Шлезвиг-Холштајн

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Шлезвиг-Холштајн
—  Сојузна покраина  —

Знаме

Грб
Координати: 54°28′12″ СГШ 9°30′50″ ИГД / 
Држава Германија
Главен град Кил
Управа
 • Премиер Торстен Албиг (SPD)
 • Владејачки партии SPD / Зелени / SSW
 • Гласови во Бундесратот 4 (од 69)
Површина
 • Вкупно 15.763,18 км2
Население (2013-12-31)[1]
 • Вкупно 2.815.955 жит.
Час. појас CET (UTC+1)
 • Лете (DST) CEST (UTC+2)
ISO 3166 DE-SH
Рег. табл. порано: S (1945–1947), SH (1947), BS (1948–1956)[2]
БДП € 75.63 млрд. (2010) [3]
NUTS-регион DEF
Портал schleswig-holstein.de

Шлезвиг-Холштајн (германски: Schleswig-Holstein, долногермански: Sleswig-Holsteen, дански: Slesvig-Holsten, фризиски: Slaswik-Holstiinj) — најсеверната од шеснаесетте сојузни покраини на Германија, составена од историското војводство Холштајн и јужниот дел на поранешното војводство Шлезвиг. Главен град на сојузната покраина е Кил, а други поголеми градови се Либек, Фленсбург и Нојминстер.

Сојузната покраина се наоѓа помеѓу Северното и Балтичкото Море и е втора најмала територијална (тука не влегуваат покраините градови-држави) покраина зад Сар.

Денешната сојузна покраина била создадена по Втората светска војна од пруската покраина Шлезвиг-Холштајн. На север се граничи со данскиот регион Јужна Данска, на југ со сојузните покраини Хамбург и Долна Саксонија, додека на југоисток со Мекленбург-Западна Померанија.

Историски, името може исто така да се однесува на поголема област, која се однесува на денешниот Шлезвиг-Холштајн и поранешниот округ Јужен Јиланд (Северен Шлезвиг) во Данска.

Историја[уреди]

Историски населени области во денешниот Шлезвиг-Холштајн
Саксонски ѕид (Limes Saxoniae), границата помеѓу Сасите и Ободритите, воспоставена околу 810 година во денешниот Шлезвиг-Холштајн
Кил — главен и најголем град на сојузната покраина.
Градот Либек бил средиште на Ханзата, а денес, самиот град е светско културно наследство. Либек е родното место на писателот Томас Ман.
Светско природно наследство, Ваденското Море
Островите, плажите и градови во Шлезвиг-Холштајн се омилени туристички одредишта (на сликата: островот Зилт).

Терминот „Холштајн“ потекнува од старосаксонскиот, Holseta Land, (Holz означува дрво во стандардизираниот германски јазик). Првично се однесувал на средишното од трите саксонски племиња северно од реката Елба. Областа на Холштајн се наоѓала помеѓу реката Штер и Хамбург, а по христијанизацијата нивната главна црква била во Шенефелд. Саксонски Холштајн станал дел од Светото римско царство откако Карло Велики победил во војните со Сасите кон крајот на VIII век. Од 811 година северната граница на Холштајн (и со тоа на Царството) била одбележана со реката Ајдер.

Терминот „Шлезвиг“ потекнува од градот Шлезвиг. Името потекнува од морскиот ракав Шлај во источниот дел, а vik означува залив или населба на старосаксонски и старонордиски јазик. Името е слично на имињата на места кои завршуваат на „-wick“ или „-wich“ долж бреговите на Велика Британија.

Војводството Шлезвиг или Јужен Јитланд било првично составен дел на Данска, но во средноковниот период било основано како феуд на Кралството Данска, со иста поврзаност на данската круна како на пример Бранденбург или Баварија кон Светото римско царство. Околу 1100 година, војводата на Саксонија го дал Холштајн, негов посед, на грофот Адолф I фон Шауенбург.

