Кукуш (Кукс, Кукес, Кукеш; албански: Kukës, Кукс) — град и седиште на истоимената општина и област, во северот на Албанија. Според пописот извршен во 2001 година, во Кукуш живееле 17.222 жители.
Градот се наоѓа во планинската област во северна Албанија, блиску до границата со Србија/Косово.
Градот е преместен во времето на изградбата на хидроелектраната и вештачкото езеро Фјерза на реката Дрим во 1976 година. Стариот град Кукуш тогаш бил потопен. Денешниот град, изграден во 1970-те, порано го имал и називот Нов Кукуш (албански: Kukësi i Ri).
Областа и градот имаат слаба патна поврзаност со остатокот од земјата. Населението е сиромашно, а криминалот претставува голем проблем.
Земајќи ја предвид географската местоположба на градот, во близина на етно-историскиот македонски регион Гора, како и доселувањата од горанските села во градот, се претпоставува дека во Кукуш живеат околу 2.000 Македонци од областа Гора.[1]