Риген

Од Википедија — слободната енциклопедија
Риген
Rügen
Карта на Риген
Географија
МестоБалтичко Море
Површина926,4 км2[1]
Должина51,4 км
Ширина42,8 км[1]
Брегова линија574 км
Највисоко издигнување161 м[1]
Највисока точкаПикберг[1]
Управување
Покраина Мекленбург-Западна Померанија
ОкругЗападна Померанија-Риген
Демографија
Население77.000[1] (2006)
Густина79 /km2 (205 /sq mi)


Поглед на полуостровот Менхгут

Риген (германски: Rügen; исто така латински: Rugia) — најголем остров по површина во Германија.[2] Се наоѓа близу померанскиот брег на Балтичкото Море и припаѓа на сојузната покраина Мекленбург-Западна Померанија.

„Портата“ кон островот Риген е ханзеатскиот град Штралзунд, каде е поврзан со копното со патна и железничка врска преку Ригенскиот мост, мост кој го преминува двакилометарскиот широк проток Штрелазунд.

Риген има максимална дожина од 51,4 километри (од север кон југ), максимална широчина од 42,8 километри на југ и површина од 926 км². Брегот се одликува со бројни песочни плажи, лагуни (bodden; плитки води) и отворени заливи (Wieke), како и голем број полуострови и ’ртови. Во јуни 2011, УНЕСКО му го доделил статусот на светко културно наследство на Националниот парк Јазмунд, познат по бескрајните плажи и кредестите карпи како Кенигсштул (Königsstuhl), главна знаменитост на островот Риген.[3]

Островот Риген е дел од округот Западна Померанија-Риген, чие окружно седиште се наоѓа во Штралзунд. До административната реформа во 2011 постоел истоимен округ со седиште во градот Берген. Други градови на островот се Засниц, Путбус и Гарц. Покрај нив постојат неколку балтички приморски одморалишта: Бинц, Бабе, Герен, Зелин и Тисов.

Риген е многу омилен како туристичко одредиште, поради неговата бањска архитектура, разновидниот пејзаж и неговите долги и песочни плажи.

Геологија[уреди | уреди извор]

Риген, заедно со данскиот остров Мен на спротивната страна на Риген во Балтичкото Море, некогаш припаѓале на големо кредесто плато, кое било истуркано од тектонските движења на површината на земјата. Голем дел од ова копно исчезнало како последица на ерозијата, оставајќи два острови со нивните карактеристични бели кредести карпи.

’Рт Аркона

Географија[уреди | уреди извор]

Национален парк Јазмунд, познат по неговите кредести карпи, симбол на Риген: Викториин поглед (Victoria-Sicht) и Кралски стол (Königsstuhl) од Балтичкото Море

Главниот дел на островот, познат како Мутланд, е опкружен од неколку полуострови. На север се наоѓаат полуостровите Витов и Јазмунд, поврзани меѓусебно со песочниот теснец Шабе и со Мутланд со Шмале Хајде, насип кај Лицов и со фериботот Витов. Северните полуострови се одвоени од Мутланд од неколку заливи или лагуни (т.н. bodden; плитки води), најголеми од нив се Голем Јазмундски Залив и Мал Јазмундски Залив. Поголеми полуострови на југот се Цудар и Менхгут, кои се граничат со Грајфсвалдскиот Залив.

Риген има вкупна површина од 926,4 км² или 974 км², ако се вклучат и блиските мали острови.[1] Максималниот пречник е 51,4 километри од север кон југ и 42,8 километри од исток на запад.[1] Со вкупнo крајбрежје од 574 километри, 56 километри претставуваат песочни плажи на Балтичкото Море и 2,8 километри песочни плажи на заливите.[1] Највисоки точки на островот се на полуостровот Јазмунд: Пикберг (161 м) и Кенигштул (117 м).[1]

Северниот дел на Грајфсвалдскиот Залив, Ригенскиот Залив, е голем залив во јужниот дел на островот Риген, додека островот Вилм се наоѓа близу заливот. На западниот крај на заливот, полуостровот Цудар води до најјужната точка на Риген (Палмер Орт), додека на источниот крај многу развлечениот полуостров Менхгут навлегува во морето. Овој полуостров завршува на исток до ’ртот Нордперд близу Герен и на југ до ’ртот Зидперд кај Тисов. Во западниот дел на полуостровот Менхгут, теснецот во должина од 5 километри, Редевиц Хефт, ги раздвојува двата залива Хавинг и Хагенше Вик.

