Борис Пастернак

Од Википедија — слободната енциклопедија
Борис Пастернак
Борис Пастернак, околу 1908 г.
Роден/аБорис Леонидович Пастернак
10 February [ст. ст. 29 January] 1890
Москва, Руско Царство
Починат/а30 мај 1960(1960-05-30) (возр. 70)
Переделкино, СССР
Занимањепоет, писател
ДржавјанствоРуско Царство (1890–1917)
Советска Русија (1917–1922)
СССР (1922–1960)
Значајни делаМојата сестра, живот, Второто раѓање, Доктор Живаго
Значајни наградиНобелова награда за литература
(1958)

Борис Леонидович Пастернак (10 февруари 1890, Москва - 30 мај 1960, Переделкино, Русија) - руски поет и прозаист од еврејско потекло, добитник на Нобеловата награда за литература во 1958 година за извонредните дострели во современата лирска поезија и на полето на големата руска епска традиција. Тој бил принуден да се откаже од наградата иако првобитно ја прифати, а потоа станал жртва на политичката кампања во која романот „Доктор Живаго“ бил забранет во СССР.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Борис (лево) со братот Алекс, слика на нивниот татко, Леонид Пастернак

Животот на Пастернак е опишан во неговата автобиографија од 1958 година, која е поделена на пет кратки глави: „Раното детство“, „Скрјабин“, „1900-тите години“, „Пред Првата светска војна“ и „Три сенки“.[2]

Детството и младоста[уреди | уреди извор]

Борис Пастернак е роден во Москва на 10 февруари 1890 година, во богато еврејско уметничко семејство, како син на сликарот Леонид Пастернак и на пијанистката Роза Кауфман.[1][3] Неговото семејство живеело во зградата на сликарската школа каде работел татко му, припадник на тогашната „Заедница на помладите руски сликари“ и познат по тоа што повеќепати го портретирал Толстој и сликал сцени од Јасна Полјана.[4] Татко му Леонид Пастернак бил постимпресионистички сликар и професор на Московското училиште за сликање, скулптура и архитектура, а неговата мајка Роза Кауфман, ќерка на индустријалец од Одеса, била концертна пијанистка. Пастернак имал помал брат, Алекс, и две сестри: Лидија и Жозефин. Семејството тврдело дека по таткова линија води потекло од Исак Абрабанел, познат Сефарди Евреин од Португалија,[5] а познато е дека родителите на Пастернак се дружеле со Лав Толстој.[6] Таткото на Пастернак добил телеграма за смртта на Толстој во Астапово и веднаш заминал таму, заедно со Борис, каде направил и цртеж на Толстој на смртната постела.[7] Чести посетители на домот на Пастернак биле и Сергеј Рахманинов, Александар Скрјабин, Лев Шестов, Рајнер Марија Рилке. На пример, на 23 ноември 1894 година, Толстој и неговите ќерки го посетиле Леонид Пастернак во сликарската школа, каде присуствувале на концертот на Роза Кауфман и двајца професори на конзерваториумот, кои свиреле музика на Чајковски. Таа вечер Борис Пастернак ја сметал за почетокот на своето свесно паметење. За време на концертот, малиот Борис се разбудил од музиката и почнал да плаче, а по завршувањето на еден став, во неговата соба влегла мајка му и тогаш го видел Толстој отпозади. Исто така, Борис се сеќавал и на денот кога татко му ги работел илустрациите за романот на Толстој, „Воскресение“, како и на смртта и погребот на Толстој.[8]

Во 1906 година, Пастернак за првпат заминал во странство, кога со родителите го посетил Берлин, а по враќањето дома, тој станал љубител на лириката на Рилке. Следната година, воодушевен од модерната уметност, Пастернак станал член на неколку здруженија, како: „Сердарда“ и „Мусагет“ (чиј покровител бил Андреј Бели), иако во второто здружение не учествувал активно. Исто така, од неговата младост потекнува воодушевеноста од поезијата на Блок кого го истакнува како најретката и најдрагоцената појава во својот живот. Инаку, со Блок лично се запознал неколку месеци пред Блоковата смрт, и тоа површно.[9]

Престојот во Марбург[уреди | уреди извор]

