Нобелова награда
Нобелова награда | |
---|---|
Држава | Шведска, Норвешка |
Доделува | Алфред Нобел |
Мрежно место | https://www.nobelprize.org/ |
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Нобелова награда — награда што ја основал пронаоѓачот на динамитот, шведскиот физичар Алфред Нобел (1833 - 1896) за најголеми достигања во областа на физиката, хемијата, медицината, книжевноста, мирот и економијата [1].
Нобеловите награди им се доделуваат генерално на луѓе (или во случајот на Нобеловата награда за мир, исто така и на организации) што постигнале извонредни истражувања, измислиле револуционерни техники или направи, или оствариле извонреден учинок во општеството. Во областите во кои наградата се доделува, таа се смета за највисок дострел во светот. До март 2005, доделени се вкупно 770 Нобелови награди. Неколку добитници ја имаат одбиено наградата.
По негова желба околу 31,5 милиони шведски круни се издвоени за основање на Нобеловата задужбина, а таа сума денес изнесува околу 1,5 милијарди шведски круни (162 милиона евра).
Признанијата за медицина, физиологија, хемија, физика, економија и книжевност се доделуваат во Стокхолм, а во Осло се доделува наградата за мир.
Нобеловата награда (на шведски: Nobelpriset) е шведска награда, која била воведена во 1895 година според тестаментот на шведскиот хемичар и изумител Алфред Нобел; за првпат во 1901 година биле доделени награди за физика, хемија, физиологија или медицина, литература и мир. Уште една награда која е поврзана со оваа била воспоставена од Централната банка на Шведска (Банка на Шведска) во 1968 година и била доделена за првпат во 1969 година, а тоа е Наградата за економски науки на Банката на Шведска во сеќавање на Алфред Нобел. Нобеловите награди во нивните специфични дисциплини (физика, хемија, физиологија или медицина и литература), како и наградата за економија, која често се идентификува преку нив, општо се сметаат како најпрестижни награди што еден човек може да ги добие во овие области. Нобеловата награда за мир дава општествен престиж и често е контроверзна во политичка смисла.
Церемониja
[уреди | уреди извор]Со исклучок на Нобеловата награда за мир, сите други Нобелови награди и наградата за економија се врачуваат во Стокхолм, Шведска, на годишната церемонија за доделување на наградите која се одржува на 10 декември, годишнина од смртта на Алфред Нобел. Предавањата на оние кои треба да ја примат наградата се одржуваат неколку дена пред церемонијата за доделување на наградите. Нобеловата награда за мир и предавањата на оние кои треба да ја примат наградата се одржуваат на годишната церемонија за доделување на наградите во Осло, Норвешка, на 10 декември. Причината зошто и Норвешка доделува дел од наградата е тоа што во времето на смртта на Алфред Нобел, Норвешка и Шведска биле заеднички здружени во нивна личен сојуз познат како Шведско-норвешки сојуз. Церемониите за доделување на наградата, како и банкетите кои се поврзани со овие церемонии, денес претставуваат главни меѓународни настани.
Тестаментот на Алфред Нобел
[уреди | уреди извор]Пет Нобелови награди биле воведени според крајниот тестамент на Алфред Нобел, шведски хемичар и индустријалец, кој бил пронаоѓач на високоексплозивниот динамит. Иако Нобел напишал неколку тестаменти за време на неговиот живот, неговиот последен тестамент бил напишан нешто повеќе од една година пред неговата смрт, а бил потпишан во Шведско-норвешкиот клуб во Париз на 27 ноември 1895 година.[2][3] Нобел оставил во наследство 94% од неговите вкупни средства, 31 милион шведски круни за да се основаат и потпомогнат петте Нобелови награди. (Почнувајќи од 2008 година тоа е еднакво на 186 милиони американски долари.)