Бинц

Североисточниот дел на островот Риген е создаден од полуостровот Јазмунд, кој е поврзан со срцето на островот, Мутланд, преку теснецот Шмале Хајде помеѓу Бинц-Прора и Засниц-Мукраин и преку железничкиот и патен насип кај Лицов. Шмале Хајде го раздвојува надворешниот залив Прорер Вик од лагуната Мал Јазмундски Залив. На полуостровот Јазмунд се наоѓаат Пикберг (161 м), највисока точка на Риген, и Кенигсштул, 118 метри висока кредеста карпа во Штубенкамер, која претставува највпечатлива знаменитост на островот. Друг теснец, Шабе, го поврзува Јазмунд со полуостровот Витов во северниот дел на Риген. Шабе, пак, го раздвојува надворешниот залив Тромпер Вик од лагуната Голем Јазмундски Залив. Полуостровот Витов и долгиот и тесен полуостров Буг во западниот дел се одвоени од главното копно на Риген од Расовер Штром, Брецер Боден и Брегер Боден. Полуостровот Витов се граничи на север со ’ртот Аркона. Нешто помалку од еден километар на северозапад се наоѓа најсеверната точка на Мекленбург-Западна Померанија.

Северозападните и западните страни на Риген се исто така крајно развлечени, но малку порани. Во морето се наоѓаат поголемите острови Хидензе и Уманц, како и помалите острови Ее, Либиц и Хојвизе. Балтичкото Море постојано го носи и отстранува песокот од северниот и јужниот дел на Хидензен, инаку Хидензе ќе се спои со Риген за неколку години.

Срцето на Риген е прилично ридесто и областа е главно земјоделска. Источно од градот Берген на Риген височината изнесува до 90 м и до 107 метри во југоисточниот дел кај Границ. Почвата на Риген е многу плодна и продуктивна, особено во Витов, житницата на островот. Постојат и неколку јагленокопи.

Климата е умерена. Зимите не се особено ладни, со просечни температури во јануари и февруари од 0 °C, а летата се свежи, со просечни температури во август од 16,3 °C. Просечните врнежи се движат од 520 до 560 мм и околу 1800-1870 сончеви часови годишно.

Два германски национални паркови се наоѓаат на Риген: Национален парк Западнопомерански лагуни, во западниот дел (вклучувајќи го Хидензе) и Национален парк Јазмунд, помал парк вклучувајќи ги познатите кредести карпи (Кенигсштул). Исто така, постои и природен резерват, Биосферен резерват Југоисточен Риген, кој се состои од полуостровите на југоистокот.

Панорамски поглед на Риген од Замокот Границ близу Бинц

Администрација[уреди | уреди извор]

Административно, Риген е дел од округот Западна Померанија-Риген. Негови единици се општинските заедници Берген на Риген (Берген на Риген, Бушвиц, Гарц, Густов, Лицов, Пархтиц, Пациг, Позериц, Ралсвик, Рапин и Зелен), Запад-Риген (Алтефер, Дрешвиц, Гингст, Хидензе, Клис, Нојенкирхен, Рамбин, Замтенс, Шапроде, Трент и Уманц), Север-Риген (Алтенкирхен, Бреге, Дранске, Глове, Ломе, Путгартен, Загард, Вик) и Менхгут-Границ (Бабе, Герен, Ланкен-Границ, Миделхаген, Зелин, Тисов и Цирков) и слободните општини и градови Бинц, Путбус и Засниц.[4] Вкупно има 45 општини на Риген, четири од нив имаат статус на град (Берген, Гарц, Путбус и Засниц).[5]

Историја[уреди | уреди извор]

Едно од многуте мегалитски места на Риген
Карта од 1608 од Ајлхардус Лубинус
Сликата на романтистичниот сликар Каспар Давид Фридрих насловена: Варовни карпи на Риген
Замок Ралсвик

Праисторија и Германи[уреди | уреди извор]

Откритијата во плитките води (bodden) означуваат дека постоеле населби уште од камено доба. Низ целиот остров постојат бројни камени споменици, како мегалитски гробови и камени олтари кои опстојале до денешен ден. Околу времето на раѓањето на Христос, жителите на Риген биле дел од источногерманското племе Руги, кои живееле во областа која подоцна станала Западна Померанија и кои го дале името на островот. Ругите најверојатно потекнуваат од Скандинавија или од автохтононите племиња. При Големата преселба на народите, многу Руги се преселиле на југ и основале царство во Панонија.

