Прејди на содржината

Тероризам на Македонската револуционерна организација

Од Википедија — слободната енциклопедија
Елена Цилка на 23 месеци

Тероризмот на Македонската револуционерна организација во почетокот се применувал со двојни цели: 1) Како средство за добивање приврзаници 2) Како заштита од предавста од внатрешните или надворешните луѓе, кои и служеле на власта, кои му пакоселе на македонското револуционерно дело, а често и како средство за добивање на материјални средства. Според еден од идеолозите на Македонската револуционерна организација, Ѓорче Петров, теророт, како притисок, форма на убедување, се употребувал за агитирање само во неколку случаи и тоа поради неопходност [1].

Постепено тероризмот на Организацијата, под притисок на ситуацијата, се развивал. Покрај ликвидациите на оделни предавници или потисници на македонското население, се започнало со грабнување на оделни лица за откуп. Најпознато е грабнувањето на мис Елен Стон, а аферата Мис Стон, според времетраењето, спектакуларноста, добиените финансиски средства и афирмацијата на македонското револуционерно дело на меѓународен план е најголемата афера во историјата на Македонската револуционерна организација. Главни глумци во неа биле Јане Сандански, Христо Чернопеев, Крсто Асенов и грабнатата Мис Стон која била првиот американски граѓанин киднапиран надвор од територијата на САД.

Непосредно пред самото Илинденско востание се наметнало прашањето за атентаторството. Гоце Делчев со својата чета на 18/19 март 1903 година го разнесен мостот на Драматица (Ангиста), дел од тунелот, била прекината железничката линија и две телеграфски лини, тоа било демонстрација на новата концепција за борба.

Ликвидации

[уреди | уреди извор]
Спиро Килиманов
Кама

Против своите надворешни и внатреши непријатели, Организацијата се служела со терор во неговата најсилна форма - убиството. Во почетокот ликвидациите се вршеле од специјални луѓе - терористи, кои биле единствена активна сила на Организацијата, подоцна истата функција се префрлила на четите и Четничкиот институт. Должностите на терористите биле регулирани уште со првиот правилник на Организацијата кога биле регулирани првата на членовите, односно на припадниците на Тајната полиција. На чело на казненото одделение, еден одел на полицијата, стоел раководител кој бирал свој тројца помошници. Главна задача на казненото одделение се состоела од спроведување на казните, првенствено смртните, а извршителите на казните биле бирани со ждрепка. Членовите на тајната полиција биле вооружени со револвер и кама, а во акција и со два револвера. Камата одиграла крупна улога во животот на Организацијата во прво време, а пушката подоцна. Ѓорче Петров истакнува:

Свештеник не ја бакнува иконата на Христос кога проповеда со таква топлина и воодушевување, како што Гоце ја бакнуваше својата кама, пред да ја стави во нејзината футрола... Камата, неговиот (Гоцевиот б.н) најсилен инструмент, беше моќно средство за изразување на самоувереноста и терористичката дејност на Организацијата, затоа што со неа можеше да се користи само човек со полна самоувереност... Гоце ја опеваше камата како оружје на теророт во Организацијата и дејствуваше со неа како агитатор... Камата како најсигурен инструмент на двојна смрт (убиство и евентуално самоубиство) дејствуваше без грешка и како симбол на самоувереност беше предодредена да игра и воспитна улога за создавање кај работниците дух на самоувереност и саможртва, затоа Делчев ја засака, ја избра и ја претпочиташе пред револверот.

Во редовите на терористите имало вистински мајстори на камата. Спиро Келиманов од Штип, кавалерот на камата, бил лично создаден од Гоце Делчев. Тој го извадил од дното на општетсвената кал и создал од него легендарен херој. Келиманов обично ги фаќал жртвите за десната со својата лева рака, и кога жртвата не сакајќи ќе ја дигнала левата рака за одбрана, Келиманов му ја забивал камата параво во срце. Ако не го погодил во срцето, а тоа ретко му се случувало, тој ја пуштал жртвата со преубедување дека човекот имал дни за живот.

