Либек

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Либек
Холстентор, знаменитост на Либек
Холстентор, знаменитост на Либек
Знаме на Либек
Грб на Либек
Либек се наоѓа во Германија
Либек
Управа
Земја Германија
Покраина Шлезвиг-Холштајн
Округ Урбан округ
Градски единици 35
Градоначалник Бернд Саксе (SPD)
Владејачка партија CDU
Основни податоци
Површина 214,14 км2
Надм. височина 13 м
Население 212.958 (31 декември 2013)[1]
 - Густина 994 жит/км2
Други информации
Часовен појас CET/CEST (UTC+1/+2)
Рег. табл. HL (1906–1937; од 1956)[2]
Пошт. бр. 23501−23570
Повик. бр. 0451, 04502
Портал www.luebeck.de
Местоположбата на градот Либек во рамките на округот Урбан округ
Карта
Координати 53°52′11″ СГШ 10°41′11″ ИГД / 
Ханзин град Либек*
Светско наследство на УНЕСКО

Lubeck panorama.JPG
Воздушен поглед на стариот град
Држава Германија
Тип културно
Критериуми iv
Навод 272
Регион** Европа и Северна Америка
Записно минато
Запис 1987  (11. заседание)
* Име според официјален запис на списокот.
** Регион според класификацијата на УНЕСКО.

Либек (германски: Lübeck; службено: Ханзин град Либек) — втор најголем град во сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн, во Северна Германија и е едно од најголемите пристаништа во Германија. Градот претставува најголем град во сојузната покраина, гледано по површина. Неколку века бил „главен град“ на Ханзата (наречен уште и Кралица на Ханзата), а поради неговото архитектонско наследство во стилот на тулна готика, е на списокот на УНЕСКО како светско културно наследство.

Се наоѓа на реката Траве, Либек е најголемото германско пристаниште на Балтичкото Море. Стариот дел на градот се наоѓа на остров во реката Траве. Каналот Елба-Либек го поврзува Траве со реката Елба. Друга важна река во близина на градот е Вакениц. Автопатот А1 го поврзува Либек со Хамбург и Данска. Округот Травеминде е приморско одморалиште и пристаниште за фериботи на брегот на Балтичкото Море.

Големи градови во близина се Хамбург, 65 километри југозападно, Кил, 78 километри северозападно, и Шверин, 68 километри југоисточно. Од април 2012 година Либек припаѓа на европската метрополитенска област Хамбург. Ханзинот град е исто така познат и како „Градот на Седумте Камбанарии“ и „Порта на Северот“.

Географија[уреди]

Градот се наоѓа во Северногерманската Низина во долниот тек на Траве, пловна река, која тече околу 17 километри од Стариот град до градскиот округ Травеминде, пред да се влие во Балтичкото Море. Стариот град се наоѓа на еден рид, ада помеѓу водотоците на Траве и на Вакениц. Подалеку поминува Каналот Елба-Либек низ градската област од Крумесе до Траве. Околната област припаѓа на источнохолштајнската ридеста околина. Географската положба на Траве, кратко пред да се влие кај Травеминде, му овозможила развој на градот како пристаниште на Балтичкото Море и била темел на неговиот извонреден подем во северноевропски центар во средновековниот период.

Поглед од Св. Петар на север со Св. Богородица
Поглед на исток
Поглед на југ со катедралата
Поглед на запад и Траве

Градски единици[уреди]

Од 28 септември 1972 година, градот Либек службено е поделен на десет градски делови. Ова понатаму се поделени на вкупно 35 градски окрузи. Десетте градски делови со нивните службени броеви и бројот на населението[3] на градските делови:

  • 01 Стар Град („Lübecker Altstadt“) (околу 13.500 жители)
  • 02 Санкт Јирген („St. Jürgen“) (околу 44.000 жители)
  • 03 Мојслинг („Moisling“) (околу 10.000 жители)
  • 04 Бунтеку („Buntekuh“) (околу 10.500 жители)
  • 05 Санкт Лоренц-Југ („St. Lorenz-Süd“) (околу 14.500 жители)
  • 06 Санкт Лоренц-Север („St. Lorenz-Nord“) (околу 42.000 жители)
  • 07 Санкт Гертруд („St. Gertrud“) (околу 41.000 жители)
  • 08 Шлутуп („Schlutup“) (околу 6.000 жители)
  • 09 Кикниц („Kücknitz“) (околу 18.000 жители)
  • 10 „Травеминде („Travemünde“) (околу 13.500 жители)

Соседни општини[уреди]

Следниве општини, со исклучок на три општини, кои се наоѓаат во покраината Мекленбург-Западна Померанија, се наоѓаат во Шлезвиг-Холштајн, се граничат со градот Либек:

Клима[уреди]

Клима на Либек
Показател Јан Фев Мар Апр Мај Јун Јул Авг Сеп Окт Ное Дек Годишно
Просечна максимална (°C) 2,24 0,95 7,16 11,45 13,44 16,74 20,60 17,72 14,29 9,55 7,69 4,26 10,60
Просечна температура (°C) 0,32 0,00 5,30 9,67 12,42 15,30 17,94 16,95 13,41 8,69 5,68 0,49 8,90
Просечна минимална (°C) −3,67 −0,71 3,99 7,47 10,24 14,05 16,93 16,54 12,47 7,67 4,57 −3,48 7,20
Просечно кол. врнежи (мм) 43,9 46,4 32,9 15,0 48,3 76,8 64,9 94,8 46,8 43,3 55,9 61,5 630,96

Поплава[уреди]

Пониските области на градот, како и оние поблиску од водата, постои опасност да биде поплавени преку поврзаноста на Либек со Балтичкото Море преку Траве. На една од зградите во Либек постои спомен-плоча за сеќавање на големата поплава од 13 ноември 1872 година, кога е постигнато тоа ниво на вода.

