Емир Кустурица

Од Википедија — слободната енциклопедија
Емир Кустурица
Кустурица во 2009 г.
Роден(а)Емир Кустурица
24 ноември 1954(1954-11-24)(69 г.)
Сараево, Социјалистичка Република Босна и Херцеговина, Социјалистичка Федеративна Република Југославија
НационалностСрбија
Други имињаНемања Кустурица
ЗанимањеРежисер, сценарист, музичар
Активен период1978–денес
ВераСрпска православна црква
СопружникМаја Мандиќ
Деца2
Страница
thenosmokingorchestra.com/

Емир Кустурица, роден во Сараево на 24 ноември 1954 г., е југословенски и српски режисер.[1] За своите кратки филмови бил наградуван уште во средното училиште.[2] Филмска режија завршил на Филмската академија во Прага. Добитник е на две „Златни палми“ на Канскиот филмски фестивал за филмовите „Татко на службен пат“ и „Андерграуд“. Носител е на орденот „Витез од редот на уметност и книжевност“.[3] Тој е национален амбасадор на УНИЦЕФ во Србија од 8 септември 2007 г. заедно со Ана Ивановиќ, Александар Ѓорѓевиќ и Јелена Јанковиќ

Во музичката група Забрането пушење свирел бас-гитара, а сега е гитарист во групата „Emir Kusturica & the No Smoking Orchestra“ (Емир Кустурица & Оркестарот Забрането пушење). Се занимава и со книжевност: во 2010 г. ја објавил автобиографијата „Смртта е непроверена вест“ (Смрт је непровјерена гласина), а во 2013 г. ја објавил втората книга „Сто јадови“ (Сто јада).

Тој е основоположник и директор на музичкиот и филмскиот фестивал Кустендорф, кој секоја година се организира во етно-селото Дрвенград на ридот Меќавник крај Мокра Гора. Негова е идејата за градење на Андриќград – етно-село кое е посветено на Иво Андриќ, кое се наоѓа на местото Устие, на устието на реките Дрина и Рзав кај Вишеград.

Животопис[уреди | уреди извор]

Ран период[уреди | уреди извор]

Роден е во семејството на Мурат Кустурица (новинар) и Сенка Нуманкадиќ (секретар во суд) и е нивно единствено дете. Родителите му биле секуларни муслимански Срби од Сараево.[4]

Неговиот студентски филм „Герника“ снимен е според новелата на Антоние Исаковиќ. Со овој филм победил на Фестивалот на студентски филм во Карлови Вари. Во тек на студиите режирал уште два кратки филма: „Еден дел од вистината“ и „Есен“.

По завршувањето на студиите во 1978 г., се вратил во Југославија каде ја почнал професионалната кариера во телевизија Сараево. Неговиот прв филм „Доаѓаат невестите“ предизвикал доста контраверзии, а потоа бил и забранет поради „експлицитно прикажување на сексуални табуа“.[2] Со наредниот филм „Бифето Титаник“, направен според приказната на Иво Андриќ, ја освоил наградата за режија на националниот Телевизиски фестивал во Порторож.

Во долгометражната продукција дебитирал со филмот „Се сеќаваш ли Доли Бел“, симен по сценариото на Абдулах Сидран во 1981 година. Филмот бил награден со „Сребрен лав“ на Филмскиот фестивал во Венеција за најдобар дебитантски филм, а на Фестивалот на југословенскиот игран филм во Пула истата година добил повеќе награди. За следниот филм „Татко на службен пат“ од 1985 година, кој бил направен со истиот сценарист, добил „Златна палма“ на Филмскиот фестивал во Кан и номинација за Оскар на Американската филмска академија за најдобар филм од неанглиското говорно подрачје. На југословенските фестивали добил повеќе награди: „Златна арена“ за режија на Филмскиот фестивал во Пула, наградата „Јелен“ од 1985 г. и Гран при за најдобар филм во 1985 г. од меѓународната филмска критика.

Филмот „Дом за бесење“ е снимен во Македонија, а пред крајот на снимањето, чешко-американскиот режисер Милош Форман го повикал да го замени на Универзитетот „Колумбија“ во САД, каде и го завршил филмот. За овој филм, во 1989 г. бил награден за режија на Канскиот филмски фестивал, како и со специјалната награда „Роберто Роселини“. Во 1987 г. бил косценарист на филмот „Стратегијата на пршките“ чиј режисер бил Златко Лаваниќ. Од 1981 г. до 1988 г. предавал режија на Академијата на сценските уметности во Сараево.

