Староарамејски јазик

Од Википедија — слободната енциклопедија

Поимот „староарамејски јазик“ се користи за да се означат јазични варијанти на арамејскиот од неговата прва позната употреба па сè до моментот кога се воздигнало Саснидското царство (224 г.). Така, овој поим опфаќа тринаесет векови развој на јазикот. Воглавно под поимот „староарамејски“ се опфаќаат сите арамејски јазици и дијалекти кои денес се исчезнати.

Главен момент за развојот на староарамејскиот јазик бил неговото официјализирање во Ахеменидското Царство (500 - 330 г.п.н.е.). Периодот пред официјализирањето на јазикот во ова царство понекогаш се нарекува „древен период“. За време на тој период, арамејскиот се зборувал само во арамејските градови-држави, но подоцна се издигнал како јазик на трговијата и дипломатијата во Месопотамија, Левант и Египет. По падот на Ахеменидското Царство, локалните разговорни варијанти на арамејскиот јазик се истакнале, а со тоа се овозможило развој на различни пишани стандарди.

Древен период[уреди | уреди извор]

Сребрен ингот од Бар-Ракиб, син на Панамува II,[1] крал на Самал (денес Зинџирли Хојук, Турција).

Древниот период, или понекогаш именуван како „древноарамејски јазик“, се однесува на најстариот познат период на арамејскиот јазик. Ово период започнува со почетоците на јазикот па сè до моментот кога јазикот станал „лингва франка“ во т.н. плодна полумесечина - регион во Блискиот Исток. Јазикот бил како прв јазик во арамејските градови Дамаск, Хама и Арпад.

Најраните докази за постоењето на јазикот потекнуваат од 10 век п.н.е. Овие натписи се воглавно дипломатски документи меѓу различните арамејски градови-држави. Според податоците, се утврдило дека раната арамејска азбука најверојатно потекнува од феникиската и постои единство при пишаниот јазик. Со текот на времето, подобрување на азбуката се вршела според потребите на јазикот. Оваа азбука се усовршувала во источните региони на Арам. Интересно за арамејскиот јазик е тоа што со доминацијата на Новоасирското царство врз Арам под водство на Тиглат-Пилесер III во средината на 8 век, јазикот не бил потиснат од акадскиот, туку напротив, станал лингва франка во новата држава.

Од 700 г.п.н.е. јазикот започнал да се расширува низ сите страни во регипнот, но поради тоа ја изгубил својата хомогеност. Како директна последица на расширувањето на јазикот настанале, или се развиле, различни дијалекти во Асирија, Вавилон, Левант и Египет. Како и да е, арамејската варијанта од Асирија, која била под акадско влијание, и арамејскиот дијалект од Вавилон се издигнале на повисоко ниво. За овие дијалекти во Втората книга на Кралевите се споменува дека Хезекија (кралот на Јудеја) преговарал со асирските амбасадори на арамејски бидејќи така обичниот народ немал да разбере. Во околу 600 година, Адон (канански крал), го користел арамејскиот јазик при дописките со египетските фараони. Арамејскиот дијалект во Вавилон е познат под името калдеански арамејски јазик.

Кралски период[уреди | уреди извор]

Во околу 500 г.п.н.е., по ахеменидското освојување на Месопотамија под водство на Дариј I, арамејскиот во таа форма каква што се користела во регионот, бил усвоен од освојувачите како „средство за пишана комуникација меѓу различните региони од распространетата империја со своите различни народи и јазици. Употребата на еден единствен службен јазик, кој современите научници го именувале како „официјален арамејски“ или „кралски арамејски“, може да се претпостави дека имал удел во голем дел за зачудувачкиот успех на Ахеменидите при зачувување на нивната распространета империја обединета за период колку што опстојувале“.[2] Во 1955 година, Ричард Фрај ја ставл под знак прашалник класификацијата на „кралскиот арамејски“ како „официјален арамејски“, додавајќи дека нема зачувано доказ каде недвосмислено се потврдува статусот на некој јазик.[3] Фрај го класифицирал „кралскиот арамејски“ како „лингва франка“ на ахеменидските територии, и додал дека употребата на арамејскиот јазик за време на ахеменидската ера била посилна одошто се мислело.