"
Со целината од остатокот на мојот расположлив имот ќе се постапува на следниов начин: Капиталот ќе биде вложен во безбедни вредности од страна на моите извршители и ќе се формира фонд од чија камата годишно ќе им се доделуваат суми во вид на награди на оние кои за време на претходната година му направиле на човештвото најголеми доброчинства. Споменатата камата ќе се дели на пет еднакви дела, кои ќе се распределуваат вака: еден дел на личноста која ќе го оствари најважното откритие или пронајдок во областа на физиката; еден дел на личноста која ќе го оствари најважното хемиско откритие или усовршување; еден дел на личноста која ќе оствари најзначајно откритие во доменот на физиологијата или медицината: еден дел на личноста која во областа на литературата ќе го создаде најистакнатото дело со идеалистичка тенденција; и еден дел на личноста која ќе направи најмногу или најдобро дело за братството помеѓу народите, за укинувањето или намалувањето на постојните армии и за одржување и промоција на мировни конгреси.
Наградите за физика и хемија ќе ги доделува Кралската академија на науките; онаа за физиолошко или медицинско остварување Карловиот институт во Стокхолм; онаа за литература Академијата во Стокхолм; и онаа за застапниците на мирот комитет од пет личности избрани од норвешкиот Стортинг (парламент). Моја изразена желба е при доделувањето на наградите да не се зема предвид националноста на кандидатите, така што наградата ќе ја добиваат највредните, без оглед дали е Скандинавец или не.“
Иако со тестаментот на Нобел биле основани наградите, неговиот план бил некомплетен и поради најразлични други пречки потребни биле пет години за да се оформи Нобеловата задужбина и да се доделат првите награди во 1901 година.
Номинирање и избор
[уреди | уреди извор]Споредено со некои други награди, постапката за номинирање и избор за Нобелова награда е долга и ригорозна. Ова е главната причина зошто наградите станаа се позначајни со текот на годините, дотолку што тие сега се најважните награди во нивните области.
Нобеловите нобеловци (лауреати) се избираат од страна на нивните соодветни комитети. За наградите за физика, хемија и економија, постои комитет кој се состои од пет члена кои се избрани од страна на Кралската академија на науките; за наградата за литература постои комитет кој има од четири до пет члена од Шведската академија; за наградата за физиологија или медицина комитетот се состои од пет члена кои се избрани од страна на Нобеловото собрание кое се состои од 50 члена избрани од институтот Каролинска; за наградата за мир, постои Норвешкиот Нобелов комитет кој со состои од пет члена избрани од страна на норвешкиот Стортинг (норвешкиот парламент). Во првата фаза од неколку илјади луѓе се бара да номинираат кандидати. Овие имиња внимателно се разгледуваат и за нив се расправа од страна на експерти во нивните конкретни дисциплини сè додека не останат само победниците. Најверојатно токму ваквата бавна и темелна постапка, на која инсистирал Алфред Нобел, е она што на наградата ѝ ја дава нејзината значајност. И покрај сето ова, во текот на долгата едновековна историја на наградата постоеле и сомнителни награди и сомнителни пропусти.
Формулари, кои претставуваат лична и ексклузивна покана, им се испраќаат на околу три илјади селектирани поединци со цел да се поканат да поднесат номинации. Кај наградата за мир, помеѓу другите луѓе прашалници им се испраќаат и на членови на влади на држави, членови на меѓународни судови, професори и ректори на универзитети, поранешни нобеловци за мир, сегашни или поранешни членови на Норвешкиот Нобелов комитет. Потоа, Норвешкиот Нобелов комитет своите оценки ќе ги заснова врз номинациите испратени пред 3 февруари. Крајниот рок за поднесување номинации за физика, хемија, физиологија или медицина, литература и економија е 31 јануари. При самономинирање или номинирање на луѓе кои починале, номинациите се дисквалификуваат.
Имињата на номинираните никогаш не се објавуваат јавно, ниту ним им се соопштува дека се земени предвид за наградата. Досието за номинации останува запечатено во период од 50 години. Во пракса, понекогаш е можно некои од номинираните да бидат откриени. Исто така за публицистите е вообичаено да поднесат вакво барање, кое може или не мора да биде основано.
Откако ќе помине крајниот рок, номинациите се проверуваат од страна на комитетот и се формира листа од приближно 200 прелиминарни кандидати. Оваа листа понатаму им се предава на одбрани стручни лица во соодветната област. Тие вршат елиминации сè дури не стасаат до приближно 15 имиња. Комитетот поднесува извештај со препораки до соодветната институција. На пример, собранието за наградата за физиологија или медицина има 50 члена. Тогаш членовите на институцијата ги избираат добитниците на наградите по пат на гласање.