Историја[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Слободен Град Либек.

Областа околу Либек била населена по последното Ледено доба. Неколку неолитски долмени може да се најдат околу областа.

Околу 700 година Словените започнале да доаѓаат во источните делови на Холштајн, кој претходно бил напуштен од многуте германски жители во текот на Големата преселба на народите. Во раниот IX век Карло Велики имал обиди за христијанизација на областа, кои биле отфрлани од Сасите, поради што тие се иселиле и го остапиле местото на полапските Словени, кои му биле сојузници на Карло Велики. Лубице („убаво“) бил основан на бреговите на реката Траве околу четири километри северно од денешниот градски центар на Либек. Во X век, станала најважна населба на Ободритската Конфедерација и бил изграден и замокот. Населбата била запалена во 1128 година од паганските Рани од Риген.

Современиот град бил основан од Адолф II, гроф на Шауенбург и Холштајн, во 1143 година, како германска населба на речниот остров Буку. Тој изградил нов замок, кој бил првпат споменат од Хелмолд во 1147 година. Адолф морал да го отстапи замокот на Хенрик Лав во 1158 година. По падот од власта на Хенрик во 1181 година, градот следните осум години станал царски град. Царот Барбароса му доделил на градот Совет со дваесет членови, кој опстоил до XIX век. Советот бил управуван од трговците и тоа предизвикало политиката на Либек со векови да биде водена од страна на трговските интереси.

Во периодот потоа, градот и замокот ја менувале сопственоста и биле дел од Војводство Саксонија до 1192 година, на Грофство Холштајн до 1217 година и дел од Данска до битката кај Борнхевед во 1227 година.

Печатот на Либек, 1280

Околу 1200 година, пристаништето станува главна точка на поаѓање за колонистите, кои заминувале во балтичките територии освоени од страна на Ливонскиот ред и подоцна од Тевтонскиот ред. Во 1226 година, царот Фридрих II го зголемил градскиот статус на слободен царски град, со што настанал Слободниот Град Либек.

Во XIV век Либек станал „Кралица на Ханзата“, станувајќи далеку најголем и најсилен член на оваа средновековна трговска организација. Во 1375 година, царот Карло IV го именувал Либек како еден од петте „Гордости на царството“, титула што ја делел со Венеција, Рим, Пиза и Фиренца. Неколку конфликти околу трговските поволности биле воделе од Либек и Ханзата против Данска и Норвешка со различни резултати. Додека Либек и Ханзата преовладувале во конфликтите во 1435 и 1512 година, Либек изгубил кога започнала Грофската расправија, граѓанска војна која беснеела во Данска од 1534 до 1536 година. Либек, исто така, се приклучил и на Шмалкалденскиот сојуз.

По поразот во Грофската расправија, Либек полека ја губел моќта. Градот успеал да остане неутрален во Триесетгодишната војна, но со уништувањата поради децениската војна и новата трансатлантска ориентација на европската трговија, Ханзата како и Либек ја изгубиле својата важност. Но, откако Ханзата била де факто распуштена во 1669 година, Либек сè уште останал важен трговски град на Балтичкото Море.

Големиот данско-германски композитор Дитерих Букстехуде (роден во денешна Шведска) станал оргулист во црквата Св. Богородица во Либек во 1668 година и останал на служба најмалку до 1703 година.

Во текот на војната на Четвртата коалиција против Наполеон, војниците на Бернадоте го окупирале неутралниот Либек по борбата против Блихер на 6 ноември 1806 година. Под континенталната блокада, блокот пропаднал и од 1811 до 1813 година Либек бил формално припоен како дел од Франција, до Виенскиот конгрес во 1815 година.

Во 1937 година, нацистите го донеле т.н. Закон за голем Хамбург, со што блискиот Хамбург бил проширен, со што ги опфатил градовите кои формално ѝ припаѓале на пруската покраина Шлезвиг-Холштајн. За да ѝ ги надоместат овие загуби на Прусија (и делумно поради личното недопаѓање на Хитлер на Либек, откако го одбил за држење говор во 1932 година[4]), 711-годишната независност на Либек била прекината и скоро цела нејзина територија била припоена кон Шлезвиг-Холштајн.

Либек, XV век
Либек во 1641

Во текот на Втората светска војна, Либек бил првиот германски град кој бил нападнат од значителен број на кралските воздушни сили. Нападот на 28 март 1942 година создал огнена стихија, која предизвика сериозни оштетувања на историското јадро. Бомбардирањето на Либек во Втората светска војна уништило три од главните цркви и големи делови од градот. Во близина на градот постоел камп за воени затвореници, Офлаг X-C, кој функционирал од 1940 до април 1945 година. Либек бил окупиран без претходен отпор од британската втора армија на 2 мај 1945 година.

На 3 мај 1945 година, една од најголемите катастрофи во поморската историја се случува во Либечкиот Залив, кога бомбардери на Кралските воздушни сили потопиле три бродови — „Кап Аркона“, „Дојчланд“ и „Тилбек“ — кои, непознато за нив, биле преполни со затвореници од концентрациските кампови. Биле убиени околу 7.000 луѓе.

Населението на Либек се зголемило значително од околу 150.000 во 1939 година на повеќе од 220.000 жители по војната, што се должело на приливот на етнички Германци протерани од поранешните источни територии на Германија.

Либек останал дел од Шлезвиг-Холштајн по војната (и се наоѓал во рамките на Западна Германија). Се наоѓал директно на внатрешната германска граница во текот на поделбата на Германија на двете ривалски држави во периодот на Студената војна. Јужно од градот, границата ја следела реката Вакениц, која ги раздвојувала двете држави на помалку од 10 метри во многу делови. Најсеверниот граничен премин бил во округот Шлутуп, во Либек. Обновеното историско градско јадро на Либек станало светско културно наследство на УНЕСКО во 1987 година.

