Синклер Луис

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Синклер Луис
Lewis-Sinclair-LOC.jpg
Роден(а) Хари Синклер Лиус
февруари 7, 1885(1885-02-07)
Минесота, САД
Починал(а) јануари 10, 1951(1951-01-10) (на 65 год.)
Рим, Италија
Занимање Романсиер и драматург
Националност Американец
Награди Нобелова награда за литература
1930

Синклер Луис (7 февруари 1885 - 10 јануари 1951) е американски писател, прв Американец што добил Нобелова награда за литература, во 1930 година. Овој романсиер, драмски автор и критичар на општеството стана популарен со своите сатирични романи.

Живот и дела[уреди]

Луис напишал 22 романа и три драми. Иако повремено го критикувал американскиот начин на живот, неговиот основен поглед на „американската човечка комедија“ е оптимистички.

Хери Синклер Луис е роден на 7 февруари 1885 година во Сок Сентр, село во срцето на Минесота, како трет син на селски лекар. Неговата мајка, која била ќерка на канадски физичар, умрела од туберкулоза кога Луис имал само 6 години. Татко му се преженил една година подоцна за Изабел Ворнер. Луис многу добро се сложувал со маќеата. Таа му читала, а кога научил да чита и самиот, имал пристап до 400 медицински книги од библиотеката на татко му.

Подоцна во своите дела, Луис го карактеризирал Сок Сентр како "тесноград и провинциски", затоа книгите му понудиле еден вид бегство. Изгледал многу чудно со црвена коса, а имал особено лоша кожа. На 13 години се обидел да избега од дома, со желба да стане трговски патник, но неговиот татко го фатил на железничката станица и го вратил дома.

Луис почнал да пишува, а водел и дневник, пишувал романтична поезија и приказни за витези и самовили.

Во 1902 година влегол во академијата Оберлин, но тогаш се преселил на Универзитетот Јејл и почнал да пишува во весникот "Yale Literary Magazie".

На летен распуст Луис патувал во Англија со брод, а незадоволен од колеџот, отишол во Панама во потрага по работа на Каналот. Работел како вратар и се обидувал да заработи како слободен писател во Њујорк.

На Јејл го запознал Џек Лондон, работел за неколку издавачки куќи и магазини во Ајова, Сан Франциско, Вашингтон и во Њујорк.

Во Гринвич Вилиџ се дружел често со радикали како Џон Рид и Флојд Дел. За кратко време станал член на Социјалистичката партија.

Негова прва издадена книга била "Хајк и авионот", што се појавила во 1912 година под псевдонимот Том Грахам. Во следната книга, "Нашиот господин Врен", издадена две години подоцна, претстави еден наивен сонувач за авантури. Откако патувал по целиот свет, се вратил во нормалниот идиличен живот. Слични ликови ги карактеризираат наредните романи на Луис, меѓу кои Керол Кеникот од романот "Главна улица" (1920).

Во 1914 година се оженил со Грејс Ливингстон Хеџер, уредничка во "Вог". Со неа имал еден син - Велс. Луис работел како уредник и менаџер за реклами во книгоиздавачката куќа "Џорџ Доран компани". Во 1916 година ја напуштил работата и патувал со сопругата.

Откако издал два романа, целосно му се посветил на пишувањето. Станал славен со романот "Главна улица", студија за идеализмот и реалноста во запустено мало гратче. Според него, главната улица е одлика на секое населено место. "Тоа подразбира евтини продавници, грди јавни згради и граѓани сврзани со крути конвенции." Книгата има паралели со авторовиот живот од младоста. Луис велел дека бестселерот "Главна улица" бил напишан со големо мазохистичко задоволство. За таа книга требало да ја добие Пулицеровата награда, но против него бил универзитетот "Колумбија" и наградата и ја доделиле на Едит Варлтон.

Следниот роман "Бабит" бил немилосрден портрет на бизнисмен. "Бабитрија" стана синоним за конформизам и комерцијализам.

Книгата "Ароусмит" го опишува животот на лекарот Мартин Ароусмит. Книгата беше наградена со Пулицерова награда, но тој ја одбил, затоа што, како што рекол, "таа награда ја заслужуваат книги што ја слават Америка, додека неговите критички настроени романи не треба да ја добијат". Книгата и беше посветена на писателката Варлтон, на која и се восхитувал и никогаш не се жалел дека не ја добил наградата порано. Во создавањето на книгата Луис соработувал со лекарот Пол де Круиф. Тие поминале два месеца на Карибите. Луис пиел и пишувал, додека Де Круиф ја сфатил пресериозно нивната соработка.

Во наредните дела Луис често користел експерти за технички совети, како што правел Емил Зола во Франција. Филмската верзија на "Ароусмит" од 1931 година ја направи Џон Форд.

Романот "Елмер Гентри" од 1927 година претставуваше напад врз хипокритичните министри, напишан со многу лутина. Други книги на Луис се: "Додсфорд", "Ен Викерс", "Кас Тимберлејн".

Во 1925 година Луис се развел од првата жена, а три години подоцна се венчал со дописничката Дороти Томсон, со која патувале по светските метрополи. Во тоа време Луис многу пиел и ги навредувал своите пријатели.

Теодор Драјзер, другиот американски кандидат за Нобеловата награда, бил многу лут кога Луис ја добил наградата.

Во текот на 30-тите години на минатиот век Луис му посветил големо внимание на театарот. Неговото последно големо дело "Тоа не може да се случи овде", портретираше фашистички државен преврат во Америка.

Во наредната деценија пишувачките навики на Луис останаа непроменети: пишувал книга за еден месец и правел се друго се дури бил подготвен да почне нова. Сакал убави опкружувања, имал убава стара куќа во Вилијамстаун, Масачусетс, живеел во најдобрите хотели во Америка и во Европа, а во Фиренца изнајмил грандиозна вила во стил на Мусолини. Во 1942 година се развел од втората сопруга и нашол многу помлада. Син му Велс бил убиен во Втората светска војна во Франција.

Иако Луис продолжил да издава книги во наредните 20 години, само повремено неговите романи импресионирале голема публика. Луис ги поминал последните години во Европа, во лоша здравствена состојба поради тешкото пиење и сериозната кожна болест што го иритирала неговото кратко трпение. Во последните години од животот Луис најмувал секретарки да играат шах со него и да му прават друштво.

Умрел од последици од алкохолизмот на 10 јануари 1951 година, сам во Рим.

Неговиот последен роман "Многу широк свет" беше издадена постхумно. Снимени се десетина филмови според негови дела.