Слепче (Прилепско)

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Слепче, Прилепско)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Слепче
Слепче на серд село.jpg

Слепче на сретсело

Слепче is located in Македонија
Слепче
Местоположба на Слепче во Македонија
Координати 41°30′2″N 21°27′6″E / 41.50056° СГШ; 21.45167° ИГД / 41.50056; 21.45167Координати: 41°30′2″N 21°27′6″E / 41.50056° СГШ; 21.45167° ИГД / 41.50056; 21.45167
Регион Прилепско Поле
Општина Општина Долнени
Население 68 жит.
(поп. 2002)
Слепче на општинската карта
Слепче во Општина Долнени.svg

Атарот на Слепче во рамките на општината
Commons-logo.svg Слепче на Ризницата

Слепче е село во Општина Долнени, во околината на градот Прилеп.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Слепче се наоѓа во северозападниот дел на Прилепското Поле во Општината Долнени, чиј атар широко се добира со просторот на Општина Чашка. Селото лежи на границата помеѓу планинската падина на североисток и ниското рамно земјиште на југозапад. Генерално неговата околина е во ридско-планински предел од источната страна, пространо поле од западната страна, северниот и јужниот дел со помали ридови. Тоа е ридско село на надморска височина од 700 метри. Од градот Прилеп е оддалечено 23 километри. Околни села се Браилово, Секирци и Гостиражни. Водата за пиење се добива од чешми кои се викаат Нова Чешма, Стара Чешма, Нинаец и Горна Чешма. Во дворовите има и неколку бунари длабоки до 18 метри. Слепче е село до збиен тип. Куќите се групирани во три маала, кои се нарекуваат според родовските слави: Петковденска, Митровденска и Аранѓеловска. Атарот зафаќа простор од 16,7 км² на кои обработливото земјиште зазема површина од 705 хектари, шумите се на 584 ха, а на пасиштата отпаѓаат 229 хектари. Селото Слепче има полјоделско-шумарски карактер. Потези под обработено земјиште се: Бело Поле, Крушје, Арапица, Тапан, Милошица, Ргулица, Бојкоица или Тумба, Јасика, Аша-Бара, Вељаница, Чорбеница, Шапка, Дрење. Необработеното земјиште на планината се вика: Крепа, Три Буки, Вирои, Гробче, Неделска Вода, Црн Камен, Висок Мериз, Клен, Стог, Селиште и Иљо-Гумно. Кај манастирот Слепче се наоѓа позната сталактитна пештера за која во својата книга од 1896 пишувал македонскиот револуционер Ѓорче Петров. Ако се возите со воз од Скопје накај Прилеп, веднаш после големиот тунел, после селото Гостиражни е железничката станица Слепче, разрушена со текот на времето и со човечко невнимание.

Историja[уреди | уреди извор]

Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Прилепскиот Вилает (Vilayet-I Prilepe) под името И-с-л-п-ч и имало 26 семејства, 2 неженети и 11 вдовици, сите христијани.[1]

Над Слепче се наоѓа манастирот Свети Никола подигнат во 1602 година. Постојат податоци дека живописот бил обновен во 1672/74 година, што укажува дека тој можеби е изграден во постаро време. Селаните велат дека: „Нашиот манастир беше прикажан“. Имал 130 хектари обработливо земјиште, лозја и добиток. Земјата ја добил како подарок од селаните за здравје на луѓето и стоката. Некојси Трпче од Слепче имал два сина при што едниот играјќи се го убил брата си. После тоа Трпче ја подарил земјата на манастирот и во него умрел како слуга. До 1940 година надалеку прочуена по добар глас била и манастирската слава. После Втората светска војна манастирската земја била поделена на селаните, потоа манастирот немал ни стока. Подоцна за него се грижеле калуѓери, а во 1955 година имало само една калуѓерка. Манастирскиот конак еднаш изгорел во 1912 година, после што бил обновен со прилози од селаните.

Околу 2 километри северно од Слепче, на планината е местото Селиште со извор. Таму се наоѓани ќерамиди, камен од некогашни куќни ѕидови и урнатини од црква. Селаните велат: „Кој знае во кое време таму имало село. Полево сето било со ади, народот живеел на планина“. Се зборува дека на планината во шумата се воочуваат и може да се препознаат ниви и стари лозја. Недалеку од Селиште е местото Иљо-Гумно. Денешното Слепче е основано во отоманско време. Го основале Поп-Перовци кои дошле од околината на Дебар. Кога тие го основале селото, тогаш постоел манастирот. После нив дошле предците на другите родови. Крај самото село Слепче на северозапад е црквата Свети Ѓорѓи („зимен“). Таа била мала и запуштена црква, за која селаните велеле дека е изградена после основањето на денешното село. Околу црквата се селските гробишта. Селската слава е Свети Никола „летен“.