Нечо од Битола ја забивал камата само откако ќе ја легнел жртвата и ја притискал со коленото, но пред да ја забие камата, се прекрстувал, бидејќи бил побожен и допуштал убиство само кога тоа се правело за народот. Хаџи Коцев се фрлал како мачка на грбот на жртвата и операцијата ја извршувал на вратните жили.

Меѓутоа ликвидации се извршувале и со друго ладно оружје. Стојанчо Лазов од Прилеп го убил предавникот србоман, Поп Антонов со секирче по глава, сред бел ден во турското маало. Звукот на тоа секирче дало одзвук во цела Македонија и оттогаш почнало отворено да се посегнува на поединечните непријатели на делото, кое ги направило терористите да бидат сигурни и посилни.

Андон Ќосето - Касапот
Македонска револуционерна
организација (МРО)
Печат на Македонскиот комитет

Во перидот кога сè уште се преземале конкретни мерки за создвање на вооружени сили на Организацијата, Даме Груев лично го ангажирал терористот Андон Ќосето, познат како Касапот. Ќосето добива директно нареддби од Даме. Потоа станува пајтонџијата на доктор Христо Татарчев, со што ја криел своојата нелегалната дејност. Во тоа време во Солун пристигнал неговиот поголеми брат Никола, кој се ставил во услуга на турските власти. Андон Ќосето сам предложил да го убијат брат му, за да не ја издаде организацијата, што и се случило. Учествувал во ликвидацијата на српскиот ренегат Пејчиновиќ [2]. Во мај 1898 година по наредба на Даме Груев, заедно со Ицо Џорлев од Кукуш, со помош од гевгелиските раководители на: Аргир Манасиев, Илија Докторов и Иван Телјатинов во Гевгелија пред очите на кајмакамот го ликвидирале Христо Цицов (Цицо), истакнат водач на гркоманската партија во градот, доушник на властите. Тој во своите спомени истакнува:

Од Велес некои му пишале на Даме Груев. Јас ништо не знаев за организацијата! Бев слушнал нешто, меѓутоа како во сон... Во тоа време имаше еден Тано Мурџев... Даме груев го задолжил да го пронајде тоа момче (Ќосето б.н)... Ме ставија за таен полицаец. Гледаат дека ме бива за таа работа. Ми дадоа да извршам една акција, едно убиство. И тоа сврши. После една ноќ му забив нож на еден Грк... Во тоа време во Солун имаше еден Србин по име Борис... Започнав да го следам за да го премавнам... Една вечер јас влегов Коломбо. Одзади имаше градина. Седнав и си порачав пиво. Не мина многу време и пристигна Борис, оној што го барав. Требаше да го убијам, за да се одмазам за Ганевото убиство, за убиството на учителот. Тој беше силен маж на Србте. На излегување му го удрив ножот... и бегам за да излезам преку вратата. Еден полицаец по име Умер ефенди, се пушти за да ме фати. Но додека тоа да го стори, јас грмнав со револверот и го удрив... и преку него избегав... Јас продолжив да бидам пајтонџија на д-р Татарчев (Христо б.н), а истовремено ги извршував доверените терористички акции... Јас бев слушнал за Делчев, но лично не се познавав со него. За моето родно место знаеше само Дамјан Груев. Му кажав на Даме - Ако сакаш да си останеме пријатели, не треба да кажуваш на никому каде сум роден, инаку ќе те убијам. Тогаш кога го чу тоа, Даме се насмеа и запраша: Дали би посегнал по мене, Андоне? Јас му одговорив, дека тоа би го извршил! И Даме ја зачува до крај тајната на моето село, до крај - до својата смрт. [3]

