Базилика Свети Петар

Од Википедија — слободната енциклопедија
Базилика Свети Петар
Basilica Sancti Petri
Внатрешноста на базиликата Свети Петар од Џовани Паоло Панини
Основни податоци
МестоВатикан Ватикан
Координати41°54′8″N 12°27′12″E / 41.90222° СГШ; 12.45333° ИГД / 41.90222; 12.45333Координати: 41°54′8″N 12°27′12″E / 41.90222° СГШ; 12.45333° ИГД / 41.90222; 12.45333
ПрипадностРимокатоличка црква
Осветен1626
Духовно-организациски статусбазилика
Мреж. местоОфицијално мрежно место
Архитектонски опис
Архитект(и)Донато Браманте

Антонио да Сангало Помладиот
Микеланџело Буонароти
Вињола
Џкамо дела Порта
Карло Мадерно

Џан Лоренцо Бернини
Архитектонски стилренесанса и барок
Поставен темел1506
Завршен1626
Особености
Сместивост60.000 +
Должина220 м
Ширина150 м

Папска базилика „Свети Петар“ (латински: Basilica Papale Sancti Petri) — соборна црква во Ватикан, посветена на апостол Петар и е најголемиот христијански храм во светот, кој може да собере и до 60.000 верници.[1] Базиликата претставува „мајка-црква“ на Римокатоличката црква и се смета за едно од најсветите христијански места во светот. Во христијанскиот свет, таа е опишана како седиште на сите цркви и како најголема од сите цркви во христијанството.[2][3][4] Според католичкото верување, во базиликата е погребан апостол Свети Петар, еден од дванаесетте апостоли на Исус Христос, и според традицијата тој се смета за прв епископ на Рим, односно во подоцнжената традиција и прв папа на Римокатоличката црква.

Според христијанските верувања, во базиликата се наоѓа гробот на Свети Петар, непосредно пред олтарот во базиликата. Поради оваа причина, многу од папите биле погребувани на тоа место уште од времето на раното христијанство. Првата градба на црквата била изградена во текот на 4 век, односно во времето на Константин Велики. Целосната реконструкција и скоро целиот денешен изглед, базиликата го добила во периодот од 18 април 1506 до 18 ноември 1626 година.[5]

Базиликата е позната како место за поклонение. Таа е посетувана од страна на милиони христијански верници од целиот свет. Врз базиликата работеле едни од најголемите уметници меѓу кои најпознат е Микеланџело Буонароти. Како архитектонска конструкција, базиликата се сметала за најголема зграда во времето кога била изградена.[6] Треба да се напомене дека објектот посветен на Свети Петар не е катедрала ниту пак седиште на епископ. Како правилно определување се смета дека таа претставува папска базилика.

Статус[уреди | уреди извор]

Базиликата Свети Петар е една од четирите папски базилики во Рим[7]. Останатите три базилики се: Црква Свети Јован Латерански, базиликата „Голема Богородица“ и Црква Свети Павле надвор од ѕидините. Таа е највисока зграда во внатрешноста на Ватикан, чија купола е најдоминантна во градот Рим, Италија. За базиликата Свети Петар се верува дека е најголемата црква во христијанскиот свет.[8] Таа зафаќа површина од 2,3 ха и има капацитет од над 60.000 луѓе. Објектот е еден од најсветите објекти на христијанството, односно римокатоличкото христијанство.

Во самата базилика бил пограбан апостолот Свети Петар, еден од дванаесетте апостоли на Исус Христос и прв епископ на Антиохија и прв епископ на Рим, а подоцна и прв папа на Римокатоличката црква. Иако Новиот завет не го спомнува мачеништвото на Свети Петар во Рим, според католичката традиција, се смета дека неговата гробница е под балдахинот и олтарот на црквата. Поради оваа причина, голем дел од папите во ранохристијанскиот период биле погребувани покрај истото место. Изградбата на денешниот храм, кој бил изграден врз темелите на друга постара базилика која датирала од времето на Константин Велики, започнала на 18 април 1506 година за да на 18 ноември 1626 година, папата Урбан VIII свечено ја отвори и освети новата градба.[5]

Базиликата Свети Петар не е ниту папско официјално седиште, ниту прва по ранг базилика во Рим. Се смета дека оваа титула се предава на црквата Свети Јован Латерански. Сепак, базиликата е главната папска црква, каде се одржуваат поголемиот дел од папските церемонии, пред сè поради својата големина, значење и убавина.

