Федерико Фелини

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Федерико Фелини
Federico Fellini NYWTS 2.jpg
Роден(а) 20 јануари 1920
Римини, Италија
Починал(а) 31 октомври 1993
Рим, Италија
Активност (1945 - 1990)
Сопруг(а/и) Џулиета Мазина (1921 - 1994)

Федерико Фелини, (италијански: Federico Fellini) (20 јануари, 1920, Римини, Италија31 октомври, 1993, Рим, Италија) бил познат италијански филмски режисер. Фелини се смета за еден од највлијателните и најпочитуваните режисери на 20-от век.

Ран живот и образование[уреди]

Римини (1920-1938)[уреди]

Фелини е роден на 20 јануари 1920 година во семејство од средна класа во Римини, тогашно мало гратче на Јадранското Море. Неговиот татко Урбано Фелини (1894-1956), роден во семејство на земјоделци и мали земјопоседници од селото Гамбетола, во 1915 година се преселил во Рим, каде што работел како чирак во фабриката за тестенини "Пантанела". Неговата мајка, Ида Барбјани (1896-1984), потекнува од буржоаско католичко семејство на римски трговци. И покрај силното неодобрување на нејзиното семејство, таа во 1917 година побегнала со Урбано за да живеат во куќата на неговите родители во Гамбетола. Граѓанскиот брак бил склучен во 1918 година со верска церемонија во Санта Марија Маџоре во Рим. По венчавката, двојката се преселила во Римини, каде што Урбано работел како патнички трговец и продавач на големо. Фелини имал брат и сестра: Рикардо (1921-1991), режисер на документарци за РАИ телевизија, и Марија Мадалена Фабри (1929-2002).[1]

Во 1924 година, Фелини започнал да го посетува католичкото училиште во Римини, а две години подоцна се запишал во државното училиште "Карло Тони". Како примерен ученик, тој своето слободно време го користел за цртање, одржување куклени претстави и го читал популарното списание за деца "Ил кориере деј пиколо" (Il Corriere dei piccolo), кое подоцна имало големо влијание врз неговите филмови. Од раниот живот на Фелини е позната случката кога во католичкото училиште, меѓу сликите на светецот Фрањо Асишки, тој вметнал фотографија на разголена девојка, што било шок за учениците и за свештеникот. Во 1926 година, тој го открил познатиот француски циркус "Гранд Гвињол" со кловнот Пјерино. Исто така, уште како момче, Фелини еднаш неделно одел на кино. "Мачисте во пеколот" (Maciste all'Inferno) на режисерот Гвидо Брињоне (1926) бил првиот филм што гледал Фелини.[2]

Во 1929 година, Фелини се запишал во гимназијата "Џулио Чезаре", каде што се спријателил со Луиџи “Тита” Бензи, кој подоцна ќе стане истакнат адвокат и верна копија на младиот Тита во филмот "Се сеќавам" (Amarcord). Во Италија на Мусолини, Фелини и Рикардо станале членови на "Авангвардиста", задолжителна фашистичка младинска група за машки лица. Во 1932 година, Фелини избегал од дома со намера да му се придружи на патувачкиот циркус, но брзо се вратил назад.[3] Во 1933 година, Фелини за прв пат го посетил Рим со своите родители.

Во 1937 година, заедно со сликарот Демос Бонини,Фелини ја отворил "Фебо" - продавница за портрети во Римини. Неговата прва хумористична статија се појавила во "Разгледници за нашите читатели", дел од риминскиот весник "Доменика дел Кориере". Со донесувањето одлука да работи како карикатурист и писател на вицеви, Фелини отпатувал за Фиренца во 1938 година, каде што го објавил својот прв стрип во неделникот "420”. Неположувајќи го испитот од воена култура, Фелини матурирал во јули во 1938 година, откако го повторил испитот.

