Растителна заедница

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Фитоценоза)

Растителна заедница или фитоценоза[1] — збир раститенија кој се одликува со еднороден видов состав, кој е одреден пред сè од условите на стаништето и односите на таа заедница со останатите заедници од животната средина и е способна за самостојно постоење.

Шумска растителна заедница.

Растителната заедница се јавува како условен поим поради две причини. Прво, една растителна заедница не може реално да постои доколку не заемодејствува со другите составни делови на биогеоценозата — зооценоза, микробоценоза, биотоп; и второ, според денешната широко распространета концепција на континуитет на растителната покривка, не постојат групации (заедници) од растенија. Имено, ова тврдење се основа на индивидуалистичката хипотеза, разработена од страна на рускиот научник Леонтиј Раменски и американскиот научник Хенри Глисон. Според оваа хипотеза, секој вид е специфичен во однос на своите еколошки особености (односи со животната средина) и поседува еколошка валенца (амплитуда) која не се совпаѓа целосно со валенцата на другите видови (видот е распространет "индивидуалистички"). Секоја заедница се состои од видови чии еколошки амплитуди се испреплетуваат во дадените услови на средината. При измена на било кој чинител или група на чинители, постепено се намалува абунданцијата (обилноста, бројноста), при што исчезнуваат едни видови, а се појавуваат други, чија абунданција се зголемува. На овој начин се остварува преод од еден тип на растителна заедница во друг. Како резултат на специфичноста (индивидуалноста) на еколошката амплитуда на секој вид, овие преоди не се одвиваат синхроно, така што при постепената измена на животната средина, растителноста исто така се изменува постепено. Поради овој образец, растителните заедници не образуваат јасно определени единици, туку се поврзуваат со претходните заедници во постојано варирачки систем.

Растителната заедница во системот на организација на живата материја[уреди | уреди извор]

Ваквата заедница е само една составница на биоценозата, заедно со зооценозата и микробоценозата. Биоценозата во содејство со условите на абиотичката средина (биотоп, кој се состои од едафотоп и климатоп) образува биогеоценоза. Растителната заедница се јавува како централен, водечки елемент на биогеоценозата, бидејќи го преобразува првичниот екотоп и создава ценотичка средина каде опстојуваат живите организми, но се јавува и како прва алка во кружењето на енергијата. Од растителноста зависат својствата на почвата, микроклимата, составот на живиот свет, а со тоа и особеностите на биогеоценозата — биомаса, биопродуктивност итн.

Во составот на растителната заедница влегува ценопопулацијата, која претставува севкупност на единките од еден вид во рамките на дадена растителна заедница. Ценопопулациите на еден вид имаат различни особености во различни растителни заедници.

Чинители на организација на растителната заедница[уреди | уреди извор]

Чинителите на организација на растителната заедница можат условно да се поделат на четири групи: особености на средината, заемни односи помеѓу растенијата, влијанието на хетеротрофите врз растителноста и нарушувања. Последните три групи на чинители ја определуваат состојбата и особености на видовата ценопопулација во растителните заедници.

Екотопот се јавува како главен чинител во организацијата на растителните заедници, иако тој може да биде трансформиран во значителна мерка од страна на биотичките влијанија на растенијата или, пак, од различни нарушувања. Во абиотички чинители кои влијаат на организацијата на заедницата припаѓаат:

  • климатски (светлина, топлина, влажност на воздухот итн.);
  • едафски (гранулометрички и хемиски состав, влажност, порозност, воден режим и други својства на почвата);
  • топографски (услови на релјефот).

Заемните односи помеѓу растенијата кои покажуваат влијание врз структурата на растителната заедница можат да се поделат на вертикални (односи помеѓу растенијата на различни трофички нивоапаразитизам и полупаразитизам) и хоризонтални (помеѓу растенијата на едно трофичко ниво). Меѓу последните односи се вбројуваат:

  • конкурентски односи;
  • неконкурентски односи (растенијата можат на најразлични начини да дејствуваат на средината, и тоа преку затемнување, исушување, задебелување на почвената покривка итн., а преку тоа да влијаат на составот и структурата на заедницата). Помеѓу останатите единки на растителната заедница се издвојуваат едификаторите кои покажуваат одредено дејство врз организацијата на растителната заедница (на пример, дабот во дубравите);
  • алелопатија (растенијата дејствуваат меѓусебно со излачување на определени супстанци);
  • полезни заемодејства (малку проучена форма на земодејство, која се толкува како "заемна помош" помеѓу растенијата);
  • влијанија на лијаните и епифитите.

Хетеротрофите влијаат на најразлични начини врз организацијата на растителната заедница. Влијанието на животните се огледа во гризењето и јадењето на растенијата, распространувањето на семињата, изменување на стеблата и круните на дрвјата, риење на почвата, збивање на почвата итн. Микоризните габи ги снабдуваат растенијата со потребни минерални материи и вода и ја зголемуваат можноста за навлегување на патогени организми. Бактериите−азотофиксатори ги снабдуваат растенијата со азот. Некои други бактерии, но и вирусите, можат да се јават како сериозни патогени.

Нарушувањата, како од антропогено, така и од природно потекло, можат во целост да ја преобразат растителната заедница. Нарушувањата се јавуваат во вид на пожари, сеча, испаша, рекреација и друго. Преобразената растителна заедница се приспособува за опстанок во променетите услови на средината. Активноста на човекот довела до создавање на растителни заедници кои порано не постоеле во природата (на пример, заедници на подлоги со токсични отпадоци од индустријата).

Структурни елементи на растителната заедница[уреди | уреди извор]

Растителната заедница се состои од неколку структурни елементи. Се разликува хоризонтална и вертикална структура на растителната заедница. Вертикалната структура е претставена од катови: прв кат на дрвја, втор кат на дрвја, надпочвен кат, кат на лишаи и мовови, кат на подлогата итн. Бројот на катови може да биде различен. Развојот на растителната заедница оди во правец на зголемување на бројот на катови, што доведува до ослабување на конкуренцијата помеѓу видовите. На пример, во старите шуми од умерениот појас на Северна Америка, бројот на катови (8−12) е поголем, додека во аналогните помлади шуми на Евроазија тој е помал (4−8).

Хоризонталната структура на растителната заедница се образува благодарение на распоредот на дрвјата (под чии крошни се формира средина нешто поразлична од онаа во околното пространство), нееднородноста на релјефот (што условува измена на текот на подземните води и различна експозиција), видовата особеност на некои растенија (кои се размножуваат вегетативно и образуваат едновидни "петна" или "дамки"), активноста на животните (на пример, формирање на рудерална растителност по испаша).

Закономерно повторувачките петна (мозаици) во растителната заедница, кои се разликуваат по видовиот состав или по количествениот однос, се нарекуваат микрогрупации (Јарошенко, 1961), а таквата растителна заедница е мозаична.

Нееднородноста може да има и случаен карактер.

Основни особености на растителната заедница[уреди | уреди извор]

Тоа се: видов состав, разнообразие, еколошка структура, спектар на животни форми.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „фитоценоза“ — Лексикон на македонскиот јазик

Надворешни врски[уреди | уреди извор]