Шума

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Мешана шума кај Илинска Планина

Шума — подрачје густо обраснато со дрва. Шумите покриваат 9,4% од површината на Земјата или 30% од вкупната копнена површина), но некогаш покривале 50%. Имаат значајна улога како живеалишта за организмите, како фактори во кружењето на водата и запазувачи на почвите. Со тоа, тие се меѓу најважните елементи на биосферата.

Една шума се состои од горен кат (кај крошните) и долен кат, кој потоа се дели на кат на грмушки, кат на билки и кат на мовови и почвени микроорганизми. Кај извесни посложени шуми постои и изразен меѓукат на пониски дрвја. Шумите се од огромно значење за човекот бидејќи вршат незаменливи задачи и претставуваат извор на најразновидни ресурси: складираат јаглерод, учествуваат во регулирањето на климата на планетата, ја пречистуваат водата и спречуваат природни непогоди како поплави. Во шумите се присутни цели 90% од сувоземната биоразновидност во светот.[1]

Распространетост[уреди]

Шумите се среќаваат во сите предели кајшто можат да виреат дрвја и на височина сè до шумската граница. Исклучок се местата каде природните пожари и други непогоди се пречести, или пак во средини суштински изменети со човековите активности.

Во краиштата 10° северно и јужно од екваторот претежно се карактеризира со тропска дождовна шума, а пределите помеѓу 53° СГШ и 67° СГШ имаат тајги. Шумите во кои преовладуваат скриеносемениците (широколисни шуми, лисјари) по правило се се побогати со видови отколку што се оние со четинари.

Некои шуми имаат голема разновидност на видови на мало подрачје (на пр. тропските дождовни и умерените листопадни шуми), или пак релативно малку видови на голема површина (на пр. тајгата и сувопланинските четинарски шуми). Во шумите живеат бројни животински и растителни видови, и затоа нивната биомаса по единица простор е висока во споредба со другите видови на живеалишта. Голем дел од биомасата е всушност на и под земја, во шумската простирка, и особено во навлезените изгниени материјали. Дрвенестите делови од шумата содржат лигнин, кој се разградува релативно бавно во споредба со другите органиски материи како целулозата или јаглехидратите.

Шумите се разикуваат од реткошумовитите подрачја по тоа што кај вистинските шуми, многу од дрвјата имаат преплетени или допрени гранки. Кај реткошумовитите подрачја, по правило постојат позначајни празнини помеѓу крошните на дрвата.

Шумите во Македонија[уреди]

Шумите во Македонија зафаќаат една третина од површината на земјата,[2] опфаќајќи вкупно 319 видови дрвја и грмушки со над 80 подвидови и вариетети во рамките на 119 родови и 54 фамилии, а 16% од вкупниот број на видовите се балкански ендемити или субендемити. Овие се распоредени во 81 шумска фитоценоза во состав на 31 сојуз, 11 реда и 6 класи.

Вкупната површина на шумите во земјата изнесува 1.091.857,59 ха, од кои 835.055,82 ха а се обраснати и 256.801,77 ха се необраснати (голи делови). Има и дополнителни 80.000 ха или (7,32%) за кои постојат пооскудни податоци полади малото стопанско значење. Најшумовити делови се пошироките појаси долж границите, особено во западна Македонија, додека најобесшумени се Повардарието, Овче Поле и Пелагонија. Најзастапени се листопадните шуми, поточно дабот и буката.[3]

Класификација[уреди]

Листопадна шума на Беласица во есен.

Шумите се класификуваат на различни начини, зависно од потребната описност:

  • бореални шуми (тајги) присутни во субарктичкиот појас и начелно се или зизмзелени или листопадни.
  • во умерениот појас растат како широколисни, така и иглолисни шуми (умерени лисјари, умерени иглолисни и умерени дождовни шуми).
  • тропски и суптропски шуми: влажни, суви и иглолисни.
  • според севкупната физиологија и развојна фаза, шумите можат да се поделат на прашуми и вторични шуми.
  • шумите можат да се категоризираат и поконкретно според климата и најзастапените видови, па така имаме букови, моликови, брезови и др. шуми.