Шлезвиг и Холштајн во различно време припаѓале делумно или целосно било на Данска било на Германија, или пак практично биле независни држави. Исклучок е дека Шлезвиг никогаш не бил дел од Германија до Германско-данската војна („Втора Шлезвишка војна“) во 1864 година. Со векови, кралот на Данска бил дански војвода на Шлезвиг и германски војвода на Холштајн. Всушност, Шлезвиг или целосно припаѓал на Данска или бил дански феуд, а Холштајн бил германски феуд и некогаш суверена држава. Обете територии неколку векови биле владеени од данските кралеви. Во 1721 година цел Шлезвиг бил обединет како единствено војводство под водство на кралот на Данска, а големите сили на Европа тоа го потврдиле со меѓународен договор со кој сите идни кралеви на Данска треба автоматски да станат војводи на Шлезвиг, а според тоа Шлезвиг секогаш ќе го следи истиот ред на наследство како оној избран во Кралството Данска.

Германското национално будење кое следело по Наполеонските војни довело до создавање на силно движење во Холштајн и Јужен Холштајн за обединување со новата Германија, тогаш главно владеена од Прусија. Овој развој течел рамномерно со силното данско национално будење во Данска и Северен Шлезвиг. Ова движење повикувало на потполно вклучување на Шлезвиг во Кралството Данска и барало ставање крај на дискриминацијата на Данците во Шлезвиг. Претстоечкиот конфликт понекогаш бил нарекуван Шлезвишко-холштајнско прашање. Во 1848 година, кралот Фредерик VII на Данска објавил дека Данска ќе добие либерален устав и итна цел на данското национално движење било да обезбеди дека уставот ќе им даде права не само на сите Данци, т.е. не само на оние во Кралството Данска, туку исто така и на Данците (и Германците) кои живеат во Шлезвиг. Понатаму, барале заштита на данскиот јазик во Шлезвиг (главниот јазик во скоро четвртина од Шлезвиг се променил од дански во германски од почетокот на XIX век).

Либералниот устав за Холштајн не бил сериозно разгледуван во Копенхаген, бидејќи било добро познато дека политичката елита на Холштајн биле поконзервативни отколку оние во Копенхаген. Германско настроени претставници од Шлезвиг-Холштајн барале Шлезвиг-Холштајн да добие свој устав и дека Шлезвиг треба да му се приклучи на Холштајн како член на Германската конфедерација. Овие барања биле одбиени од данската влада во 1848 година и Германците од Холштајн и Јужен Шлезвиг се побуниле. Ова ја започнало Данско-пруската војна (1848–51; „Прва Шлезвишка војна“), која завршила со данска победа кај Идштет.

Во 1863 година повторно избил конфликт кога кралот Фредерик VII на Данска умрел без законски наследник. Според редоследот на наследување на Данска и Шлезвиг, круните на Данска и Шлезвиг би преминале на војводата Кристијан од Гликсбург, кој станал Кристијан IX; преносот на Војводството Холштајн на глава на (германско настроен) дел од данското кралско семејство, династијата Августенборг било поконтроверзно. Одвојувањето на двете војводства било оспорувано од наследникот на Августенборг, кој тврдел, во 1848 година, дека е вистинскиот владетел на Шлезвиг и Холштајн. Прогласувањето на заедничкиот устав за Данска и Шлезвиг во ноември 1863 година го натерало Ото фон Бизмарк да се вмеша и Прусија и Австрија објавиле војна на Данска. Ова било Втората Шлезвишка војна, која завршила со дански пораз. Велика Британија се обидела да посредува, но Лондонската конференција во 1864 година пропаднала и Данска ги загубила Шлезвиг (Северен и Јужен Шлезвиг), Холштајн и Лауенбург на Прусија и Австрија.

По Австро-пруската војна во 1866 година, делот пет од Прашкиот мир во 1866 година наведувал дека луѓето од Северен Шлезвиг ќе бидат прашани на референдум дали да останат под Прусија или да се вратат на Данска. Меѓутоа, овој услов никогаш не бил исполнет од Прусија.