Историја[уреди | уреди извор]

Гробот на Свети Петар[уреди | уреди извор]

По распнувањето на Исус во текот на 1 век од новата ера, во библиската книга Апостолски дела пишува дела еден од дванаесетте апостоли на Исус, Симон познат како Петар, рибар од Галилеја, ја презел водечката и водачката позиција помеѓу следбениците на Исус. Така, Петар во следните години одиграл голема улога во формирањето на христијанската црква. Името Петар (латински: "Petrus"; грчки: "Petros"), во превод означува камен или карпа.

Според верувањата, Петар по триесет години мисионерство и проповедање на новата религија, кон втората половина на 1 век дошол во Рим, каде во 64 година бил уапсен, измачуван и распнат на крст. Ова се случувало во времето кога на престолот на Римското Царство бил императорот Нерон. Тој бил уапсен по големиот пожар кој го опфатил Рим бидејќи Нерон сметал дека христијаните биле виновни за истиот. Пред да биде распнат на крст, апостол Петар побарал да биде распнат со главата надолу.[9]. Распетието се случило во близина на античкиот египетски обелиск во Неронскиот циркус. Денеска, овој обелиск се наоѓана плоштадот Свети Петар. Тој е еден од неколкуте антички обелисци во Рим.[10]

Според традицијата, Петар бил погребан недалеку од циркусот на Нерон, во Ватиканските ѕидини, што пресметано е на помалку од 150 метри од неговото место каде што починал. Виа Корнелиа денеска се наоѓа на јужната страна од базиликата и плоштадот Свети Петар. Гробот на апостол Петар во почетокот бил означен само со црвен камен, симбол на неговото име. Изградбата на храмот се случила неколку години подоцна, односно по речиси триста години.

На 23 декември 1950 година, папата Пиј XII официјално го објавил откривањето на гробот на Свети Петар.[11] Тоа било кулминација на десетгодишните археолошки истражувања во криптата на базиликата, под површини кои датирале од 9 век. Се верува дека самата структура на гробницата била изградена во времето на папата Анаклет во 1 век. На местото биле пронајдени човечки мошти, но не можело да се утврди дали истите припаѓаат на Свети Петар.

Старата базилилика[уреди | уреди извор]

Старата базилика

Старата базилика посветена на Свети Петар била изградена во времето на римскиот цар Константин Велики во периодот од 326 - 333 година. Базиликата била изградена во форма на христијански крст, еден голем храм и две патеки од двете страни. Црквата била изградена како мала капела во која се наоѓал гробот на Свети Петар. Во текот на историјата (до 15 век), во овој параклис биле погребувани скоро сите папи. По изградбата на денешната црква, името стара базилика се користи за разликување на двата објекти.[12] Таа е можеби најстарата црква во Рим.[13]

Планот за обнова[уреди | уреди извор]

До крајот на 15 век, главно поради т.н. Авињонско папство, старата базилика не била долго време реновирана. Се смета дека првиот папа кој се решил на таков потег бил папата Никола V (1447-1455). Одговорни за проектот биле Леон Батиста Алберти и Бернардо Роселино. Во 1505 година, папата Јулиј II донел одлука античката градба да биде срушена и врз истата да се изгради нешто пограндиозно. Така, во следните 120 години, објектот бил во постојана изградба, во која се наоѓа и денес. Изградбата започнала со папата Јулиј II, а продолжила во времето на папите Лав X (15131521), Адријан VI (15221523), Климент VII (15231534), Павле III (15341549), Јулиј III, (15501555), Марцел II (1555), Павле IV (15551559), Пиј IV (15591565), Пиј V (1565-1572), Григориј XIII (15721585), Сикст V (15851590), Урбан VII (1590), Григориј XIV (15901591), Инокентиј IX (1591), Климент VIII (15921605), Лав XI (1605), Павле V (16051621), Григориј XV (16211623), Урбан VIII (1623-1644) и Инокентиј X (16441655).