За време на турското владеење овде постоел еден чифлиг кој го основал Албанецот Ислам од Црнилиште, кого селаните го повикале да „го брани“ селото. Потоа се намножиле „сопствениците“ на чифлигот, па во 1912 селото било затечено со 6 чифлизи (околу една третина од атарот). Сите сопственици биле Албанци од соседното Црнилиште и се викале Алија, Бајрам, Фејзо, Рамко, Фазлија. После 1912 година селаните Македонци ја купиле земјата на чифлигот.

Местото Гробче се наоѓа на планинскиот масив. Таму води патот од Слепче за Велес. По тој пат во XIX век селаните оделе на печалба во Србија, Бугарија и Романија. Некој печалбар умрел и бил погребан на тоа место, а гробот се познавал до средината на педесеттите години на ХХ век. Бројот на домаќинства во Слепче низ ХХ век изнесувал: 65 во 1921 г., 94 во 1948 г., 110 во 1961 г., 120 во 1971 г. Во 1955 година селото Слепче имало вкупно 67 домаќинства.

Економија и стопанство[уреди | уреди извор]

Според составот на атарот Слепче има полјоделско-шумарска функција. Меѓутоа преостанатото население во Слепче, се занимава и издржува од полјоделство и сточарство, а многу помалку од шумарство со кое се занимаваат жители од други места кои доаѓаат тука за сеча на огревно дрво и дрвена граѓа за подружницата на „Македонски Шуми“, односно шумското претпријатие од Прилеп. Од полјоделството, како и во целиот прилепски крај, најмногу се одгледува тутун, потоа во голем обем се одгледуваат жита - најмногу пченица, потоа и јачмен и пченка, градинарски производи како патлиџани (домати), краставици, зелени пиперки, кромид и лук, претежно за сопствени домашни потреби. Од сточарството, во помали размери претежно се одгледуваат овци, кози и крави, од чие млеко се прави многу вкусно и доста познато „слепчанско“ овчо сирење.

Население и демографија[уреди | уреди извор]

Според статистиката на Васил К'нчов („Македониja, Етнографиja и статистика“) од 1900 година, во Слепче живееле 420 жители, сите Македонци.[2]

Според секретарот на бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Слепче имало 448 Македонци, егзархисти.[3]

Според пописот од 2002 година Слепче има 68 жители - 67 Македонци и 1 Србин.[4]

На табелата е прикажан бројот на население низ сите пописни години:[5]

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 420[2] 240[3] 700 732 692 577 256 132 102 68

Слепче отсекогаш, па до денес е населено само со православни Македонци. Поради иселување на голем број на жители Слепче преминало од средно во мало село, при што во 1961 година имало 692, во 1994 спаднало на 102, а во 2002 на само 67 жители.

Родови[уреди | уреди извор]

Слепче е македонско село.

Според истражувањата од 1955 година, родови во селото се:

  • Доселеници: Поп Петревци (6 к.) они се најстар род во селото, доселени се од некое место во дебарско; Бачковци (15 к.) и Китановци (5 к.) доселени се од некое место на запад од прилепско. Не се знае дали се Власи или Мијаци; Козаровци (31 к.) доселени се исто како и Поп Петревци од околината на Дебар (дебарско). Ја знаат следната генеологија Вељан (жив на 65 год. во 1955 година) Тодор-Никола-Мирче-Никола, се доселил некој подалечен предок; Ѓоревци (2 к.) доселени се од областа Река во сливот на Радика, ја знаат следната генеологија Анѓеле (жив на 80 год. во 1955 година) Коне-Миле-Ѓоре, подалечните предци не ги знаат; Мрсјаковци (3 к.) доселени се од селото Никодин; Марковци (2 к.) доселени се од селото Браилово; Дупевци (1 к.) доселени се од селото Жабјани; Мојсовци (1 к.) доселени се од Манастирец во Порече; Дојчиновци (1 к.) доселени се во 1942 година од селото Попоец, кичевско.[6]

Општествени институции[уреди | уреди извор]

Администрација и политика[уреди | уреди извор]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки локалитети[7]


Цркви[8]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Се знае за овие иселеници од Слепче: Алексовци живеат во Жабјани. Трипуновци и Алексовци живеат во Ропотово. Козаровци живеат во Заполжани. Бачковци, Цупановци и Марковци живеат во Браилово. Од Слепче има и други иселеници во Прилеп и Скопје.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.72
  2. 2,0 2,1 Кѫнчовъ, Василъ. Македония. Етнография и статистика. София, Българското книжовно дружество, 1900. ISBN 954430424X. с. 245.
  3. 3,0 3,1 Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.150-151.
  4. Министерство за Локална Самоуправа. База на општински урбанистички планови
  5. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година) *Државен завод за статистика http://makstat.stat.gov.mk.
  6. Трифуноски, Јован (1998). Битољско-прилепска котлина. Белград: Српска академија наука и уметности. 
  7. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. II. Скопје: Македонска академиjа на науките и уметностите. ISBN 9989649286. 
  8. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]