Организацијата извршила голем број на ликвидации врз разните потисници на македонскиот народ. Меѓу нив спаѓа и ливидацијата на Хусеин-пеливан. Тој бил најпрочуен разбојник во Тиквешијата, а себеси се нарекувал Хусеин-капетан. Во 1898 година поради своите злосторства бил осуден и зтворен во Једи Куле, Солун. Меѓутоа во 1899 година бил амнестиран и се вратил во селото Тимјаник. Хусеин-пеливан со својата вооружена придружба постојано им се заканувал луѓето со смрт за да им собира пари. Неговите злосторства биле под покровителство на тиквешкиот кајмакам Шефки-беј. Поради таквата дејност, Хусеин-пеливан бил осуден на смрт од страна на Неготинскиот месен комитете на Македонската револуционерна организација. Како погоден момент за негова ликвидација била искористена свадбата на Коле Јорданов со Олга Бакалова во номеври 1899 година [4]. Организацијата занејќи ги манирите на Хусеин-пеливан му поставила три заседи во неготинската чаршија. Хусеин-пеливан ги пресретнал свадбарите во чаршијата, ги застанал, а на музиката и наредил да му ги свири неговите омилени песни. Истовремено побарал невестата и младоженецот да му целиваат рака, а останатите моми да му играат оро [4]. Но овој пат никој не ги исполнил неговите желби. Хусеин-пеливан си заминал налутен и посрамен, заканувајќи им се на сите дека ќе име се одмази. Меѓутоа, не стигнал далеку. Хусеин-пеливан налетал на првата заседа во која биле Гошо Марков, Пано Џунов и Нацо Подлешов - касапот. Хусеин-пеливан бил убиен, а Нацо касапот му ја пресекол главата и му ја фрлил во бразда [4]. Оваа убиство останало трајно запишано во историската меморија на македонскиот народ и е опеано во песната Усо Темјанички (позната и како Царот Неготински):

- Не ми оди, Усо, на каурска свадба,
каури се лоши, ќе се поднапијат
каури се лоши, ќе се поднапијат
ќе се поднапијат, ќе ми те убијат! [5]

Биле извршувани ликвидации и врз личности кој со својата дејност, според погледите на револуционерните раководители, ги загрозувале интересите на Организцијата. На 23 февруари 1898 година (стар стил) во Цариград, Димитар Македонски бил ликвидиран од страна на Ефтим Гештаков, терорист на Организацијата [6]. Македонски бил убиен од страна на Организацијата поради напис во весникот Новини[6]. По објавувањето на написот, учителот Битраков од Охрид истакнал дека Македонски нема да остане жив[6]. Откако веста за неговото убиство пристигнала во Солун, Иван Хаџи Николов, Дамјан Груев, Христо Батанџиев и Христо Матов кој дошол специјално од Скопје, се собрале во Бошњакан и набргу им се придружил сопственикот на анот - Васил Мончев (кој бил меѓу првите членови на организацијата), тогаш Иван Х. Николов сакал да почасти коњак за убиството, а Мончев набргу заминал, и му препорачал на Дамјан Груев повеќе да не доаѓа во гостилницата[6]. Бугарскиот трговски агент во Солун, Атанас Шопов претпоставувал дека ликвидацијата на Македонски била наредена од Задграничното претставништво на Организацијата во Софија, а неговата ликвидација била извршена од страна на Цариградскиот комитет на чело со Трајчев [6]. Шопов истакнува дека убиството на Димитар Македонски било извршено со цел за да се изврши притисок врз егзархиските чиновници и Бугарската црква (Бугарска егзархија) чие седиште се наоѓало во Цариград за да бидат поставени учители во Македонија според потребите на Организацијата [6]. Притоа, Шопов истакнува дека:

Македонски беше лош дух за нив, бидејќи не им го одобруваше поведението, им го поткопуваше влијанието во Цариградското агенство и настојуваше да ги отргне ресенските градинари со кои се служела организацијата[6].

Теророт како форма на убедување

[уреди | уреди извор]
Михаил Апостолов - Попето
Апостол Петков Терзиев

До Илинденското востание теророт, како притисок, форма на убедување, се употребувал за агитирање само во неколку случаи и тоа поради неопходност. Апостол Петков во едно село во Ениџе Вардарско ги натерал првенците на селото да му дадат збор, дека ќе влезат во Организацијата за да работат слободно посиромашните селани што веќе влегле во Организацијата. Христо Чернопеев ги натерал селаните од Костурино да влезат во Организацијата, затоа што селото било на патот од Струмица кон Вардарската Долина.