Преселбата во Рим (1939)[уреди]

Во септември 1939 година, за да ги задоволи своите родители, Фелини заминал во Рим со цел да студира право. Меѓутоа, тој никогаш не запишал на факултет, туку тоа му било само трик за да добие финансиска поддршка од родителите.[4] Сместен во фамилијарен пансион, тој се запознал со друг долгогодишен пријател, сликарот Риналдо Џеленг. Крајно сиромашни, тие безуспешно ги здружиле силите за да цртаат скици на покровители на ресторани и кафеани. Фелини конечно нашол работа како млад новинар за дневниот весник "Пиколо и Пополо ди Рома", но си заминал за брзо време.

Четири месеци по објавувањето на својата прва статија во едно познато хумористично списание, Фелини се придружил во уредништвото, постигнувајќи успех со својата редовна рубрика, насловена како “Ќе слушате ли што имам да кажам?” Таму, Фелини работел од 1939 до 1942 година, стапувајќи во контакт со писатели и сценаристи кои му овозможиле пристап до шоу-бизнисот и филмот. Меѓу неговите соработници во уредништвото на списанието биле идниот режисер Еторе Скола, марксистичкиот теоретичар и сценарист Чезаре Цаватини и идниот сценарист на Фелини - Бернардино Цапони. Исто така, во овој период, едно интервју што Фелини го направил со Алдо Фабрици, најпознатиот изведувач на вариете во Италија, нивниот непосреден личен прераснал во богата професионална соработка.

Кариера и подоцнежен живот[уреди]

Првите сценарија (1940-1943)[уреди]

Задржан поради деловни обврски во Римини, во 1940 година, Урбано ги испратил сопругата и семејството во Рим за да живеат во станот со неговиот син. Во овој период, Фелини започнал да пишува скици за радио и гегови за филмови. Со неполни дваесет години и со помош на Фабрици, Фелини добил одобрение да работи на сценариото на комедијата "Сонот на пиратот" на Марио Матоли. Во тој период, Фелини го напишал своето прво сценарио "Моралдо во градот", кое го означило почетокот на неговата филмска кариера.[5]. Набрзо, неговата кариера напредувала и тој бил ангажиран на повеќе филмови во "Чинечита". Тоа му овозможило да го прошири кругот на професионални познаници, меѓу кои се наоѓале и романсиерот Виталијано Бранкати и сценаристот Пјеро Телини. Во овој период, Фелини започнал да ги чита Кафка, Гогољ, Џон Стајнбек и Вилијам Фокнер, кои заедно со француските филмови на Марсел Карн и Рене Клер ќе извршат големо влијание врз неговиот развој како режисер. Во 1941 година, Фелини ја објавил брошурата "Мојот пријател Пасквалино", каде што во десет поглавја (74 страници) ги опишал авантурите на Пасквалино, неговот алтер его.

Во ноември 1942 година, Фелини бил испратен во Либија, која била окупирана од страна на фашистичка Италија, за да работи на сценариото на "Витези на пустината", во режија на Освалдо Валенти и Џино Таламо. Фелини ја прифатл задачата и тоа му овозможило да си обезбеди продолжување на неговиот налог за регрутација. Одговорен за сценариото, тој исто така ги режирал првите сцени од филмот. Кога Триполи паднал во рацете на британските воени сили, тој и неговите колеги избегале, качувајќи се на германски воен авион кој заминувал за Сицилија. Аполитичкиот Фелини конечно бил ослободен од обврската за регрутација кога еден воздушен сојузнички напад на Болоња ги уништил неговите медицински документи.

Додека пишувал за радиото и се обидувал да ја избегне регрутацијата, есента 1942 година, во канцеларијата на студиото ИРК (италијанска радиодифузна корпорација), Фелини ја запознал Џулиета Мазина (1921-1994). Таа веќе била позната и добро платена актерка, која го позајмувала гласот за ликот на Палина во радио-сериjата на Фелини "Чико и Палина", a исто така, таа била позната по своите музички комедии. Меѓу нив започнала долга и бурна љубовна врска, а на 30 август 1943 година тие се венчале. Мазина не само што била сопруга на Фелини, туку таа била неговата доживотна муза, а исто така глумела во некои од филмовите на Фелини. За неа, Фелини изјавил:


"Малата фигура со нејзината нежност и деликатност ме фасцинира бескрајно. Нејзината енергија влијае кристализирачки врз мене."[6]