По поразот на Германија во Првата светска војна, сојузничките сили организирале плебисцит во северните и средишните делови на Шлезвиг. Плебисцитот бил спроведен под покровителство на меѓународна комисија (Commission Internationale de Surveillance du Plébiscite au Slesvig), која означила три изборни зони, кои ги покривале северните, средишните и јужните делови на Шлезвиг. Претежнувачкиот глас во целата зона ќе го одлучела исходот, дури ако гласачите во еден округ или град гласале различно. Во Северен Шлезвиг (10 февруари 1920 г.) 75% гласале за повторно обединување со Данска, а 25% гласале за Германија. Во Средишен Шлезвиг (14 март 1920 г.) резултатите биле спротивни; 80% гласале за Германија и само 20% за Данска, главно во Фленсбург. Во третата зона (Јужен Шлезвиг) никогаш не бил одржан плебисцит, откако Данска го откажала гласањето во оваа зона.[4]

Изборни тело Германско име Данско име За Германија За Данска
процент гласови процент гласови
Зона I (Северен Шлезвиг), 10 февруари 1920 25,1 % 25.329 74,9 % 75.431
Округ Хадерслебен Хадерслев 16,0% 6.585 84,0% 34.653
Град Хадерслебен Хадерслев 38,6% 3.275 61,4% 5.209
Округ Апенраде Обенро 32,3% 6.030 67,7% 12.653
Град Апенраде Обенро 55,1% 2.725 44,9% 2.224
Округ Зондербург Сендерборг 22,9% 5.083 77,1% 17.100
Град Зондербург Сендерборг 56,2% 2.601 43,8 % 2.029
Град Августенбург Августенборг 48,0% 236 52,0% 256
Северен дел од Округот Тондерн Тендер 40,9% 7.083 59,1% 10.223
Град Тондерн Тендер 76,5% 2.448 23.5% 750
Град Хојер Хејер 72,6% 581 27,4% 219
Град Лигумклостер Легумклостер 48,8% 516 51,2% 542
Северен дел на Округот Фленсбург Фленсборг 40,6% 548 59,4% 802
Зона II (Средишен Шлезвиг), 14 март 1920 80,2 % 51.742 19,8 % 12.800
Јужен дел на Округот Тондерн Тендер 87,9% 17.283 12,1% 2.376
Јужен дел на Округот Фленсбург Фленсборг 82,6% 6.688 17,4% 1.405
Град Фленсбург Фленсборг 75,2% 27.081 24,8% 8.944
Северен дел на Округот Хузум Хузум 90,0% 672 10,0% 75

На 15 јуни 1920 година, Северен Шлезвиг официјално се вратил во Данска. Данско-германската граница била единствената граница наметната на Германија со Версајскиот договор по Првата светска војна која никогаш не била оспорена од Адолф Хитлер.

Во 1937 година, нацистите го донеле т.н. Закон за голем Хамбург (Groß-Hamburg-Gesetz), со кој Слободниот и Ханзеатски град Хамбург бил проширен, на сметка на градовите кои службено ѝ припаѓале на пруската Покраина Шлезвиг-Холштајн. За да ѝ надомести на Прусија за овие загуби (и делумно бидејќи Хитлер имал личен презир кон Либек[5]), 711-годишната независност на Ханзеатскиот град Либек била прекината и скоро цела негова територија била припоена кон Шлезвиг-Холштајн.

По Втората светска војна, пруската покраина Шлезвиг-Холштајн била окупирана од Британија. На 23 август 1946 година, воената влада ја укинала покраината и ја обновила како посебна сојузна покраина.[6]

Поради присилното селење на Германците од 1944 до 1950 година од источните територии, населението на Шлезвиг-Холштајн се зголемило за 33 проценти (860.000 луѓе).[7]

Географија[уреди]

Поврзано: Список на места во Шлезвиг-Холштајн
Физичка карта на сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн

Шлезвиг-Холштајн се наоѓа на основата на полуостровот Јитланд помеѓу Северното и Балтичкото Море. Поточно кажано, „Шлезвиг“ се однесува на германскиот Јужен Шлезвиг (германски: Südschleswig или Landesteil Schleswig, дански: Sydslesvig), додека Северен Шлезвиг е во Данска (Јужен Јитланд). Покраината Шлезвиг-Холштајн понатаму се состои од Холштајн како и Лауенбург и поранешниот слободен град Либек.

Шлезвиг-Холштајн се граничи со Данска (регион Јужна Данска) на север, Северното Море на запад, Балтичкото Море на исток и сојузните покраини Долна Саксонија, Хамбург и Мекленбург-Западна Померанија на југ.

