Гинтер Грас

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Гинтер Грас

Гинтер Грас, (1927, Данцинг, денешен Гдањск, Полска - живеел во Белендорф) бил германски писател, интелектуалец, уметник и борец за човекови права, добитник на Нобеловата награда за литература во 1999 година. Тој бил писател кој повеќе од било кој успеал да ја објасни историјата на дваесеттиот век, покажувајќи дека можеби не сме успеале да ја видиме нејзината позадина со доволно изострен поглед, се велело во образложението на Шведската академија.

Грас бил четвртиот германски писател - добитник на Нобеловата награда за литература. Пред него добитници биле - Томас Ман (1929), Нели Закс (1966) и Хајнрих Бел (1972).„Веста дека ја добив Нобеловата награда не ме шокира, туку ме израдува и се почувствував горд. Во оваа прилика сакам да ги повикам моите непријатели да не ги грицкаат ноктите, туку да ми се приклучат во големата работа“, била првата реакција на Грас.[1]

Биографија[уреди]

Потекнувал од полско-германски родители. Образованието го започнал во Народното училиште во Данцинг, каде што завршил гимназија. Во 1930 година ѝ се приклучил на младината на Хитлер и на 16-годишна возраст заминал во војска. Во 1945 година бил ранет, а потоа бил заробен од сојузничката војска. Во 1946 година работел во фирмите и рудниците за калај. Сликарство и вајарство на Академијата во Дизелдорф почнал да студира во 1948 година, а од 1953 до 1955 година студиите ги продолжил во Западен Берлин на Државната академија за фини уметности. Во 1954 година се оженил со Ана Маргарета Шварц, во 1978 година со неа се развел, а во 1979 година се оженил со Уте Грунерт. Грас работел и живеел во повеќе места - во Париз, во Берлин, во Индија, а од 1986 година живеел во Белендорф, мало село во околината на Либек. Во подоцнежните години Грас се вклучил во политичкиот живот на Германија. Бил близок соработник на поранешниот канцелар Вили Брант. Во 1982 година станал и формално член на Социјалдемократската партија на Германија. Литературното дело на Грас ја обележало повоената епоха на Германија. Тој важел за една од најконтроверзните личности на повоената германска историја, но се сметал и за еден од најжестоките критичари на германското општество. Бил претседател на Академијата за уметност во Западен Берлин, почесен доктор на универзитетите во Харвард, Позан и Гдањск.[1]

Творештво[уреди]

Грас имал напишано повеќе од 50 книги: романи, збирки, поезија, драми, есеи и либрета за балет. Покрај Нобеловата награда за литература тој бил добитник и на бројни германски и меѓународни награди.[1]

Дела[уреди]

Меѓу првите негови дела спаѓала збирката песни „Илјадници“. Во неговото книжевно творештво најголем акцент е дадено на првиот роман „Лимениот барабан“ (1959). Потоа следувале романот - новела „Мачка и глушец“ (1961), романот „Кучешки години“ (1963), романот „Плебејците се обидуваат да скренат востание“ (1966). Во поновите остварувања се вбројуваат - „Широко поле“ (1992) и личната хронологија наречена „Мојот век“ (1999). Во издание на Книгоиздателството „Детска радост“, во 2000 година бил објавен на македонски јазик (во превод на Димитар Гацов) романот „Мојот век“.[1]

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Преводи на литературни дела од автори кои добиле Нобелова награда, НИД„Микена“, Битола,2010