Борис Пастернак во 1910, слика на татко му Леонид Пастернак

На почетокот, Борис Пастернак сакал да биде музичар, така што во раната малдост, седум години учел музика, а неговиот музички идол бил Скрјабин. Оттука, воопшто не зачудува тоа што во двете свои автобиографии, тој посветува повеќе страници на музиката и на Скрјабин, особено на средбата на која му ги свирел на Скрјабин своите композиции. Меѓутоа, веднаш по таа вечер, наспроти пофалбите од големиот композитор, Пастернак раскрстил со музиката, а подоцна тој чекор го опишал на следниов начин: „Веќе тогаш мразев сè што не претставуваше творештво, сè занаетчиско... Во вистинскиот живот, мислев, сè треба да биде чудо и предодреденост, ништо смислено и намерно...“[10]

Во 1910 година заминал во Германија, каде студирал филозофија на Универзитет Марбург, а таму се вљубил во Ида Висоцка, девојка од богато московско еврејско семејство, која ја подучувал за последната нејзина школска година. Тие се сретнале во Марбург, во текот на летото 1912 година, кога таткото на Борис, Леонид, го сликал нејзин портрет. Борис Пастернак ја запросил Ида, но на нејзиното семејство не му се допаднало тоа што бил сиромашен и немал перспектива, па ја убедиле да го одбие. За својата љубов кон неа и одбивањето, Пастернак ја напишал поемата „Марбург“ (1917).[11] Интересно, во автобиографското дело „Заштитна повелба“, студиите во Марбург ги истакнува како вториот од трите клучни точки во неговото созревање, додека во втората автобиографија од 1958 година тој едвај го споменува престојот во Марбург.[12]

Животот во Русија[уреди | уреди извор]

Пастернак со Евгенија Луре и синот

ПОчетокот на Првата светска војна го затекнала Пастернак на имотот на стариот поет Балтрушајтис, на реката Ока, во карактеристично, ексклузивно поетско друштво. Наскоро по објавувањето на војната, тој заминува во Москва, каде е дефинитивно ослободен од воената обврска.[13]

За време на Првата светска војна, Пастернак работел во хемиска фабрика во Всеволодово-Вилве, блиску до Перм, каде најверојатно се здобил со материјал за неговиот подоцнежен роман Доктор Живаго. За разлика од неговото семејство и голем број негови пријатели, Пастернак не сакал да ја напушти Русија по Октомвриската револуција. Кон крајот на 1920-те години, се допишувал со Рилке и со Марина Цветаева.[14] За разлика од својата автобиографска проза „Заштитна повелба“, во која во завиткана форма пишува дека бил ослободен од воената обврска поради некоја болест или недостаток, во втората автобиографија од 1958 година тој соопштува дека летото 1902 година, паднал од коњ и ја повредил ногата, која потоа му била пократка од другата, и тоа „во иднина го ослободувало од секоја воена обврска“.[15] Исто така, во својата автобиографија тој сосема малку и патем пишува за периодот по Октомвриската револуција, наведувајќи пет значајни советски поети кои извршиле самоубиство во тој период: Есенин, Мајаковски, Јашвили, Цветаева и Фадеев.[16]

Во 1922 година, Борис Пастернак се оженил со Евгенија Луре, студентка на институтот за уметност, а наредната година се родил нивниот син, Евгениј. Во 1927 година, кога пријателите на Пастернак, Владимир Мајаковски и Николај Асеев јавно се залагале за целосно потчинување на уметноста за потребите на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз,[17] во едно писмо до сестра му Жозефин, Пастернак напишал дека ќе ги прекине контактите со нив. Во 1932 година, Борис Пастернак се вљубил во Зинаида Нојхаус, сопруга на рускиот пијанист Хајнрих Нојхаус. И двајцата се развеле од своите партнери, и две години подоцна се венчале.

Во април 1934 година, Осип Мандељштам му ја прочитал на Пастернак својата песна „Епиграм за Сталин“. Откако ја чул, Пастернак рекол: „Не сум го чул ова, ти не ми го прочита, затоа што, знаеш, многу чудни и страшни работи се случуваат сега: ги собираат луѓето. Се плашам дека ѕидовите имаат уши, или овие клупи на булеварот можеби можат да чујат. Затоа, јас ништо не чув.“[18] Ноќта, на 14 мај 1934 година, Мандељштам бил уапсен во неговиот дом. Откако дознал за ова, Пастернак отишол во канцелариите на Известија и го молел Николај Бухарин да интервенира за Мандељштам. Набргу по средбата со Бухарин, во станот на Пастернак заѕвонил телефонот и гласот од другата страна рекол: „Другарот Сталин сака да зборува со тебе.“[18] Сталин го прашал: „Кажи ми што се зборува во литературните кругови за апсењето на Мандељштам?“ Пастернак негирал дека постои каква било дискусија за тоа и додал дека веќе не постои литературен круг во Советска Русија. Потоа, Сталин го прашал што мисли лично за Мандељштам, а Пастернак одговорил дека тој и Мандељштам имаат сосема различна филозофија за поезијата. На крајот, Сталин рекол: „Гледам дека не си способен да се заземеш за другар.“[18]