Во западниот дел на покраината се наоѓаат низини со безмалку ниеден рид. Севернофризиските Острови, како и скоро целиот брег на Шлезвиг-Холштајн на Северното Море, го создаваат Националниот парк Ваденско Море - Шлезвиг-Холштајн (Nationalpark Schleswig-Holsteinisches Wattenmeer) кој е најголем национален парк во Средна Европа. Единствениот остров на Германија на отворено море, Хелиголанд, е сместен во Северното Море.

Брегот на Балтичкото Море во источниот дел на Шлезвиг-Холштајн е обележан со заливи, фјордови и гребени. Се наоѓаат нерамни ридови (највисоката точка е Бунгсберг на 168 метри н.в.) и многу езера, особено во источниот дел на Холштајн наречен Холштајнска Швајцарија и поранешното Војвовство Лауенбург (Herzogtum Lauenburg). Фемарн е единствениот остров на источниот брег. Најдолга река покрај Елба е Ајдер; најважен воден пат е Килскиот Канал кој го поврзува Северното и Балтичкото Море.

Административна поделба[уреди]

Поделба на Шлезвиг-Холштајн
1900 1959 1994 2009
Окрузи 17 17 11 11
Општински заедници 199 119 87
Општини 1371 1131 1116

Шлезвиг-Холштајн спровела административна реформа во периодот 1970-1974 година. Бројот на окрузи бил намален од 17 на единаесет; бројот на општини се намалил од 1371 (1959) на 1131 (1994), а 199. општински заедници се намалиле на 119.

Денес, Шлезвиг-Холштајн (состојба: 1 јануари 2013) се состои од вкупно единаесет окрузи, 85 општински заедници и 1115 општини. Од овие општини, 901 имаат помалку од 2.000 жители. 63 општини поседуваат градско право. Градското право една општина може да го добие, доколку има најмалку 10.000 жители, но градовите, кое ова право го поседува од стари времиња, не го губат. Во овие градови живеат 1,5 милиони од околу 2,7 милиони жители во покраината. Округот Пинеберг со околу 300.000 жители е најнаселен во покраината, додека округот Рендсбург-Екернферде со околу 2.200 км² најголем и со тоа голем скоро колку Сар.

Окрузи[уреди]

Schleswig-Holstein, administrative divisions - mk - colored.svg

Слободни градови[уреди]

Од 1 јануари 2005 градот Нордерштет поседува посебен статус и е именуван како „голем окружен град“ (Große kreisangehörige Stadt), што е дозволено со членот 135 од законот за општини на Шлезвиг-Холштајн, како експериментална практика. Ова значи, дека одредени задачи со посебен договор со округот (овде: Зегеберг) можат да бидат префрлени на градот.

Градови и општини[уреди]

Поглед на Градското Собрание на Кил
Поглед на Портата Холстен, знаменитост на Либек
Источниот брег на Фленсбург
Градови и општини
Град/општина Округ Жители
31 декември 2000
Жители
31 декември 2007
Жители
31 декември 2012[8]
Кил слободен град 232.612 236.902 239.866
Либек слободен град 213.399 211.541 211.713
Фленсбург слободен град 84.281 87.792 83.462
Нојминстер слободен град 79.831 77.595 76.951
Нордерштет Зегеберг 71.523 71.903 74.574
Елмсхорн Пинеберг 47.391 48.052 47.490
Пинеберг Пинеберг 39.423 42.301 41.726
Ицехо Штајнбург 33.549 32.800 30.956
Ведел Пинеберг 32.060 32.033 31.725
Аренсбург Штормарн 29.117 30.663 31.292
Гестахт Војводство Лауенбург 29.106 29.295 29.098
Рендсбург Рендсбург-Екернферде 29.321 28.391 27.446
Хенштет-Улцбург Зегеберг 24.950 26.560 27.199
Рајнбек Штормарн 24.570 25.516 26.347
Бад Олдесло Штормарн 23.314 24.172 24.448
Шлезвиг Шлезвиг-Фленсбург 25.093 24.036 23.665
Екернферде Рендсбург-Екернферде 23.304 22.915 21.791
Хузум Северна Фризија 20.994 22.327 22.092
Хајде Дитмаршен 20.530 20.827 20.894
Квикборн Пинеберг 19.875 20.136 19.986

Шлезвиг-Холштајн има голем број на општини со помалку од 500 жители. Во спротивност со останатите други сојузни покраини ништо не променила во спроведените општински реформи. 1033 помали градови и општини се здружени во 85 општински заедници, со цел поефективно административно извршување на задачите (состојба 1 јануари 2013).