Кралскиот арамејски вил високо стандардизиран. Неговиот правопис повеќе се засновал на историските корени, одошто на зборуваните дијалекти, и неизбежното влијание на персискиот јазик му дал на јазикот новa јасност и голема флексибилност. Со векови по падот на Ахеменидското Царство (во 331 г.п.н.е.), кралскиот арамејски, или верзија слична на неа, влијаеле врз различни ирански јазици. Арамејското писмо и арамејскиот зборовен фонд ќе опстојат како основна одлика на палавиското писмо.[4]

Една од најголемите колекции на кралски арамејски текстови е таа од Персеполис, која има околу 500 таблички.[5] Повеќето од постоечките документи кои сведочат за арамејскиот јазик потекнуваат од Египет и Елефантина (види Елефантински папирус). Од сите овие најпознат документ е „Мудроста на Ахикар“, книга со инструктивни афоризми, слична на библиската „Книга на пословици“. Ахеменидско-арамејскиот е до тој степен унифициран што е тешко да се одреди кој документ од кој дел на светот потекнува. Само многу внимателно набљудување понекогаш може да доведе до откривање на некои позајмени зборови од останатите локални јазици.

Околу 30 арамејски документи биле пронајдено во Бактрија и нивната анализа била објавена во ноември 2006 година. Текстовите, кои се напишани на кожа, даваат приказ за употребата на арамејскиот јазик во 4 век п.н.е за време на ахемединската администрација во Бактрија и Согдијана (денес во Авганистан и Таџикистан).[6]

Постахеменитски период[уреди | уреди извор]

Монета на Александар Македонски со арамејско писмо.
Двојазичен текст на грчки и арамејски од индискиот крал Ашока, 3 в.п.н.е.
Еврејска Библија од 11 век со Таргум.

Освојувањето на Александар Македонски не го уништило единството на арамејскиот јазик и литература. Верзијата на арамејскиот јазик која има сличност со таа од 5 в.п.н.е., може да се сретне низ документи од 2 в.п.н.е. Селевкидската империја го наметнала грчкиот јазик како административен јазик во Сирија и Месопотамија уште од самиот почеток на нивното владеење. Во 3 век п.н.е. грчкиот станал позборуван од арамејскиот во Египет и Сирија. Сепак, постахеменитскиот арамејски продолжил да се развива во Јудеја, Асирија, Месопотамија, преку сириската пустина па сè до Арабија и Партското Царство.

Библискиот арамејски е верзија на арамејскиот јазик која се користела за четири секции од Еврејската Библија:

  • Книга на Езра 4:8–6:18 и 7:12–26 – документи од ахеменидскиот период (5 в.п.н.е.) кои се фокусирани на реставрацијата на храмот во Ерусалим.
  • Книга на Даниел 2:4b–7:28 – пет приказни и апоклиптични визии.
  • Книга на Еремија 10:11 –една реченица во средината на хебрејскиот текст.
  • Откровението 31:47 – превод на хебрејски топоними.

Библискиот арамејски е некако хибриден дијалект. Некои материјали на библиски арамејски најверојатно потекнувале од Вавилон и Јудеја пред падот на Ахеменидското Царство. За време на Селевкидското царство, дрска еврејска пропаганда го модифицирала арамејскиот од Книгата на Даниел. Овие приказни најверојатно опстојувале во усната традиција уште од претходно.

Во групата на постахеменитски арамејски форми е и хасмонејско-арамејскиот јазик (дијалект). Овој јазик бил службен јазик во Хасмонејска Јудеја (142–37 п.н.е.). Овој јазик влијаел врз библискиот арамејски јазик од кумранските текстови и тој бил главен јазик за небиблиски теолошки текстови од таа заедница. Главните преводи на Таргумите од хебрејската библија на арамејски биле направени на хасмонејски дијалект. Овој дијалект се појавил во цитатите во Мишнах и Тосефта. Меѓу овој дијалект и ахеменитскиот дијалект има разлики, воглавно во правописот. Хасмонејскиот дијалект ги запишувал зборовите како што се изговараат, т.е. обрнал внимание на фонетскиот правопис, додека ахеменитскиот дијалект користел етимолошки.