Во последниот дел од својата автобиографија од 1958 година, Пастернак пишува дека за поновиот период од својот живот, кој се поклопува со кулминацијата на Сталиновата епоха, ќе говори концизно, ограничувајќи се на „генерализации“ и „брзи карактеристики“ при што повеќе пишува за судбината на Цветаева отколку за себе, избегнувајќи да прозбори за судбината на писателите за време на Сталиновиот режим. На пример, во 1935 година, кога бил „напатена душа“ и кога бесониците кои траеле повеќе од една година го довеле „до работ на душевна болест“, за време на антифашистичкиот конгрес одржан во Париз, тој се сретнал со Цветаева и со нејзиното смејство.[19] Исто така, последните години на Мајаковски ги означува како време „кога целата поезија престана да постои, како неговата така и на другите, кога се обеси другарот Есенин“ и како време „кога запре литературата“ за најпосле да заклучи со зборовите: „За таа епоха постојат две фамозни фрази: дека животот стана подобар, порадосен; и дека Мајаковски беше и остана најдобриот и најнадарениот поет на таа епоха. Јас со посебно писмо му се заблагодарив на авторот на втората фраза. Таа ме ослободи од претерувањата за моето лично значење, претерувањето на кое бев изложен триесеттите години околу Конгресот на писателите. Јас го сакам својот живот и задоволен сум со него. Нема потреба дополнително да му се додава позлата. Животот без тајни и без прецртувања, животот сјајно одразен во огледалото на некоја изложбена витрина за мене е неприфатлив.“[20]

Разочарувањето и огорченоста на Пастернак од животот по Октомвриската револуција е видливо во завршниот пасус од неговата автобиографија, каде пишува: „Овде завршува овој автобиографски обди. Неговото продолжување би било неизмерно тешко. За да биде човек доследан, би требало понатаму да зборува за луѓето и за настаните, за луѓето и судбините кои го обединува рамката на револуцијата. За еден свет на цели и стремежи, проблеми и подвизи дотогаш непознати, за новото самосовладување, за новата крутост и искушенијата со кои тој свет ги потчини човечката личност, чест и гордост, љубовта кон работата и трпението човеково... Треба за него да се зборува така што срцето да се стегне и косата да се крене на главата. Да се зборува за тоа на вообичаениот начин... не само да нема никаква смисла и причина. Да се пишува така — грдо е и нечесно.“ Овој заклучок е во согласност со зборовите кои едно момче кое на Иља Еренбург му рекол дека пред крајот на животот „сигурно Пастернак бил мрачен, недружељубив, па и длабоко несреќен.“ Еренбург, пак, го тврди спротивното, пишувајќи дека „Пастернак беше среќен и не живееш надвор од општеството затоа што тоа не му одговараше, туку затоа што тој самиот — друштвен дури и весел кога е со други — во длабочината знаеше само за еден единствен собеседник: самиот себе.“[21]

Втората светска војна[уреди | уреди извор]

Кога авионите на Луфтвафе започнале да ја бомбардираат Москва, Пастернак се пријавил да служи како пожарникар.[22] Во својата автобиографија од 1958 година, Пастернак пишува малку за својот живот за време на Втората светска војна, а тоа веме го опишува со следниве зборови: „Тоа беше епоха кога, според духовитата забелешка на Бели, триумфот на материјализмот ја уништи материјата на светот. Ништо за јадење, никаква облека, ништо од материјалните нешта — само идеи.“ Исто така, наведува дека пред патот за Грузија, каде било евакуирано неговото семејство, својата богата кореспонденција ѝ ги дал на чување на една своја пријателка која работела во музејот на Скрјабин. Бидејќи немала многу доверба во музејскиот сеф, пријателката ги издвоила писмата од Цветаева кои ги носела насекаде со себе. Меѓутоа, една зимска вечер, додека патувала од блиското село кон Москва, таа забележала дека торбата со писмата на Цветаева ги заборавила во возот.[23]

