Бајројт

Од Википедија — слободната енциклопедија
Бајројт
Градски плоштад
Градски плоштад
Градски плоштад
Грб на Бајројт
Бајројт во рамките на Германија
Бајројт
Управа
Земја Германија
Покраина Баварија
Адм. подрач. Горна Франконија
Округ Урбан округ
Надградоналачник Бригите Мерк-Ербе (BG)
Основни податоци
Површина 66,92 км2
Надм. височина 340 м
Население 74.048 (31 декември 2020)[1]
 - Густина 1.107 жит/км2
Други информации
Часовен појас CET/CEST (UTC+1/+2)
Рег. табл. BT
Пошт. бр. 95401–95448
Повик. бр. 0921, 09201, 09209
Портал www.bayreuth.de
Местоположба на градот Бајројт во рамките на округот урбан округ
Карта
Карта
Координати 49°56′53″N 11°34′42″E / 49.94806° СГШ; 11.57833° ИГД / 49.94806; 11.57833Координати: 49°56′53″N 11°34′42″E / 49.94806° СГШ; 11.57833° ИГД / 49.94806; 11.57833

Бајројт (германски: Bayreuth) — познат град во северна Баварија, Германија, во долината на реката Црвена Мајна, меѓу Франконска Јура и Фихтелските Планини. Градот датира од 1194 година, а денес е главен град на Горна Франконија. Тој е познат во светот по Бајројтскиот фестивал од XIX век, кој и денес се одржува секоја година, а се прикажуваат опери на германскиот композитор Рихард Вагнер.

Историја[уреди | уреди извор]

среден век[уреди | уреди извор]

Бајројт околу 1900

Се верува дека градот е основан од страна на грофовите Андекс, најверојатно околу средината на XII век,[2] но првпат се споменува како Бајеруте (Baierrute) во 1194 година, во еден документ на епископот Отон II од Бамберг. Слогот -руте (гер. -rute) може да значи „расчистување”, додека Бајер (гер. Baier-) укажува на доселеници од подрачјето на Баварија.

Веќе споменати порано, некои села подоцна биле споени во Бајројт: Зојлбиц (Seulbitz) во 1035 година бил наречен кралски имот на Зилевице во документот на царот Конрад II) и Санкт Јоханис (од 1149 година познато и како Алтентребгаст (Altentrebgast). Дури и областа кај стариот град, западно од центарот на градот мора да е постар од самиот град Бајројт. Постари траги на човечко присуство биле пронајдени во населбите Мајернберг: парчиња керамика и дрвени садови кои датираат од IX век, врз основа на нивното украсување.[3]

Бајројт претходно (во 1199 година) бил нарекуван село, а терминот „Civitas” (град) се појавил за првпат во еден документ објавен во 1231 година. Се претпоставува дека на Бајројт му се доделени градските права меѓу 1200 и 1230 година. Со градот владеела династијата Андекс до 1248 година. По нивната смрт во 1260 година, грофовите од Нирнберг од династијата Хоенцолерн го презеле владеењето. Меѓутоа, првично престолот и центарот на територијата бил во замокот Пласенбург во Кулмбах. Градот Бајројт се развивал бавно и повторно бил подложен на катастрофи.

Уште во 1361 година, царот Карло IV му дал право на Фридрих V да кова пари за градовите Бајројт и Кулмбах.

Бајројт првпат е ставен на мапа во 1421 година.

Во февруари 1430 година, Хуситите го уништиле градот Бајројт и градското собрание, а црквите биле срамнети со земја. Матхојс Меријан го опишал овој настан во 1642 година на следниов начин: „Во 1430 година, Хуситите од Бохемија нападнаа / Кулмбах и Бареут / и извршија големи сурови дела / како диви животни / против обичните луѓе / и одредени поединци. / Свештениците / монасите и монахињите беа изгорени на клада / или ги однесоа врз мразот на езерата и реките / (во Франконија и Баварија) и ги полеваа со ладна вода / ги убија на непристоен начин / како што Борек изјави во хрониката „Бохемија”, страница 450“ ((Извор: Frühwald (Hg.): Fränkische Städte und Burgen um 1650 засновано на текстови и гравури од Меријан, Sennfeld 1991.)

Од 1528 година, помалку од десет години од почетокот на реформацијата, господарите на териториите на франконските грофовии и војводства се преобратиле во лутеранска вера.

Во 1605 година, голем пожар предизвикан од небрежност, уништил 137 од 251 куќи во градот. Во 1621 година, избувнала чума, а во 1621 година имало уште еден голем пожар во градот. Градот исто така, многу претрпел во текот на Триесетгодишната војна.

Пресвртна точка во историјата на градот дошла во 1603 година, кога грофот Кристијан, син на изборниот кнез Јохан Георг Бранденбург, ја преместил аристократската резиденција од замокот Пласенбург над Кулмбах во Бајројт. Првата палата Хоенцолерн била изградена во 1440-1457 година под водство грофот Јохан. Таа била претходник на денешниот стар замок (Altes Schloss), кој многупати бил прошируван и реновиран. Развојот на новиот главен град стагнирал поради Триесетгодишната војна, но потоа многу познати барокни згради биле изградени во градот. По смртта на Кристијан во 1655 година, го наследил неговиот внук Кристијан Ернст, кој владеел од 1661 до 1712 година. Тој бил образуван и шетан човек, чиј учител бил државникот Јоаким Фридрих фон Блументал. Тој ја основал христијанската граматичка школа „Ернестинум”, а во 1683 година, учествувал во ослободувањето на Виена, која била опколена од Турците. За да го одбележи тој подвиг, изградил фонтана, како споменик на кој е претставен како победник над Турците, која сега се наоѓа пред новиот замок (Neues Schloss). Во тоа време биле изградени надворешните ѕидини црквата во замокот (Schlosskirche).

