Кнут Хамсун

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Кнут Хамсун
Hamsun bldsa HA0341.jpg
Кнут Хамсун во јули, 1939 год. (79)
Роден 4 август 1859
Лом, Норвешка
Починал 19 февруари 1952
Норхолм

Кнут Хамсун (4 август 1859 - 19 февруари 1952) е еден од најзначајните норвешки писатели од првата половина на минатиот век. Како голем поддржувач на нацизмот, често бил прогонуван како предавник. Тоа му донесе изолација во интелектуалните кругови, но неговото дело остана да живее.

Биографија[уреди]

Кнут Хамсун е роден на 4 август 1859 година во Лом, централна Норвешка, како четврто дете на Педер и Тора Педерсен. Кога имал три години семејството се преселило во гратчето Хамареј, 100 милји северно од арктичкиот круг. Таму татко му работел на фарма, во сопственост на неговиот шура Ханс Олсен - раководител на селската библиотека и на поштата. Вујко му на Кнут се парализирал и тврдел дека тие му должеле пари. На Кнут му забраниле да си игра со другите деца и почнал да работи за Олсен, разнесувал сметки од поштата и цепел дрва за да ги плати долговите спрема газдата. Подоцна Хамсун во своите дела го претставил ликот на вујко си како „црвенобрадестиот гласник на смртта“.

Во тој период Хамсун читал многу за да се ослободи од осаменоста. Одел повремено во патувачко училиште и немал друго формално образование.

Дела[уреди]

Во 1873 година избегнал во Лом, каде што работел како чирак во продавница. Се вратил во Хамареј во наредната година и работел се и сешто. Неговото прво прозно дело "Енигма" го објавил на 18 години, под името Кнут Педерсен Хамсунд. По грешка во печатницата, на презимето му била додадена буквата "д". Но тој го прифатил своето случајно родено име.

Во наредната година Хамсун учел во Вестерален и ја издал втората книга "Бергер". Со поддршка од богатиот трговец Ерасмус Зал, го напишал романот "Фрида". На негово разочарување, книгата била одбиена од издавачот Фредерик Хегел од Копенхаген. Кога побарал помош од писателот Бјорнстјерн Бјорнсон, постариот колега го посоветувал да мисли на кариерата како актер.

Во 1878 година Хамсун се преселил во Кристијанија (денешен Осло), каде што живеел во сиромаштија. Некое време работел на изградба на автопат. Таму продолжила неговата авторска кариера, но без многу успех.

Одвреме-навреме престојувал во САД, каде што работел како служител во трамвај во Чикаго и како работник во фарма во Северна Дакота. Во Минеаполис држел часови. Норвешките имигранти го сметале за ексцентричен, а министерот и писател Кристоферт Јансон му дозволи на Хамсун да ја користи неговата голема библиотека. Од тој престој настана "Интелектуалниот живот во модерна Америка", сатиричен опис на Америка и на нејзиниот духовен живот.

Хамсун го направи својот пробив во 1890 година со романот "Глад" - приказна за млад автор сличен на него, неспособен да најде работа, изгладнет и бездомник во Кристијанија. Иако неговата облека, здравје и планови опаднале, тој го задржал своето достоинство.

"Раскажувачот бегал по улиците на градот - оној чуден град од кој никој не исчезнува сè додека тоа не му остави белег. Неговите високоостроумни написи, повремено објавувани од весници, станаа неразбирливи, дури и за него. Нема ништо сентименално во неговото постење, туку е повеќе во прашање неговиот нихилистички избор. Тој продава написи во локалниот весник и се среќава со млада жена, која е преплашена од него. Неспособен да ги држи под контрола своите тешко заработени оброци, раскажувачот најпосле наоѓа работа на руски брод што патува за Европа. Тој пости, ама не на начин како што би постел христијанин. Тој не го негира земскиот живот во очекувањето на рајскиот, тој едноставно одбива да го живее животот што му е даден. Младиот писател може да се гледа и како претходник на познатиот лик на Чарли Чаплин", напишал Пол Остер во предговорот на "Глад".

