Нагар Хавели
  4. Даман и Диу
  5. Лакадиви
  6. Територија на главниот град Делхи
  7. Територија Пондишери

Индија полага право на државата Џаму и Кашмир, но тоа го оспоруваат Пакистан и Кина, кои управуваат со дел од територијата. Кина полага право и на државата Аруначал Прадеш, која се наоѓа под нејзина управа.

Географски региони[уреди | уреди извор]

Индија е поделена на седум географски региони:

  1. Северни планини, кои ги вклучуваат Хималаите и североисточните планински венци;
  2. Индоганшка Низинa;
  3. Пустина Тар;
  4. Средишни ридови и висорамнината Декан;
  5. Источен брег;
  6. Западен брег;
  7. Гранични мориња и острови[4].

Планини[уреди | уреди извор]

Карта на ридските региони во Индија
Физичка карта на Индискиот Потконтинент

Големиот планински лак, составен од планинските венци Хималаи, Хиндукуш и Паткај, го дефинира индискиот потконтинент. Тие планини се формирани со судирот на индиските и евроазиски тектонски плочи кои започнале пред околу 50 милиони години и траат и денес. Во овие планински венци, кои воедно претставуваат и пречка за ладните поларни ветрови се наоѓаат и некои од највисоките врвови на светот. Тие исто така овозможуваат, монсуните да влијаат на климата во Индија. Бројните реки кои извираат во тие планини придонесуват за плодноста на Индоганшката Низина. Биогеографите , тие планини ги земаат како граница меѓу две екозони: умерениот појас, кој го покрива поголемиот дел од Евроазија и тропскиот и суптропски, кој го опфаќа Индискиот Потконтинент, Индокина и Индонезија. Освен тоа, овие планински венци го отежнувале продирањето на освојувачите низ историјата.

Индија има 10 големи планински венци, чии врвови се повисоки од 1.000 м. Хималаите се единствениот планински венец, на чии врвови има снег. Тие планини се:

  1. Аравали;
  2. Источен Гати;
  3. Хималаи;
  4. Паткај;
  5. Винџа;
  6. Сахуадри или Западен Гати;
  7. Сатпура;
  8. Каракорум.
Обоена сателитска снимка на Хималаите. Снимката ги прикажува врвовите на Хималаите со поглед од Тибет
Врв на Хималаите во Сиким

Химмалаите се највисокиот планински венец во светот[6]. Тој ја формира индиската североисточна граница, кој ја одвојува Индија од останатиот дел на Азија. Хималаите се еден од најмладите планински венци во светот и се простира 2.500 км непрекинато и зафаќа површина од 500.000 км2[6].

Хималаите се протегаат од државата Џаму и Кашмир на запад до државата Аруначал Прадеш на исток. Тие држави со Химачал Прадеш, Утаранчал и Сиким се наоѓаат, главно во хималајскиот регион. Некои од врвовите на Хималаите се повисоки од 7.000 м, а снежната граница се протега меѓу 6.000 м во Сиким до од околу 3.000 м во Кашмир. Кангченѕунга, кој се наоѓа во Сиким е највисок врв на индиска територија. Голем број на врвовите на Хималаите се под снежна покривка во текот на целата година.

Шивалик или ниски Хималаи се состои од пониски планини и ридови од индиска страна. Поголемиот дел од карпестите формации се млади и нестабилни, па во врнежливите периоди лизгањето на земјиштето е редовна појава. Многу индиски ридски предели се сместени на тој венец. Климата варира од суптропска во подножјето на планините до алпска во повисоките планински предели.

Планините кои се наоѓаат на источната граница на Индија со Мјанмар се нарекуваат Паткај или Пурванчал. Тие се создадени со истите тектонски процеси како и Хималаите. Постојат три плланински венци во оваа група на планини: Паткај-Бум, Гаро-Каси-Јаинтија и Лушаи. Венецот Гаро-Каси се наоѓа во индиската држава Мегалаја. Климата варира од умерена до алпска, зависно од висината. Од едната страна на овие ридови се наоѓа Черапунџи, највлажното место на Земјата.