XVII век[уреди | уреди извор]

Маркгрофовска оперска куќа

Неговиот наследник, принцот и подоцна „маркгроф“, Георг Вилхелм, во 1701 година започнал да го гради својот замок во тогашниот независен град Санкт Георген ам Зе (денес, округ во градот), т.н. Орденшлос (Ordenschloss), со градско собрание, затвор и мала касарна. Во 1705 година, тој го основал редот на Искреноста (Ordre de la Sincérité), кој во 1734 година бил преименуван во Орден на Црвениот Орел и изградил манастирска црква, која била завршена во 1711 година. Во 1716 година е основана кнежевска фабрика за порцелан во Санкт Георген.

Првиот замок во паркот Ермитаж бил изграден за време на маркгрофот Георг Вилхелм (1715-1719 година).

Во 1721 година, градскиот совет ја стекнал палатата на бароницата Шпонхајм (денес старото градско собрание или Altes Rathaus) како замена за градското собрание изградено во 1440 година среде главниот плоштад, кое подоцна било уништено во пожар.

Во 1735 година е основан старечкиот дом (Gravenreuth Stift) од приватно здружение во Санкт Георген. Цената на зградата ги надминала средствата на здружението, но во изградбата помогнал и маркгрофот Фридрих.

Бајројт ја доживува својата златна ера за време на владеењето на маркгрофот Фридрих (1735-1763) и неговата сопруга Вилхемина Бајројтска (омилената сестра на Фридрих Велики). Во тоа време, под раководство на дворските архитекти, Јозеф Сен-Пјер и Карл фон Гонтард, биле создадени бројни ексклузивни и знаменити згради: Маркгрофската оперска куќа со нејзиниот раскошно украсен театар (1744-1748), Новиот замок и храмот „Сонце“ (1749-1753) во паркот Ермитаж, новата палата со градина (1754 година), ја заменила старата палата која била запалена поради негрижата на маркгрофот и прекрасниот ред на згради на денешната улица Фридрих. Имало дури и уникатна верзија на рококо архитектонскиот стил, т.н. Бајројт рококо, кој се употребувал во споменатите објекти, особено во внатрешниот дизајн.

Старите мрачни порти биле срушени, бидејќи го попречувале сообраќајот и биле застарена форма на одбрана. Ѕидините биле изградени насекаде. Маркгрофот Фридрих успешно го сочувал своето кнежевство од војните, кои се воделе од страна на неговиот шура, Фридрих Велики во тоа време, а како последица на ова донел мир во Франконија.

Улица Фридрих (Friedrichstraße)

Во 1742 била основана Академијата Фридрих, која станала Универзитет во 1743 година, но по сериозните немири и поради несакани реакции на населението, бил преместен во Ерланген. Универзитетот останал таму сè до денес. Од 1756 до 1763 година била отворена Академијата на науките и уметностите.

Римокатолиците дале право да се формира молитвена соба и со тоа еврејските семејства повторно се населиле тука. Во 1760 година била отворена синагогата, а во 1787 година и еврејските гробишта.

Грофицата Вилхемина починала во 1758 година, но иако маркгрофот Фридрих повторно се оженил, бракот бил краткотраен и без потомство. По неговата смрт во 1763 година, многу уметници и занаетчии се преселиле во Берлин и Потсдам, да работат за кралот Фридрих Велики, бидејќи наследникот на Фридрих, маркгрофот Фридрих Кристијан малку се разбирал во уметноста. Исто така, недостигот на средства се должел на раскошниот начин на живот на неговиот претходник, а и зградите и платите на главно странските уметници голтале многу пари. На пример судот - кој за време на Георг Фридрих Карл броел околу 140 членови - се зголемил на околу 600 вработени до крајот на владеењето на маркгрофто Фридрих. Во 1769 година, кнежевството било блиску до банкрот.

Во 1769 година, маркгрофот Карл Александар, од линијата Ансбах на франските Хоенцолерни, наследник на бездетниот Фридрих, го свел Бајројт на втора резиденција. Карл Александар продолжил да живее во Ансбах и ретко доаѓал во Бајројт.

Во 1775 година, езерото Бранденбург (Brandenburger Weiher) во Санкт Георген било исушено.

По абдикацијата на последниот маркгроф, Карл Александар, од кнежевствата на Ансбах и Бајројт на 2 декември 1791 година, неговите територии станале дел од Прусија. Прускиот министер Карл Август фон Харденберг го презел администрирањето на почетокот на 1792 година.

Центарот на градот сè уште има типична структура на баварски плоштад: околу патот е направен плоштад, а градското собрание е сместено на средина. Покрај неа се наоѓа црквата, а на мал рид стои замокот. Некои шеесет години подоцна, градот (кој во тоа време бил мало село) станал подреден на државата Хоенцолерн, а кога оваа држава била поделена, Бајројт завршил во грофовијата Кулмбах.