Вавилонскиот таргумски дијалект е подоцнежен постахеменитски дијалект кој се пронаоѓа во „официјалните“ таргуми (еврејски свети списи) Таргум на Онкелос и Таргум на Џонатан. Оригиналните хасмонејски таргуми ги достинале вавилонските во 2 или 3 век п.н.е. Тие тогаш биле преработени според посовремениот вавилонски дијалект за да се создаде стандарден таргум. Оваа комбинација ја основала базата за вавилонската еврејска литература за вековите кои следеле.

Галилејскиот таргумски дијалект е сличен со вавилонскиот таргумски дијалект. Овој дијалект е мешавина од литературниот хасмонејски дијалект со дијалектот од Галилеја. Хасмонејските таргуми ги достигнале галилејските во 2 век и биле преработени на галилејски дијалект за локална употреба. Галилејскиот таргум не се сметал за авторитативно дело од останатите заедници и документите покажуваат дека неговиот текст бил подобрувани. Од 11 век, веднаш што вавилонскиот таргум бил нормативен, галилејската верзија била под силно влијание од вавилонската.

Вавилонскиот документски арамејски дијалект е дијалект кој се употребувал од 3 век па натака. Овој дијалект се користел за приватни вавилонски документи, а од 12 век, сите приватни еврејски документи се на арамејски. Овој дијалект се заснова на хасмонејскиот, со некои мали измени. Ова е како резултат на тоа што хасмонејскиот бил постар дијалектм а вавилонскиот документски бил користен за правна документација.

Набатејско-арамејскиот бил јазик на арапско-арамејското кралство Петра (200 п.н.е. – 106). Кралството се наоѓало на источниот брег на реката Јордан, Синај и северна Арабија. Најверојатно поради исклучивата важност за трговијата, Набатејците започнале да користат арамејски наместо стариот северноарапски. Дијалектот се засновал на ахеменитскиот со мало арапско влијание. Некои зачувани документи датираат од почетоците на кралството, но повеќето се од првите четири века од нашата ера. Дијалектот се пишувал со ракописни букви, слично со арапскиот. Бројот на позајмени зборови во дијалектот се зголемувал сè додека целосно не се претопил во арапскиот.

Палмирско-арамејскиот дијалект е арамејски дијалект/ јазик кој се користел во сирискиот град-држава Палмира од 44 г.п.н.е. до 274 година. Овој дијалект се пишувал на квадратесто писмо, а подоцна со сириска азбука. Како и набатејскиот, и овој дијалект бил под арапско влијание.

Арамејскиот дијалект кој се користел во Арсакидската Империја или Партска Империја (247 п.н.е. – 224) го претставува арсакидско-арамејскиот дијалект. Овој дијалект се зборувал низ западниот дел од земјата. Овој дијалект бил пишана база за палавиското писмо кои било создадено за потребите на партскиот јазик. Писмото користело арамејски букви со одредени хетерограми, или арамејски зборови со партско значење. Арсакидите се гледале себеси како наследници на ахеменитското владеење. Така, арсакидско-арамејскиот дијалект, како никој друг постахеменитски дијалект, ја продолжил традицијата на Дариј I. Со текот на времето, бил под влијание на зборуваните арамејски, грузиски и персиски. По сасанитското (персиско) освојување на Партското Царство, арсакитско-палавскиот и арамејскиот биле под сасанитско влијание..[7]

Стари источноарамејски дијалекти[уреди | уреди извор]

Мандејска магична „демонска замка“. Мандејскиот јазик може да се види испишан на предметот.

Дијалектите кои се споменати во минатата секција се сите потомци на ахеменитскиот кралски арамејски јазик. Сепак, регионалната дијалектолошка различност на доцниот староарамејски јазик продолжила да се развива и покрај веќе напоменатите, често само во зборувана форма. Рани докази за овие зборувани дијалекти се познати само преку нивното влијание врз зборови и имиња од постандардни дијалекти. Во 2 век п.н.е. овие зборувани дијалекти станале пишани. Дијалектите покажале регионална поделба меѓу Месопотамија, Вавилон и истокот на една страна и Јудеја, Сирија и западот на друга.