Михаил Апостолов - Попето во едно патријаршиско село, кое му било неопходно за слободно движење на четите и за превоз на материјали, спровел морален терор над коџабашијата, првенец во селото, за да го натера да престане со кодошење кај Турците. Тој со својата чета сред бел ден влегол во селото облечен во војничка униформа, му влегол во куќата, ја соблекол униформата, а кога коџабашијата го видел, се стаписал од страв. Го смириле дека ништо нема да му напрвата. Коџабашијата почнал да ги моли да не го компромитираат пред селаните бидејќи тие можеле да јават на власта. Попето му одговорил:

ако ти е страв дека селаните ќе кажат дека во твојата куќа се кријат комити и ти си играл оро со нив, тогаш и ти откриј ги другите, кога ќе ги видиш со комити или кога вршат некоја комитска работа. Како што гледаш ние сме добри луѓе и не сме лоши комити.

Михаил Апостолов - Попето бил познат мајтапџија. По овој настан коџобашијата станал одличен работник на Македонската револуционерна организација. Во селото Дели, во близина на Кочани, се создал голем извор на србоманство, а селото било многу важно за Организацијата бидејќи се наоѓало на патот по кој се движеле организациски дејции. И тука бил применет моралентерор. Четата на дедо Иван оставила 3-4 товари со пушки под селото и се повлекла за да го помине денот на безбедно место во близината на селото. Селаните многу се исплашиле кога го виделе оружјето. Дедо Иван им раскажал дека пушките се на некои бугарски (егзархисти) комити, кои се подготвувале за востание со цел да ја преземат власта од Турците. Селаните останале засрамени дека само тие биле надвор од револуционерното дело, затоа што се кажале дека се србомани отцепени од народот. Следниот ден селаните се откажале од српството и сите станале добри работници на Организацијата.

Киднапирања

[уреди | уреди извор]
Гоце Делчев
Учесниците во аферата мис Стон - Сава Михајлов, Јане Сандански, Крсто Асенов и Христо Чернопеев

Засиленото воружување на Организацијата покажало дека финансиските средства добиени од членските влогови и добротворни прилози не можеле да ги задоволат потребите за набавка на оружје и муниција. Отука се јавил идејата за набавка на финансиски средства преку киднапирања. Првата поголема акција во тој правец била потикната од Гоце Делчев. Според Никола Зографов: на 6 јануари 1897 година телеграфистот Андон Златарев, во интерес на македонското револуционерно дело, ја ограбил ќустендилската пошта, од каде што подигнал 28 000 лева. Пред да побегне Златарев, врз претходно постигнат договор, им предал 25 000 лева на Васил Главинов и Александар Кипров кои требало парите да ги предадат на Гоце за потребите на Македонската револуционерна организација. Меѓутоа тие ја злоупотребиле довербата, преливајќи ги средствата во социјалистичката благајна. Гоце го излажале дека парите ги закопале во река, па надојдената вода ги одвлекла незнајно [7]. Гоце долго време не можел да се помири со нечесната игра на Главинов, за што сведочат неговите писма.

Гоце се обидел да се специјализира за киднапирање на бегови. Во 1897 година неуспешно завршиле обидите за грабнувањето на турскиот богаташ Черкез, виничкиот бег, струмичкиот Мафи-бег. Успешно завршило киднапирањето на струмичкиот бег Назлам бег, за кого биле побарани 6 000 турски лири, но поради непретпазливост, бегот им се извлекол од раце. Слични обиди Гоце направил и во 1897 и 1899 година. Меѓутоа според Михаил Апостолов - Попето: тој занает не е за Гоцета, нему ич не му оди со бегови.