XIX век[уреди | уреди извор]

Во 1804 година, писателот Жан Пол Рихтер се преселил од Кобург во Бајројт, каде живеел сè до неговата смрт во 1825 година.

Владеењето на династијата Хоенцолерн со кнежевството Кулмбах-Бајројт завршило во 1806 година по поразот на Прусија од страна на наполеонска Франција. За време на француската окупација (1806-1810) Бајројт станал провинција во рамките на Француското царство и морал да плаќа високи воени придонеси. Тој бил ставен под управа на грофот Камил де Турнон, кој направил детален попис имотите на поранешното кнежевство Бајројт. На 30 јуни 1810 година француската армија го предала поранешното кнежевство на тогашното кралство Баварија, која го купила од Наполеон за 15 милиони франци. Бајројт станал главен град на баварскиот округ Мајна, кој подоцна бил преименуван во Горна Мајна, за конечно да биде именуван како Горна Франконија.

Кога во Баварија била отворена железницата, главната линија од Нирнберг до Хоф поминувала покрај Бајројт, преку Лихтенфелс, Кулмбах и Нојенмаркт-Вирсберг до Хоф. Во Бајројт првпат била пуштена железницата во 1853 година, кога била изградена железницата Бајројт-Нојенмаркт-Нирнберг, а која била изградена со средства на градот. Потоа во 1863 година следеле линиите до Вајден, во 1877 година до Шнабелвајд, во 1896 година до Варменштајнах, во 1904 година до Холфелд и во 1909 година преку Турнау до Кулмбах.

На 17 април 1870 година, Рихард Вагнер го посетил Бајројт, бидејќи чул за Маркгрофовската оперска куќа, чија голема сцена се чинела тамам за неговите дела. Сепак, делот за оркестар не можел да се приспособи на големиот број потребни музичари; на пример, за „Прстенот на Нибелунзите“ амбиентот на публиката се чинел несоодветен за неговото дело.[4] Така, тој си дал за задача да изгради своја фестивалска сала во Бајројт. Градот го поддржал во овој проект и му доделил парче земја на располагање, неразвиена област во непосредна близина од центарот на градот. Во исто време, Вагнер стекнал сопственост над областа Хофгартен, каде планирал да ја изгради својата куќа. На 22 мај 1872 година бил поставен камен-темелник за фестивалската сала и на 13 август 1876 година била отворена. Планирањето и изградбата биле во рацете на архитект од Лајпциг, Ото Бриквалд, кој веќе го докажал талентот во проектирање на театралните згради во Лајпциг и Алтенбург.

Во 1886, во Бајројт починал композиторот Франц Лист, додека бил во посета на својата ќерка Косима Лист, вдовицата на Вагнер. Обајцата, Лист и Вагнер, се закопани во Бајројт, но Вагнер не умрел таму. Тој починал во Венеција во 1883 година, но неговото тело го донело неговото семејство во Бајројт.

XX век[уреди | уреди извор]

Вајмарска Република[уреди | уреди извор]

Пари од 1920 т.е. бонови за 25 фенинзи
Пари од 1923 т.е. бонови за милион марки

Новиот век донел неколку новини на современата технологија: во 1892 година биле поставени првите електрични улични светилки; во 1908 година била изградена општинската електрана, а подоцна во истата година било отворено и првото кино.

Во 1914-15 година, еден дел од северниот крак на реката Црвена Мајна бил исправен и проширен, откако областите долж реката биле поплавени во 1909 година.

Откако завршила Првата светска војна, Советот на работници и војници на кратко ја презел власта во Бајројт. На 17 февруари 1919 година, имало тридневен државен удар, т.н. „Speckputch“, краток период на немири во инаку прилично мирниот град.

На 30 септември 1923 година, нацистичката партија во Бајројт организирала серии народни и националистички движења под името „Германски денови“. Иако министерот за одбрана го забранил учеството на војници од Рајхсвер, на настанот присуствувале повеќе од 5.000 воени и цивилни лица (еднакво на 15% од сите жители). Меѓу гостите биле градоначалникот Алберт Прој, како и Зигфрид и Винифред Вагнер, кои го поканиле Адолф Хитлер во нивната куќа, палатата Ванфрид. Таму тој се сретнал со писателот Хјустон Стјуард Чемберлен, зетот на Рихард Вагнер и теоретичар на антисемитизмот. Исто така, на тој ден Ханс Шем за првпат се сретнал со Хитлер.

Во 1932 година, окрузите Горна и Долна Франконија биле споени и Ансбах бил избран како нивно седиште. Како мала компензација, во Бајројт се сместила државната осигурителна компанија за Горна и Долна Франконија. За разлика од спојувањето на окрузи, спојувањето на осигурителната компанија никогаш не било повторно вратено.

