Устав

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Уставот е највисок правен акт на една држава. Тој претставува систем, често пати кодификуван во пишан документ, којшто ги воспоставува основните правила и принципи според кои се владее со некоја организација. Во случајот со националните држави, овој термин се однесува на националниот устав, кој ги дефинира основните политички принципи на нацијата и ги воспоставува моќта и одговорноста на секоја влада. Исто така, повеќето национални устави гарантираат одредени права на народот. Историски гледано, пред еволуцијата на модерните кодификувани национални устави, терминот устав можеше да биде применет на било кој позначаен закон.

Уставите може да се најдат во повеќе организации. Во изобилство ги има во власта, на супранационално ниво (пр. Повелбата на Обединетите нации), национално (пр. Уставот на Франција) и на субнационално/покраинско (пр. Уставот на Мериленд) ниво. Нив ги има во многу политички групи, како што се политичките партии и групите за притисок, вклучувајќи ги и синдикатите. Постојат многу неполитички групи и ентитети кои може да имаат устави, како што се претпријатијата и волонтерските организации.

Етимологија[уреди]

Терминот устав потекнува од латинскиот збор constitutio, кој се однесува на било кој значаен закон, вообичаено донесен од страна на императорот, и бил во широка употреба во канонското право за да означи одредена релевантна одлука, воглавно, од папата.

Главни особини[уреди]

Воглавно, сите устави ги презентираат специфичните видови на моќ на одредена организација, под услов дека таквата организација ќе се покорува на ограничувањата предвидени со уставот или повелбата. Во современите устави, вообичаено постои принципот дека легитимноста на уставот произлегува од поширокиот консензус, односно, дали одредениот устав е устав на влада или, пак, само устав на некаков приватен клуб. Латинскиот термин ultra vires опишува активности кои не влегуваат во рамките на законскиот или уставниот авторитет на некоја организација или законодавно тело. На пример, на некој студентски сојуз како организација може да му биде забрането да се вмешува во активности кои не се однесуваат на студенти; доколку сојузот се вмеша во не-студентски активности, тогаш овие активности се сметаат како ultra vires од повелбата на сојузот.

Државни устави[уреди]

Вообичаено, терминот устав се однесува на збир од правила и принципи кои ги дефинираат природата и опсегот на власта. Повеќето устави ги регулираат и односите помеѓу државните институции, односно, односите помеѓу извршната, законодавната и судската власт, но исто така и односите помеѓу институциите кои се наоѓаат внатре во овие гранки.

Развојот на државните устави претставува значаен момент во историјата на демократијата. Земјите кои донесуваат кодификувани устави, вообичаено тоа го прават преку процесот на ратификација. Некодификуваните устави еволуираат со текот на времето, како резултат на политичките промени, па, така, не постои момент на ратификација. Процесот преку кој една држава донесува устав е тесно поврзан со историскиот и политичкиот контекст кој ја предизвикал оваа фундаментална промена.

Клучни карактеристики[уреди]

Следниве карактеристики на демократските устави се идентификувани од страна на политиколозите како постоечки, во еден или друг облик, во сите национални устави.

Кодификација[уреди]

Фундаментална карактеристика е кодификацијата или непостоењето на кодификација. Кодификуван устав претставува устав кој е сочинет во еден документ, и кој претставува единствен извор на уставно право во една држава. Класичен пример за ваков устав е Уставот на САД. Некодификуван устав представува устав кој не е содржан во еден единствен документ, туку содржи неколку различни извори, кои може да бидат пишани или непишани. Уставот на Велика Британија е таков пример.

Терминот пишан устав се користи да се означи устав кој е во пишана форма, и кој по дефиниција ги опфаќа сите кодификувани устави. Сепак, некои устави се целосно пишани, но, не се целосно кодификувани, во буквална смисла на зборот.