Планот на Браманте.
Планот на Рафаел.

Финансирање преку индулгенција[уреди | уреди извор]

Еден од методите за финансирање на изградбата на базиликата Свети Петар била преку овозможување индулгенција (простување на гревови), кој главно бил наметнат на архиепископот на Мајнц и Марбург Албрехт. За таа цел, Јохан Тетзел бил испратен во Германија.

Но, еден германски свештеник, по име Мартин Лутер бил исклучок, односно не го прифатил барањето на папата. Тој напишал писмо до Албрехт барајќи да го одбие папата. Овој конфликт бил еден од многуте кој довел до започнување на протестантската реформација, а нејзиниот водач Мартин Лутер во 1517 година на вратата на Витембершката црква ги истакнал своите „95 тези“,[14] според кои тој барал Евангелието да биде основен извор на христијанската вера.

Архитектура[уреди | уреди извор]

Планови[уреди | уреди извор]

Планот на Микеланџело

Планот на папата Јулиј за изградба на најголемиот објект во христијанството[15] бил предмет на дебата, чии записи останале во галеријата Уфици, Фиренца. Како главен архитект бил избран Донато Браманте, кој во 1506 година го ставил камен-темелникот на новиот објект. Планот бил во форма на Грчки крст, со купола. Како инспирација бил земен големиот храм во Стариот Рим, односно Пантеонот.[15] Основна разлика помеѓу дизајнот на Браманте и Пантеонот била куполата. Во античката градба куполата била конструирана врз еден континуиран ѕид, додека пак кај базиликата таа била конструирана врз четири големи столбови. Куполата на Браманте требала да ја надмине онаа на Фирентската катедрала која била дизајнирана од страна на Микелоцо. Браманте посакувал централната купола да биде опкружена со четири помали куполи во дијаметрични оски. На секој агол од објектот биле поставени по една кула, така што целиот план би добил форма на квадрат. Еден дел од новата базилика бил предвиден како гробница за папите односно мачениците, или пак како комеморативна црква. Црквата на мачениците обично биле во кружна форма.

По смртта на Браманте, како главен архитект бил избран Рафаел Санти, кој директно ја вратил традиционалната форма на латинскиот крст. По него работеле и Балдасаре Перуци и Антонио Сангало кои го оформиле ликот на базиликата. Кон крајот на 1546 година, за архитект бил избран Микеланџело Буонароти. Тој ја вратил идејата за обиколување на централната купола, но освен тоа тој предвидел и влез пред кој ќе има голем број на столбови од источната страна. Освен тоа, тој го проектирал и барабанот којшто требало да стои на централната купола, но истиот бил поставен по неговата смрт. Од вкупно четирите мали куполи, кои ги предвидел Микеланџело Буонароти, биле изградени само две. Неговата замисла била исполнета на западниот дел од олтарот.

Во 1606 година, по заповед на папата Павле V, архитектот Карло Мадерно ја вратил формата на латинскиот крст и ја изградил фасадата во стил на барок, со кое зградата го загубила својот доминантен изглед. Денеска, куполата на Микеланџело доколку се погледне од близина ќе се заклучи дека во неа има „скриено“ барокна фасада. Пред фасадата се наоѓа просотор со пет порти кои водат кон базиликата а на чиј врв се наоѓаат канонизираните скулптури на Константин Бернини и Карло Велики. Во времето кога Бернини бил избран за главен архитект (1656 - 1667), бил изграден плоштадот Свети Петар, а во центарот на денешниот плоштад во Ватикан бил поставен обелиск кој потекнува од Стар Египет. Во текот на својата историја, обелискот се наоѓал во циркусот на Нерон.