Словенски Рујани[уреди | уреди извор]

Од VII век, западнословенските Рујани направиле царство на Риген и соседниот брег помеѓу реките Рекниц и Рик, кое ја обележило историјата на Балтичкото Море, а околните Ободрити (на запад) и Љутичи (на југ) го заземале копното следните неколку векови. Многу траги од нивниот живот можат да се најдат и денес. Основата на нивната голема воена сила била комбинација на рујанската морнарица и поволната географска положба. Данска, која во тоа време била многу успешна во Британија и Скандинавија, не била способна да се справи со своите рујански соперници во Балтичкото Море ниту да го заштити својот брег од рујанската војска до почетокот на XII век. Во меѓувреме, Рујаните изградиле бројни замоци и храмови во триаголникот Барт-Јазмунд-Гристов. Храмот на Јаромарсбург, на северниот крај на Риген и посветен на богот, Световид, бил значаен и надвор од границите на рујанското царство. По падот на Ретра станал главен храм за паганските Словени. Административен центар на царството било Кореница (или Каренц; веројатно кај денешниот Гарц или Венц). Главен трговски центар на царството било Ралсвик на најјужната точка на Големиот Јазмундски Залив.

Кнежевство под данско сузеренство[уреди | уреди извор]

Во 1168, данскиот крал, Валдемар I Велики и неговиот воен командант и советник, бискупот Абсалон од Роскилде го уништиле храмот на Световид на ’ртот Аркона, ставајќи крај на територијалната и верската автономија на Рујаните; нивните поранешни монарси станале дански принцови на Риген. Рујанскиот принц, Јаромар I (п. 1218) бил вазал на данскиот крал и го донел христијанството на островјаните. Во 1184, Померанците, чија власт претходно била проширена до земјите на Гицков и Демин и така станале директни соседи на тогашното данско Кнежевство Ругија, биле овластени од нивните господари, Светото Римско Царство, да го заземат Риген за царството, но биле поразени во Грајфсвалдскиот Залив.

Под данска власт, Кнежевството Ругија го променило својот карактер. Биле основани дански манастири (н.п. Манастирот Берген во 1193 и Манастирот Хилда, денес Манастир Елдена, во 1199). Германските доселеници се населиле на земјата и набрзо станале најголемата и културно највлијателна група во населението. Словенското културно влијание исчезнало, главно поради недостигот на нивните словенски црковни структури, па така Рујаните биле асимилирани во периодот кој следел во германизирани луѓе на Риген. Покрај доселувањето на земјата и изградбата на нови манастири и цркви, биле основани и нови градови. Во 1234 принцот на Риген Вицлав I го основал градот Штралзунд и му доделил пазарни права на Грајфсвалд во 1241. Моќта на градовите започнале брзо да се зголемува, приморувајќи ги владетелите на Риген да прават отстапки, на пример, замокот на принцот во Барт бил напуштен, а Шадегаст, населба на принцот близу градот Штралзунд, била напуштена во корист на поголемиот град.

Во 1304, бура позната како Поплава на Сите Светци, го уништила островот и го поплавила полуостровот помеѓу Менхгут и Руден.

Навлегувањето на Риген од Бранденбург-Прусија на Нојкамп во 1678 (изгравирано од Јан Лујкен).

Нацистичко време[уреди | уреди извор]

Нацистичка Германија изградиле огромно одморалиште Прора, планирано од организацијата Сила преку радост, која се занимавала со слободното време на луѓето во тоа време. Меѓутоа, Прора никогаш не била завршена.

Во 1936 бил изграден првиот мост кој го поврзал Риген со копното („Ригенски насип“), заменувајќи ги поранешните фериботи.