Постапката на избирање незначително се разликува во различните области. Многу ретко се случува наградата за литература да биде доделена на повеќе од едно лице во една година, додека другите награди често вклучуваат и двајца или тројца соработници.
Посмртни номинации не се дозволени, а наградата може да биде валидна само ако лицето починало во месеците помеѓу номинирањето и донесувањето на одлуката од страна на комитетот за доделување на наградите. Ваква ситуација се повторила двапати: во 1931 година кај наградата за литература на Ерик Аксел Карлфелт и во 1961 година кај наградата за мир на Генералниот секретар на ООН, Даг Хамаршелд. Од 1974 година важи правилото дека нобеловците мора да бидат живи за време на октомвриското објавување. Постои еден лауреат, Вилијам Викр (1996 година, за економија), кој починал после објавувањето на наградата, но пред да може да му биде врачена.
Признание за временско задоцнување
[уреди | уреди извор]Нобеловиот тестамент налага наградите да бидат доделени како признание за откритија кои се направени „за време на претходната година“, и во првите години од наградите признаените откритија биле неодамнешни.[4] Сепак, некои од наградите биле доделени за откритија кои подоцна биле дискредитирани. Сметајќи го дискредитирањето на признаените откритија како срам, комитетите одговорни за наградите започнале да ги признаваат оние научни откритија кои го издржале тестот на времето, со што одат против тестаментот.
Временскиот интервал помеѓу признавањето на нечие достигнување и доделувањето на Нобелова награда варира во зависност од областите. Наградите за литература речиси секогаш се доделуваат како признание за кумулативно животно дело, а не за едно единствено достигнување.[5][6] Во овој случај поимот „задоцнување“ не се применува директно. Од друга страна пак, наградите за мир често се доделуваат неколку години после настаните кои треба да бидат признаени. На пример, Кофи Анан бил награден со награда за мир во 2001 година што е четири години откако станал Генерален секретар на ООН.
Наградите во научните области на физиката и хемијата бараат значајноста на признатите достигнувања да биде „тестирана од времето.“ Ова практично значи дека периодот на задоцнување од откривањето на некој пронајдок до неговото наградување е најчесто околу 20 години или уште подолг. На пример, Субраманијан Чандрасекар ја поделил Нобеловата награда за физика во 1983 година за неговото работење на ѕвездената структура и еволуција од 1930 година. За жал, сите научници не живеат доволно долго за да го дочекаат признавањето на нивното дело. Некои значајни научни откритија никогаш не биле земени предвид да бидат наградени затоа што нивните пронаоѓачи починале пред влијанието на нивното работење да стане реално.
Церемонии за доделување на наградите
[уреди | уреди извор]Комитетите и институциите кои служат во одборите за избирање на Нобелова награда вообичаено ги објавуваат имињата на нобеловците во октомври, а наградите се доделуваат на формална свеченост која се одржува секоја година на 10 декември, годишнината од смртта на Алфред Нобел. Порано, церемонијата за доделување Нобелови награди се одржувала во балската сала во Гранд хотело во Стокхолм.
Церемонијата за доделување на Нобеловата награда за мир се одржувала во Норвешкиот Нобелов институт (1905-1946); во аулата на универзитетот во Осло (1947-1990); и денеска во градската сала во Осло.
Една награда може да се додели на најмногу три нобеловци и две различни дела. Секоја награда може да биде доделена на најмногу тројца добитници годишно. Секоја „Нобелова награда“ се состои од златен медал, диплома и парична награда:
Најважен момент на церемонијата за доделување на Нобеловите награди во Стокхолм е кога секој Нобелов лауреат ќе исчекори напред за да ја прими наградата од рацете на Нејзиното височество, Кралицата на Шведска. Во Осло, претседателот на Норвешкиот Нобелов комитет ја врачува Нобеловата награда за мир во присуство на кралот на Норвешка. Пред очите на светот кој ја следи свеченоста, Нобеловиот лауреат прима три работи: диплома, медал и документ кој ја потврдува сумата на наградата.