Според системот на УНЕСКО, постојат 26 главни видови на шуми, зависно од климатските услови и типовите на дрвја. Сите тие можат да се стават во шест покрупни категории: умерени иглолисни; умерени широколисни и мешани; тропски влажни; тропски суви; реткодрвни и разбиени предели; и шумски насади. Подолу е опишана секоја категорија.

Умерени иглолисни шуми[уреди]

Умерените иглолисни шуми ги заземаат повисоките подрачја на северната полутопка како и високите места во извесни умеренотопли области, особено на сиромашни почви. Овие шуми се целосно (или речси целосно) составени од иглолисни дрвја (четинари). На северната полутопка тие се: борот, смреката, аришот, елата, дуглазијата и цугата, но има и други поважни таксони. На јужната полутопка, највеќето четинари (араукарии и ножноплодни) растат во мешавина со широколисни дрвја и се класификуваат како широколисни и мешани шуми.

Умерени широколисни и мешани шуми[уреди]

Умерените широколисни и мешани шуми се претежно својствени за потоплите умерени појаси, но сепротегаат и во свежите умерени краишта, особено на јужната полутопка. Вакви се мешаните листопадни шуми на САД, Кина и Јапонија, широколисните зимзелени (т.е. вечнозелени) дождовни шуми во Јапонија, Чиле и Тасманија, тврдолисните шуми во Австралија средно Чиле, во Средоземјето и во Калифорнија, како и јужнобуковите шуми на Чиле и Нов Зеланд.

Тропски влажни шуми[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Тропска влажна шума.

Постојат многу видови на тропски влажни шуми, од кои најраспространети се низиснките зимзелени широколисни дождовни шуми, како што се варзејата и игапото и сувоземните шуми на Амазонската Низина; тресетноблатна шума, двокрилноплодните шуми во Југоисточна Азија; и горските шуми во сливот на реката Конго. Тука спаѓаат и планинските шуми, кои се делат на високопланински и нископланински, зависно од разликите во физиономијата.[4]

Тропски суви шуми[уреди]

Тропските суви шуми се својствени за тропските подрачја со сушна сезона. Бидејќи врнежите се сезонски, дрвјата немаат листови неколку месеци во годината. Постојат и други услови (на пр. посиромашна почва, понепредвидливи суши) каде се јавува поголема застапеност на зимзелените видови и овие шуми се нарекуваат „тврдолисни“ (слерофитни). Сувите трнливи честаци се густи шуми со мал раст и голема густина на жилави трнливи растенија и виреат онаму каде сушите се подолготрајни и каде има тревопасни животни и брстачи. На многу сиромашна почва, особено во предели со мошне чести пожари, се јавува дрвенеста савана.

Реткодрвни предели[уреди]

Тајга кај Саранпаул во североисточниот дел на Урал. Застапени се сибирската смрча (преовладува на десниот брег), сибирскиот ариш, сибирскиот бор и белата бреза.

Реткодрвните предели се шуми чии крошни покриваат од 10% до 30% од шумското подрачје. Се јавуваат највеќе во места кајшто шумските предели преоѓаат во нешумски. Две поголеми области кајшто се јавува овој екосистем се бореалното и сезонски сувото тропско подрачје. Во високите предели, северно од бореалната растителност/тајгите, условите не се поволни за да се одржи постојаноста на дрвата, па така тие стануваат сè пооддалечени едно од друго. Ваквата вегетација се нарекува тајга, отворени лишајни шумски предели или шумска тундра. Сиромашни се со видови, а доста обраснати со мовови. Пожарите се честа појава.

Шумски насади[уреди]

Шумските насади се човечки-создадени шуми за добивање на дрвна маса и други производи. Обично се состојат од еден тип на дрво од доведен или автохтон вид. Сами по себе тие помагаат во раззеленувањето на планетата, но немаат еколошко значење за живиот свет околу себе. Постојат потфати за нивно подобрување за да се вклопат во околниот екосистем и да играат поважни улоги како одржувачи на фондот на хранливи материи, заштита на сливни подрачја, запазување на целовидноста на земјиштето (заштита од одрони) и како впивачи на јаглеродот.