Нацистички период[уреди | уреди извор]

Со оглед на тоа дека бил засолниште на десничарските партии уште од 1920 година, Бајројт станал центар на нацистичката идеологија. Во 1933 година, тој бил главен град на нацистичкиот гау (округ) Баварски Остмарк (од 1943 Гау Бајројт). Нацистичките водачи често го посетувале фестивалот на Вагнер и се обидувале да направат нацистички модел од градот Бајројт. Тој бил еден од неколкуте места во кое градското планирање било спроведувано директно од Берлин, а тоа се должи на посебниот интерес на Хитлер за градот и за фестивалот. Хитлер ја обожавал музиката на Рихард Вагнер и станал близок пријател на Винифред Вагнер, откако ја презела функцијата на фестивалот. Хитлер често присуствувал на настапите на Вагнер во бајротската фестивалска сала.

Бајројт требало да го добие т.н. Гауфорум, комбинирана владина зграда и плоштадот на маршот, изграден за да го симболизира центарот на моќта во градот. Првиот водач на Бајројт бил Ханс Шем, кој бил на чело на национал-социјалистичката лига на наставниците, која се наоѓала во Бајројт. Во 1937 година, градот бил поврзан со новиот автопат.

Под нацистичката диктатура, синагогата на еврејската заедница била осквернавена и ограбена за време на Кристината ноќ, но поради близината на Операта не била разрушена. Во внатрешноста на зградата, која сè уште се користи од еврејската заедница како синагогата, плочата до местото на Тората потсетува на прогонот и убиството на Евреите во Холокаустот; само во Бајројт биле убиени најмалку 145 Евреи.[5][6]

За време на Втората светска војна, седиштето на концентрациониот логор Флосенбург бил во градот,[7] во кој затворениците морале да учествуваат во физички експерименти за Фау-2. Виланд Вагнер, внук на композиторот Рихард Вагнер, бил заменик цивилен дитектор од септември 1944 до април 1945 година. Непосредно пред крајот на војната, делови на Народниот суд биле сместени во градот.

На 5, 8 и 11 април 1945 година, околу една третина од градот, вклучувајќи многу јавни згради и индустриски објекти, како и 4.500 куќи биле уништени од тешките воздушни напади. На 14 април, американската војска го освоила градот.

Повоен период и обнова[уреди | уреди извор]

По војната, Бајројт се обидел да се оддели од своето несреќно минато. Тој станал дел од американската зона. Американската воена влада поставила камп за раселените лица, со што им излегла во пресрет на овие загрозени лица. Повеќето од нив биле од Украина. Кампот бил надгледуван од Обединетите нации.

Вдомувањето се одвивало многу тешко: имало околу 55.000 жители во градот, многу повеќе од пред војната. Овој пораст се должел на големиот број бегалци. Дури и во 1948 година биле избројани повеќе од 11.000 бегалци. Бидејќи многу домови биле уништени во војната, илјадници луѓе живееле во привремени засолништа, па така за овие потреби бил обезбеден и ресторанот во Фестивалската сала.[8]

Во 1945 година, 1.400 луѓе биле регрутирани од страна на градскиот совет за „основни работи“ (расчистување на оштетените објекти и чистење на патиштата).

И културниот живот наскоро се вратил на вистинскиот пат: Во 1947 година, биле одржани фестивалските недели на Моцарт во Оперската куќа, од кои се развиле Франкониските фестивалски недели. Во 1949 година, фестивалската сала за првпат повторно почнала да се употребува, а таму бил отворен гала-концерт со Виенската филхармонија, предводена од Ханс Кнапертсбуш. Во 1951 година, се одржал првиот повоен фестивал на Рихард Вагнер, под водство на Виланд и Волфганг Вагнер.

Во 1949 година, Бајројт повторно станал седиште на владата на Горна Франконија.

По војната бил уништен значителен број на историски објекти и градби.

Во 1971 година, парламентот на покраината Баварија одлучил да го основа Универзитетот Бајројт, а на 3 ноември 1975 година, почнале да се одржуваат предавања и истражувања. Денес 10.000 студенти живеат во градот.

Во мај 1972 година се случила тешка сообраќајна несреќа на фолклорниот фестивал, кога преполн вагон на тобоган излетал од шините и неколку луѓе излетале. Четворица загинале, а пет биле посериозно повредени. Тогаш, тоа било најлоша несреќа по Втората светска тојна.

Во 1999 година се одржала Светското првенство во параглајдерство на општинскиот аеродром.

XXI век[уреди | уреди извор]

Во 2006 година, Бајројт го избрал првиот градоначалник од редовите на CSU, адвокатот Михаел Хол, а во 2007 година бил оформен „Младинскиот парламент“, кој се состоел од 12 члена на возраст од 14-17 години. На крајот на октомври било одбележано отворањето на долго планираната автобуска станица и околните згради на новосоздадениот плоштад Хоенцолерн (Hohenzollernplatz).

Рихард Вагнер и Бајројт[уреди | уреди извор]

Домот на семејството Вагнер, Хаус Ванфрид.

Градот е прочуен по неговата поврзаност со композиторот Рихард Вагнер, кој живеел во Бајројт од 1872 година, па сè до неговата смрт во 1883 година. Вилата на Вагнер, „Ванфрид“ била изградена во Бајројт под покровителство на баварскиот крал Лудвиг II, а по Втората светска војна била пренаменета во музеј посветен на Вагнер. На север од Бајројт се наоѓа фестивалската сала, специјално изградена оперска куќа, посветена исклучиво за изведување на оперите на Вагнер. На премиерите на последните две дела од циклусот Вагнер „Зигфрид“ и „Самрак на боговите“.