Оваа парична сума денес изнесува 10 милиони шведски круни, нешто повеќе од 1,2 милиона американски долари.
Доколку во определена категорија постојат двајца добитници, сумата на наградата се дели помеѓу добитниците на два еднакви дела. Доколку постојат тројца добитници, комитетот кој ги наградува ја има можноста да ја подели наградата на еднакви делови или едната половина од наградата да му ја додели на еден од добитниците, а другите двајца да добијат по една четвртина. Не е невообичаено добитниците на наградите да ја донираат паричната награда за да помогнат некои научни, културни или хуманитарни дела. Почнувајќи од 1902 година, Кралот на Шведска ги има врачено сите награди, со исклучок на наградата за мир, во Стокхолм. Во почетокот кралот Оскар II не одобрувал награди да им се доделуваат на странци, но се верува дека тој го сменил своето мислење откако неговото внимание било привлечено од јавната вредност на наградите во Шведска.
Сè до основањето на Норвешкиот Нобелов комитет во 1904 година, претседателот на норвешкиот парламент бил тој кој формално ја врачувал Нобеловата награда за мир. Истражувањето, одлучувањето, како и доделувањето на наградата е доверено на петте члена на комитетот. Иако овие членови се назначени од страна на норвешкиот парламент (Stortinget), тие се независни и не одговараат пред законодавната власт. На членовите на норвешката влада не им е дозволено да влијаат на комитетот.
Медали на Нобелова награда
[уреди | уреди извор]Медалите на Нобеловата награда, кои биле ковани од Минтверкет во Шведска и ковачницата во Норвешка од 1902 година, се регистриран заштитен знак на Нобеловата задужбина. Нивните изгравирани дизајни се меѓународно признаени симболи на престижот на Нобеловата награда. На секој од овие медали е претставена слика на левиот профил на Алфред Нобел и тоа на нивната предна страна (лицето на медалот). Четири од петте медали на Нобеловата награда (физика, хемија, физиологија или медицина и литература) се одликуваат со истата слика на нивните лица(предни страни). Опачините на медалите на Нобеловата награда за физика и хемија делат еден дизајн. Кај медалот на Нобеловата награда за мир и медалот на Банката на Шведска за економски науки имаат уникатни ликовни решенија.
Медалите за Нобеловата награда за физика, хемија, физиологија или медицина и литература имаат идентична предна страна: на неа е претставена сликата на Алфред Нобел и годините кога се родил и починал (1833–1896). Портретот на Нобел исто така се јавува и на медалот на Нобеловата награда за мир и на медалот за наградата за економија, но малку поразлично е претставен. Сликата кој е претставена на опачината се разликува во однос на институцијата која ја доделува наградата. Сите медали кои биле направени пред 1980 година биле исковани од 23 каратно злато. Денес, тие се направени од 18 каратно зелено злато кое е позлатено со 24 каратно злато. Секој од нив тежи приближно 200 g и има пречник од 66 mm.
Нобеловите награди се предмет на кражби на медали, токму поради нивниот златен состав и јавното изложување. За време на Втората светска војна, медалите на германските научници Макс фон Лауе и Џејмс Франк биле(нелегално) испратени на чување во Копенхаген. Кога Германија ја нападнала Данска, хемичарот Георг де Хевеши ги растопил во киселина за да спречи да бидат одземени од страна на нацистичка Германија и да спречи нивните сопственици да имаат проблеми со законот. По завршувањето на војната, златото било повратено од растопување, и медалите повторно биле преработени.