Венецот Винџа

Венецот Винџа се наоѓа во поголемиот средиштен дел на Индија, во должина од 1.050 км[6]. Просечната висина на тие ридови е 300 м[6]. Се верува дека тоа се остатоци од ронењето на старите планини Аравали. Винџа ги одвојува географски северна и јужна Индија. Западниот крај на венецот лежи во источен Гуџарат, во близина на границата со државата Мадја Прадеш, додека остатокот од венецот се протега на исток и север, па сѐ до реката Ганг кај Мирзапур.

Сатпура е планински венец кој се наоѓа во средна Индија. Започнуива во источен Гуџарат, во близина на брегот на Арапското Море, а потоа продолжува источно до Махараштра, Мадја Прадеш и завршува во државата Чатисгар. Венецот се простира во должина од 900 км, а многу врвови се повисоки од 1000 м[6]. Венецот има облик на триаголник, со теме во Ратнапури, а двете страни се паралелни со реките Тапти и Нармада[7]. Паралелно се протега и венецот Винџа, кој лежи на север, па тие два венца во правец исток-запад ја делат Индоганшката Низина на север со висорамнината Декан на југ. Нирмада тече во депресија меѓу Сатпура и Винџа на запад кон Арапското Море.

Венецот Аравали во Раџастан

Аравали е најстариот планински венец во Индија, кој се протега од североситочниот до југозападниот дел, низ Раџастан во западна Индија. Венецот е долг околу 500 км. Северниот дел на венецот продолжува во Харајана во облик на изолирани ридови и карпести гребени, а завршува во близина на Делхи. Највисок врв е Маунт Абу, висок 1.722 м, кој лежи во југозападниот дел на венецот, во близина на границата со Гуџарат. Градот Аџмер со своето езеро лежи на јужните падини на венецот во Раџастан. Венецот Аравали е остаток на стар планински систем, кој некогаш бил покриен со снег. Венецот се издигнувал во орогенезата Аравали-Делхи. Аравали ги спојува двата стари елови кои го сочинуваат индискиот кратон: сегментот Марвар на северозападниот венец и сегментот Буделханд на неговиот југоисток.

Западни Гати или Сахиадри се простираат во западниот дел на индиската висорамнина Декан, која ги одвојува од низините долж Арапското Море. Венецот започнува јужно од реката Тапти, во близина на границата со Гуџарат и Махараштра и се протега во должина од околу 1.600 км[7] низ државите Махараштра, Гоа, Карнатака, Керала и Тамил Наду скоро до најјужната точка на Индискиот полуостров. Просечната висина изнесува околу 1.000 м[7], а највисоките врвови се наоѓаат во јужниот дел на планинскиот венец. Двата најпознати врвови на Западните Гати се Калсубаи (1.646 м) и Махабалешвар (1.438 м).

Источни Гати се прекинат планински венец, кој ги пресекува четирите најдолги реки во јужна Индија: Годавари, Маханади, Кришна и Каувери. Овие планински венци се шират сѐ до Западен Бенгал, на север низ Ориса и Андра Прадеш сѐ до Тамил Наду на југ. Тие се простираат паралелно со Бенгалскиот Залив и не се високи како Западните Гати иако некои врвови се повисоки од 1000 м[7].

Источните и Западните Гати се поврзуваат кај Нилгири во Тамил Наду. Анаимуди на Кардамом, со висина од 2.695 м е највисок врв на Западните Гати, а се наоѓа во Керала. Нилгиири се смета за дел од Западните Гати.

Индоганшка Низина[уреди | уреди извор]

Опфат на Индоганшката Низина во Јужна Азија

Индоганшката Низина ја сочинуваат големи алувијални рамничарски речни системи на Инд и Ганг-Брамапутра. Тие се протегаат паралелно на Хималаите, Џаму и Кашмир на запад, до Асам на исток. Просторот на алувијалните рамнини се наоѓа во државите Пенџаб, Харајана, источен Раџастан, Утар Прадеш, Бихар, Џарканд и Западен Бенгал. Индоганшката Низина зафаќа површина од 700.000 км2, а ширината се разликува од должината за неколку стотини километри. Главните реки кои го обликуваат тој дел на системот се Ганг и Инд со притоките Беас, Јамуна, Гомти, Рави, Чамбал, Сатлеџ и Ченаб.