Категории на шуми[уреди]

Мешана шума во Полска

Постојат 28 категории на шуми кои помагаат во претворањето на државните и регионалните системи на класификација во една глобална систематика:

Умерени и бореални типови[уреди]

Крајбрежна шума од дуглазии во северозападен Орегон, САД.
  1. зимзелена иглолисна шума — каде дрвјата се иглолисни и зимзелени.
  2. листопадна иглолисна шума — каде дрвјата се претежно иглолисни, но листопадни.
  3. мешана широколисно-иглолисна шума — со приближно рамномерна мешавина од иглолисни и листопадни дрвја (помеѓу 50:50% и 25:75%).
  4. широколисна зимзелена шума — каде дрвјата се широколисни, но зимзелени.
  5. широколисна листопадна шума — каде претежно широколисни листопадни дрвја.
  6. мочурлива шума — составена од било какви дрвја, но каде почвата е мочурлива.
  7. тврдолисна (склерофитна) сува шума – каде дрвјата се претежно тврдолисни широколисни дрва и > 75% зимзелени.
  8. реткодрвни предели — чија густина изнесува 10–30%, како онаа во степските подрачја во светот. Дрвјата можат да бидат од било кој вид (на пр. иглолисни, широколисни, палми).
  9. осиромашена природна шума — во внатрешноста има подрачја што се значајно изменети од човекот, како што е сеча за да се добие обработливо земјиште или сеча за дрвен материјал, човечки-предизвикани пожари, изведување на инфраструктурни поекти и тн.
  10. насад со егзотични (алохтони) видови — наменета за интензивно стопанисување, каде насадените дрвја се од странско (алохтоно) потекло.
  11. насад со автохтони видови — наменета за интензивно стопанисување, каде насадените дрвја се од домашно (автохтоно) потекло.
  12. *насад од неукажан тип — насади за кои има информации само за големината, но не и за типот. Во моментов се однесува само на Украина.
  13. *некласификувани податоци — насади за кои има информации само за големината но не и за типот.

Оние означени со * се однесуваат на шумските предели каде податоците не укажуваат тип (тука се водат како дополнителни категории)[5]

Тропски типови[уреди]

Дождовна шума во Полинезија.
  1. низинска зимзелена широколисна дождовна шума — на надм. вис. под 1.200 м каде дрвјата немаат сезонски карактер, и се >75% зимзелени широколисни.
  2. нископланинска шума — на надм. вис. од 1.200 до 1.800 м со дрвја од било каков вид.
  3. високопланинска шума — на надм. вис. над 1.800 м со дрвја од било каков вид.
  4. мочурлива шума — на на надм. вис. помала од 1.200 м, составена од било какви дрвја, но каде почвата е мочурлива.
  5. полузимзелена влажна широколисна шума — на надм. вис. помала од 1.200 м, каде 50–75% од дрвјата се зимзелени > 75% се широколисни, и каде цветање и давањето плодови имаат сезонски карактер.
  6. мешана широколисно-иглолисна шума — на надм. вис. помала од 1.200 м, со приближно рамномерна мешавина иглолисни и широколисни дрвја (помеѓу 50:50% и 25:75%).
  7. иглолисна шума – на надм. вис. под 1.200 м, каде дрвјата се претежно (> 75%) иглолисни.
  8. мангрови — составена од мангровска растителност, обично сместена крајбрежно или во соленикава или солена вода.
  9. листопадна/полулистопадна широколисна шума — на надм. вис. под 1.200 м, каде 50–100% of the листопадни лисјари.
  10. тврдолисна сува шума — на надм. вис. под 1.200 м, каде дрвјата се претежно тврдолисни широколисни дрва и се > 75% зимзелени.
  11. сушни трнливи шикари — на надм. вис. под 1.200 м, каде дрвјата се претежно листопадни со трње и сочни меснати делови.
  12. реткодрвни предели – чија густина изнесува 10–30%, како што се саваните. Дрвјата можат да бидат од било кој вид (на пр. иглолисни, широколисни, палми).
  13. осиромашена природна шума — во внатрешноста има подрачја што се значајно изменети од човекот, како што е сеча за да се добие обработливо земјиште или сеча за дрвен материјал, човечки-предизвикани пожари, изведување на инфраструктурни поекти и тн.
  14. насад со егзотични (алохтони) видови — наменета за интензивно стопанисување, каде насадените дрвја се од странско (алохтоно) потекло.
  15. насад со автохтони видови — наменета за интензивно стопанисување, каде насадените дрвја се од домашно (автохтоно) потекло.