Во 2006 година, Ватикан ја прослави 500-годишнината од удирањето на темелите на катедралата. По нејзиниот под се обележани и должините на други катедрали по светот, како на пример должината на Св. Павле во Лондон е 158 метри, Миланската катедрала е долга 158 метри, Париската 130 итн.

Внатрешност[уреди | уреди извор]

Базиликата е со должина од 220 метри, ширина од 110 метри и висина од 113 метри. Според должината, таа била, и е најголемиот христијански храм во светот. Во централниот дел од базиликата се наоѓа статуа на Свети Петар која датира од 8 век, и истата се смета дека била направена од страна на Арнолфо ди Камбио. Освен тоа, се смета и дека оваа статуа има магична моќ и според тоа голем број на христијански верници од целиот свет доаѓаат за да ја допрат истата. Внатрешно, куполата има висина од 119 метри и пречник од 42 метри. Таа лежи на четири столба. Во нишата на еден од столбовите се наоѓа статуа на Свети Лонгин, висока пет метри. Таа била направена од страна на Бернини. Овде се наоѓа и катедрата на Свети Петар, која исто така е дело на Бернини. Над столицата на Свети Петар се наоѓа Светиот Дух. Десно од овде се наоѓа надгробниот споменик на папата Урбан VIII, како и на папата Павле III кои биле изработени од страна на некој ученик на Микеланџело Буонароти. Во првата капела десно се наоѓа делото на Микеланџело, Пиета која била изработена кога тој имал само 25 години. До него се наоѓа дрвено распетие кое се препишува на Пјетро Кавалини. Следува надгробниот споменик на Матилда Каноска, изработен од страна на Бернини и неговите ученици. Таа била првата жена која била погребена во таа црква.

Плоштад Свети Петар[уреди | уреди извор]

Источно од базиликата се наоѓа плоштадот Свети Петар (италијански: Piazza di San Pietro). Плоштадот бил изграден во периодот од 1656 до 1667 година од страна на архитектот Бернини во барокен стил. На локацијата на плоштадот низ историјата се наоѓал циркусот на Нерон. Во времето кога започнала изградбата на новиот плоштад, од античкиот период останал само обелискот кој датира од 13 век п.н.е. односно од времето на Стар Египет и истиот во Рим бил донесен во 37 година во времето на владеењето на римскиот цар Калигула. Обелискот е висок 25.5 метри, а доколку се смета и крстот кој бил поставен на врвот, неговата висина изнесува 40 метри. Тој е втор најголем обелиск во светот кој е зачуван до денешно време. Се смета дека на ова место бил распнат апостол Свети Петар.[16] Освен обелискот, на плоштадот се наоѓа и фонтана која била изградена во 1613 година.

Плоштадот Свети Петар.

Богатства[уреди | уреди извор]

Гробови и остатоци[уреди | уреди извор]

Во базиликата Свети Петар се наоѓаат повеќе од сто гробови, од кои повеќето во Ватикан Грото, под базиликата. Тие вклучуваат 91 папа, како и гробовите на Свети Игнатиј Антиохиски, Отон II, Џовани Пиерлуиџи да Палестрина, Џемс Франсис Едвард Стјуарт и неговите два сина, Исто така тука се закопани Марија Клементина Собиеска, сопруга на Чарлс Едвард Стјуарт, кралицата Кристина од Шведска, која абдицирала од нејзиниот престол со цел да го прифати католицизмот, и грофицата Матилда од Тоскана, поддржувач на папата во текот на т.н. Борба за инвеститурата. Последниот погреб во базиликата бил на Јован Павле II, на 8 април 2005 година.

Кулите и нартексот[уреди | уреди извор]

Светата Порта.