Контроверзии и критики
[уреди | уреди извор]По доделувањето на првата Нобелова награда во 1901 година, церемонијата, номинирањето, наградите и исклучоците беа повод за критикување и поттикнаа многу контроверзии:
Достигнувања кои останале незабележани
[уреди | уреди извор]Махатма Ганди бил номиниран пет пати за Нобелова награда за мир помеѓу 1937 и 1948 година, но тој никогаш не примил награда затоа што бил убиен на 30 јануари во 1948 година, два дена пред крајниот датум за примање на номинации за наградата за мир за 1948 година.[7][8][9] Норвешкиот Нобелов комитет најверојатно планирал да му ја додели наградата за мир во 1948 година во вид на посмртна награда, но на крајот одлучиле да не го направат тоа и наместо тоа одлучиле да не ја доделат наградата таа година.[7][10]
Уште една причина за контроверзии е строгото правило наградата да не се доделува на повеќе од три лица во исто време.[11] Кога една награда се доделува како признание за некакво достигнување остварено од тим кој се состои од повеќе од три соработника, неизбежно е еден или повеќе од нив да биде испуштен. На пример, во 2002 година една награда е доделена на Коичи Танака и Џон Фен за развивањето на масовната спектрометрија во белковинската хемија, и со оваа награда не биле признаени достигнувањата на Франц Хиленкамп и Мајкл Карас од Институтот за физичка и теоретска хемија на универзитетот во Франкфурт.[12][13] Уште еден добро познат пропуст бил забележен кај Нобеловата награда за физика во 1965 година која им била доделена на Ричард Ф. Фејнмен, Џулијан С. Швингер и Шиничиро Томонага, но со која не биле признаени придонесите на Фримен Ц. Дајсон кој ја покажал еквивалентноста на формулите на квантната електродинамика на другите тројца научници.
Слично на тоа, со одлуката за забрана за посмртно доделување на наградите не се признаваат достигнувањата на некој соработник кој може да почине пред да ја прими наградата. Розалинд Френклин, која имала клучна улога во откривањето на структурата на ДНК во 1953 година, починала од рак на јајникот во 1958 година, четири години пред Франсис Крик, Џејмс Д. Вотсон и Морис Вилкинс (еден од соработниците на Френклин) да бидат наградени со наградата за медицина или физиологија во 1962 година. Значајниот и релевантен придонес на Френклин бил само накратко спомнат во денес познатиот документ на Крик и Вотсон: „Ние исто така бевме поттикнати од знаењето на општата природа на необјавените експериментални резултати и идеи на д-р М.Х.Ф. Вилкинс, д-р Р.Е. Френклин и други соработници...“
Во некои случаи, со наградите најверојатно се испуштени некои слични откритија направени порано. На пример, Нобеловата награда за хемија од 2000 година за „откривањето и развивањето на спроводливи органски полимери“ (1977 година) го игнорирала многу пораното откривање на високо спроводливи комплексни полимери со пренослив полнеж: во низата на документи на Веис и останатите од 1963 година е наведена дури и поголема спроводливост во сличен оксидиран полипирол премачкан со јод.
Недостаток на Нобелова награда за математика
[уреди | уреди извор]Нобелова награда за математика не постои, што доведе до значајни шпекулации за причината поради која Алфред Нобел ја испуштил оваа награда. Една приказна тврди дека причината за ова е тоа што партнерката на Нобел имала љубовна врска со математичар, иако никогаш не било докажано дека ова се случувало, ниту пак тоа би можело да биде причината за испуштањето на математиката и доколку ваквата љубовна врска навистина постоела. Одредени добитници на Нобелова награда во некои други области исто така имале значајни достигнувања или постигнале истакнати придонеси во математиката; како на пример, Бертранд Расел кој бил награден со Нобелова награда за литература (1950 година) и Макс Борн и Валтер Боте кои ја поделиле Нобеловата награда за физика (1954 година). Некои други научници кои имаат напредни квалификации во математиката и/или кои се примарно познати како математичари биле наградени со наградата за економски науки на Банката на Шведска во сеќавање на Алфред Нобел: Кенет Ероу (1972 година), Леонид Канторович (1975 година), Џон Форбс Неш (1994 година), Клајв В. Џ. Гренџер (2003 година), Роберт Џ. Оман (кој ја поделил наградата во 2005 година со Томас Ц. Шилинг) и Роџер Мајерсон и Ерик Маскин (2007 година).