Обесшумување и управување со шумите[уреди]

Недопрени целовидни шуми (зелено) наспроти останатите шумски предели во светот.

Научното изучување на шумските видови и нивниот однос со околината се нарекува шумска екологија, додека пак управувањето со шумите се нарекува шумарството. Денешниот начин на управување со шумите е методот на одржливост, следејќи ги процесите во самите шуми и внимавајќи на причинско-последичните односи во нив. Покрај еколошките, одржливото шумарство се осврнува и на социјалните и економските аспекти и делува во консултација со населението.

Човечките (антропогени) фактори што ги засегаат шумите се ексурбанизацијата, човечки-предизвиканите шумските пожари, киселите дождови, инвазивните видови, сечата и опожарувањето за добивање на обработливо земјиште и преселничкиот метод на обработка на земјата. Поради ваквите појави, шумите се делат на два типа: прашуми и вторични шуми. Постојат и низа природни фактори што придонесуваат во губиток на шумските предели како што се природните пожари, инсектите, болестите, лошите временски прилики, борба помеѓу вивдовите и друго. Во 1997 г. е утврдено дека само 20% од изворните шуми во светот имаат поголеми неуништени подрачја.[6] Над 75% од овие недопрени шуми се наоѓаат во три земји: тоа се бореалните шуми во Русија и Канада и прашумата во Бразил.

Според извештајот на Организацијата за исхрана и земјоделство на ООН од 2010 г,[7] вкупното обесшумување во светот се има намалено во последната деценија, но сепак во многу продолжува да се одвива со многу висока стапка. Во периодот од 2000 до 2010 г. степенот на обесшумување (човечко или природно) на глобално ниво бил 13 милиони хектари годишно, во однос на 16 милиони хектари годишно во 1990-тите. Во испитувањето се опфатени 233 земји и области. Најголемите губитници на шуми во деведесеттите биле Бразил и Индонезија, но тие сега бележат знчајано намалување на стапката на обесшумување. Покрај ова, во последниот период се придодадени 7 милиони хектари поради големи потфати на пошумување во Кина, Индија, САД и Виетнам, како и извесна мера на природно проширување на шумите. Поради ова, нето загубата е сведена на 5,2 милиони хектари годишно (2010), од претходните 8,3 милиони хектари во 1990-тите.

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Извештај „Жива планета“ за 2010 г.“. 2010. http://www.panda.org. конс. 19 април 2011.  (англиски)
  2. „Шумарство“. Македонска енциклопедија. (2005). Скопје: МАНУ.
  3. Соња Никчевиќ, уред (2008). „ЈП Македонски шуми : 1998-2008“. Скопје: ЈП „Македонски шуми“. ISBN 978-9989-2474-7-7. http://issuu.com/mkdsumi/docs/monografija. 
  4. S. Chape, M. Spalding, M. Jenkins books.google.co.uk The world's protected areas: status, values and prospects in the 21st century(359 pages) Univ de Castilla La Mancha, 2008 ISBN 0520246608[конс. 24 декември 2011]
  5. United Nations Environment Programme, World Conservation Monitoring Centre, Background to Forest Mapping & Data Harmonisation, конс. 20 март 2007 [1]
  6. World Resources Institute, 1998. The Last Frontier Forests: Ecosystems and Economies on the Edge
  7. FAO. 2010. Global Forest Resources Assessment 2010. Main report. FAO Forestry Paper 163. Rome, Italy

Надворешни врски[уреди]

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Шума“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).