Либек бил местото на познатиот уметнички скандал во 1950-тите. Лотар Малскат бил ангажиран за обновата на средновековните фрески во црквата Св. Богородица во Либек, кои биле откриени на ѕидовите во внатрешноста, откако катедралата била сериозно оштетена во текот на Втората светска војна. Наместо тоа, тој насликал нови дела кои ги претставил како реставрирани, а со тоа измамил многу експерти. Владата на Западна Германија отпечатила 2 милиони поштенски марки со ликот на фреските. Меѓу новите дела на Малскат, биле и диви мисирки, кои биле непознати во Европа во текот на Средниот век. Некои експерти го сметале ова како доказ за рано откривање на Америка од Викинзите. Малскат подоцна го признал делото. Инцидентот одигрува значајна улога во романот „Стаорецот“ на Гинтер Грас.

Во ноќта на 18 јануари 1996 година, огин избувнал во домот на странски бегалци, убивајќи 10 луѓе и 30 потешко повредени, најмногу деца. Додека за повеќето од жителите на засолништето биле очигледни расистичките мотиви,[5] полицијата и локалниот суд го исклучиле расистичкиот мотив уште пред да ја почнат прелиминаторната истрага.[6]

Инцидентот не е разјаснет до ден денес.

Култура и знаменитости[уреди]

Градско собрание
Брод-светилник Фемарнбелт пред концертниот и конгресниот центар
Болница „Св. Дух“, една од најстарите општествени институции на Либек (1260)
Типична градска куќа
Егидинштрасе и камбанаријата на црквата Св. Егидиј

Стар град[уреди]

На 14 декември 1987 година одредени зачувани делови на средновековното градско јадро на островот на Стариот град биле прогласен како светско културно наследство од страна на УНЕСКО. Со тоа прв пат во Северна Европа бил прогласен цел град како светско културно налседство. Притоа, решавачки бил самиот карактер на Стариот град кој се развивал во околината на Балтичкото Море во средновековниот период, кој пружал извонредна градска панорама со седумте камбанарии на петте главни цркви.

Заштитеното подрачје од УНЕСКО ги вклучува најважните градби на Либек: комплексот на Градското собрание, манастирот, Коберг — целосно зачуван четврт од крајот на XIII век — со црквата Св. Јакоб, болницата Св. Дух и станбените блокови помеѓу Глокенгисерштрасе и Егидинштрасе, четвртот на богати куќи од XV и XVI век помеѓу црквата Св. Петар и катедралата, Холстентор, Кајзертор на кејот на Каналот Елба-Либек и магацинот за сол на левиот брег на Траве.

Либек се пријавил за титулата „европски главен град на културата 2010“, меѓутоа излегол во раната фаза.

Градби[уреди]

Светското наследство на островот на Стариот град се состои од над илјада згради, кои се прогласен за споменици на културата. Светското наследство претставува целина на зачуваните делови на средновековниот град.

Седумте камбанарии[уреди]

Сликата на Стариот град е испресечена од седумте црковни камбанарии (оттаму и називот „град на седумте камбанарии“), кои се дел од петте големи градски цркви. На западната панорама во редослед север-југ (од лево кон десно) можат да се видат камбанарии на следниве цркви:

  • Св. Јакоб во северниот дел на Стариот град
  • Св. Богородица со двете западни камбанарии во средината позади Градското собрание
  • Св. Петар во близина на Холстентор близу западниот влез на Стариот град
  • Св. Егидиј
  • Катедралата со двете западни камбанарии во јужниот дел на Стариот град

Романескната катедрала во Либек е втората најголема средновековна цркова, која со 130 метри ја има најголемата должина. Се наоѓа во јужниот крај на островот на Стариот град во мирно опкружување. При судирот на двете цркви настанал конфликт помеѓу граѓаните на Либек и епископит, кој додека траел, епископите на Либек морале својата резиденција да ја преместат во Ојтин. За разлика од црквата Св. Богородица, катедралата по нејзиното возобновување во внатрешноста е бела. Во црквата може да се најде триумфалниот крст на кога познатиот изработувач Бернт Нотке му се восхитувал. Во близина се наоѓа црквата Исусово Срце, изградена во 1891 година.

Црквата Св. Богородица, изградена во готски стил и долга 100 метри, била главна црква на граѓаните. Се наоѓа на добра местоположба во близина на градскиот плоштад, веднаш зад Градското собрание. Денес, црквата е третата најголема црква во Германија и важи за мајка црква на тулната готика. Оддава впечаток не само со нејзината надворешна, туку и со нејзината внатрешна големина. Исто така, кога во Втората светска војна било оштетено уметничкото богатство во внатрешноста, средниот брод на црквата бил обновен од со вистински богати суровини.

Како и катедралата и црквата Св. Богородица, така и црквата Св. Петар во Втората светска војна била значајно оштетена и потоа како и другите повторно изградена. Во близина на плоштадот, порано претставувала црква на рибарите и речните бродари. Денес, таа нема сопствена црковна општина и се користи како изложбен и концертен простор. Освен тоа, од 2004 година претставува универзитетска црква и се користи од Високата школа за прослави. На нејзината камбанарија се наоѓа платформа за набљудување, од каде при убаво време може да се види Травеминде и длабоко во Мекленбург.

Црквата Св. Јаков се наоѓа на друг голем плоштад во Либек, на Коберг. Црквата претставувала црква на морепловците и се наоѓа спроти познатото бродско здружение во Либек, еснафска куќа на капетаните и денес на најпознатиот ресторан на Либек со многу модли на бродови. Црквата Св. Јаков не била оштетена во војната и поради тоа денес нуди одлични слики во внатрешноста. Во една од страничните капели постои спасувачки брод на потонатиот брод „Памир“ од 1957 година.