Во 1943 година добил дозвола да ги посети војниците на фронтот, каде им читал поезија и разговарал со повредените војници.[22] На крајот од војната, во 1945 година, заедно со соработниците на нацистите во советските концентрациони логори биле затворени и многу други: емигрантите кои се вратиле поради ветената амнестија, Евреи од антифашистичкиот комитет, припадници на други организации, како и илјадници припадници на другите етнички групи, биле однесени на Сибир.[24] За ова искуство, Пастернак подоцна изјавил: „Да знаевме каков хорор нè чека по војната, немаше да жалиме ако паднеше Сталин, заедно со Хитлер.“[25]

Олга Ивинска[уреди | уреди извор]

Во октомври 1946 година, Пастернак се вљубил во Олга Ивинска, 34-годишна самохрана мајка, вработена во весникот Нови мир. Иако не ја напуштил втората сопруга, Пастернак живеел во оваа вонбрачна врска до крајот на својот живот. Сопругата на Пастернак била многу лута поради неверството на Борис и еден ден заминала да ја најде Олга, која во моментот била многу болна и била на пат за болница. По враќањето на Огла од болницата, Борис ја посетил Олга и ја продолжил својата врска со неа како ништо да не се случило.[26] Вечерта, на 6 октомври 1949 година, Ивинска била уапсена од КГБ и била однесена во затворот Лубјанка. Ивинска била испрашувана за Пастернак и, иако ништо не признала, сепак била затворена десет години. Во тој период, Пастернак интензивно работел на вториот дел од романот „Доктор Живаго“.[27]

Смртта[уреди | уреди извор]

Борис Пастернак починал на 30 мај 1960 година, во својата куќа во Переделкино. Во Литературна Газета се појавил мал напис за неговата смрт, а рачно напишани ливчиња со датата и местото на неговиот закоп биле делени во московската подземна железница.[28] На тој начин, илјадници почитувачи на неговото дело дошле на закопот во Переделкино.[29] Пред насобраните луѓе, некој со длабок глас ја рецитирал забранетата поема на Пастернак, „Хамлет“.[30] Во ковчегот биле ставени напишани молитви, ѕвоната од црквата заѕвониле, и на крајот, ковчегот бил спуштен во гробот. Потоа, гробот на Пастернак станал еден вид храм за членовите на советското дисидентско движење.[31]

По неговата смрт[уреди | уреди извор]

Советска марка од 4 копејки, 1990 г.

По смрртта на Пастернак, Олга Ивинска била по вторпат уапсена заедно со нејзината ќерка, обвинета дека била врската на Борис Пастернак со странските издавачи на „Доктор Живаго“. Сите писма на Пастернак до Ивинска, како и многу други ракописи и документи, биле запленети од КГБ. По една година, во 1962 година, била ослободена ќерката на Олга, а во 1964 година била ослободена и Олга.[32] Во 1978 година, нејзините мемоари биле тајно изнесени во странство и печатени како книга во Париз, а истата година излегол од печат и англискиот превод на мемоарите под наслов: Заробени во времето: Моите години со Пастернак.

Во декември 1989 година, Евгениј Борисович Пастернак, синот на Борис Пастернак, отпатувал во Стокхолм за да го земе Нобеловиот медал на татко му.[33]

Во 2009 година, излегла од печат книгата на Иван Толстој во која тврдел дека британската и американската разузнавачка служба биле вклучени во тоа на Борис Пастернак да му се додели Нобеловата награда. Кога Евгениј Пастернак бил прашан за ова, тој одговорил дека татко му потполно бил несвесен за активностите на разузнавачките служби. Евгениј, исто така, изјавил дека Нобеловата награда за татко му значела само тешка тага и малтретирање во Советскиот Сојуз. Самиот Борис Пастернак, во песната „Нобеловата награда“ од 1959 година, вели: „Пропаднав, како ѕверот што го гонат... Зад мене е шумот на онаа хајка / А за мене никаде нема премин... Патот е пресечен насекаде / Сеедно ми е сега мене... Јас го натерва светот да плаче / Над убавината на земјата моја... Но и така, близу до гробот / Јас верувам дека ќе има / Едно време кога злобата / Духот на добрината ќе ја победи.“[34]

Творештво[уреди | уреди извор]