Секое лето се одржуваа едномесечен фестивал во чест на Рихард Вагнер во фестивалската сала, познат како „Бајројтски фестивал“. Фестивалот секоја година привлекува илјадници луѓе и постојано неговите билети се распродадени, па така во моментов списокот на чекање се протега на 10 или повеќе години.

Благодарение на добриот однос на Вагнер со тогаш непознатиот филозоф Фридрих Ниче, првиот фестивал во Бајројт се наведува како клучна, пресвртна точка во филозофскиот развој на Ниче. Иако прво ентузијастички гледал на музиката на Вагнер, Ниче на крајот станал негов непријател. На фестивалот гледал како симптом на културно пропаѓање на буржоарската декаденција, настан кој ги насочил очите на луѓето по моралните вредности, почитувани од страна на општеството како целина.

Географија[уреди | уреди извор]

Црвена Мајна во Бајројт

Местоположба[уреди | уреди извор]

Бајројт се наоѓа на реката Црвена Мајна, јужниот од двата извори на реката Мајна, меѓу Фихтелските Планини и Франконска Швајцарија.

Градски единици[уреди | уреди извор]

Градот Бајројт е поделен на 39 окрузи:

Политика[уреди | уреди извор]

Градски совет[уреди | уреди извор]

Градско собрание (Rathaus)

Резултатите од локалните избори во Баварија биле следниве (во заградите е промената од претходните избори):

  • CSU: 28,2% (-3,1%), 13 места (-1)
  • SPD: 22,5% (-5,4%), 10 места (-3)
  • BG - FW: 21,6% (+2,0%), 10 места (+1)
  • Зелени/независни: 10,0% (+2,8%), 4 места (+1)
  • Млад Бајројт: 5,8% (-0,9%), 2 места (-1)
  • FDP: 4,4% (+0,5%), 2 места (+1)
  • BT go!: 4,2% (+4,2%), 2 места (+2)
  • BBL: 3,2% (+3,2%), 1 место (+1)
  • Други: 0,0% (-3,4), 0 места (-1)

Градоначалници[уреди | уреди извор]

  • 1818–1848: Ерхард Кристијан Хаген фон Хагенфелс (прв избран градоначалник)
  • 1851–1863: Фридрих Карл Дилхерт
  • 1863–1900: Теодор фон Мункер (правно избран градоначалник)
  • 1900–1918: Д-р Леополд фон Каселман (правно избран градоначалник, градоначалник од 1907)
  • 1919–30 април 1933: Алберт Прој
  • 1 мај 1933–јуни 1937: Д-р Карл Шлумпрехт (NSDAP)
  • 21 јули 1937–април 1938: Д-р Ото Шмит (NSDAP)
  • 3 мај 1938–30 јуни 1938: Фриц Вехтлер (Gauleiter, самопрогласен градоначалник; NSDAP)
  • 1 јули 1938–април 1945: Д-р Фриц Кемпфлер (NSDAP)
  • 24 април 1945–ноември 1945: Д-р Јозеф Каупер
  • ноември 1945–30 јуни 1948: Д-р Оскар Мајер
  • 1 јули 1948–30 април 1958: Ханс Ролваген (SPD)
  • 1 мај 1958–30 април 1988: Ханс Валтер Вилд (SPD)
  • 1 мај 1988–30 април 2006: Д-р Дитер Мронц (SPD)
  • 1 мај 2006-30 април 2012: Д-р Михаел Хол (CSU)
  • од 1 мај 2012: Бригите Мерк-Ербе (BG)

Збратимени градови[уреди | уреди извор]

Збратимени градови на Бајројт

Градот Бајројт има блиски партнерства со следниве градови:

Исто така постојат и културни партнерства со покраината Градиште, Австрија и партнерство меѓу Универзитетот во Бајројт и Универзитетот Вашингтон и Ли во Лексингтон, Вирџинија.

Помош[уреди | уреди извор]

Во 1955 година, Бајројт презеде низа акции за помош на раселените судетски Германци од градот Франценсбад во округот Хеб.

Грб[уреди | уреди извор]

Грофот Алберт Ахил, кој исто така бил изборен кнез на Бранденбург, го промовирал грбот на градот Бајројт во декември 1457 година, кој се користи и денес. Двете полиња ги покажуваат белиот и црниот грб на династијата Хоенцолерн. Црниот лав на златна со црвено-бела позадина бил општински грб на грофовите од Нирнберг. Заедно, двете дијагонали, со мали триаголни лопати со малку свиткано вратило го претставуваат крајот на името на градот -ројт.[9]

Култура и интереси[уреди | уреди извор]

Театри[уреди | уреди извор]

Маркгрофовската оперска куќа е отворена во 1748 година и е еден од најзнаменитите барокни театри во Европа. Таа истовремено е музеј и претставува најстара сцена во Бајројт.

Фестивалската сала потекнува од XIX век и сега се користи само за Бајројтскиот фестивал. Таму се прикажуваат само дела на Вагнер.

Градската куќа Бајројт (Stadthaus) нема свој состав, па поради тоа редовно го користи театарскиот оркестар.