Црквата Св. Егидиј е најмалата од петте големи цркви во Стариот град и единствена во источниот дел на Стариот град, станбен четврт на занаетчии и понизок слој на население. Исто така и таа не била оштетена во војната. Нејзината внатрешност може да се погледне.

Други верски објекти[уреди]

Црквата Св. Катарина е една поранешна францисканска манастирска црква на истоимениот манастит. Таа нема камбанарија и оттаму не се забележува на класичкната градска панорама. Но, нејзината внатрешност е вредна за посета и важи за зенит во архитектурата на тулната готика. Се наоѓа директно пред гимназијата Катаринојм и денес се користи за изложбен простор. На нејзината западна фасада може да се најдат фигури направени од вајарите Ернст Барлах и Герхард Маркс.

Други верски објекти од средновековниот период се манастирот во замокот и манастир Св. Ана. Манастирот во замокот, поранешен доминикански манастир, бил основан како благодарност за победата против Данска во битката кај Бернхефед во 1227 година. Иако од неговата средновековна градба се останати само неколку руини, подоцна биле дополнети од новоготската градба од крајот на XIX век. Овој станбен комплекс служел за разни цели во времето, за време на националсоцијализмот претставувал суд и со тоа место на процеси против неистомислениците. Денес, во него се наоѓа археолошки музеј.

Манастирот Св. Ана во близина на црквата Св. Егидиј вдомува денес обемен и сложен музеј кој обработува најразлични теми. Па така, може да се најдат значајни верски уметнички дела, како и најголемата збирка на средновековни олтари и статуи, потоа преглед на станбената култура на Либек и на Ханзата од средновековието до почетокот на XX век и на крај во новата надградба, збирка на современа уметност.

На Коберг спроти црквата Св. Јаков се наоѓа болницата Св. Дух. Оваа градба е добар пример за формите на добродетелство во средновековното друштво. Им нудела место на сиромашните, болните и старите. До 1970-тите постоела голема сала, која денес може да се разгледа, која во XIX век служела како старски дом со посебни станбени единици, секоја по едвај 3 квадратни метри. За време на божиќниот период тука се одржува најпознатиот божиќен пазар во Северна Германија. Недалеку од болницата Св. Дух се наоѓа класичната Реформирана црква, која не поседува камбанарија.

Градско собрание[уреди]

Градското собрание на Либек

Директно до црквата Св. Богородица од порано се наоѓа срцето на градот, плоштадот со Градското собрание. Градското собрание за разлика од другите значајни градски градби не е изградено во еден стил, туку како што може и денес да се види, дека од XII век е надополнуван. Може да се најдат делови од готика преку ренесанса до модерната во 1950-тите години. Градското собрание завршува на Брајтен Штрасе со зградата на нотарите, чии аркади во 2005 година биле обновени и отворени, со што пешачката зона околу собранието станало уште поатрактивна. Остатокот на плоштадот во Либек бил оштетен во Втората светска војна. Оттогаш, обновата на плоштадот секогаш отвора жива дискусија за неговата иднина. Как, срамен столб во средновековниот период, чие приземје содржел продажни штандоци за путер, бил отстранет во 1952 година, а во 1986/1987 година бил повторно поставен и изменет.

Градски порти[уреди]

Либек до XIX век имал уште четири порти; денес можат да се најдат само уште две од нив. Холстентор е сигурна најпозната знаменитост на градот во Германија. Но, веќе долго време е заобиколена од сообраќајот и се наоѓа на еден мал плоштад. Во внатрешноста се наоѓа музеј посветен на историјата на градот. Друга зачувана градска порта е Бургтор (Burgtor). Таа е во рамките на остатоците на утврдувањата во северниот дел на градот и денес мора да биде помината од секого, доколку се влегува во Стариот град од север. Се наоѓа непосредно до комплексот на манастирот во замокот. Во 1808 година била основана поморска школа на Ханзинот град под водство на подоцнежниот градежен директор Јоханес Балцер. И денес може да се помине под градбата на поморската школа на Либек кај Кајзертор. Милентор (Mühlentor) недалеку од денешниот мост „Милентор“ преку Каналот Елба-Елиба и Хикстертор (Hüxtertor) биле срушени.

Музеи и граѓански куќи[уреди]

Кучата на бродското здружение со вообичаени скалести калкани од тули (2007)
Куќата на Буденброкови во Менгштрасе спроти северната страна на црквата Св. Богородица (2007)

Некои значајни граѓански куќи во Стариот град денес се користат како музеи. Така, во Бенхаус (Behnhaus) се нудат класицистички збирки, додека во Дрегерхаус (Drägerhaus) постои уметнички музеј. Во Буденброкхаус (Buddenbrookhaus), денес се наоѓа центар посветен на Хајнрих и Томас Ман. Во Глокенгисерштрасе од пред неколку години се наоѓат центар посветен на Гинтер Грас.

Трговското здружение на Либек престојува во куќата на Кауфманшафт, две од најубавите и најзначајни внатрешни дизајни на ренесансата. Ним им припаѓа и Шабелхаус во Менгштрасе, која служи како ресторан.

На Коберг може да се најдат многу зачувани, главно класицистички градби, како куќата на бродското здружение од 1535 година, чија внатрешност е целосно зачувана како првичната и во која денес се наоѓа ресторан.

Романескната аптека Левен важи за најстарата световна градба во Либек.

Како заштитен споменик се наоѓа и поранешниот Ханделсхоф од 1924 година.