Неколку месеци пред нивната свадба, Мазина доживеала спонтан абортус, но подоцна, повторно останала бремена и на 22 март 1945 година го родила синот Пјерфедерико, кого родителите нагалено го викале Федерчино. Но, само по еден месец, нивниот син умрел поради компликации на дишните патишта и Федерико и Џулиета никогаш повеќе немале деца.[7]

Запознавање со неореализмот (1944-1949)[уреди]

По ослободувањето на Рим на 4 јуни 1944 година, Фелини и Енрико де Сета ја отвориле продавницата "Смешно лице", цртајќи карикатури на американските војници. Во 1945 година, познатиот писател и режисер Алдо Фабрици го запознал Фелини со режисерот Роберто Роселини за кого подоцна, Фелини работел како сценарист и асистент на филмовите "Рим - Отворениот град", "Паисан" и "Чудо". Исто така, Роселини станал негов добар пријател.[8] На тој начин, Фелини се запознал со италијанскиот неореализам. Како резултат на соработката со Роселини, во 1947 година, Фелини и Серџо Амидеј се здобиле со номинација за наградата "Оскар" за сценариото на филмот "Рим - Отворениот град".

Во февруари 1948 година, фелини се запознал со Марчело Мастројани, тогашен млад театарски актер кој играл во една претстава со Џулиета Мазина. Воспоставувајќи блиска професионална соработка со Алберто Латуада, Фелини учествувал во пишувањето на сценаријата за филмовите "Без милост" (Senza pieta) и "Воденицата на Пo" (Il mulino del Po). Исто така, Фелини работел со Роселини на антологискиот филм "Љубов" (1948), помагајќи во сценариото додека во "Чудо", глумел мала улога на скитник, заедно со Ана Мањани.

Првите филмови (1950-1953)[уреди]

Во 1950 година, Фелини заедно со Алберто Латуада го продуцирал и режирал својот прв долгометражен филм "Разновидни светлини" - заткулисна комедија во која прикажан светот на третокласни патувачки актери, каде се појавуваат Џулиета Мазина и сопругата на Латуада, Карла дел Поџо. Неговото прикажување се здобило со негативни критики и слаба гледаност, поради што продукциската куќа банкротирала, оставајќи ги Фелини и Латуада да плаќаат долгови повеќе од една деценија. Во февруари 1950 година, Фелини, заедно со Серџо Амидеј и Роселини, повторно се здобил со номинација за "Оскар" за сценарио, за филмот на Роселини "Паисан".

Во септември 1951 година, Фелини започнал со снимањето на "Бел Шеик", првиот долгометражен филм режиран во самостојна режија. Со Алберто Сорди во главната улога, филмот е подобрена верзија на првично напишана верзија на Микеланџело Антониони во 1949 година и е заснован на "Фотороманци", цртаниот стрип популарен тоа време во Италија. Продуцентот Карло Понти ги овластил Фелини и Тулио Пинели да го напишат сценариото, но Антониони ја одбил нивната приказна. Затоа, заедно со Енио Флајано, тие го преработиле материјалот во весела сатира за младоженците Иван и Ванда Кавали (во изведба на Леополдо Триесте и Брунело Бово) кои во Рим го посетуваат Папата. Нагласувајќи ја музиката на Нино Рота, филмот бил избран на Канскиот филмски фестивал, но потоа бил повлечен од официјалната конкуренција. Прикажан на 13-от Венецијански филмски фестивал, филмот бил исмеван од критиката како "атмосфера на фудбалски натпревар", а еден критичар изјавил дека Фелини “нема ни најмала дарба за режија на филмови". Успехот како режисер, Фелини го достигнал во 1953 година со својот филм "Денгубење" (I Vitelloni) кој наишол на поддршка кај критичарите и јавноста, а освојувањето на наградата "Сребрен лав" на фестивалот во Венеција, му го обезбедил првиот меѓународен дистрибутер на Фелини.