Насловот даден на операцијата командувана од Волфрам фон Рихтхофен, со која бил бомбардиран градот Герника во текот на Шпанската граѓанска војна, била именувана по островот. Операцијата СИГИНТ на Абверот во текот на истата војна била именувана Операција Боден по протокот кој го раздвојува Риген од германското копно.

По Втората светска војна, источногерманските и советските власти ги протерале земјопоседниците од копното на островот.[6]

Источна Германија[уреди | уреди извор]

По Втората светска војна, Риген станал дел од покраината Мекленбург во рамките на Источна Германија. Во 1952 островот станал дел од Округот Росток.

Островот бил главна точка на срамниот проект „Роза“ (Action Rose) од владата на ГДР со кој се предвидувало национализирање на хотели, такси и други услужни компании на 10 февруари 1953. Настанот се претпоставува дека се случил при посетата на островот Риген на Валтер Улбрихт, во која тој бил налутен од многуте преостанати приватни хотели и гостилници. Многу од сопствениците на хотелите биле обвинети од „кенгур судови“ под изговор дека биле вмешани во стопански криминал или дека работеле како агенти за Западот. Потоа, нивните поседи биле конфискувани и биле испратени во затвор. Многу од сопствениците и малите стопанственици биле затворени во затворот Бицов. Хотелите биле официјално преземени од Слободната унија на германските синдикати. Всушност, првично биле користени за сместување на „народната полиција“ (Kasernierte Volkspolizei). Како последица на конфискацијата на хотелите, туризмот на Риген во дошол со целосен застој во тоа време.

Во следните четири декади, островот станал едно од главните туристички места во ГДР. Всушност, Слободната унија одиграла преовладувачка улога во туристичкото сместување. Во 1963, унијата имал 7.519 места, германската туристичка агенција 2.906 места и уште 5.025 биле достапни за претпријатијата и организациите. Покрај тоа, имало и 12.245 места за децата во летните кампови и уште 20.800 места за кампери. Парцелите биле сместени главно во близина на плажите.[7] Меѓутоа не бил зголемен капацитетот за сместување до 1970-тите и 1980-тите.

Обединета Германија[уреди | уреди извор]

Бинц, една од неколкуте бањи на Риген, која поседува типична бањска архитектура на Балтичкото Море — една од бањите (Kurhaus) ноќе
Крајбрежната патека на Зелин ноќе

Во 1990, Риген станал дел од новосоздадената покраина Мекленбург-Западна Померанија и заедно со соседните блиски острови Хидензе и Уманц, го создал истоимениот округ. Од 2011, по извршената административна реформа во Мекленбург-Западна Померанија, Риген станал дел од новиот округ Западна Померанија-Риген.

Во 2007 бил изграден втор мост, Ригенски мост (Rügenbrücke), кој го заменил првиот, изграден во 1936.

Денес, Риген повторно го има надминато Зилт за најомилен германски остров.

Туризам[уреди | уреди извор]

Риген е еден од најомилените одредишта во Германија за одмор. Островот остварува над една четвртина од сите ноќевања остварени во Мекленбург-Западна Померанија. Многу посетители доаѓаат на Риген помеѓу април и октомври, додека врвот на сезоната е од јуни до август, но неговата мирна средина привлекува гости и зиме.

Првата бања на Риген била отворена во 1794 во Загард, кој поседува извор богат со минерали.[8] Во 1818, селото Лаутербах, дел од градот Путбус, станало прво приморско одморалиште на Риген.[9] Во 1860-тите, Засниц станало приморско одморалиште, следен од Бинц во 1880-тите.[9] Во текот на Втората светска војна била изградена Прора како огромно туристичко одморалиште, но никогаш не било завршено.[9]

Денес, најпопуларни приморски одморалишта се плажите на Шабе помеѓу Алтенкирхен и Јулиусру вклучувајќи ги Древолдке, Глове и Бреге и источните плажи помеѓу Засниц и Герен, вклучувајќи ги Ној Мукран, Прора, Бинц, Зелин и Бабе. Вторите се достапни преку историската железница со тесен колосек, која употребува парни локомотиви, наречена Ригенска бањска железница. Туристички одредишта, ако ги исклучуме приморските одморалиште, се ’ртот Аркона, пошумените ридови Штубенкамер на Јазмунд со интересните кредести карпи, пошумените ридови Границ со замокот, класицистичките градби на Путбус и внатрешните градови и села Берген на Риген, Ралсвик и Гингст.