Музика[уреди]

Црквите во Стариот град на Либек се погодни за одржување на концерти, особено од основањето на Северногерманската школа за оргули. Вечерните музики (Abendmusiken) од времето на Дитрих Букстехуде се легендарни. Во лето во Либек се одржува музичкиот фестивал Шлезвиг-Холштајн, кој се одржува во целата покраина, исто така во селски цркви, ловечки куќи и концертни сали. Други концертни сали и простори за претстави се современата музичка и конгресна сала Либек, Колосеумот на, концертната сала на Високата музичка школа Либек вклучувајќи ја и салата во Холстентор. Секоја година во Либек се одржува натпревар „Младината музицира“ (Jugend musiziert) како и бројни приредби кои го збогатуваат музичкиот живот во градот.

Театар[уреди]

Театарот во Либек

Театарот Либек е сместен во градба во југендстил и од средината на 1990-тите е обновен. Во големата куќа се одржуваат главно оперски изведби, поддржани од Либечката филхармонија. Овде своите кариера ги започнале диригентите Херман Абендрот, Вилхелм Фуртвенглер и Кристоф фон Донањи. Во камерните сали се одржуваат драми и комедии. Во областа на детската опера, театарот соработува со „Џепната опера Либек“ (Taschenoper Lübeck).[7] За олку голем град, Либек поседува значен број на независни театри, меѓу кои се Либечкиот куклен театар Фриц Фај, Народниот и театарот за комедии Гајслер, Театар Хаус Либек, Театарскиот брод Либек, Либечкиот куклен театар под вода и УЛКНУДЕЛ, како и Либечката летна оперета, како годишен отворен настан.

Музеи[уреди]

Оружарницата во Либек

Од 1 јануари 2006 година, управувањето на градските музеи е под надлежност на Културната фондација на Ханзинот град Либек.

  • Во манастирот на замокот се наоѓа Либечкиот музеј за археологија. По подрумот е изложено „Гоемото богатство на монети на Либек“. Понатаму е претставена историјата на златните и сребрените монети и нивните ознаки. Постојат и посебни изложби. Просториите на поранешниот манастир се исто така вредни за посета.
  • Градската историја на Либек е прикажана во музејот Холстентор. Како поморски град во Либек постои и музејско пристаниште на Либек во северозападниот дел на Стариот град.
  • Постои и европски музеј на Ханзата во непосредна близина на манастирот на замокот, кој ја поврзува историјата на Ханзата со градската историја на Либек, а воедно е прикажана и историјата на Либечкото право.
  • Во музејската куќа на Ханзинот град Данциг се поставени културата и стопанството на областа Данциг до крајот на Втората светска војна. Три ѕвона од Воцлаф и Данциг се поставени во дворот на музејот, кои биле спасени од Хамбург при војната. Овие ѕвона биле собрани во 1942 година за топење.[8][9]
  • Како спомен на Вили Брант во Либек е отворена куќата „Вили Брант“ во 2007 година. Во неа се прикажани бегството кон Норвешка, мандатите на градоначалник на Берлин и сојузен канцелар.
  • Надвор од Стариот град се наоѓа Индустрискиот музеј Херенвик во Кикниц.

Историјата на градот за време на поделбата на Германија е прикажана во Либек-Шлутуп, каде во ова погранично место се наоѓа центар на документи. Сместен е во поранешната царинарница, која до 1989 година служела како најсеверен граничен премин кон Источна Германија во округот Шлутуп. Друга изложба за поранешната внатрешна германска граница може да се најде во Сојузната полициска академија.

  • Во салонот за марципан може да се дознае сè за ова „бело злато“.
  • Во музејот Св. Ана во новата уметничка сала се наоѓа голема збирка на средновековна верска уметност. Други збирки се наоѓаат во Бенхаус и Дрегерхаус.
  • Во Стариот град може да се погледнат театарските фигури на Колк, заинтересираните во книжевноста да ја посетата Буденброкхаус и куќата на Гинтер Грас.
  • Од 6 декември 2012 година, надвор од Стариот град, се поставени 13 бронзени фигури во човечка големина на либечкиот уметник Свен Шенинг.
  • Во близина на катедралата се наоѓа Музејот за природа и животна средина, како и средновековната оружарница, во која е сместена збирката на народност уметност, која поради недостиг на пари била затворена во 2007 година.

Книжевност[уреди]

Хајнрих и Томас Ман (сликано во ателјето Елвира, Минхен во 1902 година)

Либек одиграл значајно место во пишаните дела на браќата Томас Ман и Хајнрих Ман, кои како центар ја основале Буденброкхаус во близина на црквата Св. Богородица. Таа е така именуван по романот на Томас Ман Буденброкови, чие дејство е во Либек. Овој општествен роман се занимава со падот на едно богато трговско семејство; Томас Ман добил нобелова награда за литература за оваа книга. Ханзинот град ја доделувал наградата „Томас Ман“ на секои три години до 2008 година, а од 2010 година заедно со Баварската академија на убавите уметности доделуваат заедничка награда посветена на Томас Ман, секој година. Други познати писатели од Либек се Емануел Гајбел, Густав Фалке, Ото Антес и Ерих Мизам. Гинтер Грас, исто така нобеловец, долго време живеел во Либек. Денес, живее во близина на градот. Во самиот Либек се наоѓа куќата „Гинтер Грас“ со претежно оригинални дела од литературата и уметноста. Либек е седиште на здружението „Ерих Мизам“ ја доделува истоимената награда. Писателите Теодор Шторм и Вернер Бергенгрин биле ученици во гимназијата Катаринојмс.

Обемниот роман за Либек „Дединиот град“ (Die Großvaterstadt) на Лудвиг Еверс, кој излегол од печат во 1926 година[10] некогаш бил многу читан. Неговите главни ликови живееле во истото време како Буденброкови, сепак во друга социјална средина. Делумно се опишани истите настани, како настанот во Кенигсштрасе. Третиот роман за Либек во тоа време е фиктивниот роман „Еден кралски трговец“ на Ида Бој-Ед.