На западот, палмирскиот и арсакитскиот дијалект се споиле со регионалните јазици и така создаде јазик со делови од кралскиот и делови од локалниот арамејски. Пишаната форма на мандејскиот, јазикот на мандејската религија, бил потомок на арсакитското писмо.[8]

Во кралството Осроена, кое се наоѓало во Едеса и било основани во 132 г.п.н.е., регионалниот дијалект станал службен јазик, односно тоа бил сирискиот јазик. Во горните текови на Тигар се развил источномесопотамскиот арамејски дијалект. Докази за овој дијалект се податоците од Хатра, Асур и Тур Абдин.Татијанскиот дијатесарон бил напишан во 172 година и авторот, Татијан, потекнувал од Асирија. Дијатесаронот бил напишан на источномесопотамски дијалект, а не на сириски. Во Вавилон, вавилонскиот дијалект бил користен од страна на Евреите. Така се формитал еврејскиот старовавилонски дијалект во околу 70 година.

Стари западноарамејски дијалекти[уреди | уреди извор]

Доцните стари западни регионални дијалекти на арамејскиот јазик имале ист развоен правен како и старите источноарамејски дијалекти. Овие дијалекти се поразлични од источните дијалекти и кралскиот арамејски дијалект. Арамејскиот опстојувал заедно со кананските дијалекти и така сосема го замениле феникискиот јазик во 1 век п.н.е. и хебрејскиот во 4 век.

Формата на доцниот стар западноарамејски дијалект кој се користел од еврејските заедници е најдобро проучен и овој дијалект често се нарекува еврејски старопалестински дијалект. Негова најстара форма е стариот источнојордански дијалект, кој најверојатно потекнувал од регионот Цезареја Филипи. Тој е дијалектот на најстариот ракопис на Книгата на Енох (170 г.п.н.е.). Наредната фаза на дијалектот е старојудејскиот дијалект кој се појавил во 2 век. Јудејската литература може да се види во различни натписи и лични писма, цитати во Талмуди и во Кумранот. „Војната на Евреите“ била напишана на старојудејски.

Стариот источнојордански дијалект продолжил да се користи во 1 век од пагански заедници кои живееле источно од Јордан. Нивниот дијалект често се нарекува пагански старопалестински и бил пишан на ракописно писмо, слично како старосирискиот. Од овој дијалект можеби настанал христијанскиот старопалестински дијалект.

Јазиците за времето на Исус Христос[уреди | уреди извор]

Општо прифатен факт, или верување, е дека за време на 1 век Евреите во Јудеја како прв јазик го зборувале арамејскиот. Одреден број мештани сè зборувале хебрејски како мајчин. Голем број луѓе го изучувале хебрејскиот како литургиски јазик. Дополнително на тоа, грчкиот јазик бил јазик на трговијата и така поголем број луѓе што се занимавале со трговијата во урбаните центри разбирале и грчки. Латинскиот јазик бил јазик на римската армија и немал јазично влијание врз народот. Трите јазици имале влијание еден врз друг, особени хебрејскиот и арамејскиот. Хебрејски зборови се вовеле во хебрејско-арамејскиот (особено религиски зборови), но и арамејски зборови навлегле во хебрејскиот.

