Дрво (растение)

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Стебло на секвоја

Дрвото е повеќегодишно цврсто растение со многу разграноци извишени над земјата што стојат на стебло.[1] Некои стручњаци определуваат минимална висина, која се движи од 3 м[2] до 6 м;[3], додека пак некои даваат минимален пречник на стеблото од 10 см (обиколка од 30 см).[4] Дрвнеестите растенија што не го задоволуваат критериумите бидејќи имаат повеќе стебла и/или низок раст се нарекуваат грмушки, иако постојат многу дрва што не ги задоволуваат тие критериуми. Во споредба со највеќето други растенија, дрвата живеат значително подолго - некои достигнуват старост од неколку илјади години и висина од 115 м.[5]

Дрвата се важен дел од природните предели бидејќи спречуваат одрон на земјиштето и овозможуваат постоење на екосистеми кои се заштитени од временските прилики под нивните лисја. Играат важна улога и во производството на кислород, ја намалуваат содржината на јаглерод диоксид во атмосферата и ја регулираат температурата на почвата. Исто така претставуваат важни елементи во пејзажното уредување и земјоделството, како од естетски, така и од стопански причини (на пр. во овоштарството). Дрвниот материјал има големо значење во градежништвото и како извор на енергија (гориво). Дрвата фигурираат во митологијата и народните преданија на најразлични култури.[6]

Класификација[уреди]

Дрвото како растителен облик се јавува во голем број на редови и фамилии. Највеќето денешни дрва се цветни растенија (скриеносеменици) и четинари. Растат во најразлични облици, со разни видови листови, кори и органи за размножување.

Како облик, дрвата еволуирале во посебни класи, независно едно од други, како реакција на слични промени во животната средина, и како такви се класичен пример на паралелна еволуција. На светот постојат околу 100.000 видови дрва, што претставува 25% од сите видови растенија.[7] Најголем број на видови виреат во тропските региони и сè уште не ѝ се доволно познати на ботаниката.[8] Првите дрволики организми биле дрвенестите папрати, пршликите и пречицовидните, кои растеле во шуми во периодот карбон, но овие растенија се прадрва, а не вистински дрва, бидејќи немале дрвенести ткива. Вистинските дрва се развиле во периодот тријас, кога се јавиле класите со дрвенесто ткиво како четинарите, гинката, цикасовите и другите голосеменици. Во периодот креда се појавиле и цветните растенија во облик на дрва.

Мала група дрва се нарекува шумјак или забел, а поголемо подрачје густо обраснато со дрва се нарекува шума. Неколку биотопи во природата зависат од дрвата што виреат во тоа подрачје. Вакви примери се дождовната шума и тајгата. Пошироките предели каде дрвата се поретки, а меѓу нив доминираат тревнати површини се нарекуваат савани. Шумата со голема старост се нарекува прашума.

Морфологија[уреди]

Хиперион“ - највисокото дрво во светот

Дрвото ги има следниве делови: корења, стебло, гранка, ластегарки и листови. Стеблото се состои главно од потпорно и преносно ткиво (ксилем и флоем). Дрвниот материјал има ксилемски клетки, а кората е сочинета од флоемски и други ткива кои не се поврзани со васкуларниот комбиум. Дрвата можат да бидат егзогени и ендогени, зависно од начинот на кој се зголемува пречникот на стеблото. Егзогените дрва, каде спаѓаат највеќето (сите четинари и речиси сите широколисни дрва) растат со придодавање на нов слој, веднаш под кората. Ендогените пак, кои се главно монокотиледонски (на пр. алоето и дракената), растат со придодавање на материјалот во облик на засебни снопови во рамките на постоечкото стеблено ткиво.

Родовите и видовите на дрвата се препознаваат по нивниот облик, особеностите на кората, листовите, цветовите и плодот. Листовите можат да бидат листопадни или зимзелени.[2][3]

При растот, егзогените дрва образуваат годови, кои се прстени од дрвен материјал што нараснуваат на постоечкото ткиво. Видовите што растат во деловите од светот каде има разни годишни времиња имаат годови со разни нијанси и тврдини.[3] Во умерените појаси и тропските појаси со по една промена „суво-влажно“, годовите се создаваат во текот на една година (пар од посветол и потемен прстен). Во подрачјата со две суви и две влажни сезони, годината ја претставуваат два пара од светли и темни прстени. Во полупустинските региони со нередовни врнежи, годовите растат по секој дожд.[9] Во тропските дождовни шуми со рамномерни временски услови годовите не се видливи и дрвото има една боја. Годовите се показател за староста на дрвото, која се утврдува со нивно броење (дендрохронологија), но кај тропските дрва ова е неизводливо поради отсуството на забележливи годови, а истото важи и за ендогените дрва.