Само два театри имаат свои ансамбли: Studiobühne Bayreuth и аматерското драмско друштво Brandenburg Kulturstadl. Места на настап на студискиот театар во Бајројт се театарот во улицата Рентген, урнатините од паркот Ермитаж во Бајројт и дворот на производителот на пијана во Бајројт („Steingraeber & Söhne“).

Музеи[уреди | уреди извор]

Фестивалската сала на Рихард Вагнер на зелениот рид во Бајројт
  • Музејот на Рихард Вагнер во Ванфрид, кој бил дом на Рихард Вагнер и неговото семејство сè до 1966 година. Од 1976 година во него се сместени националните архиви и истражувачкиот центар на фондацијата „Рихард Вагнер“ во Бајројт.
  • Во поранешниот дом на ќерката на Рихард Вагнер, Ева Чемберлен, се наоѓа музејот на Жан Пол, каде се изложени автограми, први изданија на дела, портрети и други сликовни материјали.
  • Музејот на Франц Лист е сместен во куќата кај што умрел и поседува околу 300 фотографии, скрипти и печатени документи од збирката на пијанистот од Минхен, Ернст Бургер, кои биле купени од страна на градот Бајројт.
  • Историскиот музеј во старата латинска школа на Кирхплац (Kirchplatz). На приземјето е прикажана историјата и развојот на Бајројт од доцниот среден век до XX век, со макета на градот од 1763 година. На првиот кат има делови кои ја покриваат уметноста и културната историја на маркгрофскиот период во Бајројт (XVII-XVIII век). Во другиот дел се прикажани уметностите и занаетите во Бајројт и околината со примери на керамика, производи од стакло од Фихтелските Планини, камен и керамика од Кројсен. Сликарството, занаетите и индустриските артефакти од периодот на Бидермајер, па сè до крајот на XIX век ја заокружуваат посетата на музејот.
  • Музејот на уметноста во Старото градско собрание, во кој се наоѓаат уметничките фондациите Хелмут и Констанц Мајер, збирките на Георг Таперт и архивите и збирките на Каспар Валтер Раух. Збирките ги содржат некои од клучните дела од XX век.
  • Историската збирка на Бритиш-Американ-Тобако во старата просторија на градоначалникот во Старото градско собрание.
  • Музејот за германската машина за пишување со збирка од над 400. историски машини од истражувачкиот и тренинг-центар за стенографи и обработка на текст во Бајројт.
  • Подружница на сликарската збирка на покраината Баварија била отворена во новата палата во август 2007 година. Прикажани се 80 дела на холандски и германски сликари од крајот на XVII и XVIII век.
  • Археолошкиот музеј во италијанска градба кај новата палата е основан во 1827 година од страна на историското здружение. Нејзините 8 изложбени соби вклучуваат артефакти како што се камените секири од Новото камено доба, 80 грнчарски тегли од халштатската ера и келтски бронзен накит. Откритијата доаѓаат од источна Горна Франконија, особено Франконска Швајцарија и во регионот околу Бајројт, кои потекнуваат од Старото камено време до средниот век.
  • Пиварницата Мајзел и музејот Купер прикажуваат сè за производството на пченичното пиво на 2.400 м², што ја прави најголемата пиварница во светот[10][11], поради неговата збирка од над 5.500 чаши и шољи за пиво.
  • Праисторискиот музеј на Горна Франконија го прикажува животот низ историјата на Горна Франконија од почетокот на светот. Изложбите постојано се менуваат, моментално особен интерес привлекуваат диносаурсите во природна големина.
  • Фудбалскиот музеј на Бајројт.
  • Музејот Вилхелм во Бајројт.
  • Музејот на противпожарна бригада.
  • Ивалева куќа, африкански центар на Универзитетот во Бајројт.
  • Музеј на Јохан Баптист Гразер.
  • Катакомби во бајројтската пиварница Акцин.
  • Музејот на малиот постер.
  • Собите на маркгрофот и збирката на баварската колеција во Новиот замок.
  • Музејот на земјоделските алатки и опрема.
  • Природнонаучнен музеј Линденхоф.
  • Гимназија Рихард Вагнер.
  • Сообраќаен музеј Ведлих.
  • Порцелански музеј Валкире.
  • Споменик на Вилхелм Лојшнер.

Градби[уреди | уреди извор]

Стариот замок
Шпиталкирхе (Spitalkirche)
  • Ермитаж (Eremitage)
  • Ловечки замок Тиргартен (Jagdschloss Thiergarten)
  • Нов замок (Neues Schloss) и дворската градина, седиште на маркгрофовите од 1753
  • Замок Св. Ѓорѓи (Ordensschloss St. Georgen)
  • Црква Св. Ѓорѓи (Ordenskirche St. Georgen)
  • Парохиска црква Св. Јован (St. Johannis)
  • Замок Колмдорф
  • Rollwenzelei со работната соба на Жан Пол (Dichterstube)
  • Стариот замок и капелата (Altes Schloss)
  • Победничка кула (Siegesturm)
  • Шпиталкирхе (Spitalkirche)
  • Црква на Светиот Дух (Stadtkirche Heilig Dreifaltigkeit)
  • Stiftskirche
  • Замок Биркен
  • Хотел Goldener Anker
  • Барокни паркови:
    • Парк Ермитаж, поранешно седиште на маркгрофовите, надвор од стариот град
    • Замок и паркот Фантази, во Екерсдорф (во близина на Бајројт, 7 километри на запад)
    • Парк Sanspareil, околу 30 километри западно од Бајројт
  • Универзитетската ботаничка градина

Јавни паркови и гробишта[уреди | уреди извор]

Ермитаж со храмот на сонцето

Во центарот на градот е дворската градина (Hofgarten) на новиот замок. Во близина на Фестивалската сала има парк. На јужниот дел од градот има ботанички градини на Универзитетот во Бајројт. Источно од центарот на градот, во алеата на кралевите има мала градина.