Индоганшкиот појас е најдолгиот непрекинат алувијален систем во светот, кој е обликуван со депозиција на приносите на бројните реки. Низините се рамни, без шуми и се погодни за наводнување. Ова подрачје изобилува со подземни извори на вода.

Рамнините спаѓаат во најинтензивното земјоделство во светот. Во Индогангската рамнина најмногу се одгледува ориз и пченица, но и пченка, шеќерна трска и памук. Познати и како големини рамнини, Индогангските рамнини се наоѓаат меѓу најнаселените подрачја на светот.

Пустина Тар[уреди | уреди извор]

Џејселмир во Раџастан се наоѓа во пустината Тар.

Пустината Тар (позната и како Голема индиска пустина) се простира во значаен дел од западна Индија. Пустината се простира во четири држави во Индији: Пенџаб, Харајана, Раџастан и Гуџарат и зафаќа површина од 208.110 км2. Пустината продолжува во Пакистан, каде се нарекува Чолистан. Најголемиот дел од пустината се наоѓа во Раџастан и зафаќа 61% од неговата површина. Во најголем дел, пустината е карпеста, додека само мал дел на крајниот запад е песочен.

Потеклото на пустината Тар е несигурно. Некои геолози сметаат дека пустината е стара од 4.000 до 10.000 години, додека останатите тврдат дека пустинските одлики се многу постари. Подрачјето се одликува со екстремни температури, кои преку лето се повисоки од 45 °C, а преку зима се спуштаат и под 0 °C. Врнежите се ретки и непредвидливи и се со помало количество од 120 мм на крајниот запад, а на крајниот исток помали од 375 мм. Недостатокот на врнежи главно е последица на положбата на пустината во однос на планинскиот венец Аравали. Пустината лежи во подрачје, зштитено од врнежи, кои создаваат движење на југозападните монсуни од Бенгалскиот Залив. Паралелнта положба на планинскиот венец Аравали кон Арапското Море, исто така придонесува врнежите да бидат ретка појава.

Пустината Тар може да се подели на два региона, Голема и Мала пустина. Големата пустина се протега северно од крајот на регионот Кач во Гаџарта. Малата пустина се протега од реката Луни, меѓу градовите Џодпур и Џејселмир сѐ до северните подрачја. Земјиштето во пустинските региони е песочно. Постојаноста и дебелината се разликуваат од оние претставени на географска карта. Малата густина на населеност го прави овој дел од Индија, еден од најненаселените во целата земја.

Висорамнини[уреди | уреди извор]

Средишната висорамнина е составена од три висорамнини: Малва на запад, Декан на југ (зафаќа голем дел од Индискиот полуостров) и Чотанагпур во Џарканд на исток.

Висорамнината Декан е голема тространа висорамнина свртена кон Винџа на север, а од другата своја страна на Источните и Западните Гати. Декан зафаќа вкупна површина од 1,9 милиони км2. Надморската висина е променлива од 300 до 600 м[8].

Името Декан доаѓа од санскритскиот збор dakshina, што значи „југ“. Висорамнината е малку пострмна од запад кон исток, со што се овозможува зголемување на нивото на неколку полуостровски реки како што се Годавари, Кришна, Каувери и Нармада. Ова подрачје лежи од задната страна на двата планински венци Гати. Голем дел од Декан е покриен со трновито земјиште, расфпространето во густите шуми. Климата се одликува со жешки лета и благи зими.

Висорамнината Чотанагпур се наоѓа во источна Индија и зафаќа голем дел од индиската држава Џарканд, како и делови од соседните Ориса, Бихар и Чатисгар. Вкупната површина на висорамнината Чота Нагпур изнесува приближно 65.000 км2. Висорамнината се состои од три помали висорамнини: Ранчија, Хазарибагха и Кодарма. Висорамнината Ранчија е најголемата висорамнина со просечна висина од 700 м. Голем дел од висорамнината е пошумен и покриен со суви шуми. Висорамнината е позната по големите резерви на руда и јаглен.

Полуостровот Катиавар во Гуџарат, заедно со големиот индиски полуостров е еден од најголемите полуострови во Индија.