Островот нуди огромна разновидност на различни плажи и крајбрежни области. Риген е често посетуван од сурфери и нуди повеќе од петнаесет различни места за сурфање. Најпопуларни места се Дранске, Розенгартен, Вик, Зурендорф и Ној Мукран.

На полуостровот Јазмунд се наоѓа истоимениот национален парк, кој се состои од буковите шуми околу Штубниц, вклучувајќи ги познатите кредести карпи на Риген. На самиот Кенигсштул се наоѓа центарот за посетители, кој поседува кино и аудио-водич за посетителите со информации за националниот парк на неколку јазици.

Кредестите карпи во Националниот парк Јазмунд

Сообраќај[уреди | уреди извор]

Железнички[уреди | уреди извор]

Ригенската бањска железница (Rügensche Bäderbahn) — историската позната парна железница, која води од Путбус до Бинц, Бабе, Зелин и Герен.

Железничката мрежа се состои од електрифицирана стандардна железничка линија на Германските железници Штралзунд-Засниц, Лицов-Бинц, неелектрифицираните линии Берген-Путбус-Лаутербах Моле и теснолинијката (750 мм) на Ригенската бањска железница (Rasender Roland): Лаутербах Моле-Путбус-Бинц-Зелин-Герен.

Покрај регионалните возови, постојат и интерсити возови од Бинц преку Берген и Штралзунд до Берлин, Хамбург, Франкфурт, Штутгарт и Рур. Ноќните возови до Минхен, Басле и областа Рур биле избришани од возниот ред на 9 декември 2007, и покрај масовните протести од локалната хотелска индустрија.

Автобуски[уреди | уреди извор]

Автобускиот сообраќај на Риген е управуван од Rügener Personennahverkehr. Од 1996 постојано се проширува и развива. Постојат врски помеѓу сите поголеми градови и општини на островот со најмалку еден автобус на два часа, понекогаш почесто во текот на шпицот на сезоната. Преку годината, автобусите возат на секој час на рутите помеѓу Засниц-Бинц-Берген, Шапроде-Берген-Клајн Цикер, Берген/Засниц-Алтенкирхен-Вик-Дранске и Алтенкирхен-Путгартен близу ’ртот Аркона. Покрај тоа, автобускиот превоз е добро поврзан со железницата, особено во Берген, но и со други железнички станици.

Патен[уреди | уреди извор]

Типична авенија на Риген. Германската сценска авенија започнува во Зелин на островот и води сè до крајниот југ на Германија (до Боденското Езеро).

До октомври 2007, поединечниот сообраќај од копното до островот Риген бил главно преку насипот Ригендам помеѓу Штралзунд и Алтефер преку протокот Штрелазунд.

Камен-темелникот за вториот премин преку Штрелазунд бил поставен на 31 август 2004. Овој мост, Ригенскиот мост, водел паралелно со Ригенскиот насип, имал должина од околу 4,1 километри и вертикално растојание за бродови од 42 метри и бил отворен на 20 октомври 2007. Со цел да се намали сообраќајот во градот Штралзунд, била изградена обиколница. Сојузниот автопат Б96 помеѓу Штралзунд и Грајфсвалд е исто така поврзан преку пристапен пат со автопатот А20. Б96 води од Штралзунд преку Берген до Засниц.

Меѓутоа, на главните туристички атракции, како ’ртот Аркона, Кенигсштул и Замокот Границ, се забранети автомобилите со цел да се заштита природата, како и на островот Хидензе, кој припаѓа исто така на округот Западна Померанија-Риген. Сите овие одредишта може се достапни преку јавен превоз.

Велосипедски[уреди | уреди извор]

Риген има означена мрежа на велосипедски патеки. Условите и означувањето на оваа мрежа се разликува од едно до друго место, од многу добра во приморските одморалишта до слаба во областа помеѓу Гарц и Цудар. Постои кружна велосипедска патека околу целиот остров. Во текот на летната сезона постои можност на некои места да се носат велосипедите со автобус, додека оваа можност е достапна во секое време во возовите.