Од другата страна на неореализмот (1954-1960)[уреди]

Фелини го режирал филмот Улица врз основа на сценариото завршено во 1952 година, заедно со Пинели и Флајано. За својот следен филм "Пробисвет" (Il Bidone), Фелини го избрал американскиот актер Бродерик Крафорд за портретирање на улогата на стариот измамник. За отелотворување на овој "јак, трагичен лик", првиот избор на Фелини бил Хемфри Богарт, но откако разбрал дека тој боледува од рак на белите дробови, го избрал Крафорд чие лице претходно го видел на постер за "Сите луѓе на кралот" (1949). Снимањето на филмот било проследено со потешкотии поради алкохолизмот на Крафорд. Нападнат од сурови и лоши критики на 16-от Филмски фестивал во Венеција, филмот бил лошо прифатен на благајните и не се здобил со меѓународната дистрибуција сè до 1964 година.

Додека го подготвувал филмот "Ноќите на Кабирија" во пролетта 1956 година, Фелини дознал за смртта на неговиот татко, кој починал од срцев удар на возраст од 62 години. Продуциран од страна на Дино де Лаурентис и во главна улога со Џулиета Мазина, филмот е трогателна приказна за улична проститутка и претставува врв на неговиот романтичен реализам. За потребите на филмот, Пјер Паоло Пазолини бил ангажиран да го преведе сценариото на Флајано и Пинели на римски дијалект и да изврши надзор во предградијата на Рим. Филмот доживеал голем успех и ја освоил наградата "Оскар" за најдобар странски филм, а Mазина била прогласена за најдобра актерка на Канскиот филмски фестивал. Од оовј период, потекнуваат и филмовите "Млади и страсни", во кој Фелини ја опишува фрустрираната, малограѓанска, провинциска средна класа, како и филмот "Патот", му го донесол првиот "Оскар" во 1957 година.

Во 1960 година, Фелини го добил својот втор "Оскар" за ремек-делото "Сладок живот" (La Dolce Vita). При снимањето на овој филм, Фелини дошол во судар со својот продуцент околу распоредувањето на улогите, бидејќи режисерот инсистирал на прилично непознатиот Мастројани, додека Лаурентис сакал главната улога да му припадне на Пол Њумен. Доаѓајќи во безизлез, Лаурентис му ги продал правата за снимање на магнатот Анџело Рицоли и снимањето започнало на 16 март 1959 година, со Анита Екберг и Марчело Мастројани во главните улоги. Снимањето на филмот завршило на 15 август на една напуштена плажа во Пазо Оскуро со надуена мутант риба, дизајнирана од страна на Пјеро Џерарди.

Филмот "Сладок живот" ги соборил сите рекорди на благајните. На ексклузивното прикажување во Милано на 5 февруари 1960 година, еден навреден покровител плукнал на Фелини, додека други извикувале навреди. За филмот била поднесена претставка во Парламентот од страна на десничарските конзервативци, а потсекретарот Доменико Магри побарал толеранција од христијанските демократи за контроверзните теми на филмот. Официјалното гласило на Ватикан, "Осерваторе Романо", лобирал за цензура на филмот, кој бил остро нападнат од страна на Одборот на римските парохиски свештеници и Генеалошкиот одбор на италијанската аристократија. Филмот се прикажувал во официјалната конкуренција на Канскиот фестивал и ја освоил "Златната палма", која на Фелини му била доделена од страна на претседателот на жирито - белгискиот писател Жорж Сименон.

Уметнички филмови и соништа (1961-1969)[уреди]

Главното откритие за Фелини, по неговиот неореалистички период (1950-1959) било запознавањето со творештвото на Карл Јунг. Имено, по средбата со психоаналитичарот д-р Ернст Бернхард во почетокот на 1960-те години, Фелини ја прочитал автобиографија на Јунг "Спомени, соништа, прикази". Бернхард, исто така, му предложил на Фелини да води запис за своите соништа. Тоа означило пресвртницата во неговата работа и тој го напуштил неореализмот, свртувајќи се кон режија која е “поврзана со сон". Како последица на идеите на Јунг настанале филмовите на Фелини: "8 ½" (1963), "Јулија и духовите" (1965), "Сатирикон" (1969), "Казанова" (1976), и "Градот на жените" (1980).