Во мај 1900 година никнала најкрупната киднаперска замисла на Гоце. Тргнувајќи од релативно добрата соработка со Врховниот македонски комитет на Борис Сарафов, како и фактот што акцијата требало да се изведе на територијата на Кнежевството Бугарија, Гоце предвидел оваа акција да биде заеднички спроведена од страна на Македонската револуционерна организација и Врховниот македонски комитет. Било предвидено да биде извршено киднапирање на синот на бугарскиот државник Иван Гешов, од кого требало да се извлечат 1, 5 милијони златни лева. Врховниот македонски комитет го прифатил планот, при што биле определени обврските. Сарафов требало да изнајми куќа, каде што требало да се чува детето, Тома Давидов да купи еден пајтон и да најде верен пајтонџија, а Гоце треабло да го грабне детето. Ѓорче Петров бил задолжен за примањето на парите од Гешов. Но планот не се оставарил бидејќи детето на Гешов заминало за Париз.

Војводата Јане Сандански
Катерина, Елена Цилка и Мис Стон

Гоце Делчев го ополномошил Михаил Герџиков да изврши едно киднапирање во Македонија но турските сили сѐ уште биле раздвижени поради Солунската провала и затоа овој обид останал неуспешен. Во летото 1901 година се одржало советување во Ќустендил на кое присуствувале Гоце Делчев, Јане Сандански и Христо Чернопеев и тие заклучиле дека: ситните грабежи само го нарушуваат престижот на Организацијата, а не придонесуваат за нејзино финансиско закрепнување. Затоа Јане Сандански предложил да го киднапира кнезот Фердинад при неговата посета на Рилскиот манастир но оваа иницијатив на Сандаснки била отфрлена од страна на Гоце Делчев и предложил војводите да спроведаат акции за собирање на пари но надвор од границите на Бугарија. Раководството и војводскиот кадар се нашол во дилема. Имено помошта од Бугарија не била прифатлива, ситните акции биле непожелни, а големите биле опасни по Организацијата и ослободителнот делото, но сите разбрале дека мора нешто да се стори за да се дојде до пари.

Во 1901 година некаде околу Петровден, Јане Сандански, Христо Чернопеев и Сава Михајлов подготвиле плана за киднапирање на Сулејман бег од Горна Џумаја но поради болест на бегот таквата акција била откажана [8]. Бидејќи таа акција била одложена Јане Сандански и Чернопеев се начле во Разлошко и решиле да го грабнат д-р Хаус кој бил протестански мисионер од Солун. Меѓутоа тој го одложил патувањето и затоа тие решиле да ја киднапираат протестанската мисионерка Мис Стон која се наоѓала во Банско. За акцијата најпрво бил известен ОК во Банско на чело со Димитар Лазаров, потоа бил утврден планот кој се состоел од неколку точки. За целиот план притоа биле известени Гоце Делчев и Ѓорче Петров, притоа Делчев се двоумел додека пак Ѓорче бил на мислење дека со грабнувањето нема да се добијаат големи финансиски средства. Треба да се истакне дека Јане и Христо Чернопеев решиле на своја рака да ја покренаат сета акција. Набргу се разврзала Аферата мис Стон, која според времетраењето, спектакуларноста, добиените финансиски средства и афирмацијата на македонското револуционерно дело на меѓународен план е најголемата афера во историјата на Македонската револуционерна организација. Главни глумци во неа биле Јане Сандански, Христо Чернопеев, Крсто Асенов и грабнатата Мис Стон која била првиот американски граѓанин киднапиран надвор од територијата на САД [9][10].

Атентаторство

[уреди | уреди извор]
Михаил Герџиков
Здружената серска чета во февруари 1903 година кај селото Крушево, Серско

Македонскиот комитет започнал да бара модерни средства за борба, за ја парализира предност на Османлиите. Имало планови за набавка на лесни топови и друго современо оружје. Меѓутоа Македонската револуционерна организација се произнела за експлозивните средства, бомбите и динамитот. За време на првото доаѓање на Гоце Делчев во Бугарија, тој се стекнал со извесен број на бомби, дел од нив на двапати ги испратил во Битола. Делчев ја формирал и раководел Сабјарската фабрика за бомби, а во неа биле произведен околу 1 500 бомби. Иван Топалов, даровит механичар, прв конструирал пеколна машина, која се курдисувала како часовник, пеколната машина предизвикувала експлозија во точно определено време. Во прво време раководителите на Организацијата си го задржале правото како да се распоредуваат и како да се употребуваат експлозивните средства. Било решено овие експлозивни средства да се чуваат сè до времето на востанието и тогаш тие да бидат употребени за да се постигне неочекувано изненедување, да се предизвика збрка кај непријателот, а пред тоа четите да се служат со бомбите за самозаштита или неопходност.