Неколку награди за математика имаат одредени сличности со Нобеловата награда. Натпреварот за медал (The Fields Medal) често се опишува како „Нобелова награда за математика“, но разликата е во тоа што оваа награда се доделува само еднаш во четири години на личности кои не се постари од четириесет години. Постојат и други престижни награди за математика како што е Крафурдовата награда која ја доделува Кралската шведска академија на науките од 1982 година; Абеловата награда која исто така била нарекувана „Нобелова награда за математика“ и која се доделува од страна на норвешката влада секоја година почнувајќи од 2003 година; Волфовата награда која се доделува еднаш годишно од страна на Волфовата задужбина; Наградата на Шо за математички науки која почнала да се доделува од 2004 година; Гаусовата награда која се доделува заеднички од страна на Меѓународниот математички сојуз и Германското математичко друштво за „истакнати математички придонеси кои нашле значајна примена надвор од областа на математиката“ и која е воведена на Меѓународниот конгрес на математичари во 2006 година. Математичкиот институт на Клеј измислил седум „Милениумски проблеми“ чиишто решенија се наградуваат со парична награда: исто така и оваа награда се разликува од Нобеловите награди по тоа што таа има јасна, однапред одредена цел која се наградува и по тоа што оваа награда може да биде доделена тогаш кога ќе се најде решение на некој проблем.
Истакнување на откритија над изумите
[уреди | уреди извор]Алфред Нобел оставил богатство за да се финансира годишното доделување на наградите „на оние кои за време на претходната година му направиле на човештвото најголеми доброчинства“.[14] Тој навел дека еден дел треба да и се даде еден дел „на личноста која ќе го оствари најважното откритие или пронајдок во областа на физиката“. Нобел не го ставал акцентот врз откритијата, но тие историски биле повеќе почитувани од страна на Нобеловиот комитет, за разлика од изумите: 77% од Нобеловите награди за физика биле доделени за откритија, споредено со само 23% за изуми. Кристоф Бартнек и Матијас Ротерберг во документите објавени во Природни и техноетички уметности расправале дека ваквото истакнување на откритијата ја поместиле Нобеловата награда од нејзината првична намера да ги наградува најголемите придонеси за општеството од претходната година.[15][16]
Посебно истакнати нобеловци
[уреди | уреди извор]Повеќекратни нобеловци
[уреди | уреди извор]Од воведувањето на Нобеловата награда, четири луѓе добиле по две Нобелови награди:
- Марија Склодовска-Кири: за физика во 1903 година, за откривањето на радиоактивноста; и за хемија во 1911 година, за изолирањето на чист радиум.[17]
- Лајнус Полинг: за хемија во 1954 година, за хибридизираната орбитална теорија; и за мир во 1962 година, за неговите активности поврзани со договорот за забрана за изведување јадрени проби; тој е единствената личност кој добил две Нобелови награди сам, без да ги подели со некого.
- Џон Бардин: за физика во 1956 година, за изумувањето на транзисторот; и за физика во 1972 година, за теоријата на суперспроводливост.[18]
- Фредерик Сенгер за хемија во 1958 година, за структурата на инсулинската молекула; и за хемија во 1980 година, за вирусниот нуклеотиден редослед.[19][20]
Меѓународниот комитет на црвениот крст, како група, ја добил Нобеловата награда трипати: во 1917, во 1944 и во 1963 година. Првите две награди биле доделени специјално како признание за работењето на групата за време на светските војни, а третата била доделена во годината кога организацијата славела 100 годишнина од своето постоење.[21][22][23]
Високиот комесар за бегалци на ООН ја освоил наградата за мир двапати: во 1954 и во 1981 година.[24]
Семејни нобеловци
[уреди | уреди извор]Повеќе семејства имале повеќекратни нобеловци.
- Семејството Кири има заслужено најмногу Нобелови награди, дури пет:
- Марија Склодовска-Кири,за физика во 1903 година и за хемија во 1911 година
- Нејзиниот сопруг Пјер Кири, за физика во 1903 година
- Нивната ќерка Ирен Жолио-Кири, за хемија во 1935 година
- Нивниот зет Фредерик Жолио-Кири, за хемија во 1935 година
- Освен тоа, сопругот на втората ќерка, Ева,на брачниот пар Кири бил директор на УНИЦЕФ во времето кога организацијата била наградена со Нобелова награда за мир во 1965 година.[25]
- Гунар Мирдал и неговата сопруга Алва Мирдал
- Џ. Џ. Томсон, кој бил награден со Нобелова награда за физика во 1906 година, бил татко на Џорџ Пеџет Томсон кој добил Нобелова награда за физика во 1937 година.