Во октомври 1960, во едно писмо до својот колега Брунело Ронди, Фелини за прв ги изнесол своите идеи за својот нов филм. Во двоумица околу сценариото, неговиот наслов и професијата на главниот лик, Фелини заминал во извидница на неколку локации низ Италија со надеж дека ќе ја реши својата збунетост. Флајано го предложил насловот "Убава збунетост", но под притисок на неговите продуценти, Фелини конечно се решил за "8 ½", наслов кој се однесува претежно на бројот на филмови кои тој ги режирал до тој период. Снимањето започна на 9 мај 1962 година, a главните улоги им биле доделени на Мастројани, Анук Eме и Сандра Мило. Откако на 14 октомври завршило снимањето, Нино Рота компонирал различни маршеви за циркус и фанфари, кои подоцна ќе станат евергрин-мелодии. Филмот бил Номиниран за "Оскар" во четири категории, а ги освоил наградите за најдобар странски филм и најдобра костимографија во црно-бело. Во текот на 1964 година, Фелини работел на филмот "Улица".

Халуциногените искуства на Фелини зеле полн замав во неговиот прв филм во боја "Јулија и духовите" (1965), во кој улогата на домашинка ја игра Џулиета Мазина а нејзината сексуално незаситна сосетка Сузи ја глуми Сандра Мило. Комплексен и исполнет со психолошки симболизам, филмот се одликува со прекрасна музика компонирана од Нино Рота.

Врвот на творештвото (1970-1980)[уреди]

Кон средината на 1970-тите, Фелини го достигнал врвот на својата креативност и истовремено, конечно се здобил со меѓународна потврда за неговата генијалност како режисер. Во 1974 година, на 27-от Кански филмски фестивал, Фелини добил специјална награда за животно дело. Во 1975 година, неговото ново ремек-дело "Се сеќавам (Амаркорд)", ја освоил наградата "Оскар" за најдобар странски филм. Следната година, уште еден филм на Фелини се закитил со "Оскар" - филмот "Казанова" ја добил престижната награда за најдобар костум (Данило Донати).

Последните филмови и проекти (1981-1990)[уреди]

Во 1982 година била организирана првата голема изложба на 63 слики на Фелини, кои биле прикажани во Париз, Брисел и во галеријата "Пјер Матис" во Њујорк. Подоцна, под наслов "Дизајн на Фелини", тој објавил 350 цртежи, нацртани со молив, акварел и фломастер.

На 6 септември 1985 година, на 42-от Филмски фестивал во Венеција, Фелини освоил "Златен лав" за животно дело. Истата година, тој станаl првиот човек кој не е Американец, што ја добил годишната награда за филмско достигнување од Филмското здружение на центарот на Линколн.

Долго фасциниран од учењето за Дон Жуан на Карлос Кастанеда, во 1985 година Фелини му се придружил на перуанскиот автор на пат кон Јукатан да ја одреди изводливоста за еден филм. Сепак, проектот пропаднал, мистично-шаманските авантури на Фелини биле запишани прикажани во "Кориере дела сера" во мај 1986 година. Исто така, како последица на ова искуство настана стрип-романот "Патувањето за Тулум", објавен во 1989 година со илустрации од страна на Мило Манара.

Во филмот "Интервиста", продуциран од страна на Ибрахим Муса и телевизија РАИ, Фелини изнесол сеќавања за првото посетување на Чинечита во 1939 година, комбинирани со понови снимки работата за филмска адаптација на романот "Америка" од Франц Кафка. Филмот ја освоил Специјалната награда на јубилејот на 40-годишнина на Канскиот фестивал и Големата награда на 15-от Филмски фестивал во Москва. Подоцна, во Брисел, група од триесетина професионалци од осумнаесет европски земји го избрала Фелини како најдобар режисер во светот, а 8 ½ како најдобар европски филм на сите времиња.