Податотека:Ilya-ilf-pasternak-1.jpg
Борис Пастернак

Првите книжевни обиди на Пастернак потекнуваат од 1905 година, кога пишувал поезија, а истовремено се бавел и со преведувачка аткивност. Според неговото признание, во тоа време „бев луд по Бели, Хамсун, Пшибишевски.“ Во 1907 година го напишал првиот поголем есеј, „Симболизмот и бесмртноста“. Подоцна, во 1912 година, за време на престојот во Марбург, тој се зближил со футуристите од групата „Центрифуга“ и тогаш ја објавил стихозбирката „Близнак во облаците“ (1914). Во тоа време, според неговите зборови, тој „пишувал стихови често и постојано како што се слика или како што се пишува музика“. Подоцна, оценувајќи ја оваа збирка, тој тврдел дека уште во тоа време неговата постојана преокупација била содржината настојувајќи песната да содржи во себе нешто ново, нова мисла или нова слика. Меѓутоа, во староста, Пастернак негативно го оценил своето учество во авангардните книжевни кружоци со зборовите: „Јас го следев тоа движење наспроти себеси, само затоа да постапувам како другите.“[35]

По Октомвриската револуција, Пастернак ги објавил збирките „Братот мој - животот“ (1922) и „Теми и варијации“ (1923),[36] а подоцна, под влијание на симболизмот, тој преминал философска лирика - „Второто раѓање“ (1932) - во која го отфрлил револуционерното насилство. Во историско-револуционерните епски поеми го егзалтира револуционерното себеодречување - „Поручникот Смит“ (1926) и „Деветстотини и петтата година“ (1927). На ова револуционерно себеодречување, во своите автобиографски раскази тој им ја спротивставил својата поетска душевност, жедна за живот во сегашноста и непријателска на насилството - „Воздушни патишта“ (1924) „Спекторски“ (1931). Навечер како аполитичен, преведувал творби од Вилијам Шекспир, Јохан Волфганг Гете, Пол Верлен и др.[1] Со тематиката од Втората светска војна се неговите стихозбирки „Во раните возови“ (1943) и „Земското пространство“ (1945), како и романот „Доктор Живаго“ (1957) во кој ги опишува трагичните судири на револуцијата и на граѓанската војна.[1] Посмртно, во 1961 и 1965 година е објавен неговиот циклус песни „Кога ќе се разведри“ (без песните „Душа“, „Промена“ и „По бурата“, кои се појавиле само во Германија во 1960 г.)[37]

Куќата на Борис Пастернак во Переделкино, каде живеел од 1936 до 1960 година

Иако содржи делови који се напишани во 1910 и 1920 година од XX век, „Доктор Живаго“ не бил завршен сè до 1956 година, кога Борис Пастернак го дал на увид на весникот Нови мир. Весникот одбил да го објави поради Пастернаковите политички ставови кои не биле коректни во очите на Советскиот Сојуз. Имено, авторот на романот, како и самиот главен лик, Доктор Живаго, повеќе се грижел за благосостојбата на поединецот, наместо за благосостојбата на општеството, поради што советските цензори ова дело го прогласиле за антимарксистичко, затоа што во делото постојат имплицинтни критики и повикувања на затворските логори. Во 1957 година, италијанскиот издавач Џанџакомо Фелтрин го копирал ракописот на романот од СССР, па истовремено го објавил во две изданија, прво на руски, а потоа и на италијански јазик во својата издавачка куќа „Фелтринели“ во Милано, Италија. Следната година бил објавен и на англиски јазик, а после тоа и на уште осумнаесет различини јазици. За објавувањето на овој роман на толку многу јазици и толку многу изданиjа, пресуден бил фактот дека на Борис Пастернак му била доделена Нобеловата награда за литература во 1958 година. Романот „Доктор Живаго“ во Советскиот Сојуз конечно бил објавен во 1988 година, и тоа на страниците на весникот „Нови мир“,[38] иако веќе постоело издание од овој роман.

Според Ивинска, Пастернак продолжил да пишува и да преведува секој ден, дури и по контроверзите поврзани со Доктор Живаго. Во летото 1959 година, Пастернак почнал да ја пишува трилогијата со наслов Слепата убавица,[39] но пред да го заврши првиот дел, се разболел од рак на белите дробови.