- Вилијам Хенри Брег во 1915 година ја поделил Нобеловата награда за физика со неговиот син Лоренс Брег.
- Нилс Бор ја освоил Нобеловата награда за физика во 1922 година, а неговиот син, Аге Бор, ја освоил Нобеловата награда за физика во 1975 година.
- Сигбан Мане ја добил Нобеловата награда за физика во 1924 година; тој бил таткото на Кај Сигбан кој ја поделил Нобеловата награда за физика во 1981 година.
- Ханс фон Ојлер-Хелпин ја поделил Нобеловата награда за хемија во 1929 година заедно со Артур Харден. Неговиот син, Улф фон Ојлер, бил награден со Нобелова награда за физиологија или медицина во 1970 година.
- Ч.В. Раман бил добитник на Нобеловата награда за физика во 1930 година; тој му бил вујко на Субраманијан Чандрасекар кој бил добитник на Нобеловата награда за физика во 1983 година.
- Артур Корнберг и Северо Очоа ја поделиле Нобеловата награда за физиологија или медицина во 1959 година за откривањето на механизмите во биолошката синтеза на рибонуклеинската (РНК) и дезоксирибонуклеинската киселина (ДНК).Синот на Корнберг, Роџер, ја добил Нобеловата награда за хемија за неговите проучувања поврзани со молекуларната основа на еукариотската транскрипција.
- Јан Тинберген, кој бил добитник на Нобеловата награда за економија во 1969 година, бил брат на Николас Тинберген кој во 1973 година ја поделил Нобеловата награда за физиологија или медицина заедно со Конрад Лоренц и Карл фон Фриш.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Нобелови награди,“ Microsoft® Encarta® Online Encyclopedia 2007 Архивирано на 16 мај 2008 г. © 1997-2007 Microsoft Corporation. Сите права се задржани.
- ↑ Сохлман 1983, стр. 7.
- ↑ фон Ојлер, У. С. (6 јуни 1981). „The Nobel Foundation and its Role for Modern Day Science“. Die Naturwissenschaften. Архивирано од изворникот (PDF) на 14 јули 2011. Посетено на 21 јануари 2010.
- ↑ „The Nobel Prize in Literature“. Nobel Foundation. 3 декември 1999. Посетено на 27 јануари 2021.
- ↑ „All Nobel Laureates in Literature“. Nobel Foundation. Посетено на 27 јануари 2021.
- ↑ „The Nobel Prize in Literature“. Nobel Foundation. Посетено на 27 јануари 2021.
- ↑ 7,0 7,1 Тонесон, Ојвинд (1 декември 1999). „Mahatma Gandhi, the Missing Laureate“. Nobel Foundation. Архивирано од изворникот 5 јули 2013. Посетено на 27 јануари 2021.
- ↑ Левинович 2001, стр. 181-186.
- ↑ Кенер, Давид (7 октомври 2009). „Nobel Peace Prize Also-Rans“. Foreign Policy. стр. 1–7. Архивирано од изворникот на 25 јануари 2010.
- ↑ Абрамс 2001, стр. 147-148.
- ↑ Левинович 2001, стр. 61.
- ↑ Спинеј, Лаура (4 декември 2001). „News Analysis: Nobel Prize Controversy“. The Scientist. Посетено на 28 October 2006.
- ↑ Давидов, Николас (25 април 2009). „The Civil Heretic“. The New York Times. Посетено на 27 јануари 2021.
- ↑ Excerpt from the Will of Alfred Nobel. nobelprize.org
- ↑ Бартнек, Кристоф; Раутерберг, Матиас (9 август 2007). „Physics Nobels should favour inventions“. Nature. 448 (7154): 644. Bibcode:2007Natur.448..644B. doi:10.1038/448644c. PMID 17687300.