Во почетокот на 1989 година, Фелини започна со продукцијата на "Гласот на месечината", заснован на романот "Поемата на ексцентриците" на Ермано Кавацони, со Роберто Бењини во главната улога, кој го игра ликот на Иво Салвини, налудничав поет неодамна пуштен од ментална институција. И покрај скромниот успех во Италија и топлиот прием од страна на француските критичари, филмот не успеал да ги заинтересира дистрибутерите од Северна Америка.

Во 1990 година, Фелини ја освоил наградата "Премиум Империале", еквивалент на Нобеловата награда во областа на визуелните уметности, доделена од страна на Уметничкото здружение на Јапонија.

Последните години (1991-1993)[уреди]

Во јули 1991 и април 1992 година, Фелини работел во тесна соработка со канадскиот режисер Дамјан Петигру на "најдолгите и најдетални разговори некогаш снимени на филм". Опишан како "духовен завет на маестрото" од неговиот биограф Тулио Кецих, избрани извадоци од разговорите подоцна послужиле како основа за нивниот документарен филм, "Фелини: Јас сум роден лажливец" (2002) и книгата "Јас сум роден лажливец: лексикон на Фелини". Бидејќи било тешко да се обезбедат финансиски средства за снимање на играни филмови, како последица на овој проект бил развиен пакет на телевизиски проекти, чии наслови ги отсликуваат нивните теми: Актер, Наполи, Пекол, Опера и Америка.

Во април 1993 година, "како признание за неговите филмски остварувања кои ја воодушевија и забавуваа публиката ширум светот", Фелини го освоил својот петти "Оскар", овојпат за животно дело. На 16 јуни 1993 година, Фелини бил примен во кантонската болница во Цирих за "ангиопластика на неговата феморална артерија", но два месеца подоцна доживеал срцев удар во хотелот "Гранд" во Римини. Делумно парализиран, првин бил префрлен на рехабилитација во Ферара, а потоа во "Поликлинико Умберто I" во Рим за да биде во близина на неговата сопруга, која исто така била хоспитализирана. Меѓутоа, набрзо доживеал втор удар и паднал во трајна кома. Фелини починал во Рим на 31 октомври, на 73-годишна возраст, еден ден по 50-годишнината од неговиот брак. Комеморацијата се одржала во "Студио 5" во "Чинечита" на која присуствувале околу 70 000 луѓе. На барање на Џулиета Мазина, за време на погребната церемонија, трубачот Мауро Маур ја свирел песната "Ненадеен ангел" (Improviso dell'angelo) од Нино Рота. Пет месеци подоцна, на 23 март 1994 година, починала неговата сопруга Џулиета Мазина од рак на белите дробови. На погребот, трубачот Мауро Маур ја свирел нејзината омилена песна "Улица" од Нино Рота.[9] Фелини, Мазина и нивниот син Пјерфедерико се закопани во бронзена гробница на главниот влез на гробиштата на Римини, извајана од страна на Арналдо Помодоро, а дизајнирана како клун на брод. Во чест на Фелини, аеродромот во Римини е именуван како "Федерико Фелини".

Влијание и наследство[уреди]

Посветена плоча на Фелини на Виа Венето, Рим:
За Федерико Фелин,кој од улицата Венето направи подиум за Сладок живот - СПКР - 20 јануари 1995

Со лични и високо карактеристични визии за општеството, филмовите на Фелини се уникатна комбинација на спомени, сонови, фантазија и желба. Иако филмовите на Фелини изобилуваат со автобиографски елементи, тој го негирал тоа, изјавувајќи:


"Спомените не господарат со моите филмови и затоа не може да се каже дека моите филмови се автобиографски. Измислив сè: детството, ликовите, носталгиите, соништата, спомените... "[10]


Бројни современи режисери, како што се Вуди Ален, Педро Алмодовар, Тим Бартон, Тери Гилијам, Емир Кустурица, Дејвид Линч, Дејвид Кроненберг, Мартин Скорсезе и Јурај Јакубишко го наведуваат влијанието на Фелини во нивните филмови. Полскиот режисер, Војчех Хас, чии два успешни филма "Ракописот Сарагоса" (1965) и "Санаториум од стакло" (1973) се примери на модернистички фантазии, често е споредуван со Фелини за чистиот “луксуз во неговите слики".