1990-тите[уреди | уреди извор]

Од Босна и Херцеговина се преселил во САД, каде предавал на Универзитетот "Колумбија". Еден од неговите студенти, Дејвид Еткинс, му покажал сценарио по кое го снимил својот прв филм на англиски јазик „Arizona Dream“ во 1993 г. со Феј Данавеј, Џони Деп и Џери Луис во главните улоги. Филмот ја добил наградата „Сребрена мечка“ и посебна награда на жирито на Филмскиот фестивал во Берлин во 1993 г. 

Истата година за првпат бил член на жирито на Фестивалот во Кан, а во 1999 г. бил претседател на жирито на Фестивалот во Венеција.

Следниот филм „Андерграунд“ (Подземје), од 1995 г., му ја донел наградата „Златна палма“ по вторпат на Фестивалот во Кан. 

На Фестивалот во Венеција од 1998 г. го добил Сребрениот лав за најдобра режија на филмот „Црна мачка, бел мачор“, а музиката за истиот филм ја компонирале Ненад Јанковиќ и Дејан Спаравало.

2000-те[уреди | уреди извор]

Членови на жирито Емир Кустурица, Селма Хајек и Џон Ву во Кан, 2005 г.

Прв негов филм во 21-от век е "Super 8 Stories" (Супер 8 приказни), документарен филм за музичкиот бенд „Емир Кустурица & Оркестар Забрането пушење“. Во 2004 г. го режирал филмот „Животот е чудо“ – најскапиот српски филм. За потребите на филмот бил изграден Дрвенград. Во 2005 г. бил назначен за претседател на жирито на Канскиот фестивал.

Во париската опера „Бастиља“, во 2007 г., била изведена неговата панк-опера „Времето на Циганите“.[5] Истата година го добил орденот „Витез од редот на уметност и книжевност“, кој е највисоко француско признание од областа на културата. Таа година го режирал спотот за насловната песна на албумот на францускиот музичар Ману Чао, „Rainin' In Paradize“, и го режирал филмот „Завет“. Во 2008 г. го режирал документарниот филм „Марадона“ за фудбалерот Диего Армандо Марадона.

Во 2009 г. се појавил како глумец во филмот „Аферата Фервел“.[6]

2010-тите[уреди | уреди извор]

Од 2010-тата година, Емир Кустурица најавил снимање на неколку нови филма. Во 2009 г. го најавил снимањето на филмската опера според романотМостот на Дрина, а исто така го подготвувал и филмот за мексиканскиот револуционер Панчо Виља. Во 2016 г. настапил на светска премира со филмот „На Млечниот Пат“ на 73-тиот Меѓународен филмски фестивал во Венеција, а истиот е премиерно прикажан во Србија на 15 јануари 2017 г., на десеттиот Кустендорф. Во овој филм Емир Кустурица се појавува како глумец, а женските улоги се доделени на Моника Белучи и Слобода Миќаловиќ.[7]

Особености[уреди | уреди извор]

Како режисер Кустурица успеал да изгради сопствен режисерски и филмски стил. Во неговите филмови се среќава вметнување на надреалистичките моменти кои го прекинуваат текот на филмското дејствие или пак означуваат посебен момент во филмското дејствие. Како ученик на прашката филмска академија и под влијание на нивните филмови од 1960-тите години, тој се интересирал за темата на историската ретроспектива во која се ревалоризираат одредени дати или временски периоди, и тие се јавуваат како позадина на неореалистичкото толкување на интимните семејни приказни.

Дрвенград[уреди | уреди извор]

Дрвенград

За потребите на филмот „Животот е чудо“ бил изграден Дрвенград, кој според идејата на Кустурица треба да претставува начин на живот и борба против глобализацијата и капитализмот. На предлог на писателот Петер Хандке, градот, под името Кустерндорф (гер. Küstendorf), требал да стане познат во светот како центар на уметноста. 

Кустурица во 2005 г. за Дрвенград ја добил европската награда за архитектура Филип Ротије која се доделува секоја трета година од Фондацијата за архитектура од Брисел. Тој во 2008 г. во Дрвенград го основал Меѓународниот филмски и музички фестивал „Кустерндорф“.

Политички ставови[уреди | уреди извор]

Димитриј Медведев и Емир Кустурица во Москва, 21јануари 2010 г.
Емир Кустурица е познат по своите политички ставови. Тој често ги критикувал американскиот претседател Џорџ В. Буш и поранешниот британски премиер Тони Блер.[8] Од друга страна, тој бил критикуван за неговите ставови околу опсадата на Сараево за време на граѓанската војна во Босна и Херцеговина.

Музика[уреди | уреди извор]

На концерт, март 2009 г.

Кустурица од 1986 до 1988 г. свирал бас-гитара во групата Забрането пушење во Сараево. Со распаѓањето на Југославија во 1991 г., групата се распаднала. Дел од членовите заминале од Босна и Херцеговина, а тие што останале продолжиле со работата и снимиле неколку албуми. Еден од членовите на групата, Неле Карајлиќ, со виолинистот Дејан Спаравало, основале нова група на која ѝ се приклучил и Кустурица, и таа е наречена „Емир Кустурица & Оркестар Забрането пушење“.