- ↑ Бартнек, Кристоф; Раутерберг, Матиас (2008). „The asymmetry between discoveries and inventions in the Nobel Prize in Physics“ (PDF). Technoetic Arts: A Journal of Speculative Research. 6: 73. CiteSeerX 10.1.1.145.8130. doi:10.1386/tear.6.1.73_1.
- ↑ „Marie Curie voted greatest female scientist“. The Daily Telegraph. Лондон. 2 јули 2009. Посетено на 15 јануари 2010.
- ↑ Фелдман 2001, стр. 180.
- ↑ Шалев 2005, стр. 78.
- ↑ Фелдман 2001, стр. 222.
- ↑ Абрамс 2001, стр. 84.
- ↑ Абрамс 2001, стр. 149.
- ↑ Абрамс 2001, стр. 199-200.
- ↑ Фелдман 2001, стр. 313.
- ↑ Фелдман 2001, стр. 405.
Извори
[уреди | уреди извор]Оваа статија содржи делови преземени од слободно дело. Лиценцирано под CC-BY-SA IGO 3.0 Изјава/дозвола за лиценцата на Ризницата. Текстот е преземен од A Complex Formula: Girls and Women in Science, Technology, Engineering and Mathematics in Asia, 23, УНЕСКО. УНЕСКО.
Книги
[уреди | уреди извор]- Абрамс, Ирвин (2001). The Nobel Peace Prize and the Laureates. Watson Publishing International. ISBN 978-0-88135-388-4.
- Карвфорд, Елизабет Т. (1984). The Beginnings of the Nobel Institution – The Science Prizes, 1901–1915 (First. изд.). Maison des Sciences de l'Homme & Cambridge University Press. ISBN 978-0-521-26584-3.
- Фелдман, Буртон (2001). The Nobel prize: a history of genius, controversy, and prestige. Arcade Publishing. ISBN 978-1-55970-592-9.
- Грибин, Џон (1985). In Search of Schrödinger's Cat: Quantum Physics and Reality. Corgi. ISBN 978-0-552-12555-0.
- Џонс, Брен (2003). Learning about love from the life of Mother Teresa. PowerKids Press. ISBN 978-0-8239-5777-4.
- Левинович, Агнета Валин (2001). Nils Ringertz (уред.). The Nobel Prize: The First 100 Years. Imperial College Press and World Scientific Publishing. ISBN 978-981-02-4664-8.
- Лерој, Францис (2003). A century of Nobel Prizes recipients: chemistry, physics, and medicine. CRC Press. ISBN 978-0-8247-0876-4.
- Шалев, Браух Аба (2005). 100 years of Nobel prizes (Third. изд.). The Americas Group. ISBN 978-0-935047-37-0.
- Сохлман, Рагнар (1983). The Legacy of Alfred Nobel – The Story Behind the Nobel Prizes. The Nobel Foundation.
- Содерлинд, Улрика (2010). The Nobel Banquet. World Scientific Publishing. doi:10.1142/7789. ISBN 978-981-4313-11-7.
- Вилхем, Петар (1983). The Nobel Prize. Springwood Books. ISBN 978-0-86254-111-8.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Nobel Prize Link to Baku's Oil
- "The Nobel Committees of the Royal Swedish Academy of Sciences". (English version; also accessible in Swedish.)
- The Nobel Foundation – Official website of the Nobel Foundation. (English index page; hyperlink to Swedish site.)
- The Norwegian Nobel Committee – Nobel Peace Prize official website. (English version; also accessible in Norwegian.)
- "Prizes and Awards at Karolinska Institutet: The Nobel Prize" – Official webpage of the Karolinska Institute; (English version; also accessible in Swedish.)
- The Swedish Academy – Official website. (English version; also accessible in Swedish.)
- "Who Doesn't Have a Nobel Prize Nomination?"
Категории
[уреди | уреди извор]- Нобелова награда за физика
- Нобелова награда за хемија
- Нобелова награда за физиологија или медицина
- Нобелова награда за литература
- Нобелова награда за мир
- Нобелова награда за економија
Наводи
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]Нобелова награда |
Економија | Физика | Хемија | Физиологија или медицина | Мир | Литература |
|