Арнис со околу 300 жители е најмалиот град во Германија. Греде (11 жит.) и Виденборстел (12 жит.) се најмалите општини во Германија.

Демографија[уреди]

Население[уреди]

Шлезвиг-Холштајн има 2,81 милиони жители, густината на населеност е 179 жители на км², што е околу една петтина под сојузниот просек. Старосната и половата структура е во рамките на другите сојузни покраини. Населението, главно, е географски нерамномерно распределено. Покрај слободните градови густо населена е и околината на Хамбург (Hamburger Umland), во окрузите Пинеберг и Штормарн, додека Шлезвиг и округот Дитмаршен се слабо населени.

Малцинства[уреди]

Во Шлезвиг-Холштајн живеат данско (во Шлезвиг), фризиско (на северофризискиот брег и на островите) и традиционалното малцинство Роми (пред сè во големите градови Кил и Либек, како и во Хамбургер Умланд). Овие малцинства се под посебна заштита на Уставот на Шлезвиг-Холштајн; нивните малцински јазици покрај долногерманскиот се под заштита на европската резолуција за регионалните и малцинските јазици.

Религија[уреди]

Религија во Шлезвиг-Холштајн — 2011 г.
религија процент
протестанти
  
53%
римокатолици
  
6%
муслимани
  
3%
други или ниедна
  
38%

Областа е силно протестантска уште од времето на Реформацијата. Денес, членови на Евангелистичката црква во Германија сочуваат 53% од населението, додека на Римокатоличката црква отпаѓаат 6%.[9] 41% од населението е нерелигиозно или припаѓа на други религии.

Бегалци и протерани[уреди]

Шлезвиг-Холштајн прими најмногу бегалци и протерани од сите западногермански покраини за време и по Втората светска војна. Тие најмногу потекнува од Задна Померанија и Источна Прусија. Така во периодот 1944-1949 населението се зголемило за околу 1,1 милион. Интеграцијата на бегалците во руралните делови внела одредени конфликти.

Доселување од странство[уреди]

Поради географската одвоена положба и претходниот слаб стопански развој што го имала Шлезвиг-Холштајн, таа има најмал удел на странци во споредба со западногерманските покраини (1999: 5,1 %). Од 140.000 странци во покраината, три четвртини од нив доаѓаат од Европа, од нив 22% од вкупниот број на странци потекнуваат од старите членки на Европската Унија. Најголема група од сите странци (2012) доаѓаат од Турција (околу 30.000), втора најголема група се Полјаците (15.400).[10]

Култура[уреди]

Заеднички јадење со Данска: Редгред (Rødgrød) се служи во Шлезвиг-Холштајн со млеко или пудинг

Шлезвиг-Холштајн поседува данско и германско влијание на култура. Замоците и дворците во внатрешноста се најдобри примери за оваа традиција; некои јадења како Редгред (дански: Rødgrød, германски: Rote Grütze) се заеднички, како и одредени презимиња, меѓу кои и Хансен.

Најважни фестивали се „Музичкиот фестивал Шлезвиг-Холштајн“, годишен фестивал на класична музика низ целата покраина и „Нордиските филмски денови во Либек“, годишен филмски фестивал за филмови од Скандинавија, одржуван во Либек.

Годишниот фестивал Wacken Open Air се смета за најголем хеви метал фестивал во светот.

Најважен покраински музеј за културната историја е во замокот Готорф во Шлезвиг.

Симболи[уреди]

Грбот прикажува симболи на двете војводства обединети во Шлезвиг-Холштајн, т.е. двата лава за Шлезвиг и листот на коприва за Холштајн.

Мотото на Шлезвиг-Холштајн е „Up ewich ungedeelt“ (среден долногермански: „засекогаш неразделени“, современ германски: „Auf ewig ungeteilt“). Потекнува од Рипенскиот договор (Vertrag von Ripen или Handfeste von Ripen) во 1460 година. Рипен (Рибе) е историски мал град на брегот на Северното Море во Северен Шлезвиг.