По избувнувањето на Првата светска војна, за време на антигерманските демонстрации во руската престолнина, во опожарената куќа на еден индустријалец изгореле и ракописите на повеќе дела на Пастернак. Исто така, и некои подоцнежни негови ракописи се изгубени. Така, во својата автобиографија, тој набројува кои текстови му исчезнале со текот на годините поради различни причини: предавањето „Симболизмот и бесмртноста“, статиите од неговата футуристичка епоха, расказите за деца, две поеми, тетратката со стиховите напишани помеѓу збирките „Над бариерите“ и „Мојата сестра — животот“, скицата на еден роман чиј преработен почеток бил објавен како новелата „Детството на Ливерсова“ и преводот на една Свинбернова трагедија.[40]

Осврт кон творештвото[уреди | уреди извор]

Својата кариера Пастернак ја започнал како футурист. Но, за разлика од Мајаковски и Хлебников, тој не бил концептуален футурист, па неговото членство во „Центрифуга“ и подоцнежната краткотрајна соработка со „Леф“ се објаснува со неговиот стремеж да учествува во обновата на поетскиот јазик и израз. Таа обнова Пастернак ја замислувал на оригинален начин, а за тоа сведочат неговите ставови изразени во статиите со наслов „Неколку поставки„ (1922) и во песните „Поезија“ и „Дефиниција на поезијата“ од збирките „Братот мој - животот“ (1922) и „Теми и варијации“ (1923). Во нив, тој истакнува дека поезијата е сунгер кој впива сè што ќе дојде во допир со неа - специфичен орган со кој зборуваат природата, светот, космосот. Подоцна, во еден говор од 1935 година, Пастернак повторно се навратил на оваа концепција на „поезијата во природата“, но се откажал од тезата за „несебичниот“ поет, прифаќајќи некои поуки од Пушкиновата поетика (на пример, етичкиот ефект на поезијата и залагањето за моќта на автономното творештво), а тоа придонело неговата поезија да биде дефинирана како ангажирана во смислата на Блок. Во „Братот мој - животот“ и „Теми и варијации“, Пастернак го испитува овој „говор на природата“ во границите на обновената структура на стихот и на различни тематски нивоа: доживувањето на природата, светот, љубовта итн., а неговата поетска визија се движи од претставата за единството на доживувањата и задоволствата од животот до истражување на мотивот на „ведрината“ во контекстот на многубројните книжевни судбини (Пушкин, Гете, Шекспир итн.) и тезата за неопходноста од „давањето“, т.е. алтруистичкото приоѓање на веќе изградениот поетски субјект кон проблемите на светот. Оваа концепција го приближила Пастернак до епската поема, а првиот обид од овој тип е забележан во „Возвишената болест“ (1923), додека „Поручникот Смит“ (1926) и „Деветсто и петтата година“ (1927) претставуваат вистински епски поеми. Неговиот интерес за епот завршува со „романот во стихови“, „Спекторски“, кој жанровски е определен како поема, а кој го претставува врвот на творештвото на Пастернак од првиот период по Октомвриската револуција. Во оваа фаза, историјата и лириката не се повеќе во опозиција (тезата која тој ја лансира во „Црниот пехар“ од 1916), туку во коегзистенција, што според него претставува предуслов за поетското творештво во современоста.[41]

Следната фаза од творештвото на Пастернак започнала со збирката „Второто раѓање“ од 1932 година, а продолжува со длабоката криза во која западнала неговата поезија, која не била соодветна на нормативите кои владееле во тоа време. Оваа криза се открива уште во конфликтниот карактер на сите тематски подрачја во „Второто раѓање“, за разлика од хармоничната структура на „Братот мој - животот“ и „Теми и варијации“. Во „Второто раѓање“ се обединети мотивите на љубовната, дескриптивно-философската и социјалната поезија, но тие се подложени на нагласена дилема: од една страна, Пастернак искажува позитивна ориентација кон „далечината на социјализмот“, а од друга страна, со страв го истражува односот меѓу поетот и секојдневието кое го убива поетот и не гарантира дека неговата идеја на „саможртвувањето“ и „давањето“ ќе биде запаметена (на пример, во песната „Смртта на поетот“). Оттука, како решение, Пастернак го нуди бегството во „огромноста на станот што предизвикува тага“ и создавањето во името на „идните лудила“, а единствената утеха е тоа што сè во животот се повторува.[42]