Филмот на Фелини "Денгубење" ги инспирирал европските режисери Хуан Антонио Бардем, [[Марко Ферери]] и Лина Вертмилер и извршил влијание на филмовите: "Злобни улици" на Мартин Скорсезе (1973), "Американски графити" на Џорџ Лукас (1974), "Огнот на Св. Елмо" на Џоел Шумахер (1985) и многу други. Кога американското списание "Синема" во 1963 година го прашало Стенли Кјубрик да ги именува своите омилени филмови, тој го навел филмот "Денгубење" како број еден. Филмот "Ноќите на Кабирија" бил адаптиран како мјузикл, прикажан на Бродвеј под насловот "Слатко милосрдие", како и во филмот "Слатко милосрдие" (1969) во режија на Боб Фоз, со Ширли Меклејн во главната улога.

Ремек-делото на Фелини "8 ½" претставувал инспирација за бројни филмови: "Мики број 1" (Артур Пен, 1965), "Алекс во земјата на чудата" (Пол Мацурски, 1970), "Американска ноќ" (Франсоа Трифо, 1973), "Сиот тој џез" (Боб Сити, 1979), "Спомени од ѕвезден прав" (Вуди Ален, 1980), "Златни сништа" (Нани Морети, 1981), "Филм за кралот" (Карлос Сорин, 1986), "Живејќи во заборав" (Том Дичило, 1995), "8 ½ жени" (Питер Гринавеј, 1999), "Паѓање" (Џоел Шумахер, 1993), заедно со успешен мјузикл на Бродвеј насловен како "Девет".

Во 1992 година, "Градот на жените" бил адаптиран за театарска претстава, прикажана во Берлин од страна на Френк Касторф.

Делото на Фелини оставило трага на некои музички албуми, како: "Деновите на Фелини" од "Фиш и Фанплекс", од страна на B-52 со песната "Јулија и духовите", и во воведниот метеж на сообраќај на музички спот "Everybody hurts" од RЕМ.

Неговиот филмски материјал и личните документи се содржани во филмската архива на Универзитетот Веслејан и целосен пристап може да имаат научниците и медиумските експерти од целиот свет. Во октомври 2009 година, во Париз била отворена изложба посветена на Фелини, на која биле прикажани телевизиски интервјуа, фотографии зад сцените и извадоци од "Сладок живот" и "8 ½". Исто така, била промовирана "Книгата на соништа", заснована на илустрации и забелешки од страна на Фелини.

Наводи[уреди]

  1. "Федерико Фелини - Имагинарниот живот на филмскиот маг", Граѓански, број 7, сабота, 16 јуни 2012, стр. 24.
  2. "Федерико Фелини - Имагинарниот живот на филмскиот маг", Граѓански, број 7, сабота, 16 јуни 2012, стр. 24.
  3. "Федерико Фелини - Имагинарниот живот на филмскиот маг", Граѓански, број 7, сабота, 16 јуни 2012, стр. 26.
  4. "Федерико Фелини - Имагинарниот живот на филмскиот маг", Граѓански, број 7, сабота, 16 јуни 2012, стр. 26.
  5. "Федерико Фелини - Имагинарниот живот на филмскиот маг", Граѓански, број 7, сабота, 16 јуни 2012, стр. 26.
  6. "Федерико Фелини - Имагинарниот живот на филмскиот маг", Граѓански, број 7, сабота, 16 јуни 2012, стр. 26.
  7. "Федерико Фелини - Имагинарниот живот на филмскиот маг", Граѓански, број 7, сабота, 16 јуни 2012, стр. 26.
  8. "Федерико Фелини - Имагинарниот живот на филмскиот маг", Граѓански, број 7, сабота, 16 јуни 2012, стр. 27.
  9. "Федерико Фелини - Имагинарниот живот на филмскиот маг", Граѓански, број 7, сабота, 16 јуни 2012, стр. 26.
  10. "Федерико Фелини - Имагинарниот живот на филмскиот маг", Граѓански, број 7, сабота, 16 јуни 2012, стр. 26.