Химната од 1844 година е наречена „Wanke nicht, mein Vaterland“ („Не се колебај, моја татковино“), но вообичаено е нарекувана по нејзиниот прв стих „Schleswig-Holstein meerumschlungen“ (т.е., „Шлезвиг-Холштајн обвиткана од мориња“) или „Schleswig-Holstein-Lied“ („Песна за Шлезвиг-Холштајн“).

Стариот дел на градот Либек е прогласен за светско културно наследство од УНЕСКО.

Јазици[уреди]

Официјална јазик во покраината е германскиот, додека долногермански, дански и севернофризиски се правно заштитени и под заштитени од покраината.

Историски биле говорени долногерманскиот, данскиот (во Шлезвиг) и фризискиот (во Шлезвиг). Долногерманскиот сè уште се користи во многу делови на покраината, а измешан говор („пиџин“) на долногермански и стандардизиран германски („мисингш“) се користи во повеќе области. Данскиот е користен од данското малцинство во Јужен Шлезвиг, а фризискиот се говори од Северните Фризи на брегот на Северното Море и Севернофризиските Острови во Јужен Шлезвиг. Севернофризиски дијалект наречен хелиголандски (Halunder) се говори на островот Хелиголанд.

Стандардизираниот германски јазик бил воведен во XVI век, главно поради официјални цели, но денес е главен јазик.

Образование[уреди]

Задолжителното образование започнува за сите деца кои имаат наполнето шест години до 30 јуни.[11] Сите деца посетуваат основно училиште првите четири години, а подоцна се префрлуваат во повисоко ниво.[11]

Постојат три универзитети во Кил, Либек и Фленсбург.[12] Исто така, постојат четири јавни високи школи во Фленсбург, Хајде, Кил и Либек.[12] Во Либек се наоѓа и конзерваториум, додека во Кил постои Академија за современи уметности. Во сојузната покраина постојат три приватни високообвразовни институции.[12]

Политика[уреди]

Распределба на местата во Ландтагот на Шлезвиг-Холштајн

Шлезвиг-Холштајн поседува свој парламент и влада, кои се наоѓаат во покраинскиот главен град Кил.[13] Министерот-претседател на Шлезвиг-Холштајн е избиран од Ландтагот на Шлезвиг-Холштајн.[13]

Шлезвиг-Холштајн е главно земјоделска и протестантска покраина. Во повоениот период, Сојузот на протераните и бегалците освојувал скоро 25% од гласовите на изборите. Со нивната интеграција во западногерманското друштво полека се изгубиле нивните гласови. Во 1960-тите години (NPD) и во 1990-тите години (DVU) можеле да учествуваат на изборите и покрај нивниот екстремен став, сепак ова не се повторило.

Во Шлезвиг-Холштајн гласовите за FDP и за Зелените главно се незначително отколку во другите западногермански покраини. Регионалната распределба на гласовите во внатрешноста на покраината е многу различна. Растечко е нивото на гласови за SPD во слободните градови и во околината на Хамбург, додека CDU повеќе гласови добива во окрузите Северна Фризија и Дитмаршен, како и во руралните општини во окрузите Штајнбург, Рендсбург-Екернферде и Зегеберг.

Една особеност на политичката сцена на Шлезвиг-Холштајн е Изборниот сојуз на Јужен Шлезвиг (SSW), кој ги застапува интересите за данското и еден дел за фризиското малцинство и на покраинските избори е изземен од прагот за пет проценти.[14]

Покраинска влада[уреди]

Владата по покраинските избори во Шлезвиг-Холштајн на 6 мај 2012 година е составена од коалиција на SPD, Зелените и SSW, кои поседува мнозинство со еден глас повеќе.

На кабинетот на министер-претседателот Торстен Албиг (СПД) припаѓаат:

  • Андреас Брајтнер (SPD) — министер за внатрешни работи
  • Валтрауд Венде (независен) — министерка за образование и наука
  • Кристин Алхајт (SPD) — министерка за социјална работа, здравје, семејство и рамноправност
  • Рајнхард Мајер (SPD) — министер за економија, труд, сообраќај и технологија
  • Роберт Хабек (Зелени) — министер за енергија, животна средина, земјоделство и просторно планирање како и заменик на министерот-претседател
  • Моника Хајнолд (Зелени) — министерка за финансии
  • Анке Шпорендонк (SSW) — министерка за правда, Европа и култура како и заменичка на министерот-претседател

Избори во 2012 година[уреди]

Најновите избори во Шлезвиг-Холштајн биле одржани на 6 мај 2012 година. Од јуни 2012 година, по преговори за владата, покраината е водена од т.н. „дански семафор“ (Dänen-Ampel) или „црвено-зелено-сина“ коалиција составена од социјалдемократите, зелените и изборниот сојуз на Јужен Шлезвиг. Владата има тесно мнозинство во покраинскиот парламент.

