Елијас Канети

Од Википедија — слободната енциклопедија
Елијас Канети
Роден/а25 јули 1905(1905-07-25)
Русе, Бугарија
Починат/а14 август 1994(1994-08-14) (возр. 89)
Цирих, Швајцарија
ЗанимањеПисател
ЈазикГермански
НационалностБугарско, Британско, Швајцарско
Значајни наградиНобелова награда за литература
1981

Елијас Канети (германски: Elias Canetti) (25 јули 1905, Русе, Бугарија - 1994, Цирих, Швајцарија) — британски и швајцарски писател, од еврејско потекло, кој пишувал на германски јазик. Пишувал романи, драми, афоризми, есеи, патописи итн. Во 1981, тој бил добитник на Нобеловата награда за литература "за дела обележани со широка перспектива, богатство на идеи и ликовна моќ".[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Елијас Канети е роден на 25 јули 1905, во бугарскиот град Русе, во еврејско семејство, со шпанско потекло. Во 1911 година, неговото семејство се преселило во Англија, а во 1913 година, по смртта на татко му, тој и мајка му се преселиле во Виена. Таму студирал хемија при што се стекнал со титулата доктор на науки. Во 1938 година, заедно со жена му, Веза, емигрирал во Англија. Од доцните 1960-ти, Канети живеел во Лондон и во Цирих. Умрел во 1994 година, во Цирих.[2]

Творештво[уреди | уреди извор]

Најзначајни дела на Канети се: драмата “Свадба” (1932); романот “Заслепеност” (1935); драмите “Комедија на тештата” (1952) и “Орочени” (1952); социолошко-филозофската и антрополошка студија “Маса и моќ” (1960); книгата со белешки за уметноста, религијата, историјата, моќта, антиката, смртта, времето и други теми “Записи 1942-1948” (1965); патописот “Гласовите на Маракеш, записи од едно патување” (1967); “Вториот процес, писмата на Кафка до Фелиција”(1969); втората книга со литерарно-филозофски белешки и афоризми “Записи 1949-1960” (1970); есеите “Подвоена иднина” (1972); збирката куси раскази “Прислушкувач” (1974); романот “Спасен јазик, приказна за една младост” (1977), кој претставува прв дел од неговата автобиографија; “Факел во увото, животна приказна од 1921 до 1931 година” (1980), кој претставува втор дел од неговата автобиографија итн. Неговата збирка раскази "Прислушкувач" е објавена на македонски јазик од страна на издавачката куќа "Темплум", во 2010 година.

Канети е добитник на повеќе германски книжевни награди, како што се: “Георг Бихнер”, во 1972 година; “Нели Закс”, во 1975 година; “Готфрид Келер”, во 1977 година. Во 1981 година, тој ја добил Нобеловата награда за литература.[3]

Родната куќа на Елиас Канети во Русе, Бугарија
Врвот на Канети на Антарктикот, именуван по Елиас Канети

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. nobelprize.org. „The Nobel Prize in Literature 1981“. Посетено на 8 April 2014.
  2. ”Белешка за авторот” во: Елијас Канети, Прислушкувач, Темплум, Скопје, 2010, стр. 115.
  3. ”Белешка за авторот” во: Елијас Канети, Прислушкувач, Темплум, Скопје, 2010, стр. 115-117.