Најпознатиот парк во Бајројт е Ермитаж во округот Св. Јоханис, со вкупна површина од 50 хектари и е најголем парк во Бајројт.

Бајројт е избран да биде домаќин на шоуто „Баварска Градина“ во 2016 година.[12] Поради тоа се планира изградба на уште еден парк помеѓу Фолкфестплатц и автопатот А9.[13]

Најстарите гробишта се градските гробишта (Stadtfriedhof), каде се закопани многу познати личности. На јужниот дел од градот се јужните гробишта („Südfriedhof“) и крематориумот. Окрузите Св. Јован и Георген имаат свои гробишта. На Нирнбергштрасе, во источниот дел на градот, се наоѓаат израелските гробишта.

Спорт[уреди | уреди извор]

Над 60 клубови нудат стотици видови спорт. Најуспешниот клуб во градот е хокејскиот клуб „Урагани Бајројт“ („Hurricans Baureuth“), кои трипати биле второпласирани (1998, 2004, 2006) и пет пати прваци (1996, 1997, 2001, 2005, 2007). Единствен друг клуб во елитна конкуренција е лизгачкиот клуб Бајројт, кој ја освоил лигата во 2002 година и бил второпласиран во 2005 и 2008 година. Исто така биле четврто во Светската лига во 2008 година.[14] Кошаркарскиот тим ББС Бајројт игра во кошаркарската Бундеслига. Ракометниот клуб „ХаСпо“ Бајројт, фудбалерите на Бајројт и одбојкарите на БСВ Бајројт играат во покраинските баварски лиги. Исто така и екипата ЕХЦ влегла во баварската лига за хокеј на мраз.

Бајројт ја доживеал својата спортска слава во доцните 1980-ти и раните 1990-ти години на XX век. Кошаркарскиот екипа Штајнер Бајројт, двапати бил квалификуван во германскиот куп (1987-1988 година и 1988-1989 година) и во сезоната 1988-1989 година повторно го освоија германското првенство. Хокејскиот тим СЦЦ Бајројт двапати бил шампион на втората јужна Дивизија. Во тоа време и пинг-понг тимот на Штајнер Бајројт бил тим од прва класа (од 1983 година - 2. Дивизија, во 1984/85, 1986/87 година и 1987/88 година - 1. Дивизија, а од 1988 година, тимот играл во 2. Дивизија). Екипата на Бајројт играла во првата лига за пинг-понг од 1994-1997 година.

Во 1999 година, во Бајројт се одржало Светското првенство во параглајдерство.

Редовни настани[уреди | уреди извор]

  • Во јануари, мај, јуни, јули, ноември и декември: Млади мастер пијанисти (концертни серии за млади пијанисти од различни музички акдемии во собите на производителите на пијано, Steingraeber & Söhne)
  • Април: Бајројтскиот велогденски фестивал (хуманитарни концерти за деца со рак)
  • Мај: Музика Бајројт
  • Јуни: „Uniopenair“
  • Јуни: Време за новата музика
  • Јуни: Бајројтски фолклорен фестивал
  • Јули: Бајројтски градски фестивал (во првата недела во јули)
  • Јули: Бајројтски пијано фестивал
  • Јули-август: Бајројтски фестивал
  • Септември: Рок во Бајројт
  • Септември: Барокен Бајројт (оперски изведби во Маркгрофовската оперска куќа)
  • Октомври: Бајројт Kneipen фестивал
  • Октомври: Бајројтска музејска ноќ (ден пред зимното сметање на времето)
  • Октомври: Од 2008 градот ја доделува годинашната награда Грофица Вилхелмина од градот Бајројт

Економија и инфраструктура[уреди | уреди извор]

Сообраќај[уреди | уреди извор]

Патишта[уреди | уреди извор]

Автопати (Autobahnen):

Сојузни автопати (Bundesstraßen):

Железници[уреди | уреди извор]

Од главната железничка станица Бајројт постојат железнички линии кон север до Нојенмаркт-Вирсберг, а оттаму до Бамберг и преку Шифе Ебене до Хоф, на исток до Вајденберг, југоисточно до Вајден и на југ кон Шнабелвалд со поврзаност до Нирнберг. Линиите околу Бајројт се неелектрифицирани и по една пруга.

Од 23 мај 1992 година, дизелот се поместил за неколку единици на Класа 610. Тие биле купени од страна на поранешниот Дојче Бундесбан поради ликвидација на патиштата. Со промените на возниот ред во 2006-2007 година, Бајројт повеќе не е поврзан со брзата железничка мрежа на ДБ.

Франкен-Саксен-Експрес обезбедува директна линија до Дрезден, а веќе од декември 2007 година, на секои 2 часа. Исто така, постојат регионални експрес возови преку Лихтенфелс до Бамберг и Вирцбург и преку Лихтенфелс и Кронах до Залфелд.