Пред изборите во 2012 година, Петер Хари Карстенсен од CDU бил министер-претседател во коалиција составена од неговата партија и либералната FDP.

Политичка партија Гласови % +/- Места
Христијанска демократска унија (Christlich Demokratische Union Deutschlands) 30,8 -0,8 22
Социјалдемократска партија на Германија (Sozialdemokratische Partei Deutschlands) 30,4 +5,0 22
Сојуз ’90/Зелени (Bündnis 90/Die Grünen) 13,2 +0,7 10
Слободна демократска партија на Германија (Freie Demokratische Partei) 8,2 -6,7 6
Пиратска партија (Германија) (Piratenpartei Deutschland) 8,2 +6,4 6
Изборен сојуз на Јужен Шлезвиг (Südschleswigscher Wählerverband) 4,6 +0,3 3
Левица (Die Linke) 2,2 -3,7 -
Други партии 2,4 -1,1 -

Поврзано[уреди]

Портал „Германија

Наводи[уреди]

  1. „Население во разните административни единици на Шлезвиг-Холштајн на 31 декември 2013“. „Статистичка служба за Хамбург и Шлезвиг-Холштајн“. 25 јули 2013. http://www.statistik-nord.de/uploads/tx_standocuments/A_I_2_vj134_Zensus_SH.xlsx.  (германски)
  2. Со реформата на регистрациските подрачја од 1 јули 1956 година, секој округ добил своја ознака.
  3. „Шлезвиг-Холштајн“. Schleswig-holstein.de. http://www.schleswig-holstein.de/. конс. 14 април 2010. 
  4. Schwedler, Frank: Historischer Atlas Schleswig-Holstein 1867 bis 1945, Wachholtz Verlag, Neumünster
  5. „Либек: Градот кој му рекол не на Хитлер“, Сајмон Хефер, www.telegraph.co.uk, 28 јуни 2010.
  6. Ordinance No. 46, Abolition of the Provinces in the British Zone of the Former State of Prussia and Reconstitution thereof as Separate Länder PDF (218 KB)
  7. Flucht und Vertreibung at Haus der Geschichte (германски)
  8. [1] Население во општините на Шлезвиг-Холштајн 31 декември 2012 на основа на пописот од 2011 година
  9. EKD statistics 2007
  10. Statistisches Jahrbuch Schleswig-Holstein 2013/2014
  11. 11,0 11,1 „Образование во Шлезвиг-Холштајн“. Покраина Шлезвиг-Холштајн. http://www.schleswig-holstein.de/Portal/EN/Education/Education_node.html. конс. 14 април 2011. 
  12. 12,0 12,1 12,2 „Високообразовни институции на Шлезвиг-Холштајн“. Покраин Шлезвиг-Холштајн. http://www.schleswig-holstein.de/Portal/EN/Education/InstitutionsHigherEducation/InstitutionsHigherEducation_node.html. конс. 14 април 2011. 
  13. 13,0 13,1 „Одговорности на Владата“. Покраина Шлезвиг-Холштајн. http://www.schleswig-holstein.de/Portal/EN/LandGovernment/TheResponsibilities/Responsibilities_node.html. конс. 14 април 2011. 
  14. § 3 Abs. 1 Satz 2

Надворешни врски[уреди]


Германското знаме Сојузни покраини во Германија Германскиот грб

Баварија | Баден-Виртемберг | Берлин | Бранденбург | Бремен | Долна Саксонија | Мекленбург-Западна Померанија | Северна Рајна-Вестфалија | Рајнска област-Пфалц | Саксонија | Саксонија-Анхалт | Сар | Тирингија | Хамбург | Хесен | Шлезвиг-Холштајн