Меѓутоа решенито за кревање на востанието влијалело да дојде од промена на таквата одлука. Кон крајот на ноември 1902 година ЦК на Гарванов и Задграничното претставништво ја донеле конечната одлука за кревање на востанието. Таа требало да се санкционира и затоа Иван Гарванов на 24 декември 1902 година испратил окружно за одржување на Конгрес. Задграничното претставништво откако го примило окружното од ЦК организирало советување во Софија кое траело неколку дена. На оваа советување присуствувале: Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Христо Матов, Христо Татарчев, Иван Хаџи Николов, Борис Сарафов, Михаил Герџиков, Кирил Прличев, Туше Делииванов, Христо Силјанов и други. На ова советување Матов и Татарчев ја поддржувале идејата за општо востание, додека пак Ѓорче Петров и Гоце Делчев се залагале за перманентно востание. Ѓорче Петров предложил да дојде до засилување на четите и терористичките акции кој постепено требало да водат кон востание кое не требало официјално да се објави. Михаил Герџиков предложил терористички напади кој би ја засегнале османската власт и европскиот капитал. Тој планирал да се формираат терористички групи по градовите кој би биле во контакт со Централниот комитет, а кон овие идеи клонел и Гоце Делчев. Делчев истакнал дека Турција треба да се фрли во анархија, да се разниша Царството во неговите основи со што би се предизвикале Големите сили да интервенираат за решавање на Македонското прашање. Меѓутоа Делчев се решил за комбинирано дејствување со чети и терористички акции. На крај од советувањето се дошло до компромисно решение за засилени партизански дејства [11].

Сава Михајлов
Аргир Манасиев

Гоце Делчев не го сочекал крајот на советувањето во Софија и веднаш заминал за Серскиот револуционерен округ да ја демонстрира новата концепција за борба. Тој собрал чета од 40 души [12], а во неа биле Пејо Јаворов, Димитар Стефанов, Димо Хаџи Димов и други. Најпрво поминале во Банско, а на тамошниот собир Делчев зборувал за: слободна и независна Македонија со широки правa за сите сиромаси[13]. Тој истакнал дека борбата треба да се води со терористички акции и четнички дејствија, како подготовка за крајното средство - масовно вооружено востание.

Делчев предноста на својата концепција за востание сакал да ја демонстрира преку преку изврдување на атентат. Тој имал на располагање четири товари на распрсувачки материјал. Дел од овој материјал бил искористен за еднонеделна обука на серските чети во пештерата Кепе на Али Ботуш. Делчев во почетокот сакал да го разнесе мостот на Струма во Демихисарско, но тој бил добро обезбедуван и затоа заминал за Драмско каде на 18/19 март бил разнесен мостот на Драматица (Ангиста), дел од тунелот, била прекината железничката линија и две телеграфски лини. Делчев му пишал на Пејо Јаворов сета акција во весникот Слобода или смрт да ја прикаже како дело на Организацијата, а не како на чета. Овој став на Делчев не претставувал скромност, туку желба за промовирање на новата тактика од името на целата Организација.