Локален јавен превоз[уреди | уреди извор]

Автобуските линии во градот се управувани од јавно претпријатие задолжено за јавниот превоз и јавните бањи во Бајројт (BVB Bayreuther Verkehrs- und Bäder GmbH). Понекогаш се приклучуваат и приватни автобуски оператори, во име на транспортните компании.

Регионалната железница е управувана од страна на Омнибусверкер-Франконија. Од 1 јануари 2010 година, јавниот превоз од градот и областа на Бајројт бил интегриран во регионалната транспортна мрежа на Нирнберг (Verkehrsverbund Großraum Nürnberg).

Велосипедизам[уреди | уреди извор]

На повеќе места постојат означени велосипедски патеки. Во самиот центар на Бајројт, велосипедизмот е прилично едноставен поради релативно рамната топографија, нешто што ја охрабрува употребата на велосипеди како секојдневен начин на превоз. Поради близината на главната велосипедска патека „Мајна“ долга 600 километри, Бајројт е одредиште за многу туристи. Поради реткоста на автобуси во системот и неговата долга ноќна пауза, студентите ги користат велосипедите како нивен начин за секојдневен превоз. Велосипедите може да се префрлаат со надоместок во возовите на DB Regio и автобусите на VGN.[15]

Воздушен сообраќај[уреди | уреди извор]

Локалниот аеродром ги опслужува комерцијалните летови до Бајројт, поединечните бизнис патувања, општата авијација и воздушните спортови. До 2002 година, дневно имало дури три лета во Бајројт од страна на авиокомпанијата од Франкфурт.

Исто така, аеродромот во Биндлахер Берг е еден од најважните бази за параглајдерство во Германија. Во 1999 година, таму се одржало Светското првенство. За воздушната спортска заедница во Бајројт, аеродромот е појдовна точка за едрилицата, летови кои учествуваат во конкуренција на националната Бундеслига. Локалниот параглајдерски клуб, исто така, дава инструкции во летање на едрилици и лесни авиони.

Медиуми[уреди | уреди извор]

Радио Мајнвеле (Radio Mainwelle)
  • Nordbayerischer Kurier (дневен печат)
  • Fränkische Zeitung; порано Bayreuther Anzeiger, преименуван во октомври 2008
  • Bayreuther Sonntag
  • Bayreuth4U (градско списание)
  • Bayerischer Rundfunk. Во 1950/60-тите управувале една радио-станица во Бајројт на средни бранови со честота од 520 kHz.
  • Campus TV (медиумски проект на Универзитетот Бајројт)
  • Der Tip (студентски весник на Универзитетот Бајројт)
  • Oberfränkische Wirtschaft (трговско списание за Горна Франконија)
  • Radio Galaxy (локална радио-станица за Баварија)
  • Radio Mainwelle (локално радио)
  • Schalltwerk (интернет-радио на Универзитетот Бајројт)

Гарнизон[уреди | уреди извор]

Бајројт со векови бил гарнизон на Пруската армија, Кралската баварска армија, Рајхсверот, Вермахтот, американската армија, германската армија (Bundeswehr) и германската погранична полиција (Bundesgrenzschutz). Во раните 1990-ти години, по завршувањето на Студената војна, гарнизонот во градот пропаднал, кога касарните на американската војска и граничната полиција на Германија биле затворени.

Галерија[уреди | уреди извор]

Познати личности[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Преглед на состојбата на населението“. Баварска служба за статистика и обработка на податоци. јуни 2021. (германски)
  2. Mayer, Bernd and Rückel, Gert (2009). Bayreuth - Tours on Foot, Heinrichs-Verlag, Bamberg, p.5, ISBN 978-3-89889-147-9.
  3. Stuhlfauth, Adam (1991). Fundberichte zur Vor- und Frühgeschichte im Gebiet der Fränkischen Alb in the Archives for History of Upper Franconia, 35th volume, 3rd section, Bayreuth 1991
  4. Уметничко дело на иднината (Das Kunstwerk der Zukunft)
  5. Gedenkstätten für die Opfer des Nationalsozialismus. Eine Dokumentation, Vol. 1. Federal Office for Political Education, Bonn 1995, ISBN 3-89331-208-0, p. 119 f.
  6. A list of the victims' names is found in “Denk / Steine setzen”, published by the Bayreuth History Working Group (Geschichtswerkstatt Bayreuth), Bumerang Verlag, Bayreuth 2003.
  7. Кристин О’Киф, Концентрациони логори
  8. Bernd Mayer, Wo jeder Zehnte einen Stuhl besaß. In: Heimat-Kurier das historische Magazin des Nordbayerischen Kuriers. No. 3/2004
  9. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-12-06. Посетено на 2013-01-06.
  10. Гинисова книга на рекорди 1988
  11. Музеи во Бајројт Архивирано на 23 септември 2010 г. на www.bayreuth.de. 18 септември 2010.
  12. Bayerischer Rundfunk: Bayreuth bekommt die Landesgartenschau 2016[мртва врска]
  13. Bayreuth Stadtnachrichten - Amtsblatt der Stadt Bayreuth, Nr. 2, 30. Januar 2009
  14. http://www.onlinecontest.org
  15. Fahrradmitnahme, vgn.de.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]