Последниот период во творештвото на Пастернак целосно е под влијание на Пушкиновата и Блоковата концепција за уметникот како надреден над епохата. Така, во циклусот „Уметникот“ од збирката „Во раните возови“ (1943), животот не поетот е претставен во поволна светлина при што по угледот на Пушкин, тој е во непосреден допир со народот. Во истиот дух е и Пастернаковата патриотска лирика во збирките „Во раните возови“ и „Земското пространство“ (1945) во кои само по исклучок е присутно патетичното прокламирање на расположенијата, но и тогаш основните симболи се поврзани со сликите на стравот, космичката реалност воведена во легендата и приближувањето на пролетта, со што се идентификува не само воената победа, туку и духовната обнова на Русија. Во 1950-тите, поетското дело на Пастернак се наоѓа во зенитот. Во „Песните од романот“, објавени на крајот од „Доктор Живаго“ повторно се развива старата тема за „свесното саможртвување“, но и за „судењето на вековите“, а нејзина алтернатива е поетовиот живот во вечната антропоморфна природа, меѓу луѓето и во љубовта (на пример, во песните „Хамлет“, „Земја“, „Зимска ноќ“). Најпосле, посмртно објавениот циклус „Кога ќе се разведри“ (1961 и 1965) претставува илустрација на складноста на одухотворената природа и поетовиот духовен живот, и сознанието за мисијата која ги надминува границите на современоста. Овој циклус песни е доказ за Пастернаковото приклонување кон Блоковиот поглед на задачата на поетот, но и за неговата скриена полемика со догматските сфаќања во поезијата. Поетскито антропоцентризам со апологијата на „душата“ наспроти „потресите“ и „превратите“ на векот („По бурата“) ја открива врската на Пастернак со романтичарското наследство на Пушкин, Тјутчев и Блок. Со тоа се дефинира прилогот на Пастернак кон развојот на руската поезија, заснован врз еуфониските елементи на стихот, метафоричноста на изразот и композицијата. На тој начин, неговата поезија имала голем придонес во обновата на руската поезија по 1953 година и извршила влијание врз многу млади поети од тој период, како: Евтушенко, Ајги, Вознесенски, Соснора и Кушнер.[43]

Пастернак зазема значајно место во руската книжевност, а покрај критичарите, за него пофално се изразуваат и многу писатели. Така, Мандељштам го нарекува „човек со општо разбирање“; според Андреј Сињавски, „во неговите песни лирското кажување не се развива по ред, од појава до појава, туку скока над сите бариери со стремеж да биде широка скица, развиена слика на целината“; Стеван Раичковиќ го оценува како „еден од големите превратници во поезијата на својот јазик“, кој „во рускиот стих внел повеќекратни новости, како во мотивите, така и во изразот. Изненадувачки според идеите, асоцијативен и слоевит, краток, језично густ, метафоричен, поет со свој, сложен ритам“; според Миодраг Сибиновиќ, Пастернак ја продолжува линијата на руската мисловна поезија, а во неговото творештво доследно се остварени два принципа: поезијата треба да ги бара одговорите за суштината на животот и потребата тие поетски откририја да се вршат во метонимиски структурираната поетска слика; а во едно писмо, Марина Цветаева му се обраќа со следниве зборови: „... Вие сте природна појава... Бог ве замислил како даб, а ве создал како човек, Вас ве удираат сите громови... А Вие мора да живеете.“[44]

Значење и влијание[уреди | уреди извор]