Правен статус[уреди]

Постоењето или непостоењето на т.н. тврдост представува фундаментална карактеристика на уставите. Тврдоста за однесува на тоа дали уставот е законски заштитен од модификации без соодветна процедура на уставни амандмани. Тврдоста е инхерентна карактеристика на повеќето пишани устави. Уставот на САД е пример за тврд устав, додека Уставот на Британија е пример за мек устав. Слична карактеристика е правниот статус на уставот, во однос на другите закони. Некои устави се сметаат за врховни закони, т.е. највисокиот облик на закон во одредена држава.

Последиците на тврдоста на уставите се одразува во различните процедури за измена на тврдите и меките устави. Измената на тврдиот устав ќе побарува повеќе од донесување на амандман од страна на националното законодавство. Тоа ќе побарува пошироко одобрување.

Процедурата за измена на уставот најчесто се нарекува амандман. Процедурите за ратификација на уставните амандмани варираат од држава во држава. Во федералните држави, како што се САД, неопходно е одобрување од страна на мнозинството држави/провинции. Во одредени држави, како на пример Австралија, можно е да биде потребен национален референдум.

Кај меките устави не се потребни специјални процедури за нивна измена. Во малиот број на земји со меки устави, мекоста се препишува на фактот што на уставот не му е признат повисок статус од останатите закони. Концептот на амандмани не се применува, бидејќи уставот може да биде лесно променет, како што е случајот и со било кој друг закон.

Поделба на суверенитетот[уреди]

Уставите, исто така, одредуваат каде лежи суверенитетот во една држава. Постојат три основни вида на поделба на суверенитетот: федерална, унитарна и конфедерална. Федералниот систем на власт неизбежно има устав кој ја признава поделбата на суверенитетот помеѓу централната власт и периферните/провинцијалните региони на државата. Унитарниот устав би пропишал дека суверенитетот лежи единствено во централната власт. Конфедералните уставе се мошне ретки, и постои опсежна расправа околу тоа дали т.н. „конфедерални“ држави се всушност федерални. Во една конфедерација, суверенитетот е лоциран во периферните региони/провинции, а на централната власт му е доверена само ограничена моќ. Конфедералните устави произведуваат слаба централна власт, и затоа ваквите устави се мошне ретки во современиот свет.

Други карактеристики[уреди]

Други карактеристики на повеќето устави се и поделбата на власта и одговорноста на истата.

Поделбата на власта се однесува на уставната поделба на извршна, законодавна и правосудна власт. Размерот на поделба варира помеѓу различни устави. Уставот на САД има целосна поделба на власта, при што секоја гранка има сопствени одредени овластувања. Уставот на Обединетото Кралство, пак, практично предвидува фузија на извршната и законодавната власт.

Линиите на одговорност се вообичаена работа во сите демократски устави. Во претседателските системи, како што се САД, и во полу-претседателските системи како Франција, секретарите/министрите на одделни ресори се одговорни пред Претседателот, кој има овластувања да назначува и разрешува министри. Претседателот, пак, е одговорен пред народот на избори. Во парламентарните системи, како Обединетото Кралство и Австралија, министрите се одговорни пред Парламентот, но, ги назначува и разрешува Премиерот.

Во многу земји со парламентарни системи постои и концептот на гласање недоверба на владата, што значи дека доколку мнозинството од законодавната власт изгласа недоверба, тогаш владата мора да поднесе оставка, ќе биде формирана нова влада, а Парламентот ќе се распушти и ќе бидат свикани општи избори.

Уставни судови[уреди]

Честопати, уставот е заштитен од одредено тело, чие име е различно во различни држави, на пример, врховен, уставен или виш суд. Ваквиот суд пресудува околу компатибилноста на законодавството со принципите на уставот, што се нарекува „уставност“. Од особена важност е одговорноста на судот да ги штити уставно гарантираните слободи и права. Уставниот суд, вообичаено е суд од последна инстанца, највисоко судско тело во државата. Некои држави, воглавно оние со некодификувани устави, немаат вакви судови.