Источен брег[уреди | уреди извор]

Источниот брег е голем рамничарски простор, којшто се протега меѓу Источните Гати и Бенгалскиот Залив, односно од Тамил Наду на југ до Западен Бенгал на север. Делтата на многу индиски реки се наоѓаат во овој рамничарски предел. Реки кои течат во ова подрачје се: Маханади, Годавари, Каувери и Кришна. Регионот е подложен на врнежи, под особено влијание на североисточните и југозападните монсуни, па годишниот просек на врнежи изнесува меѓу 1.000 и 3.000 мм. Ширината на рамнината варира од 100 до 130 км[9].

Рамнините се поделени во седум региони: делта на Маханадија, јужна рамнина Андре Прадеш, делта на Кришна и Годавари, брег на Канџакумари, Короманделски брег и песочен литорал.

Западен брег[уреди | уреди извор]

Поглед на индискиот западен брег кај Гоа, во близина на границата со Махараштра.

Западниот брег е тесниот појас меѓу Западните Гати и Арапското Море. Појасот започнува во Гуџарат на север и се протега во државите Махараштра и Гоа. Појасот е штирок меѓу 50 и 100 км.

Регионот е преплавен со големиот број на кратки реки и бари. Реките кои извираат на Западните Гати имаат брз тек. Природата на брзи речни текови резултира со естуар наместо делта. Подолгите реки, кои се влеваат во Арапското Море се: Тапи, Нармада, Мандови и Зуари.

Брегот се дели на три региони. Северниот регион (Махараштра и Гоа) е познат како брег Конкан, средниот регион (Карнатака) е познат како брег Канара, а јужната крајбрежна линија во Керали е позната како Малабарскиот Брег. Растителноста во овие региони главно е листопадна. Брегот Малабар има единствена сопствена екорегија, која ја сочинуваат влажни шуми во малобарскиот брег.

Острови[уреди | уреди извор]

Индија има два големи крајбрежни архипелази: Лакадивите и Андаманските и Никобарските Острови. И двете островски групи се наоѓаат под управа на сојузната влада на Индија и под сојузната територија.

Островите Лакадиви се наоѓаат во Арапското Море и се од 200 до 300 км оддалечени од брегот Керала. Се состојат од 12 корални атоли, 3 корални гребени и пет брега. Од нив 10 острови се населени.

Андаманските и Никобарските острови се наоѓаат во Бенгалскиот Залив, во близина на брегот на Мјанмар. Островите се сместени на 950 км од Калкута и 193 км од ’ртот Неграис во Мјанмар. Територија се состои од две островски групи: Андамански и Никобарски острови. Андаманските острови се 204 на број, во вкупна должина од 352 км. Никобарските острови се 22 на број, сместени јужно од Андаманските на површина од 1.841 км2. Највисоката точка е Маунт Тујлиер на 642 м надморска висина. Индира поинт е најјужната точка на Индија, сместена на Никобарските острови, на оддалеченост од само 189 км од индонезискиот остров Суматра на југоисток.

Значајни инидски острови се и островите Диу (поранешна португалска територија; Мајули (најголемиот азиски слатководен остров); Салцете (најнаселениот индиски остров, на кој се наоѓа градот Мумбаи); Елефанта во бомбајското пристаниште; и островот Срихарикота во Андре Прадеш.

Реки[уреди | уреди извор]

Реки во Индија

Сите главни реки извираат од[7]:

  1. Хималаите и Каракорум;
  2. Винџа и Сатпура во средна Индија;
  3. Сахуадри или Западни Гати во западна Индија.

Хималајските реки се покриени со снег во почетокот на нивниот тек преку целата година. Реките коишто извираат во останатите делови зависат од монсуните, а во сушниот период личат на поточиња.

Дванаесет индиски реки се поделени како главни, а вкупната површина на нивните сливови изнесува 2.528.000 км2[7].

Реката Тиста, притока на Брамапутра во северниот дел на Западен Бенгал

Хималајските или северни реки, кои течат на запад се: Инд, Беас, Ченаб, Рави, Сатлеџј и Јелум[10].