Во текот на Илинденското востание со атентаторска цел многу чети влегле во борба. Сава Михајлов и Аргир Манасиев откако го добиле известувањето за денот на востанието, организирале советување. Тие заклучиле дека ќе можат да преземаат само атентати по железничката линија. Пред Илинден, во Гевгелиско биле четите на Михајлов со 33 души, Манасиев со 38 души и Карасулијата со 24 души, вкупно 95 четници. На Илинден четите се нашле во близина на самата Гевгелија. Ноќта на 10 август бил миниран блискиот железнички мост. Неколку недели пред востанието во Скопскиот округ се појавила четата на Никола Пушкаров со јачина од 18 души, таа располагала со неколку боеви сили и интелигентни момчиња. Со себе четата носела 200 бомби и 100 килограми динамит. На 1 август во 11 часот бил извршен атенатат на железничката линија Скопје - Солун. Расчистувањето на пругата траело два дена. На 13 август, по линијата Одрин - Цариград, на станицата Кулели Бургас бил извршен динамитски атентат. Два вагони излетале, загинале 6 души, а 14 биле ранети, меѓу загинатите имало и Европејци. На 18 август избувнал друг динамит на истата железничка линија, но експлозијата се случила откако возот поминал. Линијата била уништена и движењето спрено за долго време. Нападот бил извршен од групата на Неделко Килев. Сите други обиди како овие на Тане Николов и на Коста Нунков да биде организирана детонација на други железнички пруги не биле сполучливи.

Меѓутоа атентатите, со исклучок на Солунските кој биле дело на Гемиџиите, не го предизвикале очекуваниот ефект и практично не дале некој резултата. Според Ѓорче Петров: На крајот стана јасно дека на Организацијата и недостасуваат интелгентни работници, со знаење и вештина да се служат со експлозивни средства кои ќе бидат готови да се жртвуваат и да знаат навреме и наместо да ги употребат.

Научни погледи

[уреди | уреди извор]

Во историјата на Македонија, кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, постоеле повеќе организации за ослободување, кои измислиле практично се во модерниот тероризам [14]: земање на заложниците (афера мис Стон), киднапирање возови и слично. Овие организации покажале извонредно иноваторство. Се што било направено во 60 - те и 70 - те години на 20 век во најбурниот период на палестинскиот тероризам, киднапирања на авиони, атентати и др., се дирекно наследство на методите воспоставени од ВМРО и македонските терористички организации од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Францускиот експерт за тероризам, Ксавие Рофер истакнува:

... ги разгледувам овие феномени без пасии, моето занимање не е да ги судам од морална гледна точка, туку само од техничка. Според втората гледна точка, во тероризмот многу нешта беа измислени во Македонија... тероризмот не е одлика само на минатото на македонскиот народ, тука се усташките организации, потоа српската терористичка организација Црна рака. Ако во мојата книга (Балкански хаос издадена 1991 година б.н) инсистирав на ВМРО, тоа е поради фактот дека тоа што го правеа усташите или припадниците на Црна рака беше класично, немаше новини... ВМРО покажа многу поголема иновација и беше најмодерна. ВМРО донесе многу новини во тероризмот [14]
  1. Ѓорче Петров, Беседа за Гоце, Култура, 2003
  2. Борбите в Македония - Спомени на отец Герасим, Георги Райков, Дельо Марковски, Илия Докторов, Васил Драгомиров“, Борис Йорданов Николов, ИК „Звезди“, 2005 г., стр. 55.
  3. Спомени на Андон Ќосето
  4. 4,0 4,1 4,2 Камчевски Петре, Револуционерното движење во Тиквешијата до Балканските војни, Кавадарци, 1995
  5. Усо Темјанички
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 6,5 6,6 А. Шопов, Дневник, дипломатически рапорти и писма (ред. А. Пасков). София, 1995
  7. Христо Андонов Полјански, Гоце Делчев, III, Култура, Скопје, 1972
  8. Спомени на Јане Сандански
  9. Лаура Бет Шерман, Пожари в планината, Македонското ревоюционно движение и отвличането на Елен Стоун, (превод од английски Екатерина Николова), София, 1992
  10. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003
  11. Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том I Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1933. (бугарски)
  12. СПОМЕНИ НА ИВАНЪ АНАСТАСОВЪ ГЪРЧЕТО
  13. Христо Андонов Полјански, „Гоце Делчев во спомените на современиците“, Скопје, 1963.
  14. 14,0 14,1 Ксавие Рофер, експерт за тероризам и криминал, Запалениот фитил не стигна до Бурето Барут, Ексклузивно интервју за списанието Пулс, мај 1999, Париз