Кружење на водата

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Kружење на водата

Кружењето на водата (воден циклус, хидролошки циклус) е процес на кружно движење на водата во Земјината биосфера. Се состои од испарување, кондензација и врнежи.

Морињата губат повеќе вода со испарување околку што добиваат со врнежите, додека на копното е сосема обратно. Водата непрестајно циркулира на земјината топка, при што вкупното количество останува непроменето.

Три четвртини од површината на земјината топка се покриени со вода. Водната обвивка на Земјата се нарекува хидросфера. Поголем дел од неа е солена вода од морињата и океаните, а помал — слатка вода од езерата, реките, ледниците, подземните води и водена пареа.

На земјата водата постои во три агрегатни состојби: течна, тврда и гасовита. Без вода е невозможно постоењето на живите организми. Кај било кој организам водата се јавува како средина во која се одвиваат хемиските реакции без кои нема живот.

Постојаната размена на влага меѓу хидросферата, атмосферата и земјината површина, која се состои од процесите на испарување, придвижување на водната пареа во атмосферата, нејзина кондензација во атмосферата, врнежи и создавање на тек, го добила името воден циклус во природата. Атмосферските врнежи делумно испаруваат, а делумно образуваат повремени и постојани водотеци и водни површини, а делумно се впиваат во почвата и ги создаваат подземните води.

Процес[уреди]

Водата во природата е во постојано движење преку процесот на размена:

  • испарува од океаните, морињата и другите водени површини во атмосферата како водена пареа која потоа формира облаци;
  • транспирира од растенијата во атмосферата;
  • врне во облик на дожд, снег и други облици од атмосферата и паѓа назад во морињата и на копното; и
  • тече по копнените површини како резултат од врнежи и топење на снег и мраз и обично стасува до морињата.

Најголемиот дел од водената пареа која се создава од океаните исто така и се враќа во океаните во облик на дожд, но ветровите разнесуваат дел од облаците над копното и таа паѓа на копното во облик на врнежи. Научниците пресметале дека од копното во морињата годишно се слеваат околу 107.000.000 км³ вода. Од тоа, 36.000.000 км³ се врнежи кои доаѓаат на копното од морињата, а 71.000.000 км³ врнежи кои доаѓаат од самото копно од испарувања и транспирација од растенијата.

Водата која ќе падне на копното потоа се собира преку помали водотеци во реки. Дел од таа вода се користи за наводнување во земјоделството.

Кружењето на водата е овозможено од сончевата енергија. 86% од вкупното испарување настанува од океаните, со што нивната температура се намалува (топлата вода се издвојува во пареа). Кога не би бил овој ефект, температурата на површината од океаните би достигнала и до 67 °C.[1]

Резервоари на вода[уреди]

Вкупното количество на вода на Земјата изнесува околу 1.360.000.000 км³. Во однос на кружењето на водата, резервоари претставуваат местата кајшто водата се задржува во текот на кружењето. Најголем резервоар се океаните, кајшто постојано се наоѓаат околу 97% од водата на Земјата. Следни се глечерите и ледените прекривки (2%), а сите други резервоари содржат многу мали количества на вода. Најмал резервоар на вода се живите суштества - иако тие во голем дел се изградени од вода.

Во табелата се претставени главните резервоари на вода во природата.

Волумен на вода складиран во
резервоарите на кружењето
[2]
Резервоар Волумен на вода
(106 км³)
Проценти
од вкупното
Океани 1370 97,25
Ледени прекривки и глечери 29 2,05
Подземни води 9,5 0,68
Езера 0,125 0,01
Влага во почвата 0,065 0,005
Атмосфера 0,013 0,001
Потоци и реки 0,0017 0,0001
Биосфера 0,0006 0,00004

Наводи[уреди]

  1. Океанографија: Водениот циклус - НАСА, пров. 24 октомври 2006 (англиски)
  2. Гл. 8: Вовед во хидросферата - PhysicalGeography.net, пров. 24 октомври 2006 (англиски)