Во кулите на двете страни од фасадата се наоѓаат два часовници. Часовникот од лево е електричен, кој датира од 1931 година. Нејзината најстара камбана датира од 1288 година. Еден од најважните богатства на катедралата е мозаикот поставен над централната надворешна врата. Наречен „Navicella“, кој е создаден врз основа на дизајнот на Џиото (почетокот на 13 век) и претставува брод кој ја симболизира христијанската црква.

Најсеверната врата е „Светата порта“ која, по традиција, е отворена само за јубилејни години и некои свечени церемонии. Портата е направена од бронза и датира од 1950 година од страна на Вико Консорти. Над неа стои натписот: PAVLVS V PONT MAX ANNO XIII и GREGORIVS XIII PONT MAX. Новата комеморативна плаката гласи:

IOANNES PAVLVS II P.M.
PORTAM SANCTAM
ANNO IVBILAEI MCMLXXVI
A PAVLO PP VI
RESERVATAM ET CLAVSAM
APERVIT ET CLAVSIT
ANNO IVB HVMANE REDEMP
MCMLXXXIII – MCMLXXXIV

IOANNES PAVLVS II P.M.
ITERVM PORTAM SANCTAM
APERVIT ET CLAVSIT
ANNO MAGNI IVBILAEI
AB INCARNATIONE DOMINI
MM-MMI

PAVLVS VI PONT MAX
HVIVS PATRIARCALIS
VATICANAE BASILICAE
PORTAM SANCTAM
APERVIT ET CLAVSIT
ANNO IVBILAEI MCMLXXV

Павле VI, Понтифекс Максимус, ја отворил и ја затворил вратата во јубилејната година 1975.

Aрхијереи на базиликата од 1053 година[уреди | уреди извор]

Список на архијереи на Базиликата Свети Петар

Панорама[уреди | уреди извор]

Панорамски поглед на базиликата Свети Петар.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-02-06. Посетено на 2010-02-14.
  2. James Lees-Milne describes St Peter's Basilica as "a church with a unique position in the Christian world" in Lees-Milne 1967, стр. 12.
  3. Исткнатиот историчар на архитектурата Банистер Флечер ја нарекува „...највелелепната од сите хрстијански цркви на светот“ во Fletcher 1996, стр. 719.
  4. "The greatest church in Christendom",Roma 2000
  5. 5,0 5,1 Baumgarten 1913
  6. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2009-10-16. Посетено на 2010-02-14.
  7. Benedict XVI’s theological act of renouncing the title of "Patriarch of the West" had as consequence that Roman Catholic patriarchal basilicas are today officially known as Papal basilicas.
  8. Claims made that the Basilica of Our Lady of Peace of Yamoussoukro in Africa is larger appear to be spurious, as the measurements include a rectorate, a villa and probably the forecourt. Its capacity is 18,000 people against St. Peter's 60,000. Its dome, based on that of St. Peter's, is lower but carries a taller cross, and thus claims to be the tallest domed church.
  9. New Advent Catholic Encyclopedia
  10. Frank J. Korn, Hidden Rome Paulist Press (2002)
  11. Hijmans, Steven. „University of Alberta Express News“. In search of St. Peter's Tomb. Архивирано од изворникот на 2006-01-25. Посетено на 2006-12-25.
  12. Boorsch, Suzanne (Winter 1982–1983). „The Building of the Vatican: The Papacy and Architecture“. The Metropolitan Museum of Art Bulletin. 40 (3): 4–8.CS1-одржување: датумски формат (link)
  13. Dietz, Helen (2005). „The Eschatological Dimension of Church Architecture“. 10. Sacred Architecture Journal. Наводот journal бара |journal= (help)
  14. Hillerbrand, Hans J. "Martin Luther: Indulgences and salvation," Encyclopaedia Britannica, 2007.
  15. 15,0 15,1 Fletcher 1975
  16. http://www.saintpetersbasilica.org/Exterior/Obelisk/Obelisk.htm

Користена литература[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Базиликата Свети Петар заедно со реката Тибар
Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Базилика Свети Петар“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).