Бродски[уреди | уреди извор]

Фериботското пристаниште Мукран (дел од Засниц)

Два фериботи на Weiße Flotte од Штралзунд возат на секој половина час помеѓу полуостровот Цудар на Риген и Шталброде на копното, на половина пат помеѓу Штралзунд и Грајфсвалд.

Уште еден ферибот на Weiße Flotte, Ферибот Витов, вози од копното на Риген (Muttland) до Витов.

Фериботи испловуваат од фериботското пристаниште Мукраин во Засниц до данскиот остров Борнхолм, до шведскиот Трелеборг, до Клајпеда во балтичките земји, до Балтијск во Калининградската Област и до Санкт Петербург.

Островот Хидензе, кој исто така припаѓа на округот Западна Померанија-Риген, е поврзан со редовна фериботска линија од Шапроде на Риген. Покрај тоа, има вообичаена бродска линија од Штралзунд, Вик и Бреге до Хидензе. Туристичките линии вклучуваат ферибот од Лаутербах до Гагер и помеѓу Засниц, Бинц, Зелин и Герен. Постојат кружни патувања главно од Засниц, но исто така и од Ломе до Кенигсштул.

Фериботи[уреди | уреди извор]

Засниц–Ној Мукран е меѓународен фериботски терминал на Риген со фериботски линии до:

Засниц-Мукран е најголемиот железнички фериботски терминал во Германија и единствен таков во Европа, каде различните колосеци дозволуваат префрлање од стандарден колосек на широк.[10]

Локалните патнички фериботи ги поврзуваат крајбрежните патеки на Засниц, Бинц, Зелин и Герен со блиските острови Хидензе, Филм и Грајфсвалдер Ој.

Воздушен[уреди | уреди извор]

Писта на Аеродромот Риген кај Берген

Аеродромот Риген е сместен околу осум километри од Берген. По Мирната револуција во 1989 започнале да се нудат летови за разгледување на поранешниот земјоделски аеродром. Во мај 1993 била изградена првата асфалтна писта. Оттогаш се нудат чартер-летови до Берлин, Хамбург и други градови во Европа.

Аеродромот Балтичко Море исто така нуди летови до и од областа Западна Померанија. Поголемиот Аеродром Росток-Лаге нуди редовни летови до разни градови во светот.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 1,8 Вурлицер, Бернд (2006). Риген (германски) (11. изд.). Mair Dumont Marco Polo. стр. 15. ISBN 3-8297-0171-3.
  2. Јендрике, Бернхард; Гокел, Габриеле (2008). Риген, Хидензе (германски) (3. изд.). DuMont. стр. 11. ISBN 3-7701-6058-4.
  3. Видете inter alia во извештајот на ARD-Tagesschau 25 јуни 2011
  4. „Landkreis Rügen homepage/Regionales: Städte, Gemeinden, Ämter“. Архивирано од изворникот на 2008-02-12. Посетено на 2009-08-24.
  5. Јендрике, Бернхард; Гокел, Габриеле (2008). Риген, Хидензе (германски) (3. изд.). DuMont. стр. 13. ISBN 3-7701-6058-4.
  6. Exorcising Hitler, The Occupation and Denazifcation of germany, by Frederick Taylor, Bloomsbury Press
  7. Dr. Rudolf Petzold, 1964, Die Bäderküste Rügens, Veb Brockhaus Verlag, Leipzig, стр. 5
  8. Јендрике, Бернхард; Гокел, Габриеле (2008). Риген, Хидензе (германски) (3. изд.). DuMont. стр. 36. ISBN 3-7701-6058-4.
  9. 9,0 9,1 9,2 Кистер, Хансјерг (2004). Die Ostsee: eine Natur- und Kulturgeschichte (германски) (2. изд.). C.H.Beck. стр. 300. ISBN 3-406-52366-8.
  10. 10,0 10,1 10,2 10,3 10,4 10,5 „Фериботско пристаниште Засниц“. Архивирано од изворникот на 2012-02-26. Посетено на 24 август 2009.
  11. „Deutsche Bahn Pressemitteilung vom 03.07.2009, 16:12“. Посетено на 2009-08-24.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Координати: 54°25′N 13°24′E / 54.417° СГШ; 13.400° ИГД / 54.417; 13.400