Системот Ганг-Брамапутра-Мегана има најголемо сливно подрачје, кое зазема површина од 1.100.000 км2[7]. Реката Ганг извира од ледникот Ганготри во Утараканд. Таа тече на југоисток кон Бангладеш[7]. Реките Јамуна и Гомти, исто така извирааат во западните Хималаи, па во рамнините се влеваат во Ганг[7]. Реката Брамапутра е друга притока на Ганг, која извира во Тибет, а во Индија влегува во најисточната држава Аруначал Прадеш. Нејзиниот тек продолжува на запад, сѐ до Бангладеш, каде се влева во Ганг [7].

Реката Чамбал е исто така притока на Ганг, која извира во планинскиот венец Винџа-Сатпура и продолжува да тече на исток. Реки кои течат на запад се: Нармада (Нарбуда) и Тапти (Тапи), кои се влеваат во Арапското Море во областа Гуџарат. Речната мрежа од исток на запад сочинува 10% од вкупниот воден тек.

Во Западните Гати извираат Декански реки. Најдолгите реки во Декан се: Маханади, Годавари, Кришна и Каувери, кои влијаат на Бенгалскиот Залив. Овие реки сочинуваат 20% од вкупшниот индиски речен тек[10].

Води[уреди | уреди извор]

Реки и езера во Индија.

Главни заливи на кои излегува Индија се: Камбајскиот, Качкиот и Манарскиот Залив. Значајни протоци се Палк, кој ја одвојува Индија од Шри Ланка, Десетостепениот канал, кој ги одвојува Андаманските од Никобарските острови и Осмостепениот канал, кој ги одвојува Лакадивите и Андаманите од островите Миникој на југ. Значајни ’ртови се: ’рт Коморин, најјужна точка на индиското копно, ’ртот Индира поинт, најјужна точка на Индија, Раминов Мост и ’ртот Калимер.

Во помалите мориња спаѓаат: Лакадивското и Андаманското Море. Во Индија постојат четири корални гребени, кои се наоѓаат на Андаманските и Никобарските осрови, Манарскиот Залив, Лакшадвип и Заливот Кач[11].

Најзначајни езера во Индија се: Чилка, најголемото солено езеро во Индија, се наоѓа во Ориса; Колеру во Андре Прадеш; Локтак во Манипур, Дал во Кашмир, Самбхар во Раџастан и Састамкот во Керали.

Мочуришта[уреди | уреди извор]

Индискиот мочуриштен екосистем е разновиден. Разлики постојат од оној во Ладах во државата Џаму-Кашмир до оној во областите со влажна клима на Индискиот полуостров. Голем број на мочуришта се директно или индиректно поврзани со индиските речни мрежи. Индиската влада одредила вкупно 22 мочуришта, кои треба да бидат заштитени. Меѓу мочуришните земјишта се наоѓаат тропски и мангровити шуми на Индискиот полуостров и калливи рамнини во западниот дел на Индија.

Мангровитите шуми се протигаат долж целиот индиски брег во барски предели и калливи рамнини. Површината на мангрите изнесува 6.740 км2 и опфаќа 7% од вкупната површина со мангри во светот. Големи површини на мангри има на Андаманските и Никобарските острови, Сундарбани, Заливот Кач, делтите на Маханди, Годавари и Кришна и делови од Махараштра, Карнатака и Керала.[11]

Голем дел од мочуришните предели се граничат со светилишта и национални паркови (или се нивен дел), па затоа се заштитени.

Сундарбани[уреди | уреди извор]

Делтата на Ганг во Бангладеш и Индија

Делтата на Сундарбани е покриена со најголемата мангрова шума на светот. Сместена е на успието на реката Ганг и се протега преку Бангладеш и Западен Бенгал во Индија. Бангладешките и индиските џунгли се наоѓаат на списокот на светското природно наследство на Унеско под две имиња: Сундарбанс и Национален парк Сундарбани, иако тоа се делови од иста шума. Сундарбани се пресечена сложена мрежа на морски патишта, кални рамнини и мали острови и мангрови шуми.