Покрај стандардните хасмонејски и вавилонски дијалекти, во регионот се зборувале и поголем број разговорни дијалекти. Седум западноарамејски дијалекти се зборувале во Јудеја за времето на Исус Христос. Тие дијалекти најверојатно биле различни, но сепак меѓусебно разбирливи. Старојудејскиот бил истакнат дијалект во Ерусалим и Јудеја. Во регионот Енгеди се зборувал југоисточен јудејски дијалект. Во Самарија се зборувал самариско-арамејски дијалект. Во регионот од Исус Христос се зборувал галилејско-арамејски дијалект и овој дијалект денес е познат по неколку топоними, влијанието на галилејскиот таргумски дијалект, некои религиски книжевни дела и некои лични писма. Во регионот источно од Јордан се зборувале источнојордански дијалекти, во Дамаск и Либанските Планини се зборувал дамаскински арамејски дијалект и во Алеп се зборувал оронетскиот арамејски дијалект.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Panammuwa II and Bar-Rakib: Two Structural Analyses, K. Lawson Younger, Jr., University of Sheffield
  2. Shaked, Saul (1987). „Aramaic“. Encyclopedia Iranica. 2. New York: Routledge & Kegan Paul. стр. 250–261. p. 251
  3. Frye, Richard N.; Driver, G. R. (1955). „Review of G. R. Driver's "Aramaic Documents of the Fifth Century B. C."“. Harvard Journal of Asiatic Studies. 18 (3/4): 456–461. doi:10.2307/2718444. JSTOR 2718444. p. 457.
  4. Geiger, Wilhelm; Kuhn, Ernst (2002). „Grundriss der iranischen Philologie: Band I. Abteilung 1“. Boston: Adamant: 249ff. Наводот journal бара |journal= (help)
  5. Stolper, John A. Matthew (2007). „What are the Persepolis Fortification Tablets?“. The Oriental Studies News & Notes (winter): 6–9. Архивирано од изворникот 2007-02-14. Посетено на 2007-02-13.
  6. Naveh, Joseph; Shaked, Shaul (2006). Ancient Aramaic Documents from Bactria. Studies in the Khalili Collection. Oxford: Khalili Collections. ISBN 1-874780-74-9. Укажано повеќе од еден |author= и |last1= (help)
  7. Beyer. стр. 28 n. 27. Отсутно или празно |title= (help); Wiesehöfer, Josef; Azodi, Azizeh. Ancient Persia. стр. 118–20.
  8. "Iranian Scripts for Aramaic Languages," in the Bulletin of the American Schools of Oriental Research 341 (2006), pp. 53-62.

Користена литература[уреди | уреди извор]

  • Beyer, Klaus (1986). The Aramaic language: its distribution and subdivisions. Vandenhoeck und Ruprecht. ISBN 3-525-53573-2.
  • Casey, Maurice (1998). Aramaic sources of Mark's Gospel. Cambridge University Press. ISBN 0-521-63314-1.
  • „Aramaic“. The Eerdmans Bible Dictionary. Grand Rapids, Michigan, USA: William B Eerdmans. 1975. ISBN 0-8028-2402-1.
  • Frank, Yitzchak (2003). Grammar for Gemara & Targum Onkelos ((expanded edition). изд.). Feldheim Publishers / Ariel Institute. ISBN 1-58330-606-4.
  • Heinrichs, Wolfhart (ed.) (1990). Studies in Neo-Aramaic. Atlanta, Georgia: Scholars Press. ISBN 1-55540-430-8.CS1-одржување: излишен текст: список на автори (link)
  • Nöldeke, Theodor (2001). Compendious Syriac Grammar. Winona Lake: Eisenbrauns. ISBN 1-57506-050-7.
  • Richard, Suzanne (2003). Near Eastern Archaeology: A Reader (Illustrated. изд.). EISENBRAUNS. ISBN 1-57506-083-3, 9781575060835 Проверете ја вредноста |isbn=: invalid character (help).
  • Rosenthal, Franz (1995). A Grammar of Biblical Aramaic (6, revised. изд.). Otto Harrassowitz, Wiesbaden. ISBN 3-447-03590-0.
  • Sabar, Yona (2002). A Jewish Neo-Aramaic Dictionary. Harrassowitz. ISBN 978-3-447-04557-5.
  • Sokoloff, Michael (2002). A Dictionary of Jewish Babylonian Aramaic. Ramat Gan: Bar-Ilan UP; Johns Hopkins UP. ISBN 965-226-260-9.
  • Sokoloff, Michael (2002). A Dictionary of Jewish Palestinian Aramaic (2. изд.). Bar-Ilan UP; Johns Hopkins UP. ISBN 965-226-101-7.
  • Stevenson, William B. (1962). Grammar of Palestinian Jewish Aramaic (2. изд.). Clarendon Press. ISBN 0-19-815419-4.

Поврзано[уреди | уреди извор]