Од 2002 година, Кристијан фон Дитфурт напишал шест криминални романи со неговиот лик Јозеф Марија Штахелман, кои се одиграле во Либек.

Споменици и скулптури[уреди]

Либек има голем број значајни споменици и скулптури на јавните површини. Тука се лавовите на Кристијан Даниел Раух пред Холстентор, лавовите на Фриц Бен на мостот Бургтор, како и репликата на лавовите на Брауншвајг пред катедралата.

Споменик на Емануел Гајбел на Коберг

Други дела на Бен во градот се и антилопите пред Холстентор, како и пантерот во Шулгартен на Вакениц. Во паркот Биргергертен (Bürgergärten) постои мала градина на скулптури во Стариот град, помеѓу болницата Св. Дух и Бенхаус.

На фасадата на црквата Св. Катарина поставено е „друштвото на светите“ Ернст Барлах и Герхард Маркс. Една група на алегории на Дитрих Јирген Бој се наоѓа на мостот Пупен пред Холстентор. На Коберг, помеѓу болницата Св. Дух и црквата Св. Јаков, се наоѓа споменик на Гајбел од Херман Фолц. Од 1990-тите години потекнува групата на шест отворени места (Offenen Stelen) од даб на Јан Јастрам, кои како донација на фондацијата Посел се поставени пред судот во Либек.

На плоштадот Линден е поставен споменик на царот Вилхелм I качен на коњ на вајарот Луј Туалон. Претставува последен споменик на коњ, на кој е прикажан царот во Германија. Наспроти него се наоѓа споменик на поранешниот царски канцелар Ото фон Бизмарк на Емил Хундризер.

Храна и пијалаци[уреди]

Либек е многу познат по неговата извонредна индустрија на марципан и според локалната легенда, марципанот бил првпат направен во Либек во одговор на воената опсада на градот или на гладната година. Приказната, можеби апокрифна, е дека градот ги исцрпил сите зачувани резерви на храна, освен на бадеми и шеќер, и нив ги искористил да направи векни „леб“ од марципан. Други веруваат дека марципанот, всушност, бил откриен во Персија неколку стотици години пред Либек да тврди дека тие го измислиле. Најпознатиот производител е Нидерегер, кој често е посетуван од туристите, особено за време на Божиќ.

Винската традиција на Либек потекнува од времето на Ханзата. Еден специјалитет на Либек е Ротспон, вино направено од грозје произведено и ферментирано во Франција и транспортирано во дрвени буриња во Либек, каде се чува, остарува и се става во шишиња.

Економија и сообраќај[уреди]

Пристаниште[уреди]

Фериботот РоРо

Либечкото пристаниште е најголемо германско пристаниште на Балтичкото Море. Го поврзува Либек со Скандинавија, Русија и со Балтикот. Бројни фериботски линии го поврзуваат либечкото пристаниште со целиот Балтик. Во 2007 година низ него поминале 32,6 милиони тони добра и поминале преку 350.000 патници. По кризната 2009 година, во 2010 година поминале 26.74 милиони тони, скоро 2% повеќе од минатата година. Од нив Lübecker Hafengesellschaft (LHG) имал удел од 24,48 милиони тони.

Во 2013 година, LHG пренела 102.000 контејнери (2012: 116.000; 2010: 126.000). Во 2013 година низ либечкото пристаниште вкупно поминале 26,1 милиони добра, од нив 23,1 милион тон преку LHG.[11]

Како споменици на културата се водат поранешните пристанишни хангари 10/11 во Хафенштрасе.

Бројот на патници од фериботи и крстосувања во 2013 година благо се зголемил на 401.318 (2012: 399.380). Во 2013 во пристаништето Либек-Травеминде биле вкотвени 20 крузери, додека за 2014 година биле предвидени над 15.[12]

Канал Елба-Либек[уреди]

Денес, Каналот Елба-Либек има незначително значења за економијата на градот, бидејќи со децении не е осовремен, па така сега се користи само од рекреативците и повеќе не е привлечен за денешниот товарен сообраќај.

Претпријатија[уреди]

Машини за обработка на риба на претпријатието „Nordischer Maschinenbau Rud. Baader“ (1949)

Порано, во Либек била развиена тешката индустрија. Од 1905 до 1981 година во Либек се наоѓала голема металуршка фабрика „Hochofenwerk Lübeck“. Исто така, некогаш значајната бродоградба се нашла на удар на промените во економијата. Во изработката на специјални машини е претпријатието „Nordischer Maschinenbau Rud. Baader“, познато како произведувач на машини за обработка на риба.

Во Либек одредени гранки имаат особена традиција, како биоинженерството, помогнато и од Либечкиот универзитет. Најголем работодавач со седиште во Либек е Drägerwerk-AG & Co. KGaA со повеќе од 11.000 вработени. Друго значајно медицинско претпријатие е „Euroimmun“, произведувач на лабораториска опрема за дијагноза на антитела.

Уште една значајна стопанска гранка е прехранбената индустрија, па така „Niederegger“, најпознатиот произведител на либечкиот марципан, производителот на супи Campbell’s Germany и најголемиот германски производител на риба во конзерва „Hawesta“. Во областа на пристаништето се наоѓа производителот на житарици „H. & J. Brüggen“.

Либечкото пиво уште од XV век било извезувано во областа на Балтикот. Најголема пиварница била пиварницата „Лик“, која била затворена во 1988 година.