Романот брзо станал сензација и го етаблирал Хамсун како угледен писател. Охрабрен од ова, тој ги критикувал идолите како Хенрик Ибзен и Лав Толстој. Во "Мистерии" од 1892 година, Хамсун ги претстави своите размислувања за демократијата и воодушевувањето од Ничеовиот натчовек. Главниот лик се појавува како два различни лика.

"Викторија" (1898) е единствената ведра книга на Кнут Хамсун, љубовна приказна напишана на почетокот од неговиот брак со 25-годишната Бергјот Гопфертин. Според романот ја крстил ќерка си Викторија, родена во 1902 година. Во почетокот на 20 век Хамсун живеел во Финска и се поврзал со личности од културата како Алберт Еделфелт, Аксели Гален-Калела, Александер Слоте и други. Активниот општествен живот на Хамсун и тешкото пијанчење со финските уметници и пречеле на неговата жена. Од Финска отпатувал во Русија и на Блискиот Исток, а потоа се сместил во Копенхаген.

По разводот во 1906 година, Хамсун почнал да работи на првата книга за скитници "Под августовската ѕвезда". Во 1909 година се оженил со актерката Мари Андерсен, со која имал четири деца. Таа била 23 години помлада од него, а нивниот бурен живот го опишала во две книги.

Според неа, нивните кревети не биле "вистински одвоени кревети" поставени еден покрај друг, но Хамсун сакал посебна соба затоа што му требало приватност, не само за да ги пишува книгите туку и за да чита и да пуши луле. Мари никогаш не спиела сама, затоа што децата и правеле друштво кога биле мали.

Во 1911 година Хамсун ги напуштил урбаните литературни кругови и се преселил на фарма во Нордланд. По издавањето на "Растење на земјата" во 1917 година, тој водел имот во Нархолм, јужна Норвешка, каде што живеел до крајот на животот. Бил и фармер и писател, уметник-херој. Старомодната тешка работа му станала чин на индивидуализам.

"Растење на земјата" му обезбеди Нобелова награда за литература во 1920 година. Во Хамсуновата идила, човечкиот свет и природата се обединети со силна мистична врска.

"Дивината беше населена и непрепознатлива, благословот дојде, животот се изроди од долг сон, човечките суштества живеат таму, децата си играат околу куќата. И шумата израсна, голема и убава, кон сините височини" - пишува во "Растење на земјата".

Иако чувствата на Хамсун за природата не беа ни одблиску норвешка верзија на мистиката за крв и земја, тие беа широко споделени во Германија, каде што имаше голем круг читатели.

Меѓу двете светски војни Хамсун стана виртуелен испосник. По менталниот крах, на кој му следел психоаналитички третман, тој ја напишал трилогијата "Август", што се состои од "Пешаци, "Август" и "Патот продолжува".

Индивидуализмот и антипатијата кон модерната западна култура го воделе Кнут Хамсун кон поддршка на Германците, за време на нивната окупација на Норвешка во Втората светка војна. "Сите ние сме Германци", му рекол Хамсун на својот помошник на имотот. Тој не ги развил тие ставови преку ноќ. Ги симпатизирал Германците затоа што во Првата светска војна јавното мислење во Норвешка ги фаворизирало Британија и Франција.

Хамсун никогаш не се приклучил на Норвешката нацистичка партија, но напишал низа профашистички написи.

Кога ги запознал Адолф Хитлер и Јозеф Гебелс, му го дал на Гебелс својот медал од Нобеловата награда, во знак на почит.

По војната, Хамсун бил во притвор, а неговата жена била затворена и осудена на три години тешка работа. Во 1945 година Хамсун бил префрлен во психијатриска клиника во Осло. Оттаму бил пренесен во старечки дом во Ландвик.

Кога слушнал за смртта на Хитлер, напишал: "Тој беше воин, за човештвото и светец на евангелието на правдата за сите нации".

Умрел на 19 февруари 1952 година во Норхолм. Оттогаш, неговата репутација била наголемо рехабилитирана, а интересот за неговите дела обновен.