  • Во 2003 година, романот Доктор Живаго влегол во школскиот систем на Русија како лектира за единаесетто одделение.[45]
  • Малата планета (3508 Pasternak) откриена од советскиот астроном Људмила Георгиевна Карачкина во 1980 година е наречена по него.[46]
  • Руско-американската пејачка Регина Спектор рецитира стих од поемата на Пастернак „Црна пролет“ од 1912 година, во песна од својот албум Почнувам да се надевам.
  • Руско-холандскиот композитор Фред Момотенко напишал придружна композиција за „Вечерно бдеење“ на Сергеј Рахманинов опус 37, врз основа на истоимената песна од Доктор Живаго.
  • Првиот филм „Доктор Живаго“ бил снимен во 1965 година, во режија на Дејвид Лин.
  • Во 2002 година била снимена ТВ серијата „Доктор Живаго“.
  • Во 2006 година бил снимена руската филмска верзија на „Доктор Живаго“.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Превод на литературни дела од автори кои добиле Нобелова награда, НИД „Микена“, Битола, 2009.
  2. Света Лукић, „Ново сведочанство о Пастернаку“, во: Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 7.
  3. „Boris Leonidovich Pasternak Biography“. Jewishvirtuallibrary.org. Посетено на 24 January 2014.
  4. Света Лукић, „Ново сведочанство о Пастернаку“, во: Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 7.
  5. Boris Pasternak: A Literary Biography, By Christopher Barnes, p. 2.
  6. Pasternak (1959) p. 25.
  7. Ivinskaya (1978), p. xvi.
  8. Света Лукић, „Ново сведочанство о Пастернаку“, во: Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 7-8.
  9. Света Лукић, „Ново сведочанство о Пастернаку“, во: Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 9.
  10. Света Лукић, „Ново сведочанство о Пастернаку“, во: Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 8.
  11. Ivinskaya (1978) p. 395.
  12. Света Лукић, „Ново сведочанство о Пастернаку“, во: Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 10.
  13. Света Лукић, „Ново сведочанство о Пастернаку“, во: Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 13.
  14. Bayley, John (5 December 1985). „Big Three“. The New York Review of Books. 32. Посетено на 28 September 2007.
  15. Света Лукић, „Ново сведочанство о Пастернаку“, во: Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 9.
  16. Света Лукић, „Ново сведочанство о Пастернаку“, во: Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 14.
  17. Boris Pasternak: Family Correspondence, 1921–1960, p. 78.
  18. 18,0 18,1 18,2 Ivinskaya (1978) pp. 61–63.
  19. Света Лукић, „Ново сведочанство о Пастернаку“, во: Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 15.
  20. Света Лукић, „Ново сведочанство о Пастернаку“, во: Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 14.
  21. Света Лукић, „Ново сведочанство о Пастернаку“, во: Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 15-17.
  22. 22,0 22,1 Ivinskaya (1978) pp. 72–73.
  23. Света Лукић, „Ново сведочанство о Пастернаку“, во: Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 15.
  24. Ivinskaya (1978) p. 75.
  25. Ivinskaya (1978) p. 80.
  26. Ivinskaya (1978), p. 23.
  27. Ivinskaya (1978), p. 86
  28. Ivinskaya (1978), pp 323.
  29. Ivinskaya (1978), pp 326–327.
  30. Ivinskaya (1978), p 331.
  31. Ivinskaya (1978), pp 332.
  32. „OBITUARY: Olga Ivinskaya“. The Independent. UK. 13 September 1995. Посетено на 27 October 2010.
  33. "Boris Pasternak: The Nobel Prize. Son's memoirs". (Pravda, 18 December 2003)
  34. Антологија руске лирике – X-XXI век. Књига II: Прва четвртина – средина XX века (авангарда и социјалистички реализам). Београд: Paidea, 2007, стр. 90-91.
  35. Света Лукић, „Ново сведочанство о Пастернаку“, во: Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 9-11.
  36. Миливоје Јовановић, „Песник Борис Пастернак“, во: Борис Леонидович Пастернак, Песме и поеме. Нови Сад: Orpheus, 2011, стр. IV.
  37. Миливоје Јовановић, „Песник Борис Пастернак“, во: Борис Леонидович Пастернак, Песме и поеме. Нови Сад: Orpheus, 2011, стр. VIII.
  38. Contents Архивирано на 9 октомври 2006 г. of Novy Mir magazines (руски)
  39. "The Paris Review" interviews Boris Pasternak.
  40. Света Лукић, „Ново сведочанство о Пастернаку“, во: Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 13.
  41. Миливоје Јовановић, „Песник Борис Пастернак“, во: Борис Леонидович Пастернак, Песме и поеме. Нови Сад: Orpheus, 2011, стр. III-V.
  42. Миливоје Јовановић, „Песник Борис Пастернак“, во: Борис Леонидович Пастернак, Песме и поеме. Нови Сад: Orpheus, 2011, стр. V-VI.
  43. Миливоје Јовановић, „Песник Борис Пастернак“, во: Борис Леонидович Пастернак, Песме и поеме. Нови Сад: Orpheus, 2011, стр. VI-IX.
  44. Борис Леонидович Пастернак, Песме и поеме. Нови Сад: Orpheus, 2011.
  45. «Не читал, но осуждаю!»: 5 фактов о романе «Доктор Живаго» 18:17 23/10/2013, Елена Меньшенина
  46. Schmadel, Lutz D. (2003). Dictionary of Minor Planet Names (5. изд.). New York: Springer Verlag. стр. 294. ISBN 3-540-00238-3.