Подрачјето е познато и по разновидната фауна. Најпознат пример меѓу животните е бенгалскиот тигар, но освен тоа во ова подрачје живеат и бројни видови на птици, крокодили и змии, а и точкасти елени. Се проценува дека на тоа подрачје моментно има околу 400 бенгалски тигри и 30.000 точкасти елени.

Кач[уреди | уреди извор]

Кач е мочурлив регион сметен во индиската држава Гуџарат, која се граничи со пакистанската област Синд. Името Кач настанало од зборовите (хинду:) -{Rann}-, „слана“, Kach „мочуриште“. Кач зафаќа површина од 27.900 км2[12].

Регионот, првобитно се состоел од дел од Арапското Море. Геолошките сили, најверојатно земјотреси придонеле регионот да се претвори во лагуна. Ова подрачје постепено се претворило во мочуриште. За време на монсуните, ова подрачје се претвора во мочуришна длабочина, која достигнува висина до колена. По монсуните, подрачјето се суши.

Клима[уреди | уреди извор]

Климата во Индија е под големо влијание на Хималаите и пустината Тар. Хималаите, со Хиндукуш го спречуваат влијанието на студените ветрови од средна Азија. Тоа го прави Индискиот Потконтинент потопол од другите места со слична географска ширина. Пустината Тар има влијание во привлекувањето на влага, збогатена со монсуснки ветрови, кои се причинители за врнежите.

Тешко е да се опише Индија како една климатска зона. Нејзината големина, овозможува да има голема разлика од климата во Кашмир со онаа во јужна Индија. Различната топографија условува да има региони со микроклима. Климата во Индија варира од тропска во јужните делови до умерена клима на север. Деловите на Хималаите имаат поларна клима.

Метеоролозите ја делат годината на четири годишни времиња во најголемиот дел на држави. Тоа се зима, лето, време на монсуснски диождови и време по монсунските дождови. Деловите на Индија кои се наоѓаат покрај Хималаите имаат пет годишни времиња: пролет, лето, време на монсунски дождови, есен и зима. јесен и зима. Снегот редовно паѓа само на повисоките места.

Температурни просеци во Индија изразени цо Целзиусови степени.

Во најголем дел од Индија, летото трае од март до јули. Дневните температури достигнуваат и над 40 °C. Во крајбрежните делови, таа е пониска и се движи околу 30 °C, а е проследена со релативно високиот процент на влажност на воздухот. Во деловите од пустината Тар, температурите се искачуваат и над 45 °C.

По летото доаѓа периодот на врнежи, предизвикан од монсуните, кои овозможуваат врнежи во најголемиот дел на Индија. Облаците се привлечени од низок атмосферски притисок, кој го создава пустината Тар. Службен датум на појава на монсуните е 1 јуни, кога монсуните поминуваат на брегот на Керала. Југозападните монсуни се делат во две групи: монсуни од Бенгалскиот Залив и монсуни од Арапското Море. Монсуните од Бенгалскиот Залив дуваат кон север и во почетокот на јуни веќе дуват во свероисточна Индија. Ова понатаму напредува на исток, и до 29 јуни доаѓа до Њу Делхи. Монсуните од Арапското Море дуваат на север и голем дел од врнежите ги истураат на Западните Гати, кои се изложени на ветерот. На почетокот на јули, поголемиот дел од Индија е погоден од монсунските ветрови.

Монсуните од август, започнуваат да се повлекуваат од северна Индија, а од септември од Керала. Краткиот период по повлекувањето е познат како „повлекување на монсуните“ и се одликува со постојано време. Од ноември, во северните делови на земјата започнува зимата.

Зимата во северна Индија запонува во ноември, а во јужна Индија на крајот од декември. Зимата на Индискиот полуостров се одликува со благи дневни температури и студени ноќи. Како што се оди на север, така температурите се сѐ пониски. Во некои рамнини температурите се спуштаат и под 0 °C. Голем дел од северна Индија во зимскиот период се наоѓа под магла.

Највисоката температура измерена во Индија е 50,6 °C, а е измерена во Алвар во 1955 година. Најниската е измерена во Кашмир, а изнесувала −45 °C. Понови тврдења кажуваат дека температурата во Ориса достигнала 55 °C, но индискиот метеоролошки отсек е скептичен во однос на методите со кои е измерена таа температура.