Групата во 1998 г. компонирала музика за фимот „Црна мачка, бел мачор“. Некои членови на групата се појавиле и во некои од неговите филмови; тапанарот (и негов син) Стрибор Кустурица во филмот „Завет“ и „Животот е чудо“, вокалистот Ненад Јанковиќ во филмот „Животот е чудо“, а гитаристот Ивица Максимовиќ во филмот „Завет“. Во 2001 г. снимен е и документарец за групата "Super 8 Stories".

За филмовите „Се сеќаваш ли Доли Бел“ и „Татко на службен пат“, музиката ја компонирал Зоран Симјановиќ, додека пак музиката за филмовите „Дом за бесење“, „Arizona Dream“ и „Андерграунд“ (во соработка со Иги Поп) ја компонирал Горан Бреговиќ.

Приватен живот[уреди | уреди извор]

Кустурица е крстен во православието на 6 мај 2005 година, во Српската православна црква, во манастирот Савина во близина на Херцег Нови, под името Немања Кустурица. Има српско и француско државјанство, а, според местото на раѓање, и државјанство на Босна и Херцеговина, од кое никогаш не се откажал.

Филмографија[уреди | уреди извор]

Како режисер
  • Guernica, 1978, краток филм
  • Nevjeste dolaze, 1978, телевизиски филм
  • Bife Titanik, 1979, телевизиски филм
  • Sjećaš li se Dolly Bell, 1981.
  • Nije čovjek ko ne umre, 1984, телевизиски филм
  • Otac na službenom putu, 1985.
  • Dom za vešanje, 1988.
  • Arizona Dream, 1993.
  • Podzemlje, 1995.
  • Bila jednom jedna zemlja, 1996, ТВ серија
  • Magic Bus, 1997, краток филм
  • Crna mačka, beli mačor, 1998.
  • Super 8 Stories, 2001, документарец
  • Život je čudo, 2004.
  • Zavet, 2007.
  • Maradona, 2008, документарец
  • Words with Gods, 2014.
  • On the Milky Road, 2016.
Како глумец
  • Walter Defends Sarajevo, 1972.
  • Arizona Dream, 1993.
  • Podzemlje, 1995.
  • The Widow of Saint-Pierre, 2000.
  • The Good Thief, 2002.
  • Strawberries in the Supermarket, 2004.
  • Secret Journey, 2006.
  • L'affaire Farewell, 2009.
  • Hermano, 2010.
  • Nicostratos the Pelican, 2011.
  • Au bonheur des ogres, 2012.
  • 7 Days in Havana, 2012.
  • The Ice Forest, 2014.
  • Words with Gods, 2014.
  • On the Milky Road, 2016.

Признанија[уреди | уреди извор]