Други поважни претпријатија во градот се групата „Bockholdt“ со повеќе од 4.300 вработени (системски услуги во областа на градбата и индустријата), фирмата „Possehl“, „Lübecker Hafengesellschaft“ (Либечко пристанишно друштво) и „Schöning-Verlag“, пазарен лидер за разгледници во Германија. „Schmidt-Römhild“ (најстарата издавачка куќа во Германија, од 1579 г.) како „Carl Tesdorpf“ (најстарата продавница за вино во Германија, од 1678 г.), обете се сместени во улицата Менгштрасе.

Сообраќај[уреди]

Патен[уреди]

Во западниот дел на градот поминува сојузниот автопат А1 ХамбургФемарн, кој е познат и како „птичја линија“ (Vogelfluglinie) и Е47 понатаму преку Фемарнбелт (со ферибот) кон Копенхаген и преку Ересундскиот мост води до Малме во Шведска, исто така служи како врска помеѓу регионите Хамбург и Ересунд. На овој автопат се наоѓаат излезите Либек-Мојслинг и Либек-Центар. Во северниот дел на градот се наоѓа автопатската крстосница Бад Швартау на градскиот автопат А226 во насока на Травеминде.

Од 2001 година излезот Либек-Генин во јужниот дел на градот на автопатот А20 е затворен. Новиот излез Либек-Југ за аеродромот Либек-Бланкензе ќе биде поврзан со новиот Б207 и ќе го скрати пристигнувањето од источниот дел. По завршувањето на градежните работи на автопатската крстосница Либек во насока на Бад Зегеберг ќе биде пуштена делница во должина од 15,7 километри на А20 помеѓу Либек и Гешендорф.

Железнички[уреди]

Главната железничка станица Либек
Железничка станица Либек-Травеминде Штранд
Данското IC3 на Vogelfluglinie Хамбург-Либек-Копенхаген

Во Либек, Германските железници ги имаат следниве железнички станици и постојки за патнички сообраќај:

  • Главна железничка станица Либек
  • Либек-Св. Јирген — постојка
  • Либек-Кикниц — постојка
  • Либек-Травеминде Скандинавинкеј — постојка
  • Либек-Травеминде Хафен — постојка
  • Либек-Травеминде Штранд — железничка станица
  • Аеродром Либек — постојка
  • Либек-Хохшулштатајл — постојка
  • Либек-Денишбург/ИКЕА (од декември 2014) — постојка
  • Либек-Мојслинг (завршено во јануари 2014) — постојка

Во Либек, либечките пристанишни власти ги поседуваат следниве железнички станици и постојки за товарниот сообраќај:

  • Либек-Гевербегебит Скандинавинкеј Норд (завршено во октомври 2011) — железничка станица

Од 1 октомври 2008 година, Главната железничка станица Либек е поврзана на електричната мрежа на Германските железници. Официјалното отворање било извршено на 14 декември 2008 година.

Далечните линии одат преку „птичјата линија“ во насока на Копенхаген во соработка со Данските железници (Danske Statsbaner, DSB). Од 9 декември 2007 година со промената на планот за патување, Либек е исклучен од мрежата на ICE: специјален ICE го поврзува Либек преку Хамбург со Берлин, во другиот правец патува на „птичјата линија“ до Копенхаген. Оваа линија била долгорочно заменета од страна на Јуросити. Освен тоа, во петоците сообраќа интерсити кон Пасау преку Келн и Франкфурт на Мајна, додека во лето и за викендите, само до Франкфурт. Други далечни линии по завршувањето на електрификацијата биле разгледувани од страна на Германските железници. Така, од декември 2008 година, секој ден сообраќај ICE помеѓу Либек и Минхен преку Хановер, Касел и Вирцбург.

Регионалните возови патуваат кон Хамбург, Линебург, Бад Клајнен, Кил, Нојштат во Холштајн, Путгарден и Травеминде. За патување кон западниот брег на Шлезвиг-Холштајн е неопходно прекачување во Хамбург или Кил. Линијата Хамбург-Либек е пруга со највисок сообраќај.

Од 1945 до 1990 година, железничката станица во Либек била гранична кон советската окупациска зона, т.е. кон Источна Германија. Дневно, поминувале еден до два меѓузонски возови во насока Бад Клајнен — Росток.

Јавен превоз[уреди]

Градски превоз[уреди]
Меѓуградска автобуска станица во Либек

Трамвајот во Либек бил затворен во 1959 година. Неговото повторно отворање како градска железница сè уште се разгледува. Особено за тоа се заземаваат Зелените, бидејќи автобускиот систем не може повеќе да се шири. Во градскиот буџет за 2010 година биле предвидени 120.000 евра за студија за воведување градска железница.[13] Од многу жители биле најдени недостатоци, дека автобусите со нивните димензии не се безусловни прилагодени на светското наследство. Исто така дали е потребно секоја линија да поминува низ градското јадро и зашто да нема кружни линии кои би кружеле околу Стариот град. Управител на јавниот превоз е Stadtverkehr Lübeck GmbH (SL).

Во Либек и некои блиски општини од 1 август 2011 година важи тарифата на Шлезвиг-Холштајн. Дотогаш постоела посебна тарифа за Либек.

Во Травеминде постои фериботот Привал — надвор од тарифата — кој сообраќа помеѓу градот и полуостровот Привал на Унтертраве.

Автобуски превоз[уреди]

Либек е вклучен од повеќе претпријатија во автобуската мрежа. Вакви линии се нудат од Меѓуградската автобуска станица, како и од Универзитетот за линиите до Берлин. Оттука сообраќаат автобуси на претпријатијата „Autokraft“ и „meinfernbus.de“ преку Либек до Берлин. „Flixbus“ нуди врски до Мекленбург-Западна Померанија, Долна Саксонија, Бремен и Северна Рајна-Вестфалија. Исто така постојат еуролинии преку Хамбург и Бремен кон Олденбург. Притоа, Либек е поврзан и на меѓународниот автобуски превоз. Постојат линии кон Париз и Осло, како и бројни други одредишта во Источна Европа, Скандинавија и земјите на Бенелукс.