Корењата на дрвото се главно под земја, закотвувајќи ја надземната биомаса и служат за впивање на вода и хранливи состојки од почвата. Иако корењата се од суштинска важност за растот на дрвото, над 90% од биомасата е производ на јаглерод диоксидот што дрвото го прима од атмосферата (вид. фотосинтеза).[10] Над земјата, стеблото ги извишува гранките со лисја, со што дрвото се натпреварува со околните растенија за што повеќе сончева светлина. Кај многу дрва, гранките се така распоредени за да се добие најголема можна изложеност на сонце.

Знаменити дрва[уреди]

Најзнаменитите дрва во светот се рекордери во извесна класа. Ова може да биде висина, пречник или обиколка на стеблото, севкупна големина и возраст.

Највисоко
  1. секвоја (Sequoia sempervirens): 115,56 м, примерок: „Хиперион“ во националниот парк Редвуд, Калифорнија, САД[11]
Поглед кон крошната на дрвото.
Најдебело
  1. мексикански барски чемпрес (Taxodium mucronatum): 11,62 м, примерок: „Арбол дел Туле“ во Санта Марија дел Туле, Оахака, Мексико.[12] Тука се вклучени и потпорните делови при основата на дрвото; фактичкиот идеализиран пречник би изнесувал 9,38 м.[12]
Најголемо
  1. џиновска секвоја (Sequoiadendron giganteum): 1.487 м³ (зафатнина), примерок: „Генерал Шерман“.
Најстаро
  1. долговечен бор (Pinus longaeva), примерок „Метузалем“: 4.844 години[13]

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Huxley, A., ed. (1992). New RHS Dictionary of Gardening. Macmillan ISBN 0-333-47494-5.
  2. 2,0 2,1 Rushforth, K. (1999). Trees of Britain and Europe. Collins ISBN 0-00-220013-9.
  3. 3,0 3,1 3,2 Mitchell, A. F. (1974). A Field Guide to the Trees of Britain and Northern Europe. Collins ISBN 0-00-212035-6
  4. Utkarsh Ghate. Field Guide to Indian Trees, introductory chapter: Introduction to Common Indian Trees“ (RTF). http://home.att.net/~spiderhunters/attachments/trintro.rtf. конс. 25 јули 2007. 
  5. Gymnosperm Database: Sequoia sempervirens
  6. Going Out On A Limb With A Tree-Person Ratio, Morning Edition, National Public Radio. 12 ноември 2008.
  7. „TreeBOL project“. http://www.talkbx.com/2008/05/02/scientists-to-capture-tree-dna-worldwide/#more-835. конс. 11 јули 2008. 
  8. Friis, Ib, and Henrik Balslev. 2005. Plant diversity and complexity patterns: local, regional, and global dimensions : proceedings of an international symposium held at the Royal Danish Academy of Sciences and Letters in Copenhagen, Denmark, 25–28 мај 2003. Biologiske skrifter, 55. Copenhagen: Royal Danish Academy of Sciences and Letters. стр 57-59.
  9. Mirov, N. T. (1967). The Genus Pinus. Ronald Press.
  10. „Jonathan Drori on what we think we know | Video on“. Ted.com. http://www.ted.com/index.php/talks/jonathan_drori_on_what_we_think_we_know.html. конс. 18 октомври 2010. 
  11. „Gymnosperm Database: Sequoia sempervirens. http://www.conifers.org/cu/se/index.htm. конс. 10 јуни 2007. „Hyperion, Redwood National Park, CA, 115.55 m“ 
  12. 12,0 12,1 Gymnosperm Database: Taxodium mucronatum
  13. Gymnosperm Database: How Old Is That Tree?. проверено на 17 април 2008

Надворешни врски[уреди]