Емир Кустурица со Владимир Путин, 2016 г.
Емир Кустурица со градоначалникот на Гвадалахара, Алфонсо Петерсен, март 2009 г.
  • 1981. — Златен лав на Венецијанскиот филмски фестивал за филмот „Сјећаш ли се Доли Бел?“
  • 1982. — Награда на критиката на филмскиот фестивал во Сао Паоло за филмот „Сјећаш ли се Доли Бел?“
  • 1985. — Златна палма за филмот „Отац на службеном путу“.
  • Добитник е на наградата на АВНОЈ за 1989. година
  • 1989. — Најдобар режисер на Канскиот филмски фестивал за филмот „Дом за вешање“
  • 1993. — Сребрена мечка во Берлин за филмот„Arizona Dream“
  • 1994. — Награда на публиката на филмскиот фестивал во Варшава за филмот „Arizona Dream“
  • 1995. — Златна палма за филмот „Подземље“
  • 1996. — Најдобар филм на странски јазик на фестивалот Prix Lumières за филмот „Подземље“
  • 1997. — Најдобар филм на странски јазик на фестивалот Boston Society of Film Critics за филмот „Подземље“
  • 1997. — Најдобар филм на странски јазик на фестивалот Kinema Junpo Awards, во Токио, за филмот „Подземље“
  • 1998. — Сребрена мечка за најдобар режисер во Венеција за филмот „Црна мачка, бели мачор“
  • 2001. — Награда за најдобар документарец на Меѓународниот филмски фестивал во Чикаго за „Super 8 Stories“
  • 2004. — Наградата National Education во Кан за филмот „Живот је чудо“
  • 2005. — Наградата Цезар за филмот „Живот је чудо“
  • 2005. — Најдобар балкански филм на филмскиот фестивал во Софија за филмот „Живот је чудо“
  • 2005. Награда Филип Ротие за европска архитектура за етно-селото Дрвенград.
  • март 2009. станал почесен граѓанин на Гвадалахара со примање на клучевите на градот.
  • 21 ноември 2009. примил награда „Гран премио Торино“ на Меѓународниот филмски фестивал во Торино.[9]
  • 7 декември 2009. на меѓународниот филмски фестивал во мароканскиот град Маракеш, кој се одржува под патронат на Неговото кралско височество кралот Мохамед VI, на Емир Кустурица му е приредена ретроспектива на сите негови играни филмови и врачена му е награда за животно дело.[8]
  • 21јануари 2010. Патријархот московски и на цела Русија Кирил, му дал награда на Меѓународниот фонд на православните народи за 2009 г.[10] Кустурица ја добил наградата заедно со тогашниот руски претседател Димитриј Медведев, а во конкуренција бил и глумецот Том Хенкс, припадник на Грчката православна црква од 1988 г.
  • 14 мај 2011. Францускиот министер за култура, Франсоа Митеран, му врачил орден витез на Легијата на честа.[11]
  • Српскиот патријарх Иринеј на 12 мај 2012. год. го одликувал со црковниот орден на Свети Сава од прв степен.[12][13]
  • Во мај 2016. година добил орден Свет деспот Стефан Лазаревиќ, од Српската православна црква.[14]
  • 2016. — Орден на пријателство, за исклучителен придонес во зацврстување на пријателството меѓу народите, и популаризација на руската култура и јазик во странство, со указ на рускиот претседател Владимир Путин.[15][16][17]
  • 2017. — Носител на орденот Италијанска ѕвезда, која ја доделува претседателот на Република Италија.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Biography [kustu.com]“. www.kustu.com (англиски). Архивирано од изворникот на 2013-05-15. Посетено на 2018-05-10.
  2. 2,0 2,1 „Emir Kusturica - Filmovi i Biografija“. www.filmovi.com. Посетено на 2018-05-10.
  3. „Orden vitezu Emiru“. www.novosti.rs (српски). Посетено на 2018-05-10.
  4. Кустурица, Емир. „Сидран се хвалио да има јарана међу четницима“. Politika Online (српски). Посетено на 2018-05-10.
  5. „Kusturica inszeniert Punk-Oper in Paris“. Die Presse (германски). Посетено на 2018-05-10.
  6. Оташевић, Ана. „Кустурица као агент КГБ-а“. Politika Online (српски). Посетено на 2018-05-10.
  7. "Na mlečnom putu": Elegantni trio na crvenom tepihu“. B92.net (српски). Посетено на 2018-05-10.
  8. 8,0 8,1 Д.Л. „Почаст Емиру Кустурици“. Politika Online (српски). Посетено на 2018-05-10.
  9. Војводине, Јавна медијска установа ЈМУ Радио-телевизија. „Кустурица примио награду "Гран премио Торино". ЈМУ Радио-телевизија Војводине. Посетено на 2018-05-11.
  10. Бета. „Патријарх Кирил уручио Кустурици награду“. Politika Online (српски). Посетено на 2018-05-11.
  11. Лакић, Дубравка. „Митеран уручио орден Кустурици“. Politika Online (српски). Посетено на 2018-05-11.
  12. Srpska, RTRS, Radio Теlevizija Republike Srpske, Radio Television of Republic of. „ЦРКВА И ПРАВОСЛАВНА ВЈЕРА ДОКАЗ СРПСКОГ ИДЕНТИТЕТА“. РЕПУБЛИКА СРПСКА - РТРС. Посетено на 2018-05-11.
  13. Srpska, RTRS, Radio Теlevizija Republike Srpske, Radio Television of Republic of. „КУСТУРИЦИ УРУЧЕН ОРДЕН СВЕТОГ САВЕ ПРВОГ РЕДА“. КУЛТУРА - РТРС. Посетено на 2018-05-11.
  14. „Високо црковно одликовање Немањи (Емиру) Кустурици | Српскa Православнa Црква [Офиц. мрежно место]“. spc.rs (српски). Архивирано од изворникот на 2016-05-16. Посетено на 2018-05-11.
  15. „Официальный портал правовой информации“. publication.pravo.gov.ru. Посетено на 2018-05-11.
  16. Tanjug. „Putin odlikovao Kusturicu Ordenom družbe“. Nezavisne novine (српски). Посетено на 2018-05-11.
  17. „Путин уручио Кустурици Орден пријатељства“. Politika Online (српски). Посетено на 2018-05-11.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Gocic, Goran (2001). The Cinema of Emir Kusturica: Notes from the Underground. London: Wallflower Press. ISBN 978-1903364161
  • Irodanova, Dina: Emir Kusturica. London. British Film Institute 2002.
  • Imsirevic, Almir: "Based on a Truth Story", Sarajevo, 2007.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]