Воздушен[уреди]

Аеродром Либек-Бланкензе

Либек располага со регионалниот аеродром Либек-Бланкензе. Од 2000 година, аеродромот е нарекуван и како „Хамбург-Либек“ од страна на ирскиот авиопревозник Ryanair. Ryanair најавил дека од август 2014 година повеќе нема да нуди летови од Либек.[14] Од 2006 година, источноевропскиот нискобуџетен авиопревозник Wizz Air нуди летови кон Гдањск и Киев. Либечкиот аеродром е единствениот оперативен аеродром во Шлезвиг-Холштајн покрај аеродромот Зилт и затоа е поддржан од страна на покраинската влада.

Образование[уреди]

Логото на Либечкиот универзитет
Логот на Високата школа Либек
Високата музичка школа (десно), позади камбанариите на Св. Петар (десно) и Св. Богородица (лево)

Во Либек постојат четири државни универзитети. Либечкиот универзитет (UzL), тогаш уште Медицински универзитет во Либек (Medizinische Hochschule zu Lübeck), во 1973 година бил основан како наследник на Вториот медицински факултет, од бил дел од Килскиот универзитет. На почетокот на 1980-тите била отворена наставна клиника, со што биле овозможени услови за одржување целосни студии по медицина во Либек. Во 1993 година биле воведени студии по информатика. Во рамките на иницијативата на Сојузната влада во 2007 година била основана школа за компјутирање во медицина и биологија. Овие насоки биле предвидени на полето на информатиката во медицината и природните науки. Покраинската влада на Шлезвиг-Холштајн сакале од 1 октомври 2011 година да ги регулира овие студии. Замислите наишле на отпор во политиката, науката и организациите.[15][16] Откако неколку пратеници на мнозинството на покраинската влада во Кил излегле со јавна поддршка за Либечкиот универзитет,[17] на крај била запозната и сојузната министерка за образование и наука, која рекла дека треба да останат медицинските студии.

Кампусот на универзитетот се наоѓа во округот Св. Јирген.

Високата школа Либек била основана во 1969 година како покраинска висока школа за техника и поморство. Денес, тука постојат студиски насоки во областа на техниката, инженерството и природните науки. Заедно со универзитетот постои биоинженерство.

Високата музичка школа Либек постои од 1973 година, започнато врз рамки на приватниот конзерваториум од 1891 година. Единствена од високообразовните институции во Либек се наоѓа во областа на Стариот град. Високата музичка школа во многу земји на светот има извонреден глас, па така студенти од повеќе од триесет земји студираат во Либек.

Високата школа за јавна администрација, односно за сојузната полиција, била основана во 1978 година. Седиштето на оваа школа се наоѓа во Брил (Рајнска област).

Како приватен универзитет е уште и Меѓународната школа на нови медиуми.

Познати луѓе[уреди]

Меѓународни односи[уреди]

Поврзано: Список на збратимени градови во Германија

Либек е збратимен со следниве градови:

Лубек, Мејн, најисточниот град во Соединетите Американски Држави, е именуван по Либек.

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. „Население во разните административни единици на Шлезвиг-Холштајн на 31 декември 2013“. „Статистичка служба за Хамбург и Шлезвиг-Холштајн“. 25 јули 2013. http://www.statistik-nord.de/uploads/tx_standocuments/A_I_2_vj134_Zensus_SH.xlsx.  (германски)
  2. Возила регистрирани помеѓу 1937 и 1956 имаат префикси кои важат во цела покраина Шлезвиг-Холштајн: „I P“ (1937–1945), „S“ (1945–1947), „SH“ (само 1947), „BS“ (1948–1956).
  3. Статистички годишник на Ханзинот град Либек 2013
  4. „Либек: Градот кој му кажа не на Хитлер“, Сајмон Хефер, www.telegraph.co.uk, 28 јуни 2010.
  5. „Brandspuren im Gesicht, Ermittlungen zur Lübecker Asylheim-Katastrophe“ DER SPIEGEL 23/1996, 3 јуни, 1996.
  6. Хановерше Алгемајне Цајтунг, 5 март, 2005
  7. Џепна опера Либек
  8. Dieter Leitner: Zwei neue Glocken. Museum Haus Hansestadt Danzig in Lübeck. In: Das Ostpreußenblatt, Sonderteil der Preußischen Allgemeinen Zeitung vom 30. Oktober 2010, S. 20
  9. Museum Haus Hansestadt Danzig in Lübeck
  10. Ludwig Ewers: Die Großvaterstadt (1926); Dräger Druck, 3. Auflage, 1980, ISBN 978-3-925402-09-8
  11. Leichtes Umschlagwachstum in Kiel und Rostock. In: Schiff & Hafen, Heft 3/2014, S. 68, Seehafen-Verlag, Hamburg 2014, ISSN 0938-1643
  12. Leichtes Umschlagwachstum in Kiel und Rostock. In: Schiff & Hafen, Heft 3/2014, S. 68, Seehafen-Verlag, Hamburg 2014, ISSN 0938-1643
  13. „103 Millionen: Lübeck beschließt Rekord-Defizit“. „HL-Live“. 25 февруари 2010. http://www.hl-live.de/aktuell/textstart.php?id=59195. 
  14. [1]
  15. Frank Pergande: Die Angst, eine Zukunftsbranche zu verlieren во: FAZ.Net од 24 јуни 2010
  16. Lübeck-kämpft.de
  17. Abgeordnete in der Zwickmühle
  18. „Ла Рошел:Збратимени градови“. www.ville-larochelle.fr. http://www.ville-larochelle.fr/en/decouvrir-la-ville/villes-jumelles.html. конс. 7 ноември 2009. 

Надворешни врски[уреди]