Геологија[уреди | уреди извор]

Геолошке регије Индије

Индија има разновидна геологија, која опфаќа цел спектар на геолошки временски доба. Геолошките обележја на Индија се класифицирани врз основа на нивната старост[13].

Од прекамбриумскиот период потекнуваат системите Кадапа и Винџа, кои се простираат во источните и северните делови на земјата. Мал дел од вие системи се простира во западна и средна Индија[13].

Формациите од палеозоикот - камбриум, ордовик, силур и од девонот се наоѓаат во регионот на западните Хималаи во Кашмир и Химачал Прадеш[13].

Од мезозоикот потекнуваат формациите Декански стапици, кои се наоѓаат во најголем дел во северен Декан. Геолозите веруваат дека Деканските стапици се последица на површинските вулкански активности[13]. Земјиштето на Деканските стапици е црно и е погодно за земјоделство. Карбонските, пермските, тријаските и јурските системи може да се видат од западните Хималаи. Јуирскиот систем може да се види и од Раџастан.

Обележјата од терцијарното доба се наоѓаат во Манипур, Хагаланд, делови од Аранучал Прадеш и долж хималјските предели. Креден систем е застапен во средна Индија и Винџа и делови од индогангските рамнини[13].

Гондвански систем може да се види во подрачјето на реката Нармада во Винџа и Сатпурама. Еоценски систем е пронајден во западните Хималаи и Асам. Олигоценски формации има во Кач и Асам[13].

Во средна Индија се пронајдени плеистоценски покривки. Ова подрачје е богато со минерали, лигнит, железна руда, манган и алуминиум. Се верува дека во тој период, вулканите ги формирале островските групи Андамани и Никобари[13].

Хималаите се резултат на конвергенција и деформација на индоавстралиските и евроазиските плочи. Како последица на непрекинатата конвергенција, Хималаите се повисоки за 1 cm секоја година.

Природни катастрофи[уреди | уреди извор]

Регионите во Индија кои се подложни на природна катастрофа

Индија е подложна на природни катастрофи, кои доведуваат до големи загуби на човечки животи. Природните катастрофи кои се јавуваат во Индија опфаќаат суши, поплави, монсунски дождови, циклони и земјотреси.

Поплавите се највообичаена природна катастрофа во Индија. Во монсуснкиот период, обилните дождови предизвикуваат излевање на реките од нивните корита. Реките ги поплавуваат своите брегови и околните подрачја и предизвикуваат штети. Реката Брамапутра често се излева и предизвикува поплави во време на монсуските дождови. Последиците од поплавите се загубени човечки животи и голема материјална штета во цела Индија. Скоро целата земја, со исклучок на неколку држави е подложна на поплави.

Индиското земјоделство е зависно од монсунските дождови, со кои тоа се снабдува со вода за наводнување. Во некои подрачја, недостатокот на монсунски диождови предизвикува недостаток на вода, а со тоа и посевите се неплодни и тешко успеваат. Региони подложни на суша се: Махараштра, Карнатака, Андре Прадеш, Ориса, Гуџарат и Раџастан. Во минатото, недостатокот на монсуни предизвикувало глад.

Поместувањето на тектонските плочи под Земјината површина предизвикуваат потреси во хималајскиот појас во свероисточна Индија. Овој регион е класифициран како зона В, што значи дека претставува подрачје со многу голем ризик. Деловите во западна Индија, околу Кач во Гуџарат и Којна во Махараштра се класифицирани како зона ИВ (висок ризик). Останатите подрачја имаат среден или низок ризик од појава на земјотреси.[11]

исто така претставуваат природна катастрофа, која е кобна по илјадници жители на крајбрежните делови на Индија. Циклоните донесуваат обилни врнежи, кои го оневозможуват снабдувањето со помош на погодените региони. Цунамите од 26 декември 2004 ги опустошија Андаманите и Никобарите и источниот брег на Индија, а животот го загубија околу 10.000 луѓе. До тогаш се сметало дека Индија не може да биде погодена од големи цунами иако има усни докази дека тоа се случувало во минатото.

Индија има еден активен вулкан, кој се наоѓа на островот Барен. Вулканот последен пат еруптираше во мај 2005. Таму исто така има и неактивен вулкан (Наркондум). И двата наведени вулкани се наоѓаат на Андаманските острови.

Во долните делови од Хималаите, вообичаена појава е и лизгање на земјиштето, како резултат на карпестите формациии, кои се јавуваат на овие планини. Некои деловни од Западните Гати, исто така се подложни на лизгање на земјиштето, но со помал интенитет. Снежните лавини се јавуваат во Кашмир, Химачал Прадеш и Сиким.

За време на летнитте месеци, штети предизвикуваат и песочните олуји. Тие донесуваат големи количини на прашина од пустинските предели. Градот е појава во некои делови на Индија и предизвикува големи штети на посевите.

Природни богатства[уреди | уреди извор]

Индија изобилува со разни природни богатства. Покрај 56% обработливо земјиште, Индија изобилува со јаглен (четврта земја со најмногу резерви во светот), железна руда, манган, лискун, боксит, титанова руда, хромит, природен гас, дијаманти, нафта, варовник[14]. Иднија сама ги задоволува своите потреби за ториум, кои се експлоатира долж брегот на Корала. Овде се наоѓаат 24% од достапниот ториум во светот.[15].

Во Индија се откриени и извори на нафта. Тие се наоѓаат во Махараштра, Гуџарат, а и во Асам, но тоа се само 40% од истражувањето. Исто така откриено е сѐ поголемо количество на природен гас, посебно покрај брегот во Андре Прадеш. Во Андре Прадеш се ископува и ураниум, додека најзначајниот рудник на злато е Колар Голд Филдс во Карнатка.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Индиската влада смета дека државата Џаму-Кашмир е дел од нејзината територија. Оваа држава се граночи со Авганистан. Примирјето под посредство на Обединетите нации, постигнато во 1948 довело до замрзнување на односите меѓу Индија и Пакистан, а областа која се граничи со Авганистан останала под пакистанска контрола
  2. India Yearbook 2007. Publications Division,Ministry of Information & Broadcasting,Govt. Of India. стр. Pg. 1. ISBN 81-230-1423-6.
  3. „Детали за Индија на службеното мрежно место на владта на Индија“. Посетено на 2007. Укажано повеќе од еден |accessdate= и |access-date= (help); Проверете ги датумските вредности во: |access-date= (help)
  4. 4,0 4,1 Manorama Yearbook 2006 (India - The Country). Malayala Manorama. 2006. стр. Pg 515. ISSN 0542-5778.
  5. „Морски територијални граници на Индија“. developments till 1965. THE INTERNATIONAL LAW OF THE SEA AND INDIAN MARITIME LEGISLATION. 2005-04-30. Архивирано од изворникот на 2007-09-28. Посетено на 2006-05-16. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 Manorama Yearbook 2006 (India - The Country). Malayala Manorama. 2006. стр. 516. ISSN 0542-5778.
  7. 7,00 7,01 7,02 7,03 7,04 7,05 7,06 7,07 7,08 7,09 Manorama Yearbook 2006 (India - The Country). Malayala Manorama. 2006. стр. 517. ISSN 0542-5778.
  8. Висораван Декан
  9. Источнокрасјбрежна рамнина
  10. 10,0 10,1 Manorama Yearbook 2006 (India - The Country). Malayala Manorama. 2006. стр. 518. ISSN 0542-5778.
  11. 11,0 11,1 11,2 Manorama Yearbook 2006 (India - Environment). Malayala Manorama. 2006. стр. 580. ISSN 0542-5778.
  12. Кач Извор:Национална географија - Профил на Индија
  13. 13,0 13,1 13,2 13,3 13,4 13,5 13,6 Manorama Yearbook 2006 (India - Geology). Malayala Manorama. 2006. стр. 521. ISSN 0542-5778.
  14. „CIA Factbook: India“. CIA Factbook. Архивирано од изворникот на 2008-06-11. Посетено на 2007-06-16.
  15. „Information and Issue Briefs - Thorium“. World Nuclear Association. Архивирано од изворникот на 2006-11-07. Посетено на 